ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 11/08 стр. 15-17
  • ‚Вденување конец во игла‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ‚Вденување конец во игла‘
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Пловидба по најкраткиот пат
  • Потонувањето на еден брод
  • Ја избрав најдобрата животна кариера
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Кренав раце од религијата
    Библијата менува животи
  • „Ниту една душа меѓу вас нема да пострада“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Пловење според водата, небото и ветрот
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 11/08 стр. 15-17

‚Вденување конец во игла‘

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

МОРЕПЛОВЦИТЕ биле одушевени кога во 1798 год. британските истражувачи го откриле Басовиот Проток. Овој морски теснец, кој ја одвојува Тасманија од Австралија, го скратувал патот од Англија до Сиднеј за околу 1.100 километри.

Меѓутоа, испаднало дека Басовиот Проток е едно од најопасните места за морска пловидба во светот. Поради западните ветрови, силните струи и плитките води (50-70 метри), настануваат силни морски бранови. Додатна опасност се и острите гребени околу островот Кинг, кој се наоѓа на западниот влез од протокот, на средината од овој теснец.

Денес не е никаков проблем да се плови преку Басовиот Проток. Но, тоа не било случај и во времето на едрениците и примитивните инструменти за навигација, кога преминувањето на овој теснец било многу макотрпно, поради што со право било споредено со ‚вденување конец во игла‘.

Пловидба по најкраткиот пат

Во 19 век, на бродовите им биле потребни и до пет месеци за да стигнат од Англија до источна Австралија, што е растојание од 19.000 километри — патување што воопшто не било лесно! Неколку стотици патници, од кои повеќето биле имигранти или затвореници, биле збиени под палубата каде што условите биле многу бедни. Морската болест, неисхранетоста, паразитите и други болести биле честа појава, па затоа имало и многу смртни случаи.a Сепак, многу патници црпеле сила од надежта за подобар живот.

Во 1852 год., ситуацијата се сменила на подобро кога капетанот Џејмс Форбс нашол пократок пат. Наместо да плови по должината на 39-тиот напоредник, за кој се чинело дека е најкраткиот пат до Австралија низ јужниот дел од Индискиот Океан, Форбс фатил подиректен курс од Англија до југоисточна Австралија, при што поминал во близина на Антарктикот. Иако имало ледени санти и огромни бранови, бродот на Форбс Марко Поло, во кој имало 701 имигрант, се укотвил во Мелбурн (Викторија) по само 68 дена, што било двојно пократко отколку порано. Оваа вест предизвикала одушевеност кај луѓето што планирале да се селат во Викторија во потрага по злато. Кога чуле дека патувањето трае пократко, илјадници луѓе биле спремни да тргнат на пат кон далечниот југ.

Првата попатна станица на бродовите што ја напуштале Англија бил ’Ртот Отвеј, на оддалеченост од околу 16.000 километри. Морепловците користеле секстант и табели за да ја пресметаат географската ширина, а со помош на бродскиот часовник, кој покажувал гриничко време, ја пресметувале географската должина. Локалното време го одредувале според положбата на Сонцето. Еден час разлика помеѓу локалното и гриничкото време претставувале 15 степени географска должина. Двете мерки — ширината и должината — му помагале на еден искусен морепловец да одреди каде приближно се наоѓа.

Но, работите можеле да тргнат наопаку. Облаците можеле со денови да го покриваат Сонцето. Освен тоа, првите бродски часовници не биле толку прецизни. Ако доцнеле или биле напред само по една секунда на ден, бродот можел да ја промаши својата цел за 50 километри. Ако имало дожд, магла или било темно, залутаните бродови можеле да го промашат влезот во Басовиот Проток и да се разбијат од карпите на брегот на островот Кинг или на Викторија. Најверојатно, многу патници се чувствувале слично како еден капетан кој, откако го здогледал ’Ртот Отвеј на безбедно растојание, извикал: „Фала му на Бога! Не сме згрешиле“. Фактот дека повеќето морепловци од 19 век можеле ‚да го вденат конецот во иглата‘ без да доживеат бродолом сведочи за нивната вештина. Меѓутоа, некои бродови не си поминале толку добро.

Потонувањето на еден брод

Пред зори, на 1 јуни 1878 год., брзиот едреник Лох Ард пловел кон брегот на Викторија низ густа магла. Бидејќи маглата не се кренала веќе втор ден, капетанот не можел да ја одреди точната положба на бродот, кој се наоѓал на многу помало растојание од брегот на Австралија отколку што си мислел. Одеднаш, маглата се кренала и, на само 2 километра од бродот, можело да се видат карпи високи 90 метри. Членовите на екипажот се мачеле да го свртат бродот во друга насока, но ветерот и плимата ги осуетиле нивните напори. По помалку од еден час, Лох Ард силно удрил во гребенот, и за 15 минути потонал.

На бродот имало 54 души, но преживеале само двајца — Том Пирс, кој служел како чирак, и Ива Кармикел, која била патник. И двајцата имале помалку од 20 години. Том со часови се држел за еден превртен чамец за спасување во студената зимска вода. Најпосле, плимата го исфрлила во еден тесен залив помеѓу карпите. Потоа забележал мала плажа на која биле исфрлени остатоци од бродот и допливал до неа за да биде на сигурно. Бидејќи не можела да плива, Ива се држела за парчиња од бродот четири часа пред да биде исфрлена во истиот залив. Откако го здогледала Том на плажата, почнала да вика за помош. Тој се нурнал во запенетите бранови и, откако цел час се борел со нив, ја довлечкал Ива до брегот во полусвесна состојба. Таа раскажала: „Ме одведе до една страшна пештера на педесетина метри од брегот. Најде едно шише со бренди, ми даде да пијам од него, и тоа ми помогна да си дојдам при себе. Набра висока трева и гранки за да легнам врз нив. По кратко време се онесвестив и веројатно сум била во несвест со часови“. Во меѓувреме, Том се искачил на една карпа и почнал да дава знаци за тревога. За помалку од 24 часа од потонувањето на Лох Ард, Том и Ива биле однесени на една блиска фарма. Родителите на Ива заедно со нејзините тројца браќа и две сестри го изгубиле животот во оваа несреќа.

Денес, илјадници бродови годишно минуваат безбедно низ Басовиот Проток покрај повеќе од сто места на кои дошло до бродолом. На некои од нив, како што е заливот Лох Ард и националниот парк „Порт Кемпбел“ (Викторија), доаѓаат туристи. Тие се неми сведоци за храброста на луѓето од 19 век кои тргнале во потрага по подобар живот и, откако поминале половина пат околу светот, се осмелиле да го преземат и овој последен, опасен чекор — да „го вденат конецот во иглата“.

[Фуснота]

a Во 1852 год., на патот од Англија до Австралија, секое петто дете помало од 12 месеци умрело.

[Рамка/слики на страница 17]

ШТО СТАНАЛО СО ТОМ И ИВА?

Единствените преживеани од бродоломот на Лох Ард, Том Пирс и Ива Кармикел веднаш се прославиле низ цела Австралија. Во книгата ’Ртот Отвеј — брегот на тајните (Cape Otway—Coast of Secrets) стои: „Весниците го претвориле целиот настан во сензација — Пирс го прикажувале како херој, Ива Кармикел како убавица и сметале дека тие се просто создадени еден за друг“. Иако Том ѝ предложил брак, Ива го одбила, и по три месеци се вратила во Ирска, каде што се омажила и основала семејство. Умрела во 1934 год., на 73-годишна возраст. Том продолжил со морепловството и, по кратко време, преживеал уште еден бродолом. Умрел во 1909 год., на 50-годишна возраст, по долги години служба како капетан на неколку паробродови.

[Извор на слика]

Двете фотографии: Flagstaff Hill Maritime Village, Warrnambool

[Графикон/слика на страница 15]

(Види во публикацијата)

Форбс пловел со „Марко Поло“ (горе) по најкраткиот пат од Англија до Австралија

[Графикон]

СТАРИОТ ПАТ

39. напоредник

ПОКРАТКИОТ ПАТ

јужен поларен круг

[Карта]

АТЛАНТСКИ ОКЕАН

ИНДИСКИ ОКЕАН

АНТАРКТИК

[Извор на слика]

Од весникот The Illustrated London News, 19 февруари 1853

[Графикон/карта на страници 16 и 17]

(Види во публикацијата)

Пловењето преку Басовиот Проток било споредено со ‚вденување конец во игла‘

[Карта]

АВСТРАЛИЈА

ВИКТОРИЈА

МЕЛБУРН

Национален парк „Порт Кемпбел“

’Рт Отвеј

Басов Проток

Кинг

ТАСМАНИЈА

[Слика на страница 16]

„Лох Ард“ потонал 15 минути откако се разбил на гребенот

[Извор на слика]

La Trobe Picture Collection, State Library of Victoria

[Слика на страница 17]

Национален парк Порт Кемпбел: 1) на ова место „Лох Ард“ се разбил на гребенот; 2) пештерата на Том Пирс

[Извор на слика]

Photography Scancolor Australia

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели