Воз без тркала
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ХОНГ КОНГ
УШТЕ пред да стапнат во новиот аеродинамичен воз во Шангај (Кина), патниците се свесни дека тоа нема да биде обично патување со воз. Стануваат уште поуверени во тоа кога тој речиси нечујно поаѓа од една современа станица, а потоа брзо и неосетно достигнува брзина поголема од 430 километри на час, што е светски рекорд за една комерцијална железница. Патот од 30 километри до Меѓународниот аеродром „Пудонг“ го поминува за само осум минути. Но, она што најмногу го прави овој воз необичен е тоа што нема тркала!
Шангај-Пудонг е единствената комерцијална железничка линија во светот која функционира врз принципот на магнетна левитација (МАГЛЕВ). Наместо метални тркала, возот го придвижува магнетно поле. Човечкиот персонал е заменет со технологија што постојано ја регистрира точната местоположба на возот, а податоците ги испраќа до една централна контролна станица. Таму има луѓе кои со помош на компјутери можат прецизно да управуваат со возот.
МАГЛЕВ во споредба со обичните возови
Конструирањето на овој посебен воз и на неговата водилка, односно шина, беше прилично тешка задача. На пример, возот лебди над водилката на сосема мало растојание. Но, почвата во Шангај е мека и тоне, па затоа инженерите мораа да вградат посебни зглобови во шината за да го неутрализираат тој ефект. Требаше да внимаваат и на малата деформација на бетонските носачи до која доаѓа под дејство на температурата (ширење и собирање) и на неколку други фактори.
Сепак, ваквата технологија има многу позитивни страни. На пример, возот нема ни мотор ни тркала што ќе прават бучава, а не испушта ни отровни гасови. Пругата и опремата се одржуваат многу полесно, а за превоз на ист број патници на иста оддалеченост, автомобилот троши трипати, а авионот петпати повеќе енергија од овој воз. Всушност, тој троши помалку струја за да лебди отколку за напојување на системот за климатизација! Освен тоа, многу полесно совладува стрмнини и остри кривини отколку обичните возови, поради што нема потреба од промена на релјефот.
Зошто тогаш не се градат други вакви железници? Една причина е големиот трошок на почетокот. Властите во Кина сѐ уште не го спроведуваат предлогот за изградба на МАГЛЕВ-железница помеѓу Шангај и Пекинг бидејќи за нејзината изградба би биле потребни двојно повеќе средства отколку за обична брза железница. Освен тоа, МАГЛЕВ-железницата не би можела да се спои со веќе постоечката железничка мрежа во Кина.
Шангајската МАГЛЕВ-железница користи германска технологија. Таа сѐ уште се тестира во Германија, Јапонија и во други земји. Во декември 2003 год., јапонскиот експериментален МАГЛЕВ-воз постигна светски рекорд во брзина — 581 километар на час. Сепак, возот во Шангај е најбрзиот комерцијален воз.
Додека МАГЛЕВ го напушта Пудонг и се упатува назад кон Шангај, патниците не го тргаат погледот од дигиталните брзиномери поставени во секој вагон и со нетрпение очекуваат да видат кога возот ќе достигне најголема брзина. Од таа причина, при првото патување, многумина од нив пропуштаат да уживаат во глетката надвор, па затоа се возат и по вторпат. Додека гледаат низ прозорецот, им станува јасно зошто МАГЛЕВ е наречен „авион без крила“.
[Рамка/графикони на страница 24]
КАКО ФУНКЦИОНИРА МАГНЕТНАТА ЛЕВИТАЦИЈА?
На долната површина од секој вагон се поставени електромагнети (1) што се регулираат со помош на струја. Магнетите под шината (2) дејствуваат врз електромагнетите и го подигаат возот на речиси 1,5 сантиметар над шината. Други магнети (3) спречуваат возот да се мрда лево-десно. Калемите (4) кои, исто така, се поставени под шината, создаваат магнетно поле кое го придвижува возот напред.
За да се заштеди електрична енергија, контролната станица пушта струја само во оној дел од пругата (5) каде што се наоѓа возот. Кај угорнините или на местата каде што е потребно забрзување се пушта повеќе струја. Кога возот треба да запре или да тргне во спротивна насока, магнетното поле од калемите под шината се пренасочува.
КОЛКУ Е БЕЗБЕДЕН?
МАГЛЕВ-возот е прикачен за водилката со жлебови (6) кои што практично ја обвиткуваат водилката и оневозможуваат тој да излезе од неа, иако се движи со огромна брзина. Не се потребни никакви сигурносни појаси, а патниците можат слободно да се движат низ возот, дури и кога тој патува со неговата нормална брзина. Ако снема струја, се активираат посебни кочници што се напојуваат од акумулатори и создаваат спротивно магнетно поле кое го забавува возот на 10 километри на час. Тогаш возот нежно се спушта на шината и, на крајот, запира.
Дали моќните магнети на некој начин се штетни по здравјето — на пример, за патници со пејсмејкери? Испитувањата покажуваат дека нема место за загриженост. Всушност, надворешното магнетно поле е послабо дури и од она кај обичните возови.
[Слики на страници 24 и 25]
Побрзо од 430 километри на час!
[Извор на слика на страница 24]
Страници 24 и 25, сите фотографии и скици: © Fritz Stoiber Productions/ Со љубезна дозвола на Transrapid International GmbH & Co. KG