Долговечност — дали Окинава ја има формулата?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
◼ Се проценува дека, во 2006 год., на островите Окинава, чие население брои 1,3 милиони жители, имало 740 лица кои ја преминале стотата година од животот, а 90 отсто од нив биле жени. Ова значи дека, на секои 100.000 жители, имало по 50 стогодишници. Ваков бил заклучокот од едно истражување спроведено на Окинава под надзор на д-р Макото Сузуки. Се смета дека во повеќето развиени земји соодносот е од 10 до 20 стогодишници на 100.000 жители.
Ова истражување, кое сѐ уште е во тек и за кое се вели дека е најдолгото од ваков вид во светот, открило дека „многу стогодишници [биле во] одлична здравствена состојба“. За да ја дознаат причината, Сузуки и неговиот тим го испитувале начинот на живот и генетската градба на 900 стогодишници и на многу жители постари од 70 години. Истражувачите увиделе дека повеќето испитаници се вити и цврсти, немаат затнати вени и ретко страдаат од рак и од срцеви заболувања. Многу е мал и бројот на лица постари од 90 години кои имаат деменција во споредба со нивните врсници во другите развиени земји. Која е тајната?
Иако важен фактор е генетската градба, постојат и други фактори — избегнувањето тутун, умереното пиење алкохол и добрата исхрана во која нема многу калории, а позастапени се зеленчукот и овошјето, природните влакна и добрите масти (омега 3 и мононезаситените масни киселини). Освен тоа, островјаните имаат навика својот апетит да го задоволуваат до 80 отсто. „Би требало да престанете при првото чувство на ситост“, вели д-р Бредли Вилкокс, кој беше вклучен во ова истражување. „Информацијата од стомакот до мозокот стигнува со задоцнување од околу 20 минути“.
Жителите на Окинава се физички активни — работат во градина, пешачат секој ден, играат народни танци итн. Тие се оптимистични и флексибилни, добро се справуваат со стресот и се „многу друштвени“, особено жените.
„Не постои некакво чудотворно апче за долговечност“, вели Вилкокс. Како што покажува ова истражување, таа зависи од генетските фактори, начинот на исхрана, физичката активност, добрите навики „и од позитивните начини на справување со стресот“.