Кога сонцето не сака да изгрее
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФИНСКА
„СОНЦЕТО изгрева, сонцето заоѓа, и пак брза кон местото од каде што изгрева“, вели Библијата (Проповедник 1:5). Меѓутоа, од средината на ноември па сѐ до крајот на јануари, на многу места над северниот поларен круг изгледа како сонцето да не изгрева и да не заоѓа. Тамошните жители немаат друг избор освен да ги поднесуваат долгите темни ноќи на арктичката зима.
Долги ноќи има и јужно од северниот поларен круг, само во помала мера. На пример, во Санкт Петербург (Русија), Хелсинки (Финска), Стокхолм (Шведска) и Осло (Норвешка) — градови кои се наоѓаат на помалку од 800 километри јужно од северниот поларен круг — зимските денови траат околу шест часа.
„Се лажете ако мислите дека арктичките зими се толку темни што не може да се види прст пред око“, вели Ари, кој одраснал во Кируна, во шведскиот дел од Лапонија. Поголемиот дел од денот би можел да се опише со еден збор — самрак. Паула, која живее во финскиот дел од Лапонија и се занимава со уметност, вели: „Кога цела Лапонија е прекриена со снег, боите се претвораат во пастелни нијанси на сина и виолетова“.
Темните зими имаат негативно влијание врз некои луѓе. „Многу сум осетлив на промената на годишните времиња и на климата“, напишал Јан Сибелиус, познат фински композитор. Тој додал: „Зиме, кога денот е краток, секогаш паѓам во депресија“. Сибелиус воопшто не е единствениот што се чувствувал тажен и депримиран во текот на зимските месеци. Дури и грчкиот лекар Хипократ (о. 460 - о. 377 пр.н.е.) верувал дека годишните времиња влијаат врз расположението.
Меѓутоа, оваа појава за првпат беше дефинирана како посебен синдром дури во 1980-тите години. Истражувањата покажаа дека мал дел од жителите во северните области имаат сезонско афективно растројство. Една поблага форма на овој вид депресија е три до четири пати почеста. Се смета дека стотици илјади лица страдаат или од едната или од другата форма.
Андреј од Санкт Петербург (Русија) вели: „Цело време ми се спие“. Кога ќе наближи зимата, на Аника, која живее во Финска, ѝ се влошува расположението. Таа вели: „Понекогаш темнината ме прави речиси клаустрофобична бидејќи нема начин да побегнам од неа“.
Стручњаците препорачуваат најразлични методи да се излезе на крај со зимската депресија. Еден совет е да се биде надвор колку што е можно подолго додека е ден. Лицата што се занимаваат со физички активности на отворено велат дека тоа им помага да ја надминат зимската депресија.
Јармо знае какви се зимите и во северна и во јужна Финска. Тој вели: „Во најтемниот период од зимата, палиме повеќе свеќи и користиме вештачко осветлување“. На некои им помага светлосна терапија. Трети, пак, бегаат од темнината одејќи на одмор во појужни места. Меѓутоа, некои предупредуваат дека враќањето во зимска темнина по еден таков сончев одмор може да ги направи некои луѓе уште подепримирани.
Друг важен фактор е исхраната. Бидејќи сончевата светлина му помага на телото да произведе витамин D, недоволната изложеност на дневна светлина може да доведе до недостиг на овој витамин. Од таа причина, некои препорачуваат во текот на зимата почесто да се конзумира храна богата со витамин D, во која спаѓаат рибата, црниот дроб и млечните производи.
Истите фактори поради кои настанува зимската темнина се причина подоцна во тој крај да има и изобилство светлина. Додека Земјата се движи по својата орбита, нејзиниот студен врв, малку по малку, се свртува кон Сонцето. Денот постепено станува сѐ поголем и настапува арктичко лето — годишно време кога во сончевата светлина може да се ужива дури и на полноќ!
[Истакната мисла на страница 27]
Поголемиот дел од денот би можел да се опише со еден збор — самрак
[Слика на страница 26]
Зимско пладне во поларните области
[Извор на слика]
Dr. Hinrich Bäsemann/Naturfoto-Online
[Слика на страница 26]
Многу луѓе се депресивни поради недостигот на директна сончева светлина