Од ситен желад до огромен даб
● Еден ситен желад, кој личи на минијатурно јајце во мала чашка, се откачува од дрвото и паѓа на земјата. Ова семе, кое некоја растрчана верверичка можеби ќе го закопа и ќе го заборави, почнува да ’рти. Со текот на времето, се претвора во величествен даб — најголемото и најцврстото од сите дрвја карактеристични за Британија.
Дабот, кој често се спомнува во историјата и во митовите, може да живее над илјада години. Некои дабови достигнуваат висина од 40 метри! Старите дабови се истакнуваат со своето огромно стебло и раширени гранки. За Британија се ендемични само два вида дабови, но во светот има околу 450 различни видови. Сите тие се препознатливи по нивното семе — ситниот желад.
Ниедно друго дрво во Британија не е дом на толку многу животни. Во нив спаѓаат и голем број инсекти. Многу гасеници се гоштаваат со меките летни дабови лисја. Но, дрвото има свој одбранбен механизам. Некое време откако ќе пораснат лисјата, во нив се создаваат танини кои им се одбивни на инсектите.
Населен е секој дел од дрвото. Многуте инсекти привлекуваат голем број птици и пајаци. Разни бубачки копаат под дебелата, распукана кора. Во шуплините на стеблата живеат бувови и цели колонии лилјаци. Некои животинки, како што се глувците, волухариците, зајаците, јазовците и лисиците наоѓаат прибежиште меѓу корењата.
Дабот има и своја „комунална служба“. Секоја година, од едно потполно развиено дрво паѓаат околу 250.000 лисја. Габите и бактериите ги разложуваат паднатите лисја и ги враќаат хранливите материи во почвата. Некои години, дрвото може да роди 50.000 желади. Повеќето ги собираат и ги јадат птиците и животните. Паразити и разни бубачки го отстрануваат исушеното дрво, а габите се хранат со кората.
Дабовото дрво е исклучително цврсто и издржливо. Веќе долго време се користи за изградба на куќи и за изработка на квалитетен мебел. Идеално е за правење буриња за пиво и вино. А цврстите едреници кои во минатото се правеле од дабовина придонеле британската морнарица долги години да господари со морињата.
Дабовото дрво сѐ уште е ценето. Британските предели не би можеле да се замислат без него. Луѓето со право се восхитуваат на неговата цврстина и издржливост. Од еден толку мал желад, израснува огромен даб — навистина, уште едно чудо на создавањето!
[Слика на страница 18]
Дабот може да доживее повеќе од илјада години и да достигне висина до 40 метри и обем од над 12 метри
[Извори на слики на страница 18]
Дрво: © John Martin/Alamy; желад: © David Chapman/Alamy