Природен гас — енергија за целиот дом
ПРИРОДНИОТ ГАС покрива повеќе од 20 отсто од светските енергетски потреби. Од каде се добива? Дали може да се користи таков каков што извира од земјата? И колкави се резервите?
Голем број научници сметаат дека природниот гас настанал многу одамна при распаѓање на мртви растенија, животни и планктони. Според оваа теорија, во еден долг временски период, микробите изложени на притисокот од сѐ подебелиот седимент и топлината во длабоките слоеви од Земјината кора го претвориле ова органско ѓубриво во фосилни горива како што се јагленот, природниот гас и нафтата. Со текот на времето, голем дел од природниот гас се пробил низ порозните карпи, при што понекогаш се формирале огромни природни резервоари на гас кои останале запечатени под слој од непропустливи карпи. Некои наоѓалишта на природен гас се огромни и содржат билиони кубни метри гас. Како луѓето успеваат да ги откријат?
Во потрага по природен гас
Сателитите за далечинска детекција, глобалниот систем за позиционирање (GPS), сеизмичките испитувања и компјутерите во голема мера олеснуваат да се дојде до природен гас. При сеизмичките испитувања се користи звук кој се одбива од карпестите слоеви во земјата. На тој начин, научниците добиваат акустична слика за тоа што е под земјата. Звукот се произведува со помош на мали експлозивни направи или со вибратори прицврстени за посебни камиони. Ударните звучни бранови се движат низ Земјината кора сѐ додека не се одбијат од некоја карпа. Интензитетот на одбиените бранови се мери со посебни инструменти, и така се создава тродимензионална слика за формацијата на карпите, а со тоа и на потенцијалните извори на природен гас.
Кога се вршат крајбрежни испитувања, звучните бранови се произведуваат така што со посебни пиштоли се испукува во морето компримиран воздух, пареа или вода. Таквите бранови продираат низ морското дно и се враќаат до хидрофоните (микрофони за откривање на звучни бранови во вода) прицврстени за еден долг кабел што се влече за бродот од кој се врши испитувањето. И во овој случај, истражувачите ги користат сигналите за да направат компјутерски модели за анализа.
За да се оправдаат трошоците, резервоарот мора да има доволно гас. Геолозите мора да го измерат притисокот во резервоарот и неговиот волумен. Притисокот може доста прецизно да се измери со манометар. Она што е тешко да се одреди е волуменот. Една метода е да се измери првобитниот притисок, да се ослободи и да се измери произволна количина гас, а потоа повторно да се измери притисокот. Ако притисокот се намалил незначително, резервоарот е голем, а ако се намалил драстично, резервоарот е мал.
Како станува употреблив
Откако ќе се извади, природниот гас се пренесува преку цевки до рафинериите за да се отстранат несаканите примеси како што се јаглеродниот диоксид, водородниот сулфид и сулфурниот диоксид, како и водената пареа која може да ги ’рѓоса цевките од гасоводот. Потоа, природниот гас се пречистува на многу ниски температури за да се отстрани азотот, кој е незапалив елемент, и да се издвојат скапоцениот хелиум, бутан, етан и пропан. Крајниот производ е речиси чист метан, кој нема ни боја ни мирис и е многу лесно запалив. Бидејќи метанот е природен производ, се нарекува и природен гас.
За да може безбедно да се употребува во домаќинството, на природниот гас му се додава и мала количина сулфурни состојки со многу јак мирис. Ова помага гасот лесно да се осети и безбедно да се затвори пред да настане експлозија. Меѓутоа, во споредба со другите фосилни горива, како што се јагленот и нафтата, природниот гас е многу почист.
За да се олесни транспортот, дел од природниот гас се лади на многу ниска температура за да премине во течна форма. Бутанот и пропанот честопати завршуваат како течен нафтен гас (ТНГ), кој им е добро познат на оние што готват на плин. ТНГ користат и некои автобуси, камиони, трактори и други возила. Во хемиската индустрија, бутанот и пропанот се користат за производство на пластика, растворувачи, синтетички влакна и други органски продукти.
Необновлив извор на енергија
Како што е случај и со другите фосилни горива, природниот гас е потрошлив ресурс. Според проценките, од вкупното количество природен гас што стои на располагање преостануваат околу 45 отсто. Ако оваа проценка е точна, со сегашното темпо на трошење, овој ресурс ќе го снема за околу 60 години. Но, во многу земји потрошувачката на енергија се зголемува, што значи дека ова е прилично груба проценка.
Забрзаното темпо на индустријализација во некои земји може да нѐ наведе на заклучокот дека природните богатства се неисцрпни. Се разбира, на располагање стојат нуклеарната енергија и некои обновливи енергетски извори како што се соларната енергија и силата на ветерот. Меѓутоа, само времето ќе покаже дали тие ќе ги задоволат сѐ поголемите енергетски потреби и дали ќе бидат безбедни и нема штетно да се одразат врз природната средина.
[Графикон/слика на страница 14]
(Види во публикацијата)
Откако ќе се извади, природниот гас се пренесува преку цевки до рафинериите каде што се преработува, а потоа се дистрибуира до домовите и деловните објекти
[Графикон]
Извор на гас
Рафинерија
Гасна компанија
[Слика на страница 13]
Со помош на посебна опрема се создаваат звучни бранови кои се одбиваат и се мерат со посебни инструменти
[Слика на страница 13]
Геолозите ги анализираат тродимензионалните модели на темел на звучните бранови
[Извор на слика на страница 13]
Горе: © Lloyd Sutton/Alamy; долу: © Chris Pearsall/Alamy