Како го победив насилството
Раскажал Хозе Антонио Небрера
ЗОШТО некој станува насилен? Јас станав насилен бидејќи со мене уште од мал се постапуваше насилно. Татко ми беше член на Шпанската цивилна гарда, полк во кој владееше строга дисциплина. Неговиот татко честопати го тепал, па и татко ми по традиција продолжи да ме тепа мене. Редовно ми удираше ќотек со својот дебел каиш. Што е уште полошо, постојано ме нарекуваше глупав, а мојата помала сестра ја опсипуваше со љубов и внимание. Мајка ми, која се плашеше да не го разлути татко ми, не правеше речиси ништо за да ми ја ублажи болката што ја чувствував поради ваквиот неправеден однос, ниту ми ја покажуваше љубовта што ми беше потребна.
Додека бев со другите деца на училиште, си живеев во свој свет во кој сѐ беше поубаво. Однадвор најверојатно изгледав како весело и оптимистично дете. Но, сѐ беше само фарса. Едноставно ги криев стравот и гневот во себе. Но, кога ќе завршеа часовите, додека, влечејќи ги нозете, си одев дома, повторно се враќав во реалноста со страв дека ме чекаат уште навреди — или уште еден ќотек.
Кога имав 13 години, за да најдам излез од домот во кој не чувствував ни трошка љубов, се запишав во едно језуитско интернатско училиште. Едно време сакав да станам свештеник. Но, ова училиште не ми помогна многу да најдам смисла во животот. Моравме да станеме во 5 часот наутро и да се истушираме со ладна вода. Имавме строг распоред за цел ден — учење, молитви и богослужби, со само кратки паузи.
Иако моравме да ги читаме приказните за „светците“, Библијата не беше вклучена во наставата. Единствената Библија што ја имавме на располагање се чуваше во стаклена витрина и, за да ја читаме, моравме да добиеме посебна дозвола.
Во текот на третата година во интернатското училиште, како дел од строгата рутина требаше самите да се камшикуваме, односно да правиме „духовни вежби“. Неколкупати намерно се прејадов за да ми се слоши, мислејќи дека со тоа ќе се спасам од таквото измачување, но не ми успеа. По речиси три години, повеќе не можев да издржам. Побегнав од језуитското училиште и се вратив дома. Тогаш имав 16 години.
Во потрага по авантура
Откако се вратив дома, почнав да тренирам бокс и борење. Бев доста успешен во овие насилни спортови и тоа ми даде чувство дека сум некој и нешто, но физичката способност ме направи склон секогаш да ги истерувам работите по свое со сила, исто како што правеше и татко ми.
Кога имав 19 години, се случи нешто што внесе малку нежност во мојот живот. Ја запознав Енкарнита, со која се оженив по 9 месеци. Таа ја гледаше само мојата учтива, љубезна и среќна надворешност. Не беше свесна каква болка тлееше во мене. Оваа внатрешна огорченост излезе на површина кога бев повикан во војска, кратко откако ни се роди првото дете.
Без размислување се пријавив во Шпанската легија на странци, делумно за да избегнам војничка фризура, а делумно затоа што сакав малку авантура во животот. Си замислував дека во пустината во Мароко ќе најдам слобода и дека ќе учествувам во возбудливи специјални операции. Освен тоа, така можев да ги избегнам семејните одговорности. Но, тоа само ги потенцираше моите најлоши особини.
По кратко време, западнав во проблеми со еден огромен, брутален водник, кој уживаше да ги малтретира новите регрути. Ја мразев неправдата и често знаев да се степам за она што сметав дека е исправно. Едно утро, за време на прозивката, направив шега која водникот погрешно ја сфати. Кога ја крена раката за да ме удри, брзо му ја свиткав и го соборив. Му ја држев приклештена на земјата од страв дека, ако го пуштам, ќе ме застрела со пиштолот.
Поради тој инцидент поминав три месеци во казнен вод. За тоа време живеев во една мала празна соба со уште 30 души. Во текот на тие три месеци не можев дури ни да ја сменам облеката. Со водот командуваше еден садистички водник, кој уживаше да нѐ мава со камшик. Но, во една прилика, кога му се заканив дека ќе го убијам ако ме допре, ми ја намали казната од 30 на 3 удари. Научив да бидам исто толку груб како оние што ме мачеа.
Тајни операции
За време на обуката во легијата на странци, избрзано се пријавив како доброволец во операции што мислев дека ќе ми донесат уште повеќе „авантури“. Повторно не бев свесен во што се впуштам. Добив обука за командос, при што научив да ракувам со секакво оружје и експлозив. Обуката ја довршив во Ленгли, Вирџинија (САД), каде што вежбав со оперативците на ЦИА.
По кратко време, станав член на една тајна група командоси. Во текот на 1960-тите, учествував во десетици тајни операции. Помагав во операциите против трговците со дрога и шверцерите со оружје во Средна и во Јужна Америка. Имавме наредба да ги „ликвидираме“. Се срамам што имав удел во такви операции. Никогаш не земавме заробеници, освен оние од кои би можеле да извлечеме информации.
Подоцна добив задача да ги шпионирам шпанските воени лидери со цел да ги разоткријам оние што не ја поддржуваа диктатурата на генерал Франко. Ги шпиониравме и противниците на режимот на Франко кои живееја во Франција. Намерата беше да ги киднапираме клучните дисиденти и да ги одведеме во Шпанија, најверојатно за да бидат убиени.
Во мојата последна операција требаше да организирам тим од платеници што ќе извршат воен удар во една мала африканска земја. Ни беше наредено да ја нападнеме касарната во главниот град, а потоа да ја заземеме претседателската палата. Како што беше планирано, ја нападнавме земјата среде ноќ и ја завршивме задачата за само четири часа. Тројца од нашиот тим загинаа во борбата заедно со уште десетици „непријателски“ војници. И јас учествував во ова крвопролевање.
Овој ужасен настан ми ја измачуваше совеста. Не можев да спијам бидејќи постојано имав кошмари во кои убивав непријатели во борба гради в гради. Во моите кошмари ги гледав вџашените погледи на луѓето кои ги убивав.
Решив никогаш повеќе да не учествувам во таква операција. Затоа ја вратив целата моја документација во воениот отсек и бев ослободен од должност. Меѓутоа, по три месеци, моите претпоставени ме повикаа да учествувам во уште една шпионска мисија. Пребегав во Швајцарија и, по неколку месеци, во Базел ми се придружи и мојата сопруга Енкарнита, која воопшто не беше свесна дека сум работел како таен агент.
Лошите навики тешко се искоренуваат
Во текот на трите години додека служев војска, во Шпанија Енкарнита почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Ми раскажа дека ја нашла вистината за Бог и беше толку восхитена што се заинтересирав и јас. Веднаш стапивме во контакт со Сведоците во Швајцарија и почнавме заедно да ја проучуваме Библијата.
Бев одушевен што можев да ја дознаам Божјата намера. Иако сакав да живеам во склад со библиските начела, ми беше тешко да ги направам потребните промени — особено во поглед на агресивноста. Но, многу ја сакав мојата нова вера. По неколку месеци проучување, почнав да инсистирам да одам од куќа до куќа со Јеховините сведоци.
Со текот на времето, Јехова ми помогна да научам да се самосовладувам, па така по некое време јас и Енкарнита се крстивме. На 29 години бев назначен да служам како надгледник во собранието.
Во 1975 год. решивме да се вратиме во Шпанија. Но, војската ме немаше заборавено и бев повикан да учествувам во уште една специјална операција. За да избегнам проблеми, по кратко време повторно пребегав во Швајцарија. Нашето семејство живееше таму сѐ до 1996 год., кога конечно се вративме во Шпанија.
Имам син и ќерка кои се во брак, и две внучиња. Сите тие му служат на Јехова. Освен тоа, низ годините можев да им помогнам на 16 лица да го запознаат Јехова, меѓу кои и еден млад човек кој порано учествувал во насилни улични протести во северна Шпанија. Ова ми причинува огромна радост.
Постојано го молев Бог да ми помогне да престанам да бидам насилен и да најдам олеснување од честите кошмари. Во мојата борба да го правам она што е исправно, го следев советот од Псалм 37:5, кој гласи: „Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне“. Јехова си го одржа ова ветување. Тој ми помогна да го победам насилството, што е голем благослов за мене и за моето семејство.
[Слика на страница 21]
На 13 години, кога се запишав во језуитското интернатско училиште
[Слика на страница 23]
Ја напуштам канцеларијата на легијата на странци откако бев ослободен од должност во 1968
[Слика на страница 23]
Со жена ми Енкарнита денес