Долж Патот на робовите
ОД 17 до 19 век, градот Уида служел како главен центар за трговија со робови во Западна Африка. Од овој град во денешна Република Бенин биле одведени повеќе од милион робови. Честопати, Африканци испорачувале други Африканци како роба во замена за алкохол, ткаенини, гривни, ножеви, мечеви, а посебно за пушки, за кои имало голема побарувачка поради меѓуплеменските војни.
Се проценува дека помеѓу 16 и 19 век 12 милиони Африканци биле пренесени со брод преку Атлантскиот Океан за да се задоволи потребата од робови кои ќе работат на плантажите и во рудниците во Новиот свет. Во книгата Ропството во Америка (1619-1877) [American Slavery—1619-1877] стои дека околу 85 отсто од робовите „биле однесени во Бразил и во различните британски, француски и холандски колонии на Карибите“. Според една проценка, 6 отсто од нив заминале во колониите што подоцна станале дел од Соединетите Држави.a
На почетокот од нивното патување, многу од робовите — оковани, истепани и жигосани — го минувале патот од 4 километри што денес започнува од Историскиот Музеј во Уида, реконструирана тврдина, а завршува кај „Вратата од која нема враќање“, што се наоѓа на брегот. Оваа врата го означува крајот на Патот на робовите. Таа е повеќе симболична отколку дословна, затоа што сите робови не заминувале одовде. Зошто ропството толку се раширило?
Долга, грда историја
Многу одамна, африканските владетели им продавале воени заробеници на арапските трговци. Подоцна, во трговијата со робови се вклучиле европските сили, посебно откако основале колонии во двете Америки. Во тоа време, како резултат на меѓуплеменските војни, имало голем број воени заробеници, што значи и голем број робови, па затоа војната станала профитабилен бизнис како за победниците така и за алчните трговци. Освен тоа, некои луѓе станувале робови откако ќе биле грабнати, или откако африканските трговци ќе ги донеселе од внатрешноста на континентот. Речиси секој можел да биде продаден како роб, дури и некој принц кој повеќе не бил во милост кај кралот.
Еден добро познат трговец бил Бразилецот Франсиско Феликс де Соза. Во 1788 год., Де Соза ја презел контролата над тврдината во Уида, која била центар на трговијата со робови во Бенинскиот Залив. Во тоа време, Уида била под власта на кралството Дахомеј. Меѓутоа, помеѓу Де Соза и кралот на Дахомеј, Адандозан, дошло до несогласување. Затоа Де Соза, веројатно додека бил во затвор, сковал заговор со братот на царот и со заеднички сили го собориле во 1818 год. На тој начин започнало едно профитабилно партнерство помеѓу новиот цар, Гезо, и Де Соза, кој станал одговорен за трговијата со робови.
Гезо имал намера да го прошири своето кралство, а за тоа му требало оружје од Европа. Затоа го поставил Де Соза за вицекрал на Уида со цел да помага околу трговијата со Европејците. Бидејќи имал целосна контрола над продажбата на робови во тој дел од Африка, Де Соза наскоро натрупал големо богатство, а пазарот за робови што се наоѓал близу до неговата куќа станал центар за странските и за домашните купувачи.
Пат натопен со солзи
Туристите кои денес сакаат да го поминат Патот на робовите во Уида тргнуваат од реконструираната португалска тврдина. Како што спомнавме и претходно, оваа тврдина, што првобитно била изградена во 1721 год., денес служи како музеј. Заробениците кои требало да станат робови биле затворани во големиот двор на средината. Повеќето од нив, врзани со синџири еден за друг, пешачеле до тврдината многу ноќи. Зошто ноќи? Поради мракот не можеле да се ориентираат, па оние што ќе избегале потешко ќе можеле да го најдат патот до дома.
Кога ќе пристигнеле група робови, се одржувала аукција по што трговците ја жигосувале својата нова „набавка“. Робовите предвидени за извоз биле носени на брегот, каде што со кануа или со мали чамци биле пренесувани до бродовите.
Друга станица на историскиот Пат на робовите е споменикот на местото каде што порано се наоѓало Дрвото на заборавот. Робовите биле присилувани да кружат околу ова дрво — мажите наводно девет, а жените седум пати. Им било кажано дека оваа вежба ќе им ги избрише спомените за нивната татковина, со што помалку ќе се бунтуваат.
На овој пат има и еден споменик на колибите зомаи, кои повеќе не постојат. Зборот зомаи укажува на постојаната темнина во овие колиби во кои настисканите заробеници се привикнувале на бедните услови што ги чекале на бродовите. Всушност, можно е во овие колиби да биле чувани и по неколку месеци додека чекале да бидат транспортирани. Оние што во меѓувреме ќе умреле, биле фрлани во масовна гробница.
Посебно потресен е споменикот наречен Зомачи, кој симболизира покајание и помирување. Секој јануари, потомците и на робовите и на трговците со робови бараат прошка за оние што ги направиле злосторствата.
Последната станица на Патот на робовите е „Вратата од која нема враќање“ — споменик што ги симболизира последните моменти за робовите на африканско тло. На големиот засводен влез има изрезбано два реда Африканци во окови собрани на брегот во близина, со погледот вперен кон Атлантскиот Океан. Се вели дека на ова место некои очајни заробеници јаделе песок за да се сеќаваат на родната грутка. Други ја избрале смртта и се задавиле со сопствените синџири.
Слобода!
Во почетокот на 19 век, имало сѐ повеќе напори за укинување на ропството. Последниот брод со робови испратен од Уида за САД пристигнал во Мобил (Алабама) во јули 1860 год. Меѓутоа, нивното робување било краткотрајно бидејќи во 1863 год., Владата на САД ја донела Декларацијата за укинување на ропството. На западната хемисфера, на ропството конечно му дошол крај во 1888 год., кога било укинато и во Бразил.b
Најочигледната трага што зад себе ја оставила трговијата со робови е многубројната африканска дијаспора, која има извршено значително влијае врз демографската структура и културата во многу земји од двете Америки. Друга работа е ширењето на вуду, еден вид религија што вклучува магија и гатање и е посебно популарна на Хаити. „Изразот вуду“, вели Encyclopædia Britannica, „доаѓа од зборот водун, кој на јазикот на народот фон од Бенин (поранешен Дахомеј) означува бог, или дух.“
За жал, и денес постојат некои сурови облици на ропство, иако не секогаш во дословна смисла на зборот. На пример, милиони луѓе макотрпно работат за да врзат крај со крај поради тешките економски услови. Други се мачат под угнетувачки политички режими (Проповедник 8:9). А има и милиони лица кои се под ропство на лажните верски учења и суеверија. Можат ли човечките влади да ги ослободат своите поданици од ваквите облици на ропство? Не. Само Јехова Бог може, и ќе го стори тоа! Неговата пишана Реч, Библијата, ветува дека сите што ќе се потпрат на Јехова и ќе му служат во склад со библиската вистина — вистината што ги ослободува луѓето — еден ден ќе уживаат во „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21; Јован 8:32).
[Фусноти]
a Од релативно малите почетоци, бројот на робови во САД се зголемувал главно поради природниот прираст, односно со тоа што робовите имале свои деца.
b Библиското гледиште за ропството е обработено во статијата „Гледиште на Библијата: Дали Бог ја одобрил трговијата со робови?“ во Разбудете се! од 8 декември 2001.
[Рамка/слика на страница 24]
„ЧОВЕК ВЛАДЕЕ НАД ЧОВЕК НА НЕГОВА ШТЕТА“
Многу луѓе мислат дека трговците со робови го набавувале својот плен напаѓајќи села и грабнувајќи кого сакале. Иако имало и такви случаи, најверојатно немало да успеат да одведат милиони луѓе „без соработката на една широка мрежа од африкански владетели и трговци“, изјави во едно интервју за радио д-р Роберт Хармс, професор по африканска историја. Тоа добро потврдува дека „човек владее над човек на негова штета“! (Проповедник 8:9).
[Извор на слика]
© Réunion des Musées Nationaux/Art Resource, NY
[Карти на страница 22]
(Види во публикацијата)
Околу 12 милиони Африканци биле испратени со брод преку Атлантикот за да бидат робови
АФРИКА
БЕНИН
Уида
Робовски Брег
[Слика на страници 22 и 23]
Денес, оваа португалска тврдина изградена во 1721 год. служи како историски музеј во Уида
[Извор на слика]
© Gary Cook/Alamy
[Слика на страница 23]
Статуа на роб во окови и со врзана уста
[Слика на страница 23]
„Вратата од која нема враќање“ — споменик кој ги симболизира последните моменти на африканско тло
[Извор на слика]
© Danita Delimont/Alamy