Младите прашуваат
Дали сум чисто промашување?
„Мислев дека не можам да ѝ се фатам на малиот прст на една моја другарка. Сѐ ѝ одеше толку лесно — изгледаше како за ништо да не треба да се помачи! Почнав да се прашувам да не ми фали нешто. Понекогаш самата сум си најголем непријател“ (Анета).a
ДАЛИ тоа што мислиш дека за ништо не те бива те кочи да се зафатиш со нови предизвици? Дали добронамерните забелешки од оние чие мислење го цениш понекогаш ти ја рушат самодовербата? Дали разочарувањето поради претходните неуспеси те спречува повторно да се обидеш? Ако да, како можеш да научиш да живееш со своите неуспеси — вистински или замислени?
Тоа што ќе најдеш одговор на последново прашање може многу да ти користи бидејќи, кога-тогаш, секој од нас во нешто ќе промаши (Римјаните 3:23). Но, луѓето што знаат да поднесат неуспех повторно застануваат на нозе. Тоа значи дека гледаат објективно на своите грешки — не дозволуваат да ги скршат, туку се обидуваат повторно. И, следниот пат, најверојатно ќе успеат! Затоа, да видиме што да правиш кога се соочуваш со следниве три ситуации: можен неуспех, замислен неуспех и вистински неуспех.
МОЖЕН НЕУСПЕХ → ШТО БИ МОЖЕЛО ДА СЕ СЛУЧИ Очекуваш да се случи најлошото, па не сакаш ни да пробаш да направиш нешто бидејќи си мислиш дека има слаби шанси да успееш.
Одреди што те плаши. Стави ✔ до она во што би сакал да успееш, но сигурен си дека, ако пробаш, нема да успееш.
◯ Да ги браниш своите верувања на училиште
◯ Да најдеш работа
◯ Да зборуваш пред публика
◯ Да учествуваш во некој спорт
◯ Да пееш или да свириш на инструмент
◯ Друго ․․․․․
Проанализирај. Размисли за она што го означи и одговори на следниве прашања за да видиш до што би можело да дојде ако го прифатиш предизвикот:
‚Што би сакал да се случи?‘
․․․․․
‚Што се плашам дека ќе се случи?‘
․․․․․
Сега, напиши една причина зошто треба да се обидеш, и покрај тоа што постои ризик да не успееш.
․․․․․
Библиски пример. Кога Јехова Бог му заповедал да го води израелскиот народ, на Мојсеј прво му дошле на ум работите што би можеле да тргнат наопаку. Затоа го прашал Бог: „Што ако не ми поверуваат и ако не го послушаат мојот глас?“ Потоа почнал да размислува за своите слабости. „Јас не сум речовит човек“, рекол тој. „Никогаш не сум бил таков.“ Дури и откако Јехова му ветил дека ќе му помага, Мојсеј го преколнувал: „Те молам, испрати некој друг!“ (2. Мојсеева 4:1, 10, 13). На крајот Мојсеј сепак ја прифатил задачата, а понатаму знаеш како течеле работите. Следејќи ги упатствата од Бог, Мојсеј 40 години го водел израелскиот народ.
Што можеш да направиш. Цар Соломон напишал: „Сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила“ (Проповедник 9:10). Затоа, наместо да дозволиш стравот од неуспех да те парализира, дај го својот максимум. Сети се на некоја работа што си ја завршил подобро отколку што си очекувал. Што научи за себе од тоа? Како може оваа поука да ти помогне да го совладаш стравот од неуспех што можеби сега го чувствуваш?
Предлог: Ако е потребно, побарај совет од родителите или од некој зрел пријател кој може да ти помогне да стекнеш поголема самодоверба.b
ЗАМИСЛЕН НЕУСПЕХ → ШТО МИСЛИШ ДЕКА СЕ СЛУЧИЛО Кога некој ќе успее во нешто, имаш чувство дека ти си чисто промашување.
Одреди што те плаши. Со кого се споредуваш, и кој успех на тоа лице те тера да мислиш дека тебе за ништо не те бива?
․․․․․
Проанализирај. Дали неговиот успех навистина значи дека тебе не те бива? На празните линии напиши нешто што неодамна си го направил добро, на пример, тест на училиште, но некој друг го направил подобро.
․․․․․
Сега напиши зошто сепак вредеше тоа што си се потрудил.
․․․․․
Библиски пример. Каин ‚се разгневил‘ кога видел дека Јехова погледнал со одобрување на брат му Авел. Јехова го предупредил Каин дека љубомората е опасна, но покажал и доверба дека Каин може да ја совлада ако избере да го стори тоа. „Ако почнеш да правиш добро“, му рекол Јехова, „зарем нема да ми бидеш мил?“c (1. Мојсеева 4:6, 7).
Што можеш да направиш. Наместо ‚да се натпреваруваш со другите‘ — макар само и во мислите — радувај се на нивниот успех (Галатите 5:26; Римјаните 12:15). Но, биди свесен и за своите јаки страни, ама внимавај да не се фалиш со нив. Библијата вели: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе“ (Галатите 6:4).
ВИСТИНСКИ НЕУСПЕХ → ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИЛО Се навраќаш на некој неуспех што си го доживеал и мислиш дека не вреди повторно да се обидуваш со истата работа.
Одреди што те плаши. Кој неуспех најмногу те разочарал?
․․․․․
Проанализирај. Дали овој неуспех навистина значи дека си чисто промашување? На пример, ако си попуштил на некоја слабост, дали тоа навистина значи дека си безнадежен случај? Или едноставно покажува дека ти треба помош? На пример, ако паднеш додека спортуваш, сигурно би прифатил кога некој ќе ти подаде рака да станеш. Би можел да гледаш исто и кога ќе доживееш некој неуспех. Напиши со кого би можел да зборуваш за твојот проблем.d
․․․․․
Библиски пример. Понекогаш, и апостол Павле бил разочаран од своите слабости. „Беден човек сум јас“, напишал тој (Римјаните 7:24). Но, очигледно, Павле сфатил дека тоа што има слабости не значи дека е чисто промашување. Тој напишал: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Тимотеј 4:7).
Што можеш да направиш. Наместо да се концентрираш само на своите маани, размислувај и за своите добри страни. Јехова те гледа така. Библијата вели: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10; Псалм 110:3).
Запомни: Никој не е совршен. Секој понекогаш греши во нешто. Ако научиш како повторно да застанеш на нозе по некој неуспех, ќе стекнеш една важна карактерна црта што многу ќе ти се најде како возрасен. Во Изреки 24:16 се вели: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“. И ти можеш да бидеш таков!
[Фусноти]
a Името е сменето.
b Нешто повеќе во врска со ова можеш да прочиташ во Разбудете се! од мај 2010, страници 26-28.
c Каин избрал да не го послуша предупредувањето на Јехова. Неговата пропаст истакнува колку е важно да ја контролираме нашата склоност кон љубомора која може да се роди поради нечиј успех (Филипјаните 2:3).
d Ако некој христијанин направил сериозен грев, од помош ќе му биде ако зборува со некој старешина од собранието (Јаков 5:14, 16).
[Рамка/слики на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
„Ако го правиш само она што добро ти оди и никогаш не се обидеш да направиш нешто ново од страв дека нема да успееш, си правиш лоша услуга“
„Можеш или да учиш од неуспесите и тоа да те мотивира да се подобруваш, или да се концентрираш на она што тргнало наопаку и да си останеш во својата ‚безбедна зона‘. Ти избираш каков ќе бидеш“
„Ако знам дека има шанси да не успеам во нешто, ја гледам смешната страна на ситуацијата. Подобро е да се смееш отколку да кукаш. Ако имаш преголеми очекувања од себеси нема никогаш да бидеш среќен“
[Слики]
Андреа
Трентон
Наоми
[Рамка на страница 28]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
Кога бевте на мои години, какви разочарувања доживеавте? Како се изборивте со чувствата? Дали и сега се борите со такви чувства?
․․․․․
[Слика на страница 28]
Кога ќе паднеш, имај смелост повторно да застанеш на нозе — ако треба и со помош од друг