Нешто поскапоцено од она што го имаме сега
Раскажал Мурат Ибатулин
Во 1987 год., Министерството за здравство на Русија ме испрати во Уганда (Африка). Се сложив да служам таму како лекар со договор на четири години. Всушност, не сакав никогаш повеќе да се вратам во Русија, туку се надевав дека ќе стекнам искуство што ќе ми помогне да служам во земји како што се Австралија, Канада или САД. Но, во 1991 год., плановите ми се сменија и се вратив во Русија. Да ви објаснам зошто.
РОДЕН сум во 1953 год., во градот Казањ, главен град на Република Татарстан, во средна Русија. Моите родители се Татари, а повеќето Татари се муслимани. Се сеќавам дека, кога бев мал, дедо ми и баба ми клекнати му се молеа на Алах. Нивните деца, вклучувајќи ги и моите родители, ни велеа да не им досадуваме и да излеземе од собата. На родителите им беше незгодно бидејќи го имаа прифатено комунизмот и во тоа време се изјаснуваа како атеисти.
Кога имав 4 години, во Советскиот Сојуз имаше епидемија на детска парализа, последна од таков вид, а нејзина жртва бев и јас. Од детството најмногу памтам како ме носеа на прегледи по болници и по санаториуми. Се сеќавам и дека дедо ми се молеше да оздравам. Сакав да бидам здрав како другите деца па, и покрај хендикепот на ногата, играв фудбал, хокеј и други спортови.
Додека растев, кај мене се јави желба да станам лекар. Не бев религиозен, но не бев ни атеист. Едноставно никогаш не размислував за Бог. Имав негативен став кон комунистичката идеологија и честопати се карав со татко ми и со тетин ми. Тетин ми беше хонорарен универзитетски професор по филозофија, а татко ми работеше во Комитетот за државна безбедност, познат како КГБ. Откако завршив медицински факултет, си поставив цел да станам добар неврохирург и да одам да живеам во друга земја.
Во потрага по подобар живот
Во 1984 год., ја завршив мојата докторска дисертација на тема „Дијагностицирање на тумори на мозокот“. Потоа, во 1987 год., бев испратен во Уганда, во една болница во Мулаго. Се преселив во оваа прекрасна земја заедно со жена ми Дилбар и нашите деца Рустем и Алиса, кои тогаш имаа седум и четири години. Работата на оваа клиника беше тешка и вклучуваше операции на пациенти заразени со ХИВ-вирусот. Честопати патував до други клиники низ земјата затоа што во тоа време во Уганда имаше само двајца неврохирурзи што вршеа операции.
Еден ден, на една тезга за книги во Уганда, јас и Дилбар првпат видовме руска Библија. Купивме неколку Библии за да им ги испратиме на пријателите во Советскиот Сојуз затоа што во тоа време беше речиси невозможно таму да се купи Библија. Прочитавме неколку поглавја од Библијата, но речиси ништо не разбравме, па по кратко време престанавме да ја читаме.
Меѓутоа, три години по ред одевме во разни цркви низ Уганда и се обидувавме да разбереме во што веруваат мештаните и каде ја наоѓаат смислата на животот. Исто така, решив да го проучувам Коранот на изворните јазици. Јас и Рустем дури и се запишавме на курс по арапски јазик. По неколку месеци, можевме да зборуваме основен арапски.
Некаде во тоа време се запознавме со Хајнц и Маријане, мисионери кои поучуваа за Библијата и беа од Германија и Австрија. При нашата прва средба воопшто не зборувавме за религија. Бевме како и сите Европејци што ќе се сретнеа во Африка. Ги прашавме зошто се во Уганда и ни кажаа дека се мисионери на Јеховините сведоци и дека се во земјата за да им помагаат на луѓето да ја проучуваат Библијата.
Тогаш се сетив дека по предметот филозофија што го слушав на факултет во Русија учевме дека Сведоците се секта и дека жртвуваат деца и им ја пијат крвта. Ова им го спомнав на Хајц и Маријане бидејќи не можев да поверувам дека тие би одобриле такво нешто. И јас и Дилбар зедовме по еден примерок од книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, и за неколку часа речиси ја исчитавме. Во еден момент застанав и ја прашав Дилбар што мисли за книгата. Таа ми рече дека толку ја допрела што целата се наежила! Ѝ реков дека и јас се чувствувам исто.
Едвај чекавме повторно да разговараме со Хајнц и Маријане. Кога се видовме, дискутиравме за многу теми. Она што го дознавме од Библијата нѐ трогна уште повеќе. Бевме мотивирани да им го кажуваме тоа и на пријателите и на колегите. Некои од нив беа рускиот амбасадор, конзулите од Русија и од други земји, како и еден претставник на Ватикан. Бевме изненадени што тој тврдеше дека Стариот завет е „само мит“.
Се враќаме во Русија
Еден месец пред да се вратиме во Русија во 1991 год., јас и Дилбар решивме да станеме Јеховини сведоци. Си мислевме дека кога ќе се вратиме во Казањ веднаш ќе продолжиме да одиме на состаноци. Но, за жал, првите три месеци не само што не успеавме да најдеме Сала на Царството туку не најдовме ниту еден Сведок! Затоа, решивме да одиме од врата на врата, како што прават Јеховините сведоци низ целиот свет, иако тоа требаше да го правиме сами. Така започнавме да ја проучуваме Библијата со многу лица, меѓу кои и една жена која подоцна стана Сведок.
По некое време, нѐ посети еден постар Сведок кој ја добил нашата адреса преку Сведоците во Уганда. Почнавме да одиме на состаноците што една група од 15 души ги одржуваше во мал еднособен стан. Хајнц и Маријане останаа во контакт со нас, па дури и дојдоа да нѐ посетат во Казањ. Подоцна, ние ги посетивме нив во Бугарија, следната земја во која беа испратени и каде што сѐ уште служат како мисионери.
Богат род во мојата татковина
Во секоја прилика разговарам за библиската вистина со моите колеги во болниците во кои работам во Русија. Со текот на времето, многумина ја прифатија вистината и станаа Јеховини сведоци, а меѓу нив има и многу медицински лица со кои соработувам. Во 1992 год., една година откако се вративме, групата Сведоци во Казањ порасна на 45, а следната година на повеќе од 100 души. Денес во Казањ има седум собранија на Сведоци — пет руски, едно татарско и едно на знаковен јазик, а има групи и на други јазици.
Во 1993 год., отидов на медицински конгрес во Њујорк, каде што имав прилика да ги разгледам објектите на светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин. Таму се запознав со Лојд Бери, кој помагаше околу организацијата на проповедничката активност на Јеховините сведоци низ целиот свет. Иако беше многу зафатен, сепак одвои време да поразговара со мене.
Разговаравме за тоа дека има потреба од библиска литература на татарски јазик. Неколку години подоцна, во Русија беше организиран преведувачки тим на татарски јазик, по што нашата литература почна да излегува и на татарски. Беше огромна радост што, со текот на времето, почнавме редовно да добиваме Стражарска кула, списание наменето за проучување на Библијата! Кратко потоа беше основано и првото собрание на татарски јазик.
Бескрвна медицина
Се држам за сите Божји морални закони, како што е заповедта од Дела 15:20, според која Божјите слуги треба „да се воздржуваат... од крв“. Стих 29 понатаму вели дека Божјите слуги треба ‚да се воздржуваат од она што е жртвувано на идоли, од крв, од удавено и од блуд‘.
Затоа, кога Јеховините сведоци бараат лекарска помош, ги замолуваат лекарите да го почитуваат нивното гледиште во врска со лекувањето без употреба на крв. Извесно време бев член на Одборот за контактирање со болници во Казањ.a Во 1997 год., кога едногодишниот Павел од градот Новосибирск имаше потреба од итна операција, мајка му ни се обрати за помош. Во тоа време, во Русија имаше само малкумина искусни лекари кои беа спремни да оперираат без крв. Ние се согласивме да побараме таков лекар.
По кратко време најдовме клиника за кардиохирургија во Казањ, каде што лекарите се согласија да го оперираат малиот Павел. На 31 март 1997 год., лекарите извршија многу успешна бескрвна операција со која ја коригираа неговата срцева мана. На 3 април, весникот Вечерњаја Казањ извести: „Детенцето се чувствува добро и повеќе нема потреба од лекови за срце... Мајка му на Павлик [нагалена форма од името Павел] можеше мирно да дише за првпат по единаесет месеци“. Павел брзо закрепна од операцијата и ги направи своите први чекори во ходникот на болницата.
Сега Павел има добро здравје и води нормален живот. Сака да плива, да лизга на мраз и да игра фудбал. Оди во осмо одделение и, заедно со мајка му, му служи на Јехова во собранието на Јеховините сведоци во Новосибирск. По ова искуство, лекарите од истата клиника извршија успешни бескрвни операции врз неколку пациенти кои имаа проблеми со срцето и се Јеховини сведоци. Медицината во Татарстан продолжува да напредува, а операциите без употреба на крв се веќе вообичаена пракса.
Мојата работа денес
Јас, жена ми и двајца други Сведоци работиме во една клиника што нуди високотехнолошки медицински решенија за пациенти со невролошки и кардиолошки проблеми. Вршиме најразлични операции, посебно кај пациенти што сакаат да бидат оперирани без крв. Јас работам како неврорадиолог и се интересирам за бескрвна неврохирургија. Како професор на Катедрата за неврологија и неврохирургија при Државниот медицински факултет во Казањ, им држам предавања на студенти по медицина и на лекари и се обидувам да им помогнам да ја увидат предноста на бескрвната медицина.b
Жена ми работи на истата клиника со мене како специјалист по ултразвук. Ја сакаме нашата работа затоа што можеме да им помагаме на луѓето. Но, најголемо задоволство ни причинува кога ќе видиме како библиската вистина ги лекува луѓето во духовен поглед. Многу сме среќни кога разговараме со другите за Божјето ветување дека наскоро на Земјата „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
[Фусноти]
a Одборите за контактирање со болници се групи од Јеховини сведоци кои помагаат во соработката помеѓу болниците и пациентите кога ќе дојде до спор околу трансфузијата на крв.
b Методите на бескрвно лекување се замена за трансфузијата на крв. Бидејќи трансфузијата носи многу опасности, бескрвната медицина и бескрвната хирургија стануваат сѐ поприфатени низ целиот свет. Преку трансфузија на крв може да се пренесат ХИВ-вирусот и други заразни болести и да дојде до алергиски реакции.
[Слика на страница 12]
Како лекар во Африка
[Слика на страница 13]
Кога јас и жена ми почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци (1990)
[Слика на страница 14]
Со Лојд Бери за време на една посета во Бруклин, Њујорк (1993)
[Слика на страница 15]
Павел и мајка му денес
[Слика на страница 15]
Во служба со Дилбар