Како времето може да го смени текот на историјата
И СТОРИЈАТА бележи неверојатни настани за чиј исход решавачки фактор биле временските услови. Да разгледаме само два такви настана.
Ветриштата на бурата
Во 1588 год., шпанскиот крал Филип испратил цела флота бродови, позната како шпанска армада, за да ја нападнат Англија. Но, лошите временски услови му ги расипале плановите.
Шпанската флота навлегла во Ла Манш, каде што била пресретната од англиската флота. Во оваа поморска битка, англиските бродови биле поподвижни од шпанските, но им нанеле само мала штета. Потоа, шпанската армада се укотвила во близина на француското пристаниште Кале зашто имала наредба од таму да натовари војници за својот напад врз Англија.
Во меѓувреме, под превезот на ноќта, Англичаните запалиле неколку свои бродови кои, носени од ветрот и од поволните струи, пловеле без екипаж директно кон укотвените шпански бродови. Многу шпански бродови ги исекле котвите за да ги избегнат запалените бродови. Подоцна, ова се покажало како катастрофална грешка за Шпанците.
По случката кај Кале, и двете флоти се упатиле кон Северното Море, носени од поволен ветар. Но, англиската флота останала без барут, па затоа се повлекла на англискиот брег. Шпанската армада наишла на две пречки — неповолниот ветар и Англичаните, кои ѝ го препречувале патот кон Шпанија. За да стигнат до Шпанија, Шпанците биле принудени да пловат кон север, околу Шкотска, па потоа да се упатат јужно покрај Ирска.
Но, за време на патувањето, шпанската флота останала речиси без храна и вода, а на оштетените бродови голем број од морнарите биле или ранети или болни од скорбут. Затоа, целата флота практично гладувала, што уште повеќе ги ослабело членовите на екипажот.
Откако флотата ја обиколила Шкотска, една силна бура на Атлантикот одвеала многу бродови кон брегот на Ирска. Обично, во таков случај се спуштале котвите и се чекал поволен ветар. Меѓутоа, бидејќи котвите на многу бродови биле исечени во нападот кај Кале, 26 шпански бродови се разбиле од брегот на Ирска, при што настрадале од 5.000 до 6.000 луѓе.
Армадата се вратила во Шпанија, но на својот потфат изгубила речиси 20.000 луѓе. Единствена и пресудна улога во тој тежок пораз, во кој изгинале многу луѓе и биле уништени многу бродови, одиграле временските услови. По сѐ изгледа и Холанѓаните мислеле така. Подоцна, на еден медал изработен во чест на победата над шпанската армада, Холанѓаните го изразиле општоприфатеното верување дека Бог стоел зад природните катастрофи. На медалот пишувало: „Јехова дувна и ги распрсна“.
Поразени од дождот
Друг настан кој влијаел врз текот на светската историја и во кој главна улога одиграле временските услови била битката кај Ватерло во 1815 год. Според историските записи, на бојното поле кај Ватерло, околу 21 километар јужно од Брисел (Белгија), за само неколку часа загинале или биле ранети повеќе од 70.000 луѓе. Британскиот војвода Велингтон одлучил битката да се води токму на ова место, каде што својата војска ја поставил на една височинка. Иако француската војска на Наполеон била побројна од трупите на Велингтон, Наполеон морал да го порази непријателот пред да падне мрак, затоа што таа вечер на Велингтон требало да му пристигне засилување од пруската војска. Меѓутоа, времето повторно замешало прсти.
Вечерта пред битката заврнал пороен дожд. За повеќето војници, тоа била најужасната ноќ во нивниот живот. Иако некои успеале да подигнат мали шатори, еден војник се жалел дека постелата внатре им била жива вода. Накисната од дождот, земјата станала како мочуриште. За да го порази Велингтон што е можно побрзо, Наполеон сакал да го започне нападот уште в зори. Меѓутоа, морал да чека неколку часа.
Главната причина за ова одложување била калливата земја, која морала малку да се засуши пред да почне борбата. Поради калта, топовите на кои Наполеон сметал во битката не му биле од голема корист. Како прво, бил намален дострелот на топовите — поради нивната тежина, топовите едвај можеле да се помрднат во калта. И како второ, топовските ѓулиња требало да отскокнуваат од земјата и со тоа да им нанесат поголема штета на трупите на Велингтон, но меката и влажна земја апсорбирала голем дел од нивната сила. Ова се покажало катастрофално за Наполеон и за неговата војска. Па така, поради екстремните временски услови, војската на Наполеон била поразена, а тој завршил во изгнанство.
Од овие два случаја гледаме дека времето имало пресудно влијание врз некои од настаните што го потресле светот. Тоа, пак, влијаело врз подемот на Британската Империја.
[Слика на страница 24]
Шпанската армада
[Извор на слика]
© 19th era/Alamy
[Слика на страница 25]
Битката кај Ватерло
[Извор на слика]
© Bettmann/CORBIS