Обиди да се скрие Божјата Реч
КАКО што минувало времето, се вложувале напори да се преведе Библијата на јазикот на обичниот народ. Само малку луѓе можеле да ја читаат на хебрејски или грчки, јазиците на кои била напишана. Тешко дека некој од нас би ја разбрал Божјата Реч доколку ја имаше само на древните облици на тие јазици.
Речиси 300 години пред Исус да живее на Земјата, почнало да се работи на превод на Хебрејските списи на грчки. Тој превод е познат како Септуагинта. Околу 700 години подоцна, Ероним го направил преводот познат како Вулгата. Станува збор за превод на Хебрејските и Грчките списи на латински, кој во тоа време бил службен јазик во Римското Царство.
Подоцна латинскиот почнал да излегува од употреба. Го разбирале само учените луѓе, а Католичката црква се противела на обидите да се преведе Библијата на други јазици. Верските водачи тврделе дека хебрејскиот, грчкиот и латинскиот се единствените јазици на кои може да се преведува Библијата.a
Раскол и библиски преводи
Во 9 век од н.е., Кирил и Методиј, мисионери од Солун кои ги застапувале интересите на Источната црква во Византија, се залагале за употреба на словенскиот јазик како црковен јазик. Нивната цел била да им помогнат на Словените во Источна Европа, кои не разбирале ни грчки ни латински, да учат за Бог на својот јазик.
Но, овие мисионери наишле на жестоко противење од германските свештеници кои сакале да ја наметнат употребата на латинскиот јазик за да го спречат ширењето на византиското христијанство. Очигледно, политиката им била поважна отколку да ги поучат луѓето за Бог. Сѐ позаострените односи меѓу Западното и Источното христијанство кулминирале со раскол во 1054 год. и формирање на Католичката и на Православната црква.
Борбата против преведувањето на Библијата
Со текот на времето, Католичката црква почнала да го смета латинскиот за свет јазик. Затоа, во 1079 год. кога Вратислав, кнезот на Бохемија, побарал дозвола да се користи словенски јазик при локалните богослужби, папата Григориј VII му напишал: „Во никој случај не можеме да одобриме такво нешто“. Зошто?
„Ако внимателно се размисли“, рекол Григориј, „очигледно е дека Бог сакал некои делови од Светото писмо да останат тајна бидејќи, кога би биле јасни за сите, би паднала вредноста на Библијата, би се намалило ценењето за неа или, пак, неуките луѓе толку погрешно би ја разбрале што би почнале да прават гревови.“
На обичниот народ не му бил дозволен речиси никаков пристап до Библијата, и тоа не смеело да се смени. Така свештенството го контролирало народот. Свештениците не сакале обичниот народ да навлегува во теми за кои сметале дека се нивна работа.
Во 1199 год., папата Инокентиј III пишувал за „еретиците“ кои ја превеле Библијата на француски и се осмелиле да дискутираат за неа меѓу себе. Во врска со нив, Инокентиј ги применил зборовите на Исус: „Не давајте им го на кучињата она што е свето и не фрлајте ги своите бисери пред свињи“ (Матеј 7:6). Каков бил неговиот заклучок? „Ниеден прост и неук човек не смее ни да помисли да се занимава со светоста на Библијата, или да им проповеда за неа на другите.“ Оние што ќе се спротивставеле на наредбата на папата честопати им биле предавани на инквизиторите кои ги мачеле за да го признаат своето „злодело“. Секој што ќе одбиел да се одрече од своите верувања бил спалуван на клада.
Во текот на долгата борба против поседување и читање на Библијата, писмото на папата Инокентиј честопати се користело како основа да се забрани употребата и преведувањето на Библијата на други јазици. Кратко по овој указ, почнале да се палат Библии преведени на говорен јазик, а биле спалувани и некои од оние што имале таков превод. Во наредните векови, бискупите и владетелите во католичка Европа го користеле секое можно средство за да ја спроведат забраната на папата Инокентиј III.
Се разбира, католичкото свештенство било свесно дека многу од нивните учења не се темелат на Библијата, туку на црковната традиција. Несомнено, тоа е една причина зошто не сакале нивните верници да дојдат до Библијата. Кога би ја читале, луѓето би сфатиле колкава разлика има меѓу црковните учења и Светото писмо.
Влијанието на реформацијата
Со протестантизмот, верската клима во Европа многу се сменила. Обидите на Мартин Лутер да ја реформира Католичката црква, а подоцна и неговото одвојување од Црквата во 1521 год., главно се темелеле на неговото разбирање на Светото писмо. Затоа, кога ги раскинал сите врски со Црквата, Лутер, кој бил надарен преведувач, се потрудил Библијата да биде достапна за секого.
Германскиот превод на Лутер кој станал нашироко распространет го привлекол вниманието на Католичката црква, која сметала дека и таа треба да направи превод на Библијата што ќе го неутрализира влијанието на преводот на Лутер. За кратко време биле направени два такви превода на германски. Но, во 1546 год., помалку од 25 години подоцна, Католичкиот концил во Трент донел одлука печатењето на религиозна литература, во што спаѓаат и преводите на Библијата, да биде под контрола на Црквата.
На концилот во Трент било одлучено „отсега па натаму, Светото писмо... да се печати на единствениот исправен начин. Освен тоа, би било противзаконски некој да печати или да најми некого да печати каква и да било книга на верски теми доколку на неа не стои името на авторот, а противзаконски би било и ако подоцна ја продава, па дури и ја поседува, ако најпрво не ја прегледа и не ја одобри [локалниот бискуп]“.
Во 1559 год., папата Павле IV го објавил првиот список на книги забранети од Католичката црква. Овој список забранувал да се поседуваат библиски преводи на англиски, германски, италијански, француски, холандски, шпански, како и некои преводи на латински. Секој што сакал да ја чита Библијата морал да побара писмена дозвола од бискупите или инквизиторите, а се разбира, ретко кој бил спремен на такво нешто затоа што можел да биде обвинет за ерес.
Оние што ќе се осмелеле да имаат или да даваат на други Библија на јазикот што се говорел во нивниот крај морале да се соочат со гневот на Католичката црква. Многумина биле уапсени, запалени на клада, вртени над оган, осудени на доживотна робија или обесени. Запленетите Библии биле спалувани. Всушност, католичките свештеници продолжиле да ја конфискуваат и да ја спалуваат Библијата сѐ до 20 век.
Но, тоа не значи дека протестантизмот бил вистински пријател и заштитник на Библијата. Во 18 и 19 век, некои протестантски теолози почнале да се занимаваат со одредени методи на проучување, кои подоцна станале познати како виша критика. Со текот на времето, многу луѓе ги прифатиле учењата кои биле под влијание на теории на Дарвин дека не постои Творец кој го создал животот, туку дека тој настанал сосема случајно и постепено еволуирал.
Теолозите, па дури и многу свештеници, ги поучувале луѓето дека голем дел од Библијата се темели на легенди и митови. Како резултат на тоа, денес многу често може да се чуе како протестантски свештеници, а и голем број нивни верници, тврдат дека Библијата не е историски точна.
Веројатно и ти си слушнал некои што ја оспоруваат автентичноста на Библијата и можеби си изненаден какви сѐ обиди имало во минатото таа да биде уништена. Но, тие обиди пропаднале. Библијата опстанала и покрај сите напади!
Зошто опстанала
Точно е дека многумина ја сакале Библијата и биле спремни да го дадат и животот за неа. Но, нејзиниот непокор се должи на сила многу поголема отколку љубовта. Таа сила е Божјиот дух, кој ги водел оние што ја пишувале (Исаија 40:8; 1. Петрово 1:25).
Ако ја читаме Библијата и ги применуваме нејзините учења, ќе имаме подобар живот, подобро здравје и посреќно семејство. Бог сака да ја имаме Библијата и да биде преведена на колку што е можно повеќе јазици за да можат сите луѓе да го запознаат и да го засакаат, да му служат и да добијат вечни благослови. Се разбира, тоа го сака и секој од нас!
Во една молитва до својот небесен Татко, Исус рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Преку Библијата — Светото писмо кое Исус го читал и за кое поучувал — Бог дава одговор на прашањата на искрените луѓе.
Сакаме да те поттикнеме да дознаеш повеќе за Божјата порака до човештвото која што се наоѓа во Библијата. Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, со задоволство ќе ти помогнат.b
[Фусноти]
a Изгледа дека ваквата идеја потекнува од записите на шпанскиот бискуп Исидор од Севилја (560-636 год. од н.е.), кој тврдел: „Само три јазици се свети: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот. Тоа се најценетите јазици во целиот свет. Токму на овие три јазици било напишано обвинението против Господарот кое Пилат наредил да го закачат на крстот“. Се разбира, одлуката обвинението да биде на овие три јазици ја донеле Римјани, кои биле пагани. Бог немал ништо со таа одлука.
b Можеш да стапиш во контакт со нив, без никакви обврски, ако пишеш на некоја од адресите на 5. страница од ова списание или на www.watchtower.org.
[Истакната мисла на страница 6]
На обичниот народ не му бил дозволен речиси никаков пристап до Библијата, со што свештенството го имало под своја контрола
[Истакната мисла на страница 8]
Ако биле откриени, оние што се осмелувале да ја поседуваат Библијата и да им ја даваат на други биле спалувани на клада или осудувани на доживотна робија
[Рамка на страница 9]
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Творецот сака да го знаеме одговорот на овие важни прашања:
● Зошто постоиме?
● Зошто има толку многу страдања?
● Каде се мртвите?
● Каква иднина го чека човештвото?
Библијата дава одговор на овие прашања, како и практични совети за тоа како можеме да бидеме вистински среќни.
[Табела/слики на страници 6 и 7]
ВРЕМЕНСКА ЛИНИЈА НА НАПАДИТЕ ВРЗ БИБЛИЈАТА
о. 636 од н.е.
Исидор од Севилја тврди дека хебрејскиот, грчкиот и латинскиот се „свети“ јазици, па затоа се и единствените јазици на кои може да се преведува Библијата
1079
Папата Григориј VII отсечно го одбива барањето на Вратислав да се користи словенски јазик при богослужбите, наведувајќи дека Светото писмо не треба да им биде достапно на „неуките“
1199
Папата Инокентиј III ги смета за еретици сите што ќе се осмелат да ја преведат Библијата и да зборуваат за неа. Оние што се противат на наредбата на папата честопати се мачени и убивани
1546
Според одлуката донесена на концилот во Трент, секое печатење на превод на Библијата мора прво да биде одобрено од Католичката црква
1559
Папата Павле IV забранува да се поседува Библија на говорен јазик. Таквите Библии се запленуваат и се спалуваат, а се спалуваат и оние кај кои ќе се најде таков превод
[Извори на слики]
Папата Григориј VII: © Scala/White Images/Art Resource, NY; папата Инокентиј III: © Scala/Art Resource, NY; концилот во Трент: © Scala/White Images/Art Resource, NY; папата Павле IV: © The Print Collector, Great Britain/HIP/Art Resource, NY
[Извор на слика на страница 8]
Од Книга за мачениците од Фокс