Библијата — книга со точни пророштва — дел 4
Библијата прорекла дека Христос ќе страда и ќе умре
Во оваа серија од осум статии е разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.
КОГА Исус Христос бил на Земјата пред околу 2.000 години, бил свесен дека ќе доживее сурова смрт од страна на неговите непријатели. Од каде го знаел тоа? Тој бил добро запознаен со пророштвата во врска со него запишани во Хебрејските списи, или „Стариот завет“. Голем број од овие пророштва ги напишал пророкот Исаија повеќе од 700 години пред раѓањето на Исус. Како можеме да бидеме сигурни дека Исаија ги запишал своите пророштва долго време пред да се случат настаните за кои пишувал?
Во 1947 год., на Западниот Брег, еден бедуински овчар нашол скриени свитоци во една пештера во Кумран, на северозападното крајбрежје на Мртвото Море. Овие свитоци, заедно со уште неколку други кои биле пронајдени во соседните пештери, станале познати како Свитоците од Мртвото Море. Меѓу нив има и препис од целата книга на Исаија.a Тој датира од вториот век пред раѓањето на Исус. Значи, она што го запишал Исаија, всушност, е пророштво. Што прорекол тој во врска со страдањата на Христос, односно Месијата?b Да разгледаме две од пророштвата на Исаија.
Проречено е дека Христос ќе страда
Пророштво 1: „Го свртев грбот кон оние што ме удираа“ (Исаија 50:6).
Исполнување: Во 33 год. од н.е., Евреите, кои му биле непријатели на Исус, го однеле пред римскиот управител Понтиј Пилат за да му суди. Управителот сфатил дека Исус е невин и се обидел да го ослободи. Сепак, бидејќи Евреите упорно барале Исус да биде погубен, Пилат ‚пресудил да се задоволи нивното барање‘ и наредил да биде прикован (Лука 23:13-24). Меѓутоа, најпрво ‚Пилат го зел Исус и го предал на камшикување‘ (Јован 19:1). Како што прорекол Исаија, Исус не пружил никаков отпор, туку ‚го свртел грбот кон оние што го удирале‘.
Што вели историјата:
● Историјата потврдува дека Римјаните имале обичај да ги камшикуваат осудениците пред да ги погубат. Според една книга, „за камшикувањето се користел камшик направен од неколку кожени ленти на кои имало прикачено парчиња олово или остар метал. Казнетиот... бил тепан на гол грб... додека не му се распарало месото. Некои умирале од самото камшикување“. Но, Исус го издржал ова изживување.
Проречено е дека Христос ќе умре
Пророштво 2: „Ја излеа својата душа во смрт“ (Исаија 53:12).c Псалм 22:16 дава дополнителни информации: „Толпа злодејци ме обиколија: рацете и нозете ми ги прободоа“ (Радосна Вест).
Исполнување: „Откако го камшикуваа, [Пилат] го предаде да го приковаат на столб“, пишува во Марко 15:15. Во случајот на Исус, оваа сурова смртна казна значела рацете и стапалата да му бидат приковани на дрвен столб (Јован 20:25). Неколку часа подоцна, ‚Исус викнал со силен глас и издивнал‘ (Марко 15:37).
Што вели историјата:
● Иако световните извори не кажуваат многу во врска со тоа како умрел Исус, угледниот римски историчар Тацит (роден околу 55 год. од н.е.) напишал дека „Христос, од кого доаѓа нивното име [христијани], бил погубен од управителот Понтиј Пилат за време на владеењето на Тибериј“.d Зборовите на Тацит целосно се совпаѓаат со извештаите од евангелијата, во кои исто така се спомнуваат цезарот Тибериј, Понтиј Пилат и други лица на власт (Лука 3:1; 23:1-33; Јован 19:1-24).
Исто така, историјата потврдува дека Римјаните ги приковувале робовите и луѓето што ги сметале за презрени криминалци. Понекогаш Римјаните ги врзувале злосторниците на столб. Во други случаи користеле клинци. „Клинците поминувале низ рацете и стапалата“, стои во една книга „и жртвата се оставала да виси во агонија“, измачувана од „неподнослива жед и страшни болки.“
Како што беше спомнато претходно, Исус однапред знаел дека ќе доживее сурова смрт. Затоа, како што се ближел тој час, овој храбар човек можел да им каже на своите верни следбеници: „Одиме во Ерусалим. Синот човечки ќе им биде предаден на главните свештеници и на книжниците, а тие ќе го осудат на смрт и ќе им го предадат на незнабошците за да го исмеваат и да го камшикуваат и да го приковаат на столб“ (Матеј 20:18, 19). Но, некои се прашуваат зошто Исус морал да умре? Одговорот на ова прашање нѐ засега сите нас и е најдобрата вест што постои!
„Здробен за нашите гревови“
Како несовршени, често правиме грешки. Библијата тоа го нарекува грев. Гревот може да се спореди со камче во еден мотор. Со текот на времето, камчето ќе го оштети моторот и тој ќе престане да работи. Слично, поради гревот старееме, се разболуваме и умираме. „Платата за гревот е смрт“, стои во Римјаните 6:23. Меѓутоа, Христовата смрт ни дава можност да бидеме ослободени од оваа незавидна ситуација. Како? Во едно друго неверојатно пророштво во врска со Христос, Исаија напишал дека тој ќе умре „за нашиот престап“ или дека ќе биде „здробен за нашите гревови“ и дека „поради неговите рани, ние [сме] излекувани“e (Исаија 53:5).
Пророштвото на Исаија нѐ потсетува на Исусовите зборови запишани во Јован 3:16: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“.
Како можеш да стекнеш вера во Исус? Така што ќе учиш за него. Еднаш кога се молел, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Таквото скапоцено знаење се наоѓа во Библијата (2. Тимотеј 3:16).
Се разбира, Исус сака што повеќе луѓе да добијат вечен живот. Затоа, кратко пред својата смрт тој го кажал следново значајно пророштво: „Оваа добра вест за царството [Божјата влада која ќе ги спроведе придобивките од Христовата жртва] ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Како што ќе видиме во наредните две статии од оваа серија, ова пророштво се докажало вистинито.
[Фусноти]
a Единствениот свиток сочуван во целост ја содржи целата книга на Исаија. Останатите свитоци се само фрагменти од други библиски книги.
b Во Разбудете се! од јули 2012 можеш да најдеш и други пророштва кои помагаат да се утврди идентитетот на Месијата.
c Исаија 52:13 — 53:12 содржи многу пророчки детали во врска со Месијата. На пример, во Исаија 53:7 стои: „Го одведоа како јагне на колење... Не ја отвори својата уста“. Во 10. стих уште е кажано дека тој ја дал својата душа „како жртва за вина“.
d И други историчари од старо време го спомнуваат Христос. Меѓу нив се угледниот римски историчар Светониј (првиот век); Плиниј Помладиот, управител на Витинија (почеток на вториот век); и еврејскиот историчар Јосиф (првиот век), кој го спомнува „Јаков, братот на Исус, наречен Христос“.
e Исус ‚не направил грев‘ и затоа не заслужил да умре (1. Петрово 2:22). Сепак, тој го дал животот за нас, со што ја платил казната за нашите гревови и нѐ откупил од смртта. Затоа, смртта на Исус е наречена и „откупнина“ или откупна жртва (Матеј 20:28). Нешто повеќе на оваа тема можеш да најдеш во книгата Што навистина учи Библијата?, достапна на веб-страницата www.jw.org.
[Рамка/слика на страница 20]
ПРЕТСЛИКА ЗА ХРИСТОВАТА ЖРТВА
Божјиот закон што му бил даден на Израел содржел прописи кои биле претслика, или служеле како пример за она што Исус ќе го направел подоцна. На пример, откако еден Израелец ќе му згрешел, или ќе му бил непослушен на Бог, требало да жртвува здраво животно (3. Мојсеева 17:11; 22:21). Дали можеле овие животински жртви потполно да го покријат гревот? Не (Евреите 10:4). Но тие можеле да бидат — и биле — претслика за жртвата што ќе го покриела гревот, жртвата на „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29; Евреите 10:1, 5-10). Сите што покажуваат вера во тоа симболично Јагне, Исус Христос, имаат надеж да живеат засекогаш (Јован 6:40).