Поглед во светот
Во Германија, околу 33 отсто од децата родени во 2010 год. се вонбрачни, во споредба со 15 отсто во 1993 год. (ÄRZTE ZEITUNG и THE LOCAL, ГЕРМАНИЈА).
Според податоците од пописот во 2010 год., 69,4 отсто од децата во САД живеат со двајца родители, 23,1 отсто живеат само со мајката, 3,4 отсто живеат само со таткото, а 4,1 отсто не живеат со ниеден од родителите (БИРО ЗА ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО, САД).
Во 2011 год., штетите од природните катастрофи ја чинеа светската економија околу 380 милијарди американски долари. Земјотресот во Јапонија беше „најскапата природна катастрофа досега, предизвикувајќи штета од 210 милијарди долари — не вклучувајќи ја нуклеарната катастрофа во Фукушима“ (NEW SCIENTIST, БРИТАНИЈА).
Најкрадениот прехранбен производ во светот е сирењето. Секоја година снемува околу 3 отсто од резервите во малопродажбата, главно поради кражба, било од муштериите било од вработените (ЦЕНТАР ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА МАЛОПРОДАЖБА, БРИТАНИЈА).
Опасностите од „играта со глава“ во фудбалот
Играта со глава е составен дел од фудбалот. Меѓутоа, неодамнешните испитувања направени со современи техники на компјутеризирана дијагностика и когнитивни тестови предизвикаа загриженост поради ризиците од честото удирање на фудбалската топка со глава. Според истражувачите од Медицинскиот факултет „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк (САД), играта со глава „го зголемува ризикот од повреди на мозокот и од нарушување на когнитивните способности“. Видливи повреди биле забележани кај аматери кои ја удираат топката со глава меѓу 1.000 и 1.500 пати годишно — што е отприлика само „неколку пати на ден за некој што редовно игра фудбал“.
Хибридните возила се поопасни за пешаците
„Поборниците за заштита на пешаците се загрижени поради опасноста од хибридните возила“, се објаснува во еден извештај на Министерството за транспорт на САД. „Причина за нивната загриженост е тоа што овие возила се релативно потивки и не испуштаат звуци што би ги предупредиле пешаците и велосипедистите дека се наближува возило на улицата или на некоја раскрсница“. Всушност, при некои движења, „веројатноста хибридно возило да удри пешак е двапати поголема“ отколку кај стандардните возила, пишува во извештајот. Затоа, Државниот завод за безбедност во сообраќајот даде предлог хибридните и електричните возила да испуштаат некаков звук кога се движат со мала брзина.