КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО РАСТЕЧКИТЕ ЦЕНИ
Мудро управувај со парите
Сѐ повисоките цени ни го отежнуваат животот на сите нас. Но, нема потреба да се чувствуваш како беспомошна жртва. Можеби има работи што можеш да ги направиш за да ја подобриш твојата ситуација.
ЗОШТО Е ВАЖНО
Доколку барем не се обидеш мудро да управуваш со парите, тоа може да води до уште поголеми финансиски проблеми и грижи. Дури и ако имаш малку пари, можеш да направиш некои работи кои ќе ти помогнат добро да управуваш со нив.
ШТО МОЖЕШ ДА ПРАВИШ
Пушти си ги нозете колку што ти е долга чергата. Ако живееш во границите на своите можности, веројатно, ќе имаш поголема контрола врз својата финансиска ситуација и нема да бидеш исфрлен од колосек доколку ти се појават непредвидени трошоци.
За да можеш да живееш во границите на своите можности, изготви си буџет — план за твоите приходи и трошоци. Додека го правиш буџетот, добро размисли кои се твоите вистински потреби. Потоа, давај сѐ од себе да се држиш за твојот план за трошење и биди спремен да го менуваш доколку се променат цените или износот на твоите приходи. Се разбира, доколку си во брак, и твојот сопружник треба да биде вклучен во одлуките.
Предлог: Наместо да купуваш работи со кредитна картичка, доколку е можно, плаќај во кеш. Некои сфатиле дека на тој начин може да имаат подобра контрола врз нивниот буџет, па дури и дека тоа им помага да не се задолжуваат. Освен тоа, одвојувај си време за да ги разгледаш извештаите од банката. Помалку ќе бидеш под стрес ако знаеш со колку пари, всушност, располагаш.
Не е секогаш лесно да живееш во границите на своите можности. Но еден практичен и добро промислен буџет може да ти биде од голема помош. Исто така, ќе имаш помалку грижи околу парите.
Давај сѐ од себе за да ја задржиш работата. Што можеш практично да направиш за да ја зачуваш твојата работа? Еве неколку предлози. Доаѓај навреме на работа. Имај позитивен став кон твојата работа. Покажувај иницијатива и биди трудољубив. Покажувај почит. Држи се за правилата и труди се да ги подобриш твоите вештини.
Немој да се расфрлаш со пари. Прашај се: „Дали често трошам пари на скапи работи или на работи кои не ми се потребни, па дури и се штетни за мене?“ На пример, многу луѓе ги фрлаат своите тешко заработени пари на дрога, коцкање, пушење или на прекумерно пиење алкохол. Овие навики може и да им ги загрозат здравјето и работата.
Штеди за итни ситуации. Кога си во можност, ставај по нешто настрана за непланирани или итни трошоци. Таквата заштеда може да ти даде одредена мера сигурност доколку ти или некој член на твоето семејство се соочи со неочекуван здравствен проблем, ја изгуби работата или доколку се случи некој друг непредвиден настан.