ПРИКАЗНА 100
Исус во градината
ОТКАКО заминале од горната соба, Исус и неговите апостоли отишле во градината Гетсиманија. Тие биле таму многу пати пред тоа. Исус им рекол да останат будни и да се молат. Потоа се оддалечил малку од нив, го наведнал лицето до земјата и се молел.
Подоцна Исус се вратил кај своите апостоли. Што мислиш, што правеле тие? Спиеле! Исус трипати им рекол да останат будни, но секојпат кога ќе се врател ги наоѓал како спијат. ‚Како можете да спиете во вакво време?‘ — рекол Исус кога се вратил последниот пат. ‚Дојде часот да им бидам предаден на моите непријатели.‘
Во истиот момент се чула врева од големо мноштво. Гледај! Луѓето што дошле имале мечеви и стапови! Носеле и факли за да имаат светло. Кога се приближиле, некој се издвоил од мноштвото и дошол право кај Исус. Го бакнал, како што можеш да видиш на сликата. Тој човек бил Јуда Искариот! Зошто го бакнал Исус?
Исус го прашал: ‚Јуда, дали ме предаваш со бакнеж?‘ Да, бакнежот бил знак. Јуда им покажал на луѓето кои биле со него дека тоа е Исус, човекот кого го барале. Тогаш Исусовите непријатели пристапиле за да го фатат. Но, Петар не сакал да им дозволи да го заробат Исус без борба. Тој го извлекол мечот што го понел со себе и го удрил човекот што бил блиску до него. Мечот ја промашил неговата глава, но му го отсекол десното уво. Но, Исус му го допрел увото на човекот и го излекувал.
Тогаш Исус му рекол на Петар: ‚Врати го мечот на свое место. Мислиш ли дека не можам да го замолам Татко ми да ми испрати илјадници ангели за да ме спасат?‘ Да, можел! Но Исус не барал од Бог да му испрати ангели бидејќи знаел дека дошло времето неговите непријатели да го фатат. Затоа им дозволил да го одведат. Да видиме што се случило со Исус понатаму.