Глава 4
Оној за кого сведочеле сите пророци
1. Што покажуваат фактите за Исусовото претчовечко постоење и неговиот однос со Јехова?
ОПИШУВАЈЌИ го својот присен однос со Јехова, Исус рекол: „Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што прави Сам“ (Јован 5:19, 20). Тој близок однос започнал уште во времето на неговото создавање, неброени милениуми пред да се роди како човек. Тој бил Божји единороден Син, единствениот кого Јехова го создал сам. Сѐ друго на небото и на земјата било создадено преку овој драгоцен и љубен првороден Син. Тој исто така послужил како Божја Реч или Говорник, преку кого Бог им ја посредувал својата волја на другите. Тој, Синот кого Бог особено го сакал, станал човекот Исус Христос (Кол. 1:15, 16; Јован 1:14; 12:49, 50).
2. До која мера библиските пророштва укажуваат на Исус?
2 Пред неговото чудесно раѓање како човек, за него биле запишани многу пророштва. Како што апостол Петар му сведочел на Корнелиј: „За него сведочат сите пророци“. (Дела 10:43, NW). До која мера Исусовата улога е поврзана со чистото обожавање, се покажува во Библијата кога еден ангел му рекол на апостол Јован: „Обожавај го Бог; зашто давањето сведоштво за Исус е тоа што инспирира на пророкување“ (Откр. 19:10, NW). Тие пророштва јасно укажуваат на него и го привлекуваат вниманието на одредени аспекти на Божјата намера во врска со него, а што е многу важно за нас денес.
Што откриле пророштвата
3. а) Кој е претставен со „змијата“ во пророштвото во 1. Мојсеева 3:14, 15? Кој е предочен со „жената“? Кој со ‚семето на змијата‘? б) Зошто ‚згмечувањето на главата на змијата‘ треба да биде од голем интерес за Јеховините слуги?
3 Првото од таквите пророштва било изречено после побуната во Еден. Било изразено во Јеховината осуда упатена до змијата. Јехова рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја згмечи главата, а ти ќе му ја згмечиш петата“ (1. Мој. 3:14, 15, NW). Што значело тоа? Во Божје одредено време тоа пророштво било разјаснето и проширено со други пророштва. На темел на тоа, ние знаеме дека му било упатено на Сатана Ѓаволот претставен преку змијата. „Жената“ е Јеховината лојална небесна организација која му е како верна сопруга. ‚Семето на змијата‘ е сочинето како од ангелите така и од луѓето кои го покажуваат Ѓаволовиот дух, кои му се спротивставуваат на Јехова и неговиот народ. Во поглед на начинот на кој Ѓаволот во Еден ја употребил змијата, од пророштвото може да се распознае дека ‚згмечувањето на главата на змијата‘ укажува на конечното уништување на тој бунтовнички Божји син кој го клеветел Јехова и му нанел големо зло на човештвото. А што се однесува до идентитетот на тоа „семе“ кое ќе го изврши змечувањето, тоа долго останало света тајна (Рим. 16:25, 26).
4. Како редоследот на Исусовите претци ни помага да го препознаеме како ветеното Семе?
4 По околу 2.000 години од човековата историја, Јехова објавил натамошни детаљи. Тој покажал дека Семето ќе се појави во семејната лоза на Авраам (1. Мој. 22:15-18, ДК). Меѓутоа, лозата која ќе води до Семето не ќе зависи само од телесното потекло, туку од Божјиот избор. Иако Авраам го сакал својот син Исмаил, кого го родила робинката Агара, Јехова изрично рекол: „Мојот сојуз ќе го склучам со Исак, кого ќе ти го роди Сара“ (1. Мој. 17:18-21; 21:8-12). Подоцна тој сојуз бил потврден не со Исаковиот првороден син Исав, туку со Јаков од кого потекнале 12-те Израелови племиња (1. Мој. 28:10-14). Со текот на времето било навестено дека Семето ќе се роди во Јудиното племе во домот Давидов (1. Мој. 49:10, ДК; 1. Лет. 17:3, 4, 11-14).
5. По што друго било очигледно уште на почетокот од Исусовата земска служба дека тој е Месијата?
5 Околу 700 години однапред, Библијата го назначила Витлеем како место во кое Семето ќе се роди како човек, а исто така открила дека тоа ќе биде еден кој веќе постоел „од деновите на недогледно време“, од времето кога бил создаден на небото (Мих. 5:2, NW). Времето кога ќе се појави на Земјата како Јеховин Помазаник, Месија, го прорекол пророкот Даниел (Дан. 9:24-26, NW). А кога бил помазан со свет дух, глас од небото објаснил кој е тој (Мат. 3:16, 17). Затоа, откако станал следбеник на Исус, Филип можел уверливо да рече: ‚Го најдовме Исуса, [посвоениот] син Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!‘ (Јован 1:45).
6. а) До какво сознание дошле Исусовите следбеници после неговата смрт? б) Кој е првенствено ‚семе на жената‘, и што било мислено со тоа дека тоа ќе ѝ ја згмечи главата на змијата?
6 Потоа, Исусовите следбеници дошле до сознание дека инспирираните Писма содржат дословно мноштво од пророчки укажувања на него. По својата смрт и воскресение, тој лично „им ги протолкува во сите Писма работите кои се однесуваа на него“ (Лука 24:27, NW). Сега е очевидно дека Исус е главното ‚семе на жената‘, оној кој ѝ ја згмечува главата на „змијата“ на таков начин што Сатана конечно ќе биде уништен. Преку Исус ќе се исполнат сите Божји ветувања дадени на човештвото, да, сите работи по кои сесрдно копнееме (2. Кор. 1:20).
7. За што друго е корисно да се размисли освен за идентитетот на оној кој се споменува во овие пророштва?
7 Кога по првпат си прочитал некои од овие пророштва, можеби како етиопскиот евнух си прашал: „За кого ова зборува пророкот?“ Но евнухот не мирувал откако го добил одговорот. Откако внимателно го ислушал објаснувањето што му го дал Филип, човекот сфатил дека ценењето за тоа како Исус го исполнил пророштвото повикува нешто да се преземе, па затоа се крстил (Дела 8:32-38; Иса. 53:3-9). Дали ние реагираме слично? Понекогаш длабоко нѐ поттикнува начинот на кој е изнесено некое пророштво, или, пак, нашето срце може да биде трогнато од заклучоците кои се извлекуваат од самата Библија кога ќе се објасни исполнувањето.
8. Овде се разгледани четири пророчки претслики во врска со Исус Христос. Покажи на темел на прашањата и наведените стихови како овие пророштва се однесуваат на нас. Разгледај ги еден по еден.
8 Забележи како ова се пројавува во следните пророчки ветувања и претслики кои се однесуваат на Исус Христос. Одговори ги следните прашања со помош на наведените стихови.
1) Како извештајот за Авраамовиот обид да го принесе Исак ни помага да го цениме она што Јехова го сторил кога ја дал откупнината преку својот Син? (Јован 3:16; 1. Мој. 22:1-18, NW; [забележи како е опишан Исак во 2. стих.]).
Каква доверба треба да ни влее тоа? (Рим. 8:32, 38, 39).
Но, што се бара од нас? (1. Мој. 22:18; Јован 3:36, NW).
2) На каква сериозна одговорност нѐ потсетува Библијата кога го идентификува Исус како пророк налик на Мојсеј? (Дела 3:22, 23; 5. Мој. 18:15-19).
Кои се некои од работите за кои ни зборувал Исус, и зошто сега се тие соодветни? (Мат. 28:18-20; 19:4-9; 18:3-6, ДК).
3) На кои привлечни Исусови особини како правосвештеник ни е насочено вниманието кога Библијата објаснува што било навестено со аронското свештенство? (Евр. 4:15–5:3; 7:26-28, сите NW).
Затоа, што треба да чувствуваме кога му пристапуваме на Бог во молитва преку Христос за да ни помогне да ги надвладееме нашите слабости?
4) Со оглед на надмоќноста на Исусовата жртва (која ги заменува сите оние што се принесувале под Мозаитскиот закон), зошто треба многу да се чуваме да не западнеме во навиката да правиме нешто што знаеме дека не му се допаѓа на Бог? (Евр. 10:26, 27).
Кои работи марливо ќе ги извршуваме ако вистински ја цениме надежта за живот која ни е овозможена преку Исусовата жртва? (Евр. 10:19-25, NW)
Како можеме да ја покажеме нашата вера во Христос?
9. Зошто за нас не постои друга можност за спасение освен преку Исус Христос?
9 Откако му објаснил на Вишиот еврејски суд во Ерусалим како на Исус се исполниле библиските пророштва, апостол Петар дал моќен заклучок: „Под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:11, 12; Псал. 117:22). Сите Адамови потомци се грешници, затоа нивната смрт доаѓа како осуда за грев, и не постои заслуга која може да се принесе како откуп за било кој. Но Исус бил совршен, и затоа положувањето на неговиот живот има жртвена вредност (Пс. 49:6-9, NW; Евр. 2:9). Тој му принел на Бог откупнина која по вредноста точно одговарала на она што Адам го изгубил за своите потомци. Од каква корист е тоа за нас? (1. Тим. 2:5, 6, NW)
10. Објасни ја големата корист што ја има Исусовата жртва за нас.
10 Таа ни овозможила да имаме чиста совест поради простувањето на гревот — нешто што е далеку поголемо од она што некогаш било постигнато за Израел преку животинските жртви под Мозаитскиот закон (Дела 13:38, 39; Евр. 9:13, 14, сите NW). За да имаме чиста совест, секако, потребно е да бидеме чесни спрема самите себеси и да имаме искрена вера во Исус Христос. Дали ние лично сфаќаме колку многу ни е потребна Христовата жртва? „Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (1. Јов. 1:8, 9).
11. Зошто потопувањето во вода е значаен предуслов за постигнување на добра совест пред Бог?
11 Се разбира, постојат некои кои велат дека знаат дека се грешници и тврдат дека веруваат во Христос, кои дури учествуваат до извесна мера во објавувањето на Божјето Царство како што правел Исус, па сепак немаат потполна вера во Исус. Како тоа? Па, според Библијата, како поединци во првиот век јавно покажувале дека навистина станале верници? Се крштевале. Зошто? Затоа што Исус заповедал неговите ученици да се крстат (Мат. 28:19, 20; Дела 8:12; 18:8). Кога срцето на поединецот е навистина трогнато од љубезната подготовка што Јехова ја направил преку Исус Христос, тој нема да се воздржува. Ќе ги направи сите потребни промени во својот живот, ќе се предаде на Бог и тоа ќе го симболизира со потопување во вода. Библијата покажува дека со ваквото покажување на вера се упатува ‚молба до Бог за добра совест‘ (1. Петр. 3:21, NW).
12. Што треба да правиме ако увидиме дека сме направиле грев, и зошто?
12 Секако, грешните обележја ќе се јавуваат дури и после тоа. Што тогаш? „Ви ги пишувам овие работи за да можете да не направите грев“, рекол апостол Јован. Затоа не треба нашите грешки да ги сфаќаме површно, сеедно дали се покажуваат во постапките, говорот или однесувањето. „Па сепак, ако некој направи грев, имаме помошник кај Таткото, Исус Христос, праведникот. А тој е помирбена жртва за нашите гревови, но не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јов. 2:1, 2, NW). Дали тоа значи дека, без разлика што правиме, ако го молиме Бог: ‚Прости ни ги нашите гревови‘, сѐ ќе биде во ред? Не. Клучот за простувањето е во искреното покајание. Исто така, можеби ќе биде потребна помош од старешините во христијанското собрание. Мораме да признаеме дека она што сме го сториле е погрешно, искрено да жалиме и сериозно да настојуваме да не ни се повтори (Дела 3:19, 20а; Јаков 5:13-16, ДК). Ако постапуваме така, можеме да бидеме сигурни дека Исус ќе ни помогне. Нашата вера во помирбената вредност на неговата жртва ќе ни овозможи повторно да ја стекнеме Јеховината наклоност, а тоа е безусловно потребно ако сакаме тој да го прифати нашето обожавање.
13. а) Објасни ги натамошните користи од Исусовата жртва за нас. б) Зошто со нашата служба на Бог не ја заслужуваме оваа награда? в) Но, што ќе правиме ако навистина имаме вера?
13 Исусовата жртва исто така ни ја отворила можноста за вечен живот — на небесата за едно „мало стадо“, а на Рајската Земја за милијарди луѓе од човештвото (Лука 12:32; Отк. 20:11, 12; 21:3, 4). Тоа не е награда која сме ја заслужиле. Сеедно колку многу правиме во Јеховината служба, не можеме никогаш да заслужиме Бог да ни должи живот. Вечниот живот е „дар Божји . . . во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 6:23; Еф. 2:8-10, NW). Освен тоа, ако имаме вера во тој дар и го цениме заради начинот на кој е овозможен, ние тоа и ќе го покажеме. Бидејќи разбираме на колку чудесен начин Јехова го употребил Исус во исполнувањето на Својата волја и колку е животоважно сите ние точно да ги следиме Исусовите стапки, христијанската служба ќе ја направиме најважна работа во нашиот живот. Нашата вера ќе се види во увереноста со која им зборуваме на другите за овој величествен Божји дар (Спореди Дела 20:24, NW.)
14. На кој начин таквата вера во Исус Христос има обединувачко влијание?
14 Какво добро, обединувачко влијание има таквата вера! Преку неа сме привлечени поблиску кон Јехова, кон неговиот Син и кон припадниците на христијанското собрание (1. Јов. 3:23, 24, NW). Таа предизвикува во нас да се радуваме што Јехова доброљубиво му го дал на својот Син „името кое е над секое друго име [освен Божјето име], така што во Исусово име да клекне секое колено на оние на небото, и на оние на земјата, и на оние под земјата, и секој јазик отворено да признае дека Исус Христос е Господ на слава на Бог, Таткото“ (Фил. 2:9-11, NW).
За повторување
● Зошто оние кои навистина верувале во Божјата Реч, јасно го препознале Месијата кога тој се појавил?
● Како треба да влијаат на нас пророчките претслики кои се исполниле на Исус, а се прикажани на страница 34?
● На кои начини Исусовата жртва уште сега ни користи? Како можеме да го покажеме нашето ценење за тоа?
[Рамка/слики на страница 34]
Пророчки претслики за Исус — како тие треба да влијаат на тебе?
Исак кого Авраам го жртвувал
Мојсеј како Божји говорник
Арон како првосвештеник
животинските жртви