Глава 21
,Тие не се дел од светот‘
1. а) За што молел Исус во врска со своите ученици ноќта пред својата смрт? б) Зошто е толку важно да не се биде ‚дел од светот‘?
НОЌТА пред да биде распнат, Исус горливо молел во корист на своите ученици. Знаејќи дека Сатана ќе изврши силен притисок врз нив, се обратил кон својот Татко: „Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се [дел, NW] од светот, како и Јас што не сум [дел, NW] од него“ (Јован 17:15, 16). Зошто е толку важно да се биде одвоен од светот? Затоа што негов владетел е Сатана и оние кои се дел од светот се под негово влијание (Јован 14:30; 1. Јов. 5:19). Со оглед на ова, за секој христијанин е животоважно да разбере што значи да не биде ‚дел од светот‘. Како тоа се обистинило на Исус?
2. Во која смисла Исус не бил ‚дел од светот‘?
2 Исус сигурно не се издвојувал од другите луѓе. Тоа што не бил ‚дел од светот‘ не значело дека му недостасувала љубов кон другите. Напротив, одел од град до град, објавувајќи ја добрата вест за Божјето Царство. Исцелувал болни, им го враќал видот на слепите, воскреснувал мртви, дури и својот сопствен живот го дал во корист на човештвото. Но тој не ги сакал безбожните ставови и злобните дела на луѓето кои биле исполнети со светскиот дух. Предупредувал против неморалните желби, материјалистичкиот начин на живот и себичното грабање за личен углед (Мат. 5:27, 28; 6:19-21; Лука 12:15-21; 20:46, 47). Наместо да го имитира начинот на живот на луѓето кои биле отуѓени од Бог, Исус одел по Јеховините патишта (Јован 8:28, 29). Што се однесува до политичките несогласувања во кои биле вклучени Рим и Евреите, иако бил Евреин, Исус не се определил за ниту една страна.
,Моето Царство не е дел од овој свет‘
3. а) Какво обвинение против Исус подигнале еврејските религиозни водачи пред Пилат и зошто? б) Што покажува дека Исус не бил заинтересиран да стане човечки цар?
3 Меѓутоа, религиозните водачи на Евреите го обвиниле Исус дека ги поткопува националните интереси. Го уапсиле и го одвеле пред Понциј Пилат, римски намесник. Сепак, она што нив навистина ги вознемирило било тоа што Исусовата наука го разоткрила нивното лицемерство. Со намера постапката да ја преземе намесникот, тие го подигнале обвинението: „Го најдовме Овој како го развратува народот наш и забранува да се дава данок на ќесарот, и вели за Себе, дека е Он Христос Цар“ (Лука 23:2). Вистина е дека една година пред тоа Исус одбил кога народот сакал да го направи цар (Јован 6:15). Тој знаел дека требало да стане небесен Цар и дека времето за да стане Цар сѐ уште не дошло. Требало да биде устоличен како цар од Јехова Бог, а не по пат на демократски или народни избори.
4. Што откриваат фактите околу Исусовиот став за ‚плаќањето на данок на ќесарот‘?
4 Што се однесува до плаќањето данок, само три дена пред да го уапсат, фарисеите се обиделе да го наведат да изјави нешто заради кое би можеле да го обвинат. Одговарајќи на нивното лукаво прашање, Исус им рекол: „Покажете Ми еден динариј [римска паричка]: Чиј образ и натпис има?“ Кога тие рекле „Ќесарев“, тој одговорил: „Дајте го ќесаревото на ќесарот, а Божјото на Бога!“ (Лука 20:20-25).
5. а) Која поука Исус им ја дал на своите ученици во моментот кога бил уапсен? б) Како Исус му ја објаснил на Пилат причината за тоа што го сторил?
5 Она што се случило во моментот кога го уапсиле Исус покажало дека тој не го поттикнувал народот на бунт против Рим и не сакал тоа да го прават ниту неговите ученици. Римските војници заедно со Евреите дошле да го фатат Исус, носејќи мечеви и стапови (Јован 18:3, 12; Марко 14:43). Кога го видел тоа, апостол Петар извлекол нож и удрил еден од нив, отсекувајќи му го десното уво. Но Исус го укорил Петар, велејќи му: „Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 26:51, 52). Следното утро кога стоел пред Пилат, Исус ја објаснил причината за неговата постапка, велејќи: „Моето царство не е [дел, NW] од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде“ (Јован 18:36).
6. Кој бил исходот од тоа судење?
6 Откако го разгледал доказите, Пилат изјавил дека ‚не нашол кај Него никаква кривица‘ која била изнесена против Исус. Сепак, попуштил на барањата на толпата и дал да го распнат (Лука 23:13-15; Јован 19:12-16).
Учениците го следат водството на својот Учител
7. Како првите христијани покажале дека го избегнувале духот на светот, а дека сепак ги сакале луѓето?
7 Записите за раното христијанство, како во Библијата така и во останатите историски дела, покажуваат дека Исусовите ученици разбрале што за нив значело да ‚не бидат дел од светот‘. Тие настојувале да го избегнуваат светскиот дух. Бидејќи ја избегнувале насилната и неморалната забава во римските амфитеатри и арени, биле исмејувани како човекомрасци. Но, далеку од тоа да ги мрзат своите ближни, тие себеси се трошеле за да им помагаат на другите да извлечат корист од Божјите љубезни подготовки за спасение.
8. а) Што доживувале првите ученици со тоа што не биле ‚дел од светот‘? б) Но како тие гледале на политичките владетели и плаќањето даноци, и зошто?
8 Како нивниот Учител, така и тие станале предмет на жестоко прогонство, честопати од страна на погрешно информираните владини службеници (Јован 15:18-20). Но, околу 56. н. е. апостолот Павле им пишал на сохристијаните во Рим, потврдувајќи го советот што го дал Исус. Павле ги поттикнал ‚да им се потчинуваат на претпоставените власти‘, политичките владетели, „зашто нема власт, што не е дадена од Бога“. Тоа не значи дека Јехова ги воспоставил световните влади, туку тие владеат со негово допуштање. Павле објаснил дека „тие се подредени од Бог во нивната условна положба“ (NW), затоа што Бог го предвидел и прорекол редоследот по кој тие ќе доаѓаат на власт. На тој начин „претпоставените власти“ претставуваат денешно „уредување од Бог“ (NW), сѐ додека Божјето Царство во рацете на Исус Христос не стане единствената влада која ќе владее со Земјата. Затоа, Павле ги советувал христијаните да им укажуваат достојна чест на световните службеници, и да ги плаќаат даноците што тие ќе ги одредат (Рим. 13:1-7; Тит 3:1, 2).
9. а) Што не треба христијаните да изгубат од вид додека им се подложуваат на „претпоставените власти“? б) Како историјата покажува дека првите христијани тесно го следеле Исусовиот пример?
9 Меѓутоа, Павле не рекол да им бидат во апсолутна подложност, без никаков обѕир спрема Бог, Божјата Реч и нивната христијанска совест. Знаеле дека Исус го обожавал само Јехова, дека одбил народот да го направи цар и дека на Петар му рекол да го врати ножот. Тие совесно се придржувале на водството од својот Учител. Во книгата On the Road to Civilization—A World History (На патот до цивилизацијата — Светска историја, од Хекел и Зигман, страници 237 и 238), се вели: „Христијаните одбивале да извршат одредени должности кои биле задолжителни за римските граѓани. Стапувањето во воена служба христијаните . . . го сметале за прекршување на верата. Тие одбивале да заземат политичка положба. Исто така, одбивале да го обожаваат царот“.
10. а) Зошто христијаните во Ерусалим презеле таква акција во 66. н. е? б) На кој начин тоа пружило вреден пример?
10 Што се однесува до политичките и воените судири во нивно време, Исусовите ученици задржале строга неутралност. Во 66. н. е. Евреите во римската провинција Јудеја се побуниле против цезарот. Римската војска бргу го опколила Ерусалим. Што сториле христијаните во градот? Го запомниле Исусовиот совет да останат неутрални и да се оддалечат од завојуваните војски. Кога римската војска привремено се повлекла, христијаните ја искористиле можноста и побегнале преку реката Јордан во планинскиот предел на Пела (Лука 21:20-24). Со својата неутралност им дале верен пример на подоцнежните христијани.
Христијанска неутралност во времето на крајот
11. а) Со кое дело се зафатени Јеховините сведоци и зошто? б) Во кој поглед се неутрални?
11 Дали историските докази покажуваат дека некоја група во ова ‚време на крајот‘, од 1914 н. е. наваму го следела патот на христијанска неутралност по примерот на првите христијани? Да, тоа го сториле Јеховините сведоци. Ширум светот тие се зафатени со проповедањето дека Божјето Царство е единственото средство преку кое се можни мирот, просперитетот и трајната среќа за љубителите на правдата по целата Земја (Мат. 24:14). Но, што се однесува до судирите меѓу народите, тие задржале строга неутралност.
12. а) Како неутралноста на Сведоците е во спротивност со постапките на свештенството? б) Што се однесува до политиката, што вклучува неутралноста за Јеховините сведоци?
12 Во сушта спротивност со тоа, свештенството на т.н. христијанство е многу вплеткано во политичките афери на светот. Во некои земји тие активно гласаат за или против кандидатите за власт. Некои свештенци заземаат политички места. Други вршат големо влијание на политичарите за тие да унапредуваат програми кои свештенството би ги одобрило. На други места „конзервативното“ свештенство е близок сојузник со луѓето што се на власт, додека „прогресивните” свештеници и проповедници ги поддржуваат герилските движења кои делуваат за соборување на владеачките системи. Меѓутоа, Јеховините сведоци не се мешаат во политика, сеедно во која земја живеат. Тие не ги спречуваат другите да се придружат на некоја политичка партија, да се натпреваруваат за некоја положба или да гласаат на избори. Со оглед на тоа што Исус рекол дека неговите ученици нема да бидат ‚дел од светот‘, Јеховините сведоци на никаков начин не учествуваат во политичките активности.
13. Што покажуваат фактите за ставот на Јеховините сведоци кон учеството во војни?
13 Како што прорекол Исус, во текот на ова ‚време на крајот‘ народите постојано војуваат, па дури и фракции во рамките на една иста нација креваат оружје едни против други (Мат. 24:3, 6, 7). Имајќи го предвид тоа, каков став зазеле Јеховините сведоци? Нивниот неутрален однос кон таквите судири е познат во сите делови на светот. Доследно на ставот што го заземал Исус Христос, а подоцна го покажале неговите први ученици, Стражарска кула во своето издание од 1. ноември 1939 (англ.), изјавила: „Сите кои се на страната на Господ ќе бидат неутрални спрема завојуваните нации, и сосема и целосно ќе бидат за големиот Теократ [Јехова] и неговиот Цар [Исус Христос]“. Фактите покажуваат дека Јеховините сведоци во сите нации и под сите околности секогаш го задржале овој став. Тие не дозволиле светските разединувачки политики и војни да го раскинат нивното меѓународно братство како обожаватели на Јехова (Иса. 2:3, 4; спореди 2. Кор. 10:3, 4).
14. а) Што уште одбиле Сведоците да сторат поради својот неутрален став? б) Како ја објаснуваат причината за тоа?
14 Истражувањето на историските факти покажува дека Јеховините сведоци не само што одбивале да облечат воени униформи и да земаат оружје, туку во текот на изминатиот половина век и повеќе, исто така одбиле да служат без оружје или да прифатат други работни задачи како замена за воената служба. Зошто? Затоа што ги проучиле Божјите барања и потоа направиле лично, свесно предание. Ним никој не им рекол што треба да сторат, ниту пак се мешаат во изборот на другите. Меѓутоа, кога биле повикувани да го објаснат својот став, Јеховините сведоци изјавувале дека како лица кои му се предале на Бог, обврзани се своите тела да ги употребуваат во служба за него, а не за земски господари кои постапуваат спротивно на Божјата намера (Рим. 6:12-14; 12:1, 2; Мих. 4:3).
15. а) Што доживувале Јеховините сведоци поради тоа што се држат одвоени од светот? б) Како Јеховините сведоци постапувале според христијанските начела дури и кога биле затварани?
15 Резултатот бил онаков каков што и Исус го прорекол: „Бидејќи не сте [дел, NW] од светот, . . . затоа светот и ве мрази“ (Јован 15:19). Многу од Јеховините сведоци биле затварани затоа што не сакале да ја повредат својата христијанска неутралност. Со некои од нив било постапувано свирепо, дури и до смрт. Други ја сочувале својата неутралност во текот на долги години во затовор. Книгата Values and Violence in Auschwitz (Вредности и насилства во Аушвиц, од Ана Павелчинска, страница 89) наведува: „Секој знаеше дека ниту еден Јеховин сведок [во концентрациониот логор] не би извршил наредба спротивна на неговото религиозно убедување и уверувања, ниту било каква постапка против друго лице, дури и ако тоа беше убиец или есес-офицер. Од друга страна, на најдобар можен начин ги извршуваа сите други работи, па дури и најодвратните, доколку за нив тоа би значело неутралност во морален поглед“.
16. а) Кон што маршираат сите народи, и од што Јеховините сведоци внимателно се чуваат? б) Зошто одвоеноста од светот е толку сериозна работа?
16 Јеховините сведоци увидуваат дека сите народи маршираат кон ‚војната на големиот ден на Бога Седржителот‘, кон Армагедон. Како обединет народ, Јеховините слуги зазеле став во корист на Неговото Месијанско Царство и затоа внимаваат да не се најдат заведени во некоја положба која би била спротивна на тоа Царство (Отк. 16:14, 16; 19:11-21). Во потполност се свесни за сериозноста на Исусовата изјава дека неговите вистински следбеници ‚не се дел од светот‘. Знаат дека овој стар свет наскоро ќе замине и единствено оние кои искрено ја извршуваат Божјата волја ќе останат засекогаш (1. Јов. 2:15-17).
За повторување
● Како Исус покажал што е вклучено во тоа да не се биде ‚дел од светот‘?
● Што покажува ставот на првите христијани спрема 1) духот на светот? 2) световните владетели и плаќањето даноци? 3) воената служба?
● На кои начини Јеховините сведоци во денешно време дале доказ за својата христијанска неутралност?