ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • na стр. 23-27
  • Божјето име и „Новиот завет“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Божјето име и „Новиот завет“
  • Божественото име кое ќе остане засекогаш
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Името се наоѓало внатре
  • Отстранување на името
  • Потреба од името
  • Треба ли името повторно да се воведе?
  • Спротивставување на името
  • Обиди да се скрие Божјето име
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Дали името Јехова треба да стои во Новиот завет?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Божјето име и преведувачите на Библијата
    Божественото име кое ќе остане засекогаш
Божественото име кое ќе остане засекогаш
na стр. 23-27

Божјето име и „Новиот завет“

БОЖЈЕТО име има неоспорно место во Хебрејските списи, односно „Стариот завет“. Иако Евреите на крајот престанале да го изговараат, нивните верски уверувања ги спречиле да го отстранат името кога правеле копии од постари ракописи на Библијата. Затоа, Хебрејските списи го содржат Божјето име почесто отколку кое и да било друго име.

Ситуацијата со Христијанските грчки списи, „Новиот завет“, е поинаква. Манускриптите од книгата Откровение (последната книга од Библијата), го содржат Божјето име во неговиот скратен облик „Јах“ (во зборот „алелуја“). Но, освен тоа, ниеден друг древен грчки ракопис што го имаме денес од книгите од Матеј до Откровение, не го содржи Божјето име во целост. Дали тоа значи дека името не треба да се наоѓа таму? Тоа би било изненадувачки ако се има предвид фактот дека Исусовите следбеници ја признавале важноста на Божјето име, а Исус нѐ поучил да молиме да се свети Божјето име. Тогаш, што се случило?

За да го разбереш ова, сети се дека манускриптите на Христијанските грчки списи што ги имаме денес, не се оригинали. Оригиналните книги што ги напишале Матеј, Лука и останатите библиски писатели, биле многу употребувани и брзо се истрошиле. Затоа, биле правени преписи и, кога и тие ќе се истрошеле, од истите биле правени натамошни преписи. Тоа и треба да се очекува, затоа што преписите обично биле правени за да се користат, а не да се чуваат.

Денес постојат илјадници преписи од Христијанските грчки списи, но повеќето од нив биле направени во текот или по четвртиот век од нашата ера. Тоа укажува на следната веројатност: Дали се случило нешто со текстот на Христијанските грчки списи пред четвртиот век што довело до испуштање на Божјето име? Фактите докажуваат дека се случило нешто такво.

Името се наоѓало внатре

Можеме да бидеме сигурни дека апостол Матеј го употребил Божјето име во своето Евангелие. Зошто? Затоа што тој првобитно пишувал на хебрејски. Во четвртиот век, Ероним, кој ја превел латинската Вулгата, известил: „Матеј, кој се вика и Леви и кој од цариник станал апостол, прв составил Евангелие за Христа во Јудеја на хебрејски јазик . . . Кој го превел потоа на грчки, не е сосема утврдено. Освен тоа, на хебрејски е сочувано до ден-денес во библиотеката во Цезареја“.

Со оглед на тоа дека Матеј пишувал на хебрејски, несфатливо е тој да не го употребил Божјето име, особено кога цитирал делови од „Стариот завет“ кои го содржеле името. Меѓутоа, другите писатели од вториот дел на Библијата пишувале за широк круг читатели на грчки — меѓународниот јазик од тоа време. Затоа, тие не цитирале од оригиналните хебрејски списи, туку од грчкиот превод Септуагинта. А дури и Матеевото евангелие на крајот било преведено на грчки. Дали Божјето име се појавувало во овие грчки списи?

Па, некои многу стари фрагменти од преводот Септуагинта кои навистина постоеле во Исусово време, преживеале сѐ до ден-денеска, а значајно е тоа што во нив се појавува личното име на Бог. The New International Dictionary of New Testament Theology (Новиот меѓународен речник на новозаветна теологија, том 2, страница 512), вели: „Неодамнешните откриени текстови ја ставија под сомневање идејата дека составувачите на LXX [Септуагинтата] го превеле тетраграматонот ЈХВХ со кириос. Најстарите LXX MSS (фрагменти) што сега ги имаме на располагање, го имаат тетраграматонот испишан со хеб[рејски] букви во гр[чкиот] текст. Овој обичај го задржале и подоцнежните еврејски преведувачи на С[тариот] з[авет] во првите столетија А. Д.“ Според тоа, без разлика дали Исус и неговите ученици го читале Светото писмо на хебрејски или на грчки, тие го среќавале божественото име.

Затоа, професор Џорџ Хауард од универзитетот во Џорџија (САД), го дал овој коментар: „Таму каде што Септуагинтата, којашто новозаветната црква ја користела и од која цитирала, го содржела хебрејскиот облик на божественото име, писателите на Новиот завет, без сомнение, го употребувале Тетраграматонот во своите цитати“ (Biblical Archaeology Review, март 1978, стр. 14). Со какво овластување би постапиле поинаку?

Божјето име се задржало уште некое време во грчките преводи на „Стариот завет“. Во првата половина од вториот век н. е., еврејскиот проселит Акила издал нов превод на Хебрејските списи на грчки и во него го претставил Божјето име со тетраграматонот од древни хебрејски букви. Во третиот век, Ориген напишал: „А и во најточните ракописи, ИМЕТО се појавува со хебрејски букви, но не со денешните хебрејски [букви], туку со најстарите“.

Дури и во четвртиот век, Ероним пишува во својот предговор кон книгите на Самуил и Царства: „Името на Бог, тетраграматонот [יהוה], изразено со древни букви, го наоѓаме и ден-денеска во некои грчки книги“.

Отстранување на името

Меѓутоа, до ова време, отпадот што го прорекол Исус веќе примил форма, а името, иако се појавувало во ракописите, се употребувало сѐ помалку и помалку (Матеј 13:24-30; Дела 20:29, 30). Најпосле, многумина читатели не го ни распознавале, а Ероним известува дека во негово време „извесни незнајковци, кога ќе наиделе на [тетраграматонот] во грчките книги, поради сличноста на буквите, обичавале да читаат ΠΙΠΙ“.

Во подоцнежните примероци на Септуагинтата, Божјето име било отстрането, а како замена биле ставени зборовите како „Бог“ (Тео́с) и „Господ“ (Ки́риос). Знаеме дека ова се случило, затоа што имаме рани фрагменти од Септуагинтата каде што се појавува Божјето име, како и подоцнежни преписи од истите тие делови на Септуагинтата од коишто е отстрането Божјето име.

Истото се случило и во „Новиот завет“, односно Христијанските грчки списи. Професор Џорџ Хауард понатаму вели: „Кога хебрејскиот облик на божественото име бил елиминиран во полза на грчките замени во Септуагинтата, тој бил елиминиран и од новозаветните цитати од Септуагинтата. . . . Наскоро, за паганската црква божественото име било потполно изгубено, доколку не се одразувало во скратените замени или, пак, го памтеле научниците“.

Затоа, додека Евреите одбивале да го изговараат Божјето име, отпадничката христијанска црква успеала потполно да го отстрани од ракописите на грчки јазик од обата дела на Библијата, како и од преводите на други јазици.

Потреба од името

Како што видовме порано, на крајот името било повторно вратено во многу преводи на Хебрејските списи. Но, како е со Грчките списи? Па, преведувачите и истражувачите на Библијата увиделе дека без Божјето име, некои делови на Христијанските грчки списи многу тешко можат исправно да се разберат. Враќањето на Божјето име претставува голема помош во зголемувањето на јасноста и разбирливоста на овој дел од инспирираната Библија.

На пример, разгледај ги зборовите на Павле упатени до Римјаните, како што се појавуваат во Authorized Version: „Зашто, секој кој ќе го повика името на Господ, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13). Чие име мораме да го повикаме за да бидеме спасени? Со оглед на тоа дека за Исус често се зборува како за „Господ“, а еден стих дури вели: „Верувај во Господ Исус Христос, и ќе бидеш спасен“, дали треба да заклучиме дека Павле овде зборувал за Исус? (Дела 16:31, Authorized Version).

Не, не треба. Една маргинална забелешка за Римјаните 10:13 во Authorized Version укажува на Јоил 2:32 во Хебрејските списи. Ако го провериш тој паралелен стих, ќе видиш дека Павле всушност во своето писмо до Римјаните ги цитирал зборовите на Јоил; а она што го рекол Јоил на оригинален хебрејски било: „Секој кој го повикува името Јеховино, ќе биде спасен“ (New World Translation). Да, Павле овде мислел на тоа дека треба да го повикуваме името на Јехова. Затоа, иако мораме да веруваме во Исус, нашето спасение е тесно поврзано со исправното ценење на Божјето име.

Овој пример покажува како отстранувањето на Божјето име од Грчките списи придонело многумина да ги мешаат во мислите имињата на Исус и Јехова. Тоа несомнено придонело многу за развојот на доктрината за тројството!

Треба ли името повторно да се воведе?

Дали еден преведувач би имал какво и да било право повторно да го воведе името, со оглед на фактот дека постоечките манускрипти не го содржат? Да, тој го има тоа право. Повеќето грчки лексикони признаваат дека зборот „Господ“ во Библијата честопати се однесува на Јехова. На пример, во Робинсоновиот A Greek and English Lexicon of the New Testament (Грчки и англиски лексикон на Новиот завет, печатен во 1859 година), пишува дека грчкиот збор Ки́риос („Господ“) значи „Бог како Врховен Господ и суверен на универзумот, кој во Септ[уагинтата] обично стои за хеб[рејското] יְהוָֹה Јехова“. Според тоа, на местата каде што писателите на Христијанските грчки списи ги цитираат раните Хебрејски писма, преведувачот го има правото зборот Ки́риос да го преведе со „Јехова“, и тоа на сите места каде што божественото име се појавува во хебрејскиот оригинал.

Мнозина преведувачи го сториле токму тоа. Почнувајќи најдоцна од XIV век па наваму, биле направени бројни хебрејски преводи на Христијанските грчки списи. Што правеле преведувачите кога ќе наиделе на цитати од „Стариот завет“ во кои се појавувало Божјето име? Честопати се чувствувале присилени да го вратат Божјето име во текстот. Многу преводи на некои делови или на комплетните Христијански грчки списи на хебрејски го содржат Божјето име.

Преводите на современите јазици, особено оние што ги користеле мисионерите, го следеле овој пример. На тој начин, многу преводи на Грчките списи на африканските, азиските, американските и на јазиците од пацифичките острови, слободно го употребуваат името Јехова, така што читателите можат јасно да ја уочат разликата помеѓу вистинскиот Бог и лажните богови. Името се појавува и во преводите на европските јазици.

Еден превод кој смело и со сето право го воведува Божјето име, е New World Translation of the Christian Greek Scriptures (Нов свет преводот на Христијанските грчки списи). Овој превод, кој моментално постои на 13 современи јазици, вклучувајќи го и англискиот, повторно го воведува Божјето име секаде каде што во Христијанските грчки списи се цитира некој дел од Хебрејските списи кои го содржат името. Во тој превод на Христијанските грчки списи, со добра причина името се појавува вкупно 237 пати.

Спротивставување на името

И покрај напорите на многумина преведувачи повторно да го воведат Божјето име во Библијата, секогаш имало религиозен притисок тоа да се отстрани. Иако Евреите го оставиле во своите Библии, тие одбивале да го изговараат. Отпадничките христијани од вториот и од третиот век го отстранувале кога правеле преписи од грчките манускрипти на Библијата, и го изоставале кога правеле преводи на Библијата. Преведувачите од денешно време го отстраниле дури и кога своите преводи ги темелеле на оригиналниот хебрејски, каде што името се појавува скоро 7.000 пати. (Се појавува 6.973 пати во хебрејскиот текст на New World Translation of the Holy Scriptures, издание од 1984.)

Како гледа Јехова на лицата кои го отстрануваат неговото име од Библијата? Кога ти би бил автор, што би чувствувал кон лицето кое вложило големи напори да го отстрани твоето име од книгата чијшто автор си ти? Преведувачите кои приговараат на името, правејќи го тоа поради проблемите со изговорот или поради еврејската традиција, би можеле да се споредат со оние за кои Исус рекол дека ‚го цедат комарецот, а ја проголтуваат камилата‘ (Матеј 23:24). Тие се спрепнуваат на овие поситни проблеми, а создаваат еден многу поголем — го отстрануваат името на најугледната личност во универзумот од книгата што ја инспирирал самиот тој.

Псалмистот напишал: „Колку долго, о Боже, противникот ќе се исмејува? Зарем непријателот засекогаш ќе постапува со твоето име со непочитување?“ (Псалм 74:10, НС).

[Рамка на страница 25]

„ГОСПОД“ — еквивалент за „Јехова“?

Отстранувањето на Божјето карактеристично лично име од Библијата и заменувањето со титули како „Господ“ или „Бог“, го ослабнува текстот и го прави неадекватен во многу погледи. На пример, тоа може да доведе до бесмислени комбинации на зборови. Во својот предговор, The Jerusalem Bible вели: „Да се рече ‚Господ е Бог‘ секако претставува тавтологија [непотребно, т.е. бесмислено повторување], а да се рече ‚Јахве е Бог‘, воопшто не е“.

Таквите замени можат исто така да доведат до невешти фрази. Така, во Authorized Version, Псалм 8:9 гласи: „О ГОСПОДИ, наш Господи, колку е величествено твоето име по сета Земја!“ Колку е подобро кога во овој стих ќе се врати името Јехова! Затоа, Young’s Literal Translation of the Holy Bible (Јанговиот дословен превод на Светото писмо) овде гласи: „Јехова, наш Господи, колку е честито Твоето име по целата Земја!“

Отстранувањето на името може исто така да доведе до збрка. Псалм 110:1 вели: „ГОСПОД му рече на мојот Господ: Седи од мојата десна страна, додека ги направам твоите непријатели твој подножник“ (Authorized Version). Кој со кого зборува? Колку само е подобар преводот: „Изјавата на Јехова до мојот Господ е: ‚Седни од мојата десна страна додека не ги поставам твоите непријатели како подножје за твоите нозе‘“ (New World Translation).

Освен тоа, со ставањето „Господ“ наместо „Јехова“, од Библијата се отстранува нешто што е од централна важност: личното име на Бог. The Illustrated Bible Dictionary (Илустрираниот библиски речник, том 1, стр. 572) наведува: „Строго земено, Јахве е единственото ‚име‘ на Бог“.

The Imperial Bible-Dictionary (том 1, стр. 856) ја опишува разликата помеѓу „Бог“ (Елохим) и „Јехова“, наведувајќи: „[Јехова] насекаде е лично име, и го означува Бог лично и само него; а Елохим повеќе има карактер на општа именка, која обично, но не задолжително ниту еднообразно го означува Севишниот“.

Џ. А. Мотјер, ректор на Тринити колеџот (Англија), додава: „Многу се губи при читањето на Библијата ако пропуштиме да обрнеме внимание на тоа дека зборовите [Господ или Бог] се замена за самото лично, присно име на Бог. Со тоа што му го кажал своето име на својот народ, Бог имал намера да им го открие своето најдлабоко битие“ (Eerdmans’ Handbook to the Bible — Ердманов библиски прирачник, стр. 157).

Не, едно карактеристично лично име не може да се преведе само со обична титула. Титулата никогаш не може да го пренесе полното, богато значење на оригиналното име на Бог.

[Рамка/слики на страница 26]

Овој фрагмент од Септуагинтата (десно) од првиот век од н. е., што го содржи Захарија 8:19-21 и 8:23–9:4, се наоѓа во ерусалимскиот Израелски музеј. Го содржи Божјето име на четири места, а три од нив се прикажани овде. Во Александринскиот Манускрипт (лево), кој претставува препис од Септуагинтата, направен 400 години подоцна, во истите тие стихови Божјето име е заменето со KY и КС, скратени облици на грчкиот збор Ки́риос („Господ“).

[Рамка на страница 27]

Џон В. Дејвис, мисионер во Кина во текот на XIX век, објаснил зошто мислел дека Божјето име треба да стои во Библијата: „Ако Светиот Дух на кое и да е место на хебрејски вели Јехова, зошто тогаш преведувачот не рече Јехова и на англиски или на кинески? Со какво право тој вели: На ова место ќе употребам Јехова, а на она ќе го заменам? . . . Ако некој сака да рече дека во некои случаи би било погрешно да се употреби Јехова, нека ја наведе причината; на него почива onus probandi [товарот на доказот]. Тоа ќе му биде тешко, бидејќи ќе мора да одговори на следново едноставно прашање: Ако во некој случај е погрешно во преводот да се употреби Јехова, тогаш зошто инспирираниот писател го употребил во оригиналот?“ (The Chinese Recorder and Missionary Journal, том VII, Шангај, 1876).

[Слика на страница 23]

New World Translation of the Christian Greek Scriptures (Нов Свет преводот на Христијанските грчки списи) исправно го употребува Божјето име 237 пати

[Слики на страница 24]

Божјето име на една црква во Минорка (Шпанија);

на една статуа близу Париз (Франција)

и на црквата Сан Лоренцо, Парма (Италија)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели