Зошто мораме да го знаеме Божјето име
„СЕКОЈ кој го повикува името Јеховино, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13, НС). Со овие зборови, апостол Павле истакнал колку е животоважно да го знаеме Божјето име. Неговата изјава нѐ враќа на нашето првобитно прашање: Зошто Исус го ставил ‚светењето‘, односно ‚посветувањето‘ на Божјето име на самиот почеток од неговата пример-молитва, пред толку многу други важни работи? За да го разбереме ова, треба да го сфатиме малку подобро значењето на двата клучни збора.
Прво, што навистина значи зборот ‚свети‘, односно ‚посветува‘? Дословно, тој значи „да го прави свет“. Но, зарем Божјето име не е веќе свето? Секако дека е. Кога го светиме Божјето име, ние не го правиме посвето отколку што е, туку го признаваме како свето, го издвојуваме и високо го почитуваме. Кога молиме да се посвети Божјето име, го исчекуваме времето кога сета творба ќе го почитува како свето.
Второ, која е подлабоката смисла на зборот „име“? Видовме дека Бог има име, Јехова, и дека неговото име се појавува илјадници пати во Библијата. Дискутиравме и за важноста од враќањето на тоа име на неговото право место во библискиот текст. Ако името го нема таму, како ќе се исполнат зборовите на псалмистот: „Оние, кои го познаваат твоето име, ќе имаат доверба во тебе, зашто ти сигурно нема да ги напуштиш оние кои те бараат, о Јехова“ (Псалм 9:10, НС).
Но, дали ‚познавањето на Божјето име‘ подразбира само интелектуално спознание дека Божјето име на хебрејски е ЈХВХ, или на македонски Јехова? Не, тоа значи многу повеќе. Кога Мојсеј бил на планината Синај, ‚Јехова слегол во облакот и му се поставил таму на [Мојсеј] и го објавил името Јеховино‘. Што било поврзано со ова објавување на Јеховиното име? Еден опис на неговите особини: „Јехова, Јехова, Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и обилен во срдечна доброта и вистина“ (2. Мојсеева 34:5, 6, НС). Повторно, кратко пред својата смрт, Мојсеј им рекол на Израелците: „Ќе го објавувам името Јеховино“ (НС). А што следело потоа? Биле споменати некои од Неговите величествени особини, а потоа следел преглед на она што го направил Бог за Израел заради — Своето име (5. Мојсеева 32:3-43). Според тоа, да се познава Божјето име значи да се научи што претставува тоа име и да се обожава Богот којшто го носи.
Со оглед на тоа дека Јехова го поврзал своето име со своите особини, намери и дела, можеме да видиме зошто Библијата вели дека Божјето име е свето (3. Мојсеева 22:32). Тоа е величествено, големо, влева стравопочитување и е недостижно високо (Псалм 8:1; 98:3; 148:13). Да, Божјето име е повеќе од обична етикета. Тоа го претставува него како личност. Тоа не било само привремено име што требало да се користи некое време, а потоа да биде заменето со некаква титула, како што е „Господ“. Самиот Јехова му рекол на Мојсеј: „Господ [Јехова, НС] . . . тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено“ (2. Мојсеева 3:15).
Колку и да се труди, човекот нема никогаш да го отстрани Божјето име од Земјата. „Од сончев исток па сѐ до запад името Мое ќе стане големо меѓу народите, и тие на секое место ќе принесуваат темјан и чиста жртва; големо ќе стане името Мое меѓу народите, вели Господ [Јехова, НС] Саваот“ (Малахија 1:11; 2. Мојсеева 9:16; Језекиил 36:23).
Затоа, посветувањето на Божјето име е далеку поважно од сѐ друго. Сите Божји намери се поврзани со неговото име. Проблемите на човештвото почнале кога Сатана најпрво го обесчестил Јеховиното име со тоа што, всушност, Го означил како лажливец и неспособен да владее со човечкиот род (1. Мојсеева 3:1-6; Јован 8:44). Дури кога Божјето име ќе биде исправно посветено, човештвото ќе се радува на потполно ослободување од погубните последици на Сатановата лага. Затоа христијаните толку горливо се молат за посветувањето на Божјето име. Но, има работи што можат и тие да ги направат за да го посветат.
Како можеме да го посветиме Божјето име?
Еден начин е да разговараме со другите за Јехова и да укажуваме на неговото Царство под Христос Исус како на единствена надеж за човештвото (Откровение 12:10). Многумина и го прават ова, како современо исполнување на овие зборови од Исаииното пророштво: „Во тој ден ќе речете: ‚Славете Го Господа [Јехова, НС], повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името Негово е големо; пејте Му на Господа, зашто Он направил нешто големо — нека го знаат тоа по целата Земја‘“ (Исаија 12:4, 5).
Друг начин е да се слушаат Божјите закони и заповеди. Јехова му рекол на израелскиот народ: „Пазете ги заповедите Мои и извршувајте ги. Јас сум Господ. Не осквернувајте го Моето свето име, за да бидам свет меѓу синовите Израилеви. Јас сум Господ, Кој ве осветува“ (3. Мојсеева 22:31, 32).
На кој начин Израелците со држењето на Јеховиниот Закон го посветувале неговото име? Законот им бил даден на Израелците врз основа на неговото име (2. Мојсеева 20:2-17). Затоа, кога го држеле Законот, тие покажувале исправна почит и ценење кон неговото име. Освен тоа, Израелците како народ го носеле Јеховиното име (5. Мојсеева 28:10; 2. Летописи 7:14). Кога постапувале исправно, тоа му донесувало фалба, исто како кога едно дете кое постапува на исправен начин, му оддава чест на својот татко.
Од друга страна, пак, кога Израелците не се држеле за Божјиот Закон, тие го обесчестувале неговото име. На тој начин, гревовите, како што се жртвување на идоли, лажно колнење, угнетување на сиромашните и вршење блуд, во Библијата се опишани како такви кои го ‚обесчестуваат Божјето име‘ (3. Мојсеева 18:21; 19:12; Јеремија 34:16; Језекиил 43:7).
На сличен начин, на христијаните им се дадени заповеди во Божје име (Јован 8:28). И тие, исто така, се поврзани со ‚народот што ќе го носи Неговото име‘ (Дела 15:14). Затоа, христијанинот кој искрено моли: „Да се свети името Твое“, ќе го посвети тоа име во својот живот со тоа што ќе ги слуша сите Божји заповеди (1. Јованово 5:3). Тоа би вклучувало да се слушаат и заповедите што ги дал Божјиот Син, Исус, кој секогаш го прославувал својот Татко (Јован 13:31, 34; Матеј 24:14; 28:19, 20).
Ноќта пред неговото погубување, Исус ја истакнал важноста на Божјето име за христијаните. Откако му рекол на својот Татко: „Им го објавив името Твое, и ќе го известувам“, тој понатаму објаснува: „Та [со цел, НС] љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив“ (Јован 17:26). Да се запознае Божјето име за учениците значело лично да ја запознаат Божјата љубов. Исус им овозможил да го запознаат Бог како нивни Татко полн со љубов (Јован 17:3).
Како влијае тоа врз тебе
На еден состанок на христијанските апостоли и постари мажи во Ерусалим во првиот век, ученикот Јаков рекол: „Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име“. Може ли некој да препознае дека им припаѓаш на оние коишто Бог ги избира како „народ што ќе го носи Неговото име“, ако не го употребуваш или не го носиш тоа име? (Дела 15:14).
Иако многумина одбиваат да го употребуваат името Јехова, а мнозина библиски преведувачи го испуштаат од своите преводи, милиони луѓе ширум светот радо ја прифатиле одговорноста да го носат Божјето име, да го употребуваат не само во обожавањето туку и во секојдневниот говор, и да им го објавуваат на другите. Ако некој ти зборува за Богот на Библијата и го употреби името Јехова, со која религиозна група би го поврзал? Постои само една група на светот која редовно го употребува Божјето име во своето обожавање, исто како што правеле неговите обожаватели од старо време. Тоа се Јеховините сведоци.
Библиски темеленото име Јеховини сведоци ги идентификува овие христијани како ‚народ што го носи Божјето име‘. Тие се горди што го носат тоа име, бидејќи самиот Јехова Бог им го дал тоа име на вистинските обожаватели. Во Исаија 43:10 читаме: „А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав“. За кого зборувал Бог овде? Разгледај неколку од претходните стихови.
Во стиховите 5 до 7 од истото поглавје, Исаија вели: „Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; од исток ќе го доведам твоето племе и од запад ќе те соберам. На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои — од краиштата земни, секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое прославување, ги создадов и направив“. Во наше време, тие стихови се однесуваат на Божјиот народ кого тој го собрал од сите народи за да го фалат и да бидат негови сведоци. На тој начин, Божјето име не само што го идентификува него туку помага и да се идентификуваат и неговите денешни вистински слуги на Земјата.
Благословите од познавањето на Божјето име
Јехова ги штити оние кои го сакаат неговото име. Псалмистот рекол: „Бидејќи се надеваше на Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое“ (Псалм 90:14). Тој исто така се сеќава на нив: „Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува споменкнига за оние што се бојат од Бога и го почитуваат [мислат за, НС] името Негово“ (Малахија 3:16).
Според тоа, користите од познавањето и сакањето на Божјето име не се ограничени само на овој живот. На послушното човештво Јехова му ветил вечен живот во среќа на рајска Земја. Давид бил инспириран да напише: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа [на Јехова, НС], ќе ја наследат земјата. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:9, 11).
Како ќе биде возможно ова? Исус го дал одговорот. Во истата пример-молитва, во која нѐ поучил да се молиме: „Да се свети името Твое“, тој додал: „Да дојде Царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Да, Божјето Царство под Исус Христос ќе го посвети Божјето име и ќе донесе добри услови на оваа Земја. Тоа ќе ја отстрани злобата и ќе им стави крај на војната, криминалот, гладот, болеста и смртта (Псалм 45:8, 9; Исаија 11:9; 25:6; 33:24; Откровение 21:3, 4).
И ти можеш да се радуваш на вечен живот под тоа Царство. Како? Така што ќе го запознаеш Бог. „Животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти помогнат да го примиш тоа животодајно спознание (Дела 8:29-31).
Се надеваме дека информациите од оваа брошура те уверија дека Творецот има лично име кое му е многу драгоцено. Треба да биде многу драгоцено и за тебе. Сфати ја важноста од познавањето и употребувањето на тоа име, особено во обожавањето.
И биди одлучен да речеш како што храбро рекол пророкот Михеј пред многу векови: „Сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господа [Јехова, НС], нашиот Бог, секогаш и довека“ (Михеј 4:5).
[Истакната мисла на страница 28]
‚Познавањето на Божјето име‘ значи многу повеќе отколку само општо да се знае дека неговото име е Јехова
[Истакната мисла на страница 30]
Јеховиното име е ‚величествено, големо, влева стравопочитување и е недостижно високо‘. Сите Божји намери се поврзани со неговото име
[Рамка на страница 29]
Во една статија во Anglican Theological Review (Англиканска теолошка ревија, октомври 1959), д-р Валтер Лаури ја истакнал потребата да се знае Божјето име. Тој напишал: „Во човечките односи е крајно важно да се знае сопственото, личното име на оној кого го сакаме, со кого зборуваме, или дури и на оној за кого зборуваме. Истото е случај и во човековиот однос со Бог. Човек кој не го познава Бог по име, тој всушност не го познава како личност, не може да зборува со него (т. е. преку молитва), и не може да го сака ако го познава само како некаква безлична сила“.