ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • bp стр. 3-31
  • Владата која ќе воспостави Рај

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Владата која ќе воспостави Рај
  • Владата која ќе воспостави Рај
  • Сличен материјал
  • Што е Божјето Царство?
    Што навистина учи Библијата?
  • Божјето Царство владее
    Спознание кое води до вечен живот
  • Што е Божјето Царство?
    Што бара Бог од нас?
  • Божјето Царство — подобро во секој поглед
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Владата која ќе воспостави Рај
bp стр. 3-31

Владата која ќе воспостави Рај

Кога Исус бил на Земјата, на своите следбеници им рекол да се молат за Божјето Царство: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Исто така, постојано зборувал за „Евангелието на царството“ (Матеј 4:23). Всушност, тој зборувал за Царството повеќе отколку за било што друго. Зошто? Затоа што Царството е средството што Бог ќе го употреби за да ги реши проблемите коишто денес толку многу го отежнуваат животот. Преку Царството, Бог наскоро ќе им стави крај на војните, на гладот, на болеста и на криминалот, и ќе донесе единство и мир.

Дали би сакал да живееш во еден таков свет? Ако да, тогаш треба да ја прочиташ оваа брошура. Од неа ќе научиш дека Царството е влада, но подобра од која и да е друга влада што некогаш владеела над човештвото. Исто така, ќе видиш на каков возбудлив начин Бог на своите слуги постепено им ги објаснувал своите намери во врска со Царството. Освен тоа, ќе видиш како може Царството да ти помогне уште денес.

Всушност, ти можеш уште сега да станеш поданик на Божјето Царство. Но, пред да се одлучиш за тоа, ќе треба да дознаеш нешто повеќе за него. Затоа, те охрабруваме да ја испиташ брошурава. Сѐ што ќе ти каже таа за Царството, земено е од Библијата.

Најпрвин, да видиме зошто толку многу ни е потребно Божјето Царство.

На почетокот од човечката историја, Бог го создал човекот совршен и го сместил во рај. Во тоа време немало потреба од Царството.

Меѓутоа, Адам и Ева, нашите прародители, го послушале Сатана — еден бунтовен ангел. Тој им кажал лаги за Бог и ги навел и нив да се побунат против Бог. Со тоа заслужиле смрт, бидејќи „платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 6:23).

Еден несовршен, грешен човек не може да има совршени деца. Затоа, сите Адамови деца се родиле како несовршени, грешни и смртни (Римјаните 5:12).

Оттогаш, на луѓето им треба Божјето Царство за да им помогне да се ослободат од проклетството на гревот и смртта. Царството, исто така, ќе го исчисти Божјето име од лагите што Сатана ги кажал против него.

Јехова Бог ветил дека ќе се роди едно посебно „семе“ (или потомство) кое ќе го избави човештвото од грев (1. Мојсеева 3:15, НС). Тоа „семе“ требало да биде Цар на Божјето Царство.

Кој требало да биде тоа?

Околу 2.000 години по гревот на Адам, живеел еден многу верен човек по име Авраам. Јехова му рекол да го напушти својот град и да живее под шатори во земјата Палестина.

Авраам сторил сѐ што му рекол Јехова, вклучувајќи и една многу тешка задача. Јехова му рекол да го жртвува својот син Исак на олтар.

Всушност, Јехова не сакал човечка жртва, туку сакал да види колку Авраам го сака Бога. Јехова го запрел Авраама таман кога овој се спремал да го убие Исак.

Поради големата Авраамова вера, Јехова му ветил дека на неговото потомство ќе му ја даде земјата Палестина и дека ветеното Семе ќе дојде преку неговата лоза, и преку лозата на неговиот син Исак (1. Мојсеева 22:17, 18; 26:4, 5).

Исак имал двајца близнаци, Исав и Јаков. Јехова рекол дека ветеното Семе ќе дојде преку Јаков (1. Мојсеева 28:13-15).

Јаков, кого Јехова го нарекол и Израел, имал 12 синови кои, пак, имале свои деца. Така, децата на Авраам почнале да се множат (1. Мојсеева 46:8-27).

Кога во тоа подрачје завладеал голем глад, Јаков и неговото семејство, на покана од фараонот, египетскиот владетел, се преселиле во Египет (1. Мојсеева 45:16-20).

Во Египет било откриено дека ветеното Семе ќе биде потомок на Јакововиот син Јуда (1. Мојсеева 49:10).

На крајот, Јаков умрел, а неговото потомство толку се намножило што станало народ. Тогаш Египќаните се уплашиле од нив и ги направиле свои робови (2. Мојсеева 1:7-14).

Конечно, Јехова го испратил Мојсеј, еден многу верен човек, да побара од тогашниот фараон да ги ослободи израелските синови (2. Мојсеева 6:10, 11).

Фараонот одбил и затоа Јехова нанел десет неволји врз Египќаните. Како последна неволја, го испратил ангелот на смртта да ги убие сите египетски првородени синови (2. Мојсеева, поглавја 7 до 12).

Бог им рекол на Израелците дека ако заколат јагне за вечера и ако ги попрскаат со неговата крв своите довратници, ангелот на смртта ќе ги одмине нивните куќи. Така, израелските првороденци биле спасени (2. Мојсеева 12:1-35).

Како последица на тоа, фараонот издал заповед Израелците да го напуштат Египет. Но, потоа се предомислил и тргнал во потера по нив за да ги врати.

Јехова им отворил на Израелците пат да побегнат преку Црвеното Море. А кога фараонот и неговите војски се обиделе да ги следат, се удавиле (2. Мојсеева 15:5-21).

Јехова ги довел Израелските синови до планината Синај, во пустината. Таму им го дал својот Закон и им рекол дека ако го држат, ќе станат царство на свештеници и свет народ. Така, со текот на времето, Израелците имале можност да станат важен дел од Божјето Царство (2. Мојсеева 19:6; 24:3-8).

По околу една година, откако Израелците останале кај планината Синај, Јехова ги повел кон Палестина — земјата што му ја ветил на Авраам, нивниот прататко.

Подоцна, во Палестина, Бог дозволил со Израелците да владеат цареви. Тогаш Бог имал царство на Земјата.

Вториот цар на Израел бил Давид, потомок на Јуда. Давид ги победил сите непријатели на Израел, а Ерусалим го направил престолнина на нацијата.

Настаните што се одигрувале за време на Давидовото владеење, покажуваат дека ниеден земски владетел не може да го победи оној цар кого Јехова го поддржува.

Јехова рекол дека ветеното Семе ќе биде Давидов потомок (1. Летописи 17:7, 11, 14).

После Давид владеел неговиот син Соломон. Тој бил мудар цар под чие владеење Израел доживеал напредок.

Исто така, Соломон му изградил прекрасен храм на Јехова во Ерусалим. Приликите што владееле во Израел за време на Соломоновото владеење, ни покажуваат некои од благословите коишто Божјето идно Царство ќе му ги донесе на човештвото (3. Царства 4:24, 25).

Меѓутоа, многумина од царевите по Соломон биле многу неверни.

Но, иако Давидовите потомци сѐ уште владееле во Ерусалим, Јехова го употребил својот пророк Исаија да прорече еден иден Давидов Син кој верно ќе владее над целата Земја. Тоа требало да биде ветеното Семе (Исаија 9:6, 7).

Пророкот Исаија претскажал дека Неговата влада ќе биде пославна дури и од Соломоновата (Исаија, поглавја 11 и 65).

Сега, повеќе од било кога порано, Божјите слуги се прашувале кој ќе биде тоа Семе.

Сепак, пред да дојде Семето, израелските цареви станале толку злобни што во 607 пр. н. е. Јехова дозволил нацијата да биде победена од страна на Вавилонците, а поголемиот дел од луѓето биле прогонети во Вавилон. Но, Бог не го заборавил своето ветување. Семето требало сепак да се појави во Давидовото потомство (Језекиил 21:25-27).

Она што му се случило на Израел покажало дека иако еден мудар, верен човечки цар може да донесе користи, тие користи се ограничени. Верните луѓе умираат, а нивните наследници може и да не се верни. Кое било решението? Ветеното Семе.

Најпосле, по илјадници години, се појавило Семето. Кој бил тоа?

Еден Божји ангел ѝ го дал одговорот на една немажена израелска девојка по име Марија. Ѝ рекол дека таа ќе има син кој ќе се вика Исус. Еве што рекол ангелот:

„Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот Татко Давида; и ќе царува“ (Лука 1:32, 33).

Значи, Исус требало да биде ветеното Семе и конечно Цар на Божјето Царство. Но, зошто Исус се разликувал од останатите верни мажи кои живееле порано?

Исус се родил преку чудо. Мајка му била девица и немал човечки татко. Исус претходно живеел на небото, а Божјиот свет дух, односно активна сила, го пренел Исусовиот живот од небото во утробата на Марија. Затоа, тој не го наследил Адамовиот грев. Низ сиот свој живот, Исус не направил никаков грев (1. Петрово 2:22).

Кога имал 30 години, Исус се крстил.

Тој им зборувал на луѓето за Божјето Царство и на крајот се претставил како Цар на тоа Царство (Матеј 4:23; 21:4-11).

Правел и многу чуда.

Лекувал болни (Матеј 9:35).

На чудесен начин ги нахранил гладните (Матеј 14:14-22).

Дури воскреснувал и мртви (Јован 11:38-44).

Овие чуда покажуваат што ќе направи Исус за човештвото како Цар на Божјето Царство.

Дали се сеќаваш како цар Давид го направи Ерусалим престолнина на неговото царство? Исус објаснил дека Божјето Царство нема да биде на Земјата, туку на небото (Јован 18:36). Затоа Царството е наречено ‚небесен Ерусалим‘ (Евреите 12:22, 28).

Исус ги истакнал законите што ќе мораат да ги слушаат сите оние кои ќе бидат поданици на Царството. Овие закони сега се наоѓаат во Библијата. Најважните закони биле тие дека луѓето треба да го сакаат Бог и да се сакаат еден со друг (Матеј 22:37-39).

Исус исто така открил дека тој нема да владее сам во своето Царство. Требало да има и луѓе кои се избрани да одат на небо за да владеат таму со него (Лука 12:32; Јован 14:3). Колкумина требало да бидат таму? Откровение 14:1 ни го дава одговорот: 144.000.

Ако само 144.000 одат на небо за да владеат со Исус, на што може да се надева останатото човештво?

Библијата вели: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29).

Оние кои засекогаш ќе живеат на Земјата, се наречени „други овци“ (Јован 10:16).

Значи, постојат два вида надеж. Јехова Бог повикува 144.000 да одат на небо за да владеат со Исус Христос. Но, милиони други ја имаат сигурната надеж засекогаш да живеат на Земјата како поданици на неговото Царство (Откровение 5:10, НС).

Сатана го мразел Исуса и му се спротивставувал. Откако Исус проповедал три и пол години, Сатана направил тој да биде уапсен и убиен така што бил прикован на столб. Зошто Бог го допуштил тоа?

Не заборави, бидејќи сме потомци на Адам, сите ние грешиме и заслужуваме смрт (Римјаните 6:23).

Исто така, не заборавај дека поради чудесниот начин на којшто се родил Исус, тој бил совршен и не заслужил смрт. Меѓутоа, Бог му дозволил на Сатана да го ‚касне Исуса во петата‘, односно да го убие. Но, Бог повторно го воскреснал во живот како бесмртен дух. Бидејќи сѐ уште го имал правото на совршен човечки живот, тој можел да го употреби за да нѐ откупи нас луѓето од грев (1. Мојсеева 3:15; Римјаните 5:12, 21; Матеј 20:28).

За да ни помогне да го разбереме во потполност значењето на Исусовата жртва, Библијата зборува за тоа преку пророчки примери.

На пример, дали се сеќаваш како Јехова му рекол на Авраам да го жртвува својот син, за да ја испита неговата љубов?

Тоа било пророчки пример за Исусовата жртва кој покажува дека Јеховината љубов спрема човештвото била толку голема што дозволил неговиот Син Исус да умре за нас за да можеме ние да имаме живот (Јован 3:16).

Се сеќаваш ли на начинот на кој Јехова ги спасил Израелците од Египет и како ги поштедил нивните првороденци кога предизвикал ангелот на смртта да ги одмине? (2. Мојсеева 12:12, 13).

Тоа било пророчки пример. Како што крвта на јагнето значела живот за израелските првороденци, така и Исусовата пролеана крв значи живот за оние кои веруваат во него. И како што настаните од таа ноќ значеле ослободување за Израелците, така и Исусовата смрт го ослободува човештвото од грев и смрт.

Затоа Исус е наречен ‚Јагне Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе‘ (Јован 1:29).

Меѓутоа, додека бил на Земјата, Исус собирал и ученици кои ги обучувал да ја проповедаат добрата вест за Царството, дури и по неговата смрт (Матеј 10:5; Лука 10:1).

Тие биле првите луѓе избрани од Бог за да владеат со Исус во неговото Царство (Лука 12:32).

Се сеќаваш ли кога Бог им ветил на Евреите дека, ако го држат Законот, ќе бидат „царство на свештеници“? Сега, тие ја имале приликата да станат дел од Божјето Царство и да служат како небесни свештеници, доколку го прифатат Исуса. Но, повеќето од нив го отфрлиле.

Затоа, оттогаш Евреите повеќе не биле Божји избран народ; Палестина повеќе не била Ветена земја (Матеј 21:43; 23:37, 38).

Од Исусовото време па сѐ до денес, Јехова ги собира оние кои ќе владеат на небото заедно со Исус. На Земјата денеска живеат уште неколку илјади од нив. Овие лица ги нарекуваме помазан остаток (Откровение 12:17).

Сега почнуваш да сфаќаш што претставува Божјето Царство. Тоа е небесна влада чиј Цар е Исус Христос, кому му се придружени 144.000 луѓе од Земјата. Тоа Царство ќе владее над верното човештво на Земјата и ќе ја поседува моќта да воспостави мир на Земјата.

По неговата смрт, Исус бил воскреснат и отишол на небо. Таму чекал сѐ додека Бог не му каже дека е време да почне да владее како Цар на Божјето Царство (Псалм 109:1). Кога требало да биде тоа?

Понекогаш Јехова се служел со соништа за да ги известува луѓето за некои работи во врска со неговото Царство.

Во Даниилово време, Јехова му дал еден таков сон на вавилонскиот цар Навуходоносор. Тој сонувал едно големо дрво (Даниил 4:10-34).

Дрвото било пресечено, а трупецот ставен во окови за време од седум години.

Дрвото го претставувало Навуходоносор. Исто како што трупецот бил окован седум години, така и Навуходоносор го изгубил својот разум за време од седум години. Потоа, разумот повторно му бил вратен.

Сето ова било пророчки пример. Навуходоносор го претставувал Јеховиното владеење над целиот свет. Најпрво, тоа било прикажано преку потомците на цар Давид во Ерусалим. Кога Вавилонците го освоиле Ерусалим во 607 пр. н. е., царската лоза била прекината. Никогаш повеќе не требало да има друг цар од Давидовото потомство, „сѐ додека, не дојде Оној, Кому тој Му припаѓа [кој го има законското право, НС]“ (Језекиил 21:27). Тоа бил Исус Христос.

Колку време требало да помине од 607 пр. н. е. па до почетокот на Исусовото владеење? Седум пророчки години, односно 2.520 години (Откровение 12:6, 14). А тие 2.520 години, сметајќи од 607 пр. н. е., нѐ доведуваат до 1914 н. е.

Значи, во 1914 Исус почнал да владее на небесата. Што значи тоа?

Библијата ни го кажува тоа преку една визија што ја имал апостол Јован.

Тој видел како една жена на небото раѓа машко дете (Откровение 12:1-12).

Жената ја претставува Божјата небесна организација, составена од сите ангелски Божји слуги на небото. Машкото дете го претставува Божјето Царство. Тоа се „родило“ во 1914.

Што се случило потоа? Првата работа што ја сторил Исус како Цар била да ги исфрли Сатана и ангелите кои се побуниле со него, од небото долу на Земјата (Откровение 12:9).

Библијата ни кажува какви биле последиците: „Веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12).

Затоа, кога Исус почнал да владее на небото, неговите непријатели станале особено активни на Земјата. Како што прорекла Библијата, тој почнал да владее среде своите непријатели (Псалм 109:1, 2).

Што требало да значи тоа за човештвото?

Исус ни кажал: војни, оскудица на храна, болести и земјотреси (Матеј 24:7, 8; Лука 21:10, 11).

Овие работи ги доживуваме од 1914 наваму, а тоа е уште една причина повеќе зошто знаеме дека Царството почнало да владее тогаш.

Книгата Откровение ни кажува дека луѓето ќе ја ‚погубуваат земјата‘ (Откровение 11:18). И тоа го доживуваме особено од 1914.

Апостол Павле додал дека луѓето ќе бидат „саможиви, среброљупци, . . . непокорни спрема родителите, . . . непомирливи, клеветници, невоздржливи“ (2. Тимотеј 3:1-5).

Сега знаеш зошто животот денес е толку тежок. Сатана е многу активен. Но, и Божјето Царство исто така е активно.

Набргу по 1914, остатокот од оние кои се надеваат да владеат на небото со Исус, почнал да ја кажува добрата вест дека Царството е воспоставено. Како што прорекол Исус, ова дело сега е раширено по целата Земја (Матеј 24:14).

Која е целта на ова проповедничко дело?

Како прво, да им се каже на луѓето за Божјето Царство.

Второ, да им се помогне да одлучат дали ќе бидат поданици на Царството.

Исус рекол дека во наше време целото човештво ќе се дели на такви кои се слични на овци и на такви кои се слични на јарци (Матеј 25:31-46).

„Овците“ ќе бидат оние кои го сакаат него и неговите браќа. „Јарците“ ќе бидат оние коишто не ги сакаат.

„Овците“ ќе добијат вечен живот, додека „јарците“ нема да добијат.

Ова дело на делење се извршува преку проповедањето на добрата вест за Царството.

Еве едно пророштво што го кажал пророкот Исаија.

„И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи“ (Исаија 2:2).

Човештвото сега се соочува со „последните дни“.

Јеховиниот ‚дом‘ на обожавање е ‚возвишен‘ над лажните религии.

„Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови‘“ (Исаија 2:3).

На тој начин, многу поединци од сите народи почнуваат да го обожаваат Јехова и ги покануваат и другите да им се придружат. Тие се учат да постапуваат онака како што Јехова бара од нив.

„Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:4).

Оние кои го обожаваат Јехова се обединети и мирољубиви.

Резултатот од ваквата активност на Божјето Царство е тоа што сега ширум светот има многу милиони луѓе кои се поданици на Царството.

Тие се собрани околу остатокот, односно преостанатите од оние кои се надеваат да одат на небото и да владеат со Христос.

Тие добиваат духовна храна преку Божјата организација (Матеј 24:45-47).

Сочинуваат едно меѓународно братство од христијани кои вистински се сакаат еден со друг (Јован 13:35).

Се радуваат на душевен мир и имаат надеж за иднината (Филипјаните 4:7).

Наскоро, проповедањето на добрата вест ќе заврши. „Овците“ ќе бидат собрани. Што ќе стори тогаш Царството?

Се сеќаваш ли како верниот цар Давид ги победи сите непријатели на Божјиот народ? Е па, Царот Исус ќе го стори истото.

Царот Навуходоносор еднаш имал сон за некаков огромен лик што ги симболизирал сите светски царства од негово време па до денес.

Потоа видел еден камен како се откорнал од една планина и го разбил ликот на парчиња. Каменот го претставувал Божјето Царство.

Ова значи уништување на сегашниот зол систем на ствари (Даниил 2:44).

Еве некои работи коишто Царството ќе ги отстрани.

Лажната религија ќе исчезне, како некој воденичен камен фрлен в море (Откровение 18:21).

Затоа, сите оние кои го љубат Бог се охрабрени ВЕДНАШ да ја напуштат лажната религија (Откровение 18:4).

Потоа, Царот Исус ќе ‚ги порази идолопоклониците и ќе ги пасе со железен жезал‘ (Откровение 19:15).

Затоа, иако Јеховините сведоци ги плаќаат своите даноци и ги слушаат законите на земјата во која живеат, тие не се мешаат во политика.

На крајот, самиот Сатана, големиот ‚змев‘, ќе биде фрлен в бездна (Откровение 20:2, 3).

Само „овците“, односно оние кои му се потчинуваат на Исус како Цар, ќе ја преживеат оваа неволја (Матеј 25:31-34, 41, 46).

Апостол Јован во една визија ги видел „овците“ кои ќе ја преживеат неволјата.

„Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, коешто никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете“ (Откровение 7:9).

‚Големото мноштво‘ го сочинуваат сите оние кои се одѕиваат на проповедањето на добрата вест.

Тие ‚излегуваат од големата неволја‘ (Откровение 7:14, НС).

‚Палмовите гранчиња‘ покажуваат дека тие му изразуваат добредојде на Исус како нивни Цар.

Тоа што носат „бели облеки“ покажува дека имаат вера во Исусовата жртва.

„Агнецот“ е Исус Христос.

На какви благослови ќе се радуваат тогаш? Се сеќаваш ли на среќата во Израел кога владеел верниот цар Соломон? Тоа било само една мала претслика за среќата што ќе владее на Земјата под Царот Исус.

Како што прорекол Исаија, ќе владее дословен мир, како меѓу човештвото така и помеѓу луѓето и животните (Псалм 45:9; Исаија 11:6-9).

Како што Исус ги лекувал болните додека бил на Земјата, така тој ќе ја отстрани болеста од сето човештво (Исаија 33:24).

Исто како што ги нахранил мноштвата, така ќе ја укине и оскудицата на храна од сето човештво (Псалм 71:16).

Како што ги воскреснувал мртвите, така ќе ги воскресне и сите оние мртви кои немале потполна прилика да се подложат на Божјето Царство (Јован 5:28, 29).

Постепено, на човештвото ќе му ја врати совршеноста што ја изгубил Адам.

Зарем тоа не е прекрасна иднина? Дали би сакал да ја доживееш? Ако да, тогаш работи на тоа уште сега да се подложиш на Божјето Царство и да станеш една од „овците“.

Проучувај ја Библијата и запознај ги Јехова Бог и Исус Христос (Јован 17:3).

Поврзи се со другите кои исто така се поданици на Царството (Евреите 10:25).

Научи ги законите на Царството и слушај ги (Исаија 2:3, 4).

Предај му го својот живот на Јехова за да му служиш и крсти се (Матеј 28:19, 20).

Избегнувај го злото, како што е крадење, лажење, неморал и пијанство, коишто не му се допаѓаат на Јехова Бог (1. Коринтјаните 6:9-11).

Учествувај во проповедањето на добрата вест за Царството (Матеј 24:14).

Тогаш, со Божја помош, ќе го доживееш обновувањето на Рајот што го изгубил Адам за своето потомство, и ќе го доживееш исполнувањето на ветувањето: „И чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘“ (Откровение 21:3, 4).

[Табела на страница 20]

(Види во публикацијата)

607 пр. н. е. 1914 н. е.

пр. н. е. | н. е.

500 1.000 1.500 2.000 2.520

[Слики на страница 11]

Авраам

Исак

Јаков

Јуда

Давид

[Слика на страница 14]

144.000

[Слики на страница 16]

Адам

Исус

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели