Патувачките надгледници — соработници во вистината
Во христијанското собрание од првиот век постоеле патувачки надгледници кои ги посетувале собранијата за да ги изградуваат. Тие биле предадени на тоа, не барајќи лична корист, за да им помогнат на верниците во собранијата да продолжат да живеат достојно на Бог (Дела на апостолите 11:23, 24; 14:21, 22; 15:32; 20:2, 31-35; Филипјаните 2:20-22, 29; 1. Солунјаните 2:5-12).
Денешните собранија на Јеховини сведоци исто така имаат корист од патувачките надгледници. Овие луѓе зад себе имаат многу години искуство во службата на проповедање и како надгледници. Тие се ослободиле од светска работа и одговорности околу домаќинството за да се понудат во полновремената служба. Кај оние кои што се оженети, обично и нивните сопруги учествуваат со нив во полновремената служба.
Покраинскиот надгледник е наименуван да се грижи за покраината, која се состои од 18 до 25 собранија. Секое собрание во покраината го посетува отприлика двапати годишно, а после две или три години се наименува во друга покраина. На тој начин собранијата можат да извлечат корист од различните искуства и способности на различни покраински надгледници.
Покраинскиот надгледник ја проверува духовната состојба на собранието и неговата активност. Тој пред собранието држи неколку говори, а се состанува и со старешините и слугите помошници за да разгледа како тие можат да ја подобрат својата служба во собранието.
Во текот на седмицата тој и неговата жена, доколку е оженет, ги придружуваат месните Сведоци, помагајќи им да ја подобрат својата служба од куќа до куќа. Тој и неговата сопруга исто така ги посетуваат и новите интересенти за да ги охрабрат во верата. И вие можете да побарате таква посета.
Обласниот надгледник има слични духовни квалификации и искуство. Тој патува од покраина во покраина, извршувајќи служба секоја седмица во врска со покраинските собири. Исто така, тој и неговата сопруга работат во службата на проповедање на теренот заедно со Сведоците од некое од собранијата во покраината што ја посетуваат. Обласниот надгледник ги надгледува завршните подготовки за програмата на покраинскиот состанок на кој држи и неколку предавања, вклучувајќи го и јавното предавање.
Кога патувачките надгледници ќе ја завршат посетата на едно собрание или покраина, тие продолжуваат со посета на друго, следејќи го истиот распоред, сѐ додека не бидат посетени сите собранија или покраини во период од околу шест месеци, а после тоа повторно почнуваат со посетите.
Во многу земји патувачките надгледници патуваат со автомобил или користат јавен превоз. Во други земји можеби користат велосипед или дури одат пеш. Друштвото ги покрива трошоците за превоз на патувачките надгледници, а исто така за нив и нивните сопруги обезбедува мал џепарлак за нивните лични потреби. Прехраната и сместувањето обично го обезбедуваат членовите на секое собрание.
Оваа служба бара дух на самопожртвуваност. Патувачките надгледници и нивните сопруги мораат својата служба во собранијата да ја извршуваат на таков начин без да им создаваат преголем материјален товар (1. Солунјаните 2:9).
● Каква била целта на патувачките надгледници во христијанското собрание од првиот век?
● Како патувачките надгледници денес се квалификуваат и се ставаат на располагање за таа служба?
● Опиши ја службата на покраинските и обласните надгледници и како тие живеат.
[Слика на страница 20]
Обласен надгледник на покраински состанок
[Слики на страница 21]
Покраински надгледник дава упатства за проповедањето од куќа до куќа, разговара со собраниските старешини, ги посетува новите интересенти кои ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, им се обраќа на собранијата