Што веруваат Јеховините сведоци?
„Но ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи“ (Дела 28:22). Ваквиот став на некои народни водачи од Рим во првиот век претставува добар пример. Имале желба да ги чујат работите од самиот извор, а не само од критичарите однадвор.
Исто така и денес се зборува противно за Јеховините сведоци и би било погрешно да се очекува дека вистината за нив ќе се дознае од извори кои се полни со предрасуди. Затоа ни е задоволство да објасниме некои од нашите главни верувања.
Библијата, Исус Христос и Бог
Ние веруваме дека „целото Писмо е од Бог вдахновено и корисно“ (2. Тимотеј 3:16, Ба). И покрај тоа што некои тврдат дека ние всушност не сме христијани, тоа едноставно не е вистина. Ние потполно го прифаќаме сведоштвото кое апостол Петар го дал за Исус Христос: „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12).
Меѓутоа, бидејќи Исус рекол дека тој е ,Син Божји‘ и дека ,Таткото го испратил‘, Јеховините сведоци веруваат дека Бог е поголем од Исус (Јован 10:36; 6:57, ДК). Самиот Исус го признал тоа: „Мојот Отец е поголем од Мене“ (Јован 14:28; 8:28). Затоа ние не веруваме дека Исус е еднаков на Таткото како што кажува науката за тројството. Ние веруваме дека него го создал Бог и дека му е подреден (Колосјаните 1:15; 1. Коринтјаните 11:3).
На нашиот јазик името на Бог е Јехова. Библијата вели: „Тебе ти е името Јехова, и ти си самиот Највисок над целата земја“ (Псалм 83:19, превод Шкариќ). Во склад со оваа изјава, Исус му дал големо значење на Божјето име, поучувајќи ги своите ученици да се молат: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“. А и самиот вака му се молел на Бог: „Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал“ (Матеј 6:9; Јован 17:6).
Јеховините сведоци веруваат дека треба како Исус, да им го објавуваат Божјето име и намери на другите. Затоа сме го зеле името Јеховини сведоци, бидејќи го имитираме Исус, ,верниот сведок‘ (Откровение 1:5; 3:14). Исто така, Исаија 43:10 кажува за оние кои го претставуваат Божјиот народ: „,Вие сте мои сведоци‘, е речта Јеховина, ,да, слуга мој кого го одбрав‘“ (NW).
Божјето Царство
Исус ги учел своите следбеници да се молат: „Да дојде царството Твое“, и го направил тоа Царство главна тема на своето учење (Матеј 6:10; Лука 4:43). Јеховините сведоци веруваат дека тоа Царство е вистинска влада од небото дека тоа ќе владее над Земјата и дека Исус Христос е неговиот поставен невидлив цар, „чија власт му е на рамената“, како што вели Библијата. „Без крај ќе расте (неговата) власт и мир“ (Исаија 9:6, 7, ДК).
Меѓутоа, Исус Христос нема да биде единствениот цар на Божјата влада. Тој ќе има многу совладари кои ќе бидат со него на небото. „Ако и понатаму истраеме“, пишувал апостол Павле, „со него и ќе владееме како цареви“ (2. Тимотеј 2:12, NW). Библијата покажува дека бројот на оние кои ќе бидат воскреснати за да владеат со Христос на небото е ограничен на „сто и четириесет и четири илјади, кои што беа откупени од земјата“ (Откровение 14:1, 3).
Секако дека секоја влада мора да има поданици, а Јеховините сведоци веруваат дека уште милијарди луѓе, покрај овие небесни владетели, ќе добијат вечен живот. На крај Земјата, претворена во прекрасен рај, ќе биде исполнета со тие достојни поданици на Божјето Царство кои сите ќе му се подложуваат на владеењето на Христос и неговите совладари. Така, Јеховините сведоци се цврсто уверени дека Земјата никогаш нема да биде уништена и дека ќе биде исполнето библиското ветување: „Праведниците ќе ја наследат земјата, и ќе живеат на неа до века“ (Псалм 37:29; 104:5, ДК).
Но, како ќе дојде Божјето Царство? Така што сите народи ќе ѝ се подложат на Божјата влада? Наспроти тоа, Библијата реалистички покажува дека доаѓањето на Царството бара Божје директно зафаќање во работите на Земјата. „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш. (...) Тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Книга пророк Даниил 2:44).
Кога ќе дојде Божјето Царство? На темел на библиските пророштва кои сега се исполнуваат, Јеховините сведоци веруваат дека тоа ќе дојде многу брзо. Те повикуваме да разгледаш некои од пророштвата кои укажуваат на обележјата на ,последните денови‘ на овој зол систем. Тие обележја можеме да ги најдеме во Матеј 24:3-14; Лука 21:7-13, 25-31; и 2. Тимотеј 3:1-5.
Поради тоа што ,го љубиме Јехова својот Бог со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум и со сета своја сила, и ближниот како самиот себе‘, ние не сме поделени национално, расно и социјално (Марко 12:30, 31, NW). Надалеку сме познати по љубовта што ја покажуваме спрема своите христијански браќа од сите нации (Јован 13:35; 1. Јованово 3:10-12). Така ние остануваме во неутрална положба во однос на политичките работи на тие нации. Се трудиме да бидеме како првите Исусови ученици, за кои тој рекол: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од овој свет“ (Јован 17:16, NW). Ние веруваме дека да се држи одвоено од светот значи да се избегнува неморалното однесување кое денес е така вообичаено, вклучувајќи го и лажењето, крадењето, блудот, прељубата, хомосексуалноста, злоупотребата на крв, идолопоклонството и други такви работи кои Библијата ги осудува (1. Коринтјаните 6:9-11; Ефесјаните 5:3-5; Дела 15:28, 29).
Надеж за иднината
Јеховините сведоци веруваат дека со нашиот сегашен живот на овој свет не е сѐ завршено. Ние веруваме дека Јехова го испратил Христос на Земјата за да ја пролее својата животна крв како откупнина, за да можат луѓето да имаат праведна положба пред Бог и да можат да добијат вечен живот во новиот систем. Како што рекол еден Исусов апостол: „Се оправдавме со крвта Негова“ (Римјаните 5:9; Матеј 20:28). Јеховините сведоци се длабоко благодарни на Бог и на неговиот Син за нивната подготовка на откупнина која го овозможува идниот живот.
Јеховините сведоци имаат потполна доверба во идниот живот кој се темели на воскресението од мртвите под Божјето Царство. Ние веруваме, како што учи Библијата, дека при смртта лицето престанува да постои и дека во ,тој ден сите негови помисли пропаѓаат‘ (Псалм 146:3, 4, ДК; Езекиел 18:4; Проповедник 9:5). Да, идниот живот за мртвите се заснива на тоа што Бог ќе се сети на нив во воскресението (Јован 5:28, 29).
Меѓутоа, Јеховините сведоци се уверени дека многу кои сега живеат ќе преживеат кога Божјето Царство ќе стави крај на сегашните влади и, како што Ное и неговото семејство го преживеале општиот потоп, тие ќе живеат и понатаму и че му се радуваат на животот засекогаш на исчистената Земја (Матеј 24:36-39; 2. Петрово 3:5-7, 13). Но, ние веруваме дека преживувањето зависи од тоа да се исполнат Јеховините барања, како што вели Библијата: „Светот поминува . . . а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17; Псалм 37:11, ДК; Откровение 7:9, 13-15; 21:1-5).
Очигледно е дека овде не е можно да се опфатат сите верувања на Јеховините сведоци, но ние те покануваме да собереш натамошни информации.
Доколку не е означено поинаку, сите библиски стихови се од преводот на Британското и инострано библиско друштво.
NW — New World Translation of the Holy Scriptures.
ДК — Даничиќ-Караџиќ.
Ба — Бакотиќ.
[Истакната мисла на страница 4]
Сме го зеле името Јеховини сведоци затоа што го имитираме Исус