17. поглавје
Како може да се препознае Христовото враќање?
1. (а) Што ветил Христос? (б) Зошто е потребно Христос да се врати?
”ПАК ЌЕ ДОЈДАМ“ (Јован 14:3, ББД). Ова им го ветил Исус Христос на своите апостоли ноќта пред својата смрт. Сигурно и ти ќе се сложиш дека денес, повеќе отколку кога и да е порано, на човештвото му е потребен мирот, здравјето и животот коишто ќе му ги донесе Христовото враќање во царска моќ. Но како ќе се врати Христос? Кој ќе го види, и на кој начин?
2. (а) Каде Христос ќе ги земе своите апостоли кога ќе се врати? (б) Какво тело тие ќе имаат таму?
2 При своето враќање Христос нема да живее на Земјата. Наместо тоа, ќе ги земе кај себе на небото оние кои ќе владеат со него како цареви. Исус им рекол на своите апостоли: ”Пак ќе дојдам, и ќе ве земам при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:3, ББД). Кога Христос повторно ќе дојде, оние коишто тој ќе ги земе на небото ќе станат духовни суштества и ќе го видат во неговото прославено духовно тело (1. Коринтјаните 15:44). Но, дали другите луѓе кои не одат на небото, ќе го видат Христос кога ќе се врати?
ЗОШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ КАКО ЧОВЕК?
3. Кои библиски докази покажуваат дека луѓето никогаш повеќе нема да го видат Христос?
3 Истата ноќ Исус им рекол на своите апостоли: ”Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа“ (Јован 14:19, ББД). Зборот ”свет“ се однесува на човештвото. Со ова Исус јасно рекол дека по неговото вознесување на небото, луѓето на Земјата нема повеќе да го видат. Апостол Павле напишал: ”Ако до сега го познававме Христос по тело, сега повеќе не го познаваме така“ (2. Коринтјаните 5:16, Ст).
4. Како знеме дека Христос ќе се врати како моќно, невидливо духовно суштество?
4 Многумина веруваат дека Христос ќе се врати во истото човечко тело во кое умрел и дека ќе го видат сите кои живеат на Земјата. Но, Библијата вели дека Христос ќе се врати во сјај, со сите ангели за да ”седне на престолот на славата Своја“ (Матеј 25:31, ББД). Кога Исус би се вратил и би седнал на земски престол, тоа би значело дека би заземал место пониско од ангелите. Но, тој доаѓа како најмоќен и најславен од сите Божји духовни синови, и затоа е невидлив како и тие (Филипјаните 2:8–11).
5. Зошто Исус не може да се врати во човечко тело?
5 Спротивно на тоа, пред повеќе од 1900 години било потребно Исус да се понижи и да стане човек. Морал да го даде својот совршен човечки живот како откупнина за нас. Исус го објаснил тоа со следниве зборови: ”Лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (Јован 6:51, ББД). Исус го жртвувал своето човечко тело за човештвото. Колку долго требало да вреди таа жртва? Апостол Павле одговара: ”Посветени сме со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш“ (Евреите 10:10, Ст). Христос го жртвувал своето тело во корист на животот на светот, затоа тој не може да го земе назад за да повторно биде човек. Од таа основна причина тој никогаш не може да се врати во човечкото тело кое го жртвувал еднаш засекогаш.
МАТЕРИЈАЛНОТО ТЕЛО НЕ Е ЗЕМЕНО НА НЕБОТО
6. Зошто многумина веруваат дека Христос се вознел на небото во своето човечко тело?
6 Меѓутоа, многумина веруваат дека Христос се вознел на небото со своето материјално тело. Тоа го објаснуваат со фактот што после воскресението неговото материјално тело повеќе го немало во гробот (Марко 16:5–7). Освен тоа, по својата смрт, Исус се појавил пред своите ученици во човечко тело за да им докаже дека е жив. Еднаш побарал од апостол Тома да ја стави раката ’во неговите ребра‘ за да поверува дека Исус навистина воскреснал (Јован 20:24–27, ББД). Зар сево ова не докажува дека Христос воскреснал во истото тело во кое умрел?
7. Како знаеме дека Христос се вознел на небото како духовно суштество?
7 Не, тоа не докажува. Библијата јасно вели: ”Христос еднаш умре заради гревот, (...) тој кој беше убиен во тело, но оживеа со духот“ (1. Петрово 3:18, Ст). Луѓето со тело од месо и крв не можат да живеат на небото. Во врска со воскресението во небесен живот, во Библијата читаме: ”Се сее тело земско, воскреснува тело духовно. (...) Телото и крвта не можат да го наследат Божјето Царство“ (1. Коринтјаните 15:44–50, Ст). Само духовни суштества со духовно тело можат да живеат на небото.
8. Што се случило со Исусовото човечко тело?
8 Тогаш, што се случило со Исусовото човечко тело? Зарем учениците не го најдоа гробот празен? Да, бидејќи Бог го отстранил Исусовото тело. Зошто Бог го сторил тоа? За да се исполни она што е запишано во Библијата (Псалми 16:10; Дела на апостолите 2:31). Затоа Јехова сметал дека е пригодно да го отстрани Исусовото тело, како што сторил порано и со Мојсеевото тело (5. Мојсеева 34:5, 6). Освен тоа, ако телото останало во гробот, Исусовите ученици не би можеле да разберат дека воскреснал од мртвите, бидејќи во тоа време не ги разбирале во потполност духовните работи.
9. Како Тома можел да ја стави раката во раната на материјализираното тело на воскреснатиот Исус?
9 Но, зарем не докажува фактот што Тома можел да ја стави раката на прободената Исусова страна, дека Исус воскреснал во истото тело во кое бил прикован на столб? Не, бидејќи Исус едноставно се материјализирал или зел човечко тело, како што порано веќе правеле ангелите. Тој се преобразил во тело со рана за да го увери Тома. Се појавил како човек, можел да јаде и да пие, како ангелот кого Аврам го нагостил (1. Мојсеева 18:8; Евреите 13:2).
10. Како знаеме дека Исус земал различни човечки тела?
10 И додека Исус се појавил пред Тома во тело слично на она во кое умрел, во други пригоди се појавувал пред своите ученици во различни тела. Затоа Марија Магдалена отпрвин мислела дека Исус е градинар. Во други пригоди неговите ученици воопшто не го препознале. А кога конечно го препознале, тоа не било на темел на неговата надворешна појава, туку по некоја негова изрека или постапка (Јован 20:14–16; 21:6, 7; Лука 24:30, 31).
11, 12. (а) На каков начин Исус ја напуштил Земјата? (б) На каков начин треба да очекуваме тој да се врати?
11 По своето воскресение Исус се појавувал четириесет дена пред своите ученици, секогаш во некое друго човечко тело (Дела на апостолите 1:3). Потоа се вознел на небото. Некој сега може да праша: ”Зарем двајцата ангели кои биле присутни не им рекле на апостолите дека Христос ќе дојде на ист начин, како што го виделе да оди на небото?“ (Дела на апостолите 1:11, NW). Точно, но забележи дека рекле ”на ист начин“, а не во исто тело. А на каков начин Исус ја напуштил Земјата? Тоа го сторил тивко, без да предизвика внимание во јавноста. Само неговите апостоли знаеле. Светот тоа не го видел.
12 Забележи како Библијата го опишува начинот на кој Исус ги напуштил апостолите кога отишол на небото: ”Пред нивните очи (беше) кренат во воздух, и облак го скри од нивните очи“ (Дела на апостолите 1:9, Ст). Значи, кога Исус се вознел на небото, еден облак го скрил од очите на неговите апостоли. Вознесениот Исус станал невидлив за нив, повеќе не можеле да го видат. Се вознел на небото во своето духовно тело (1. Петрово 3:18). Затоа и неговото враќање ќе биде невидливо, во духовно тело.
КАКО ЌЕ ГО ВИДИ СЕКОЕ ОКО?
13. Како треба да ги разбереме зборовите дека Христос ”ќе го види секое око“, при доаѓањето придружен од облаците?
13 Но, како да ги разбереме зборовите од Откровение 1:7, каде што апостол Јован напишал: ”Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око, и оние, што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите земни племиња“ (Ст). Библијата тука зборува за гледање, но не во дословна смисла, туку во смисла дека ќе го препознаат или забележат. На пример, кога некому му се објаснува нешто и тој разбере, може да каже: ”Сега гледам во што е работата.“ Факт е дека во Библијата исто така се зборува за ’очите на вашите срца‘ (Ефесјаните 1:18, ББД). Затоа изразот ”ќе го види секое око“ значи дека тогаш секој ќе препознае или ќе разбере дека Христос е присутен.
14. (а) На кого се мисли со изразот оние ”кои го прободоа“? (б) Зошто ќе има голема болка кога секој конечно ќе ја препознае Христовата присутност?
14 Луѓето кои навистина го ’проболе‘ Исус, повеќе не живеат. Значи, тие ги претставуваат оние кои со тоа што им нанесуваат штета на денешните Христови следбеници, ги имитираат луѓето кои живееле во првиот век (Матеј 25:40, 45). Наскоро Христос ќе ги уништи тие зли, кои однапред биле предупредени на тоа. И кога ќе се извршува казната над нив, тие ќе ”видат“ или ќе разберат што навистина се случува со нив. Тогаш нивната болка навистина ќе биде голема.
ДАЛИ ХРИСТОС ПОВТОРНО ДОАЃА НА ЗЕМЈАТА?
15. На кој начин честопати се употребува зборот ”да се врати“?
15 Зборот ”да се врати“ не значи секогаш да се дојде на некое дословно место. Така за некој болен велиме дека му се вратило здравјето. А за некогашен владетел може да се каже дека се вратил на власт. Во слична смисла Бог му рекол на Аврахам: ”Догодина во ова време Јас пак ќе дојдам при тебе, и Са́ра ќе има син“ (1. Мојсеева 18:14, ББД; 21:1). Јехова не се вратил дословно, туку обрнал внимание на Сара за да го исполни ветувањето.
16. (а) На кој начин Исус се вратил на Земјата? (б) Кога Христос повторно дошол и што се случило тогаш?
16 Така може да се рече дека враќањето на Христос не значи дека тој дословно ќе се врати на Земјата. Уште повеќе, тоа значи дека ќе прими царска власт над Земјата и дека на тој начин ѝ го обрнува своето внимание. За таа цел тој не треба да го напушти својот небесен престол и дословно да дојде на Земјата. Како што видовме во претходната глава, според Библијата, во 1914 дошло времето кое Бог го одредил Христос да се врати и да почне да владее. Во тоа време на небото се слушнал извик: ”Сега настапи спасението и силата и царската власт на нашиот Бог, и власта на неговиот Помазаник“ (Откровение 12:10, Ст).
17. Бидејќи Христовото враќање е невидливо, што дал за да го препознаеме неговото враќање?
17 Бидејќи Христотово враќање е невидливо, се поставува прашањето: Дали постои доказ дека тоа навистина се случило? Да, постои. Христос дал видлив ”знак“ по кој ќе познаеме дека е невидливо присутен и дека е близу крајот на светот. Ни преостанува да го испитаме тој ”знак“.
[Слика на страница 142]
Христос го жртвувал своето тело. Повеќе не може да го земе назад и повторно да биде човек
[Слики на страници 144 и 145]
Зошто по неговото воскресение Марија Магдалена погрешно мислела дека Исус е градинар?
Какво човечко тело требало да допре Тома, на барање од Исус?
[Слика на страница 147]
Христос требало да се врати на ист начин како што ја напуштил Земјата. На каков начин тој ја напуштил Земјата?