ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • ti стр. 16-20
  • Дали е Бог секогаш над Исус?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали е Бог секогаш над Исус?
  • Дали треба да се верува во Тројство?
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Исус — поинаков од Бог
  • Божји подложен слуга
  • Бог е повисок во сите времиња
  • Исус имал ограничено знаење
  • Исус останува подреден
  • Исус никогаш не тврдел дека е Бог
  • Кој е Исус Христос?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Дали Исус е Семоќен Бог?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Што вели Библијата за тврдењето дека „Христос е Бог“?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Дали Исус е Семоќен Бог?
    Одговор на библиски прашања
Повеќе
Дали треба да се верува во Тројство?
ti стр. 16-20

Дали е Бог секогаш над Исус?

ИСУС никогаш не тврдел дека е Бог. Сѐ што рекол за себе укажува на тоа дека никогаш не мислел дека по било што е еднаков со Бог — ни по силата ни по знаењето ниту по староста.

Во секој период од своето постоење — било на небото или на Земјата — тој со својот говор и со своето постапување ја докажувал својата потчинетост на Бог. Бог секогаш е повисокиот, а Исус помалиот, оној кој е создаден од Бог.

Исус — поинаков од Бог

ИСУС секогаш одново давал на знаење дека е суштество одвоено од Бога, и дека има над себе Бог, Бог кого тој го обожавал и го нарекувал ‚Татко‘. Во молитвата што ја упатил до Бог, т. е. Таткото, тој рекол: „. . . Тебе, единствениот вистинит Бог . . .“ (Јован 17:3, НС). Според Јован 20:17 (НС), на Марија Магдалена ѝ рекол: „Се вознесувам кај својот Татко и вашиот Татко, својот Бог и вашиот Бог“. Во 2. Коринтјаните 1:3 апостол Павле го потврдува овој однос: „Нека е благословен Богот и Отецот на нашиот Господ Исус Христос“. Бидејќи Исус имал Бог, својот Татко, не би можел истовремено да биде тој Бог.

Апостолите не се притеснувале да говорат за Исус и Бог како за две меѓусебно јасно одвоени личности: „Но ние имаме само еден Бог, Отецот . . . и еден Господ Исус Христос“ (1. Коринтјаните 8:6). Апостол Павле ја покажува разликата со зборовите: „Пред Бог и Господ Исус Христос и неговите избрани ангели“ (1. Тимотеј 5:21). Како што Павле говори за Исус и за ангелите како за меѓусебно одвоени суштества на небото, така Исус и Бог се две меѓусебно одвоени личности.

Значајни се исто така и Исусовите зборови во Јован 8:17, 18: „И во Законот ваш е напишано, дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско. Јас сум што сведочам за Себе, и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене“. Овде Исус покажува дека тој и Отецот, т. е. Семоќниот Бог, се две меѓусебно одвоени личности, инаку како би можеле тие двајцата да бидат два сведока?

Понатаму, Исус објаснил дека тој е битие одвоено од Бога, кога рекол: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единствениот Бог“ (Марко 10:18, Дуда-Фуќак). Така Исус рекол дека никој не е толку добар како Бог, па дури ни тој, Исус. Бог е добар на начин кој го разликува од Исус.

Божји подложен слуга

ИСУС секогаш давал изјави како што се овие: „Синот не може ништо да прави сам по своја волја, туку само она што гледа дека го прави Таткото“ (Јован 5:19, НС). „Зашто, јас слегов од небото, не за да ја вршам мојата волја, туку волјата на оној кој ме испратил“ (Јован 6:38, НС). „Она што го учам не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испратил“ (Јован 7:16, НС). Зарем оној кој испраќа некого не е поголем од оној што е испратен?

Овој однос е очигледен во споредбата за лозјето. Исус го споредил Бог, својот Татко, со стопанот на лозјето кој за некое време отпатувал вон земјата, оставајќи го лозјето на лозарите кои го предочувале еврејското свештенство. Кога подоцна стопанот испратил еден роб да земе дел од плодовите на лозјето, лозарите го претепале робот, испраќајќи го со празни раце. Тогаш стопанот испратил друг роб, а потоа и трет; меѓутоа, со обајцата постапиле како со првиот. Најпосле, стопанот рекол: „Ќе го пратам својот љубен син [Исус]. Белки спрема него ќе имаат обѕир“. Но, расипаните лозари рекле: „,Ова е наследникот! Ајде да го убиеме за да ни припадне нам наследството!‘ И го исфрлија од лозјето и го убија“ (Лука 20:9-16, Ст). Така Исус ја предочил својата сопствена положба на оној кој бил испратен од Бога да ја врши Божјата волја, токму така како што еден татко го испраќа својот подложен син.

Исусовите следбеници секогаш гледале на него како на подложен Божји слуга, а не како на оној кој му е рамен на Бог. Го молеле Бог во врска со „твојот свет Слуга Исус, ‚кого си го помазал‘ . . . за да се случуват оздравувања и чудесни знаци по името на твојот свет Слуга“ (Дела 4:23, 27, 30, Ст).

Бог е повисок во сите времиња

ВЕДНАШ на почетокот од Исусовото делување на Земјата, откако бил крстен и излегол од водата, Божјиот глас од небото рекол: „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3:16, 17). Дали Бог рекол дека тој е свој сопствен син, дека е по волја на самиот себе и дека се испратил самиот себеси? Не, Бог, Творецот, рекол дека нему, како на оној кој е повисок, му е по волја некој помал, неговиот Син Исус, за задачата која му претстоела.

Исус укажал на повисоката положба на Таткото кога рекол: „Јеховиниот дух е на мене, зашто ме помаза да им ја објавам добрата вест на сиромашните“ (Лука 4:18, НС). Да се помаза некого значи дека некој кој е повисок му пренесува авторитет на некој кој сѐ уште нема авторитет, или дека му доделува некаква задача. Во тој случај, Бог, без приговор, е повисок, бидејќи тој го помазал Исус и му дал авторитет што порано го немал.

Исус јасно укажал дека неговиот Татко е повисок кога мајката на двајцата негови ученици го замолила кога ќе дојде во своето Царство, едниот нејзин син да му седи од десната страна а другиот од левата. Исус одговорил: „Не зависи од мене јас да давам место од својата десна или лева страна. Тоа им припаѓа на оние за кои го одредил мојот Татко“ (Матеј 20:23, Ст). Да бил Исус Семоќен Бог, неговата задача би била да доделува места. Но, Исус не можел да ги додели, затоа што тоа била Божја работа, а Исус не е Бог.

Исусовите молитви се силен пример за неговата подредена положба. Кога ѝ гледал на смртта в очи, покажал кој е повисок кога се молел: „Оче, ако сакаш, тргни ја оваа чаша од мене. Но, не мојата волја, туку твојата нека биде“ (Лука 22:42, НС). На кого се молел? Дали на еден дел од самиот себе? Не, тој се молел на некој кој во потполност бил одвоен од него, на својот Бог, Отецот, чија волја била повисока и која можела да биде поинаква од неговата, на Единствениот кој бил во состојба да ја ‚тргне чашата‘.

Кратко пред смртта, Исус извикал: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си ме оставил?“ (Марко 15:34). Кон кого викал Исус? Дали кон самиот себе или кон некој дел од себе? Повикот „Боже мој“ сигурно не дошол од некој кој самиот себе се сметал за Бог. Но ако Исус бил Бог, тогаш кој го напуштил? Дали се напуштил самиот себеси? Тоа не би имало смисла. Исус исто така рекол: „Оче! Во твои раце го доверувам својот дух“ (Лука 23:46, НС). Ако Исус бил Бог, тогаш зошто би требало својот дух да му го довери на Отецот?

Кога Исус умрел, три дена бил во гробот. Ако бил Бог, тогаш Хабакук 1:12 (Ст) не би бил точен, бидејќи таму вели: „Боже мој, Светецу мој! Ти кој не умираш!“ Меѓутоа, Библијата вели дека Исус умрел и дека лежел во гробот без свест. А кој го воскреснал Исус од мртвите? Ако навистина бил мртов, не можел сам себе да се воскресне. Но, ако не бил вистински туку само привидно мртов, тогаш не би ја платил откупната цена за Адамовиот грев. Но, тој навистина умрел и ја платил полната цена. Значи, Бог бил тој кој „го воскреснал (Исуса), ослободувајќи го од веригите на смртта“ (Дела 2:24, Ст). Оној кој е повисок, Семоќниот Бог, го подигнал оној кој е помал, својот слуга Исус, од смртта.

Дали фактот дека Исус можел да прави чуда, како на пример да воскреснува мртви, укажува на тоа дека тој бил Бог? Иако и апостолите, како и пророците Илија и Јелисеј, исто така ја имале таа моќ, сепак биле само луѓе. На пророците, на Исус и на апостолите, Бог им дал моќ да прават чуда за да покаже со тоа дека Тој стоел зад нив. Сепак, со тоа не станале дел од некое многулико божество.

Исус имал ограничено знаење

ВО ВРСКА со своето пророштво за крајот на овој систем, Исус изјавил: „Што се однесува до оној ден и час, за тоа никој ништо не знае; ни ангелите на небото, ни Синот, туку единствено Отецот“ (Марко 13:32, Ст). Да бил Исус втората по големина еднаква личност од некое божество, тогаш би го знаел она што го знае и Отецот. Но, Исус тоа не го знаел, бидејќи тој не бил еднаков со Бог.

Понатаму, во Евреите 5:8 (Ст) читаме дека Исус „од искуство се научил на послушност од она што го претрпел“. Дали можеме да си претставиме дека Бог треба било што да научи? Не, но Исус требало да научи нешто што Бог никогаш не треба да го учи — а тоа е послушноста. Бог никогаш никого не морал да слуша.

Разликата меѓу Божјето знаење и Христовото знаење исто така постоела кога Исус бил воскреснат во небесен живот за да биде со Бог. Да ги забележиме почетните зборови од последната библиска книга: „Откровение на Исус Христос кое му го даде Бог“ (Откровение 1:1, Ст). Да бил Исус дел од некое божество, дали тогаш еден друг дел од божеството — Бог — требало да му даде откровение? Тогаш сигурно би знаел сѐ за тоа, бидејќи Бог знаел. Меѓутоа, Исус тоа не го знаел, затоа што тој не е Бог.

Исус останува подреден

ИСУС му бил подреден на Бог, како во своето претчовечко постоење така и додека бил на Земјата. После своето воскресение останал во подредена, второстепена положба.

Говорејќи за воскреснатиот Исус, Петар и оние кои биле со него, пред еврејскиот Синедрион рекле: „Овој [Исус] Бог го возвиши . . . на својата десница“ (Дела 5:31, НС). Павле пишувал: „Бог него го возвиси во надредена положба“ (Филипјаните 2:9, НС). Да бил Исус Бог, како можел да биде возвишен, односно да биде подигнат на повисока положба од онаа што ја имал пред тоа? Како дел од тројството веќе би бил возвишен. Доколку Исус, пред да биде возвишен, му бил рамен на Бог, со своето возвишување би станал повисок отколку Бог.

Павле исто така рекол дека Христос влегол „во самото небо, да посредува за нас пред Божјето лице“ (Евреите 9:24, Ст). Ако се појавиш пред некој друг, како можеш тогаш истовремено да бидеш таа личност? За да го сториш тоа, мораш да бидеш некоја друга, од него одвоена личност.

Маченикот Стефан, непосредно пред да биде каменуван до смрт, „погледнал во небото и ја видел Божјата слава и Исус како стои на десната страна од Бог“ (Дела 7:55, НС). Тој јасно видел две меѓусебно одвоени личности — но не видел никаков свет дух, ниту пак троеден Бог.

Во Откровение 4:8 до 5:7 Бог е прикажан како седи на својот небески престол, но не и Исус. Тој треба да отиде кај Бог и од Божјата десница да го земе свитокот. Тоа покажува дека Исус на небото не бил Бог, туку бил одвоен од него.

Во согласност со тоа се и објаснувањата во изданието Bulletin of the John Rylands Library (Билтен на библиотеката на Џон Рилендз) во Манчестер (Англија): „По своето воскреснување во небесен живот, Исус е прикажан како личност која ја задржува својата индивидуалност и која е сосема различна и одвоена од Божјата личност како што бил во својот живот на Земјата како земски Исус. Покрај тоа, и во споредба со Бог, тој се појавува како уште едно небеско битие во Божјите небески дворци, слично на ангелите — иако како Божји Син спаѓа во една друга категорија и зазема ранг кој е далеку над нив“. (Спореди Филипјаните 2:11.)

Во Билтенот понатаму се вели: „Меѓутоа, она што е речено за неговиот живот и неговите задачи како небесен Христос, ниту значи, а ниту пак подразбира дека тој во божествената положба е еднаков со Бог и дека во потполност самиот е Бог. За разлика од тоа, во новозаветниот опис на неговата небесна личност и неговата служба гледаме само личност која е одвоена и потчинета на Бог.

Во вечна иднина на небото Исус и понатаму ќе биде одвоен од Бог и негов потчинет слуга. Во Библијата тоа е опишано вака: „Потоа ќе дојде свршетокот, кога [Исус на небото] ќе му го предаде . . . царството на Бог и Отецот . . . Тогаш и самиот Син ќе се подложи на Оној кој сѐ му подложил, за Бог да биде сѐ во сѐ“ (1. Коринтјаните 15:24, 28, Ст).

Исус никогаш не тврдел дека е Бог

ГЛЕДИШТЕТО на Библијата е јасно. Јехова, Семоќниот Бог, не е само личност одвоена од Исус туку и за сите времиња е повисок од него. Исус секогаш е прикажан како одвоен и помал, како понизен Божји слуга. Затоа Библијата јасно вели дека „Бог е глава на Христос“ како што е „Христос глава на секој човек“ (1. Коринтјаните 11:3, Ст). А поради тоа и самиот Исус рекол: „Отецот [е] поголем од мене“ (Јован 14:28, Ст).

Навистина, Исус не е Бог, ниту пак некогаш го тврдел тоа. Тоа го признаваат сѐ поголем број изучувачи. Така во споменатиот Билтен пишува: „Треба да се соочиме со фактот дека во изминатите триесет до четириесет години сѐ поголем број угледни изучувачи на Новиот завет доаѓаат до уверување дека Исус . . . никогаш себеси не се сметал за Бог“.

Билтенот исто така вели за христијаните од првиот век: „Кога на Исус му давале почесни титули како Христос, Син човечки, Син Божји и Господ, со тоа сакале да покажат дека тој вршел Божје дело, а не дека е Бог“.

Така дури и некои религионисти признаваат дека претставата за Христос како Бог му противречи на целокупното сведоштво на Библијата. Тоа покажува дека Бог секогаш е повисок, а Христос му е подреден слуга.

[Истакната мисла на страница 19]

„Сѐ поголем број угледни изучувачи на Новиот завет доаѓаат до уверување дека Исус . . . никогаш не се сметал себеси за Бог“ (Bulletin of the John Rylands Library)

[Слика на страница 17]

Исус им рекол на Евреите: „Јас слегов од небото не за да ја вршам мојата волја, туку волјата на оној кој ме испратил“ (Јован 6:38, НС).

[Слика на страница 18]

Кога Исус повикал: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?“ сигурно не верувал дека тој самиот е Бог

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели