Трансфузија на крв — колку е безбедна?
Пред да се подложи на каква и да е сериозна медицинска постапка, лицето кое размислува ќе научи за можните користи и ризици. Како е со трансфузијата на крв? Сега таа е главна алатка во медицината. Многу лекари кои се искрено заинтересирани за своите пациенти, можеби не би се колебале многу да дадат крв. Таа е наречена дар на животот.
Милиони лица дале или примиле крв. Во 1986—1987 година, Канада имала 1,3 милиони дарители при популација од 25 милиони. „[Во] последната година за која постојат расположливи бројки, само во Соединетите Држави биле употребени помеѓу 12 и 14 милиони единици крв за трансфузија“ (The New York Times, 18 февруари 1990).
„Крвта отсекогаш поседувала ‚магично‘ својство“ — забележува д-р Луиз Џ. Китинг. „Во првите 46 години, и лекарите и јавноста сметаа дека залихите на крв се побезбедни отколку што навистина се“ (Cleveland Clinic Journal of Medicine, мај 1989). Каква била ситуацијата тогаш, а каква е сега?
Уште пред 30 години, на патолозите и на персоналот во крвните банки им било советувано: „Крвта е динамит! Таа може да направи големо добро или огромна штета. Смртноста од трансфузија на крв е еднаква на смртноста од анестезија со етер или од операција на слепо црево. Се вели дека има приближно еден умрен на 1.000 до 3.000 или можеби на 5.000 трансфузии. Се известува дека на подрачјето на Лондон има еден умрен на секои 13.000 шишиња трансфундирана крв“ (New York State Journal of Medicine, 15 јануари 1960).
Дали оттогаш опасностите се отстранети така што трансфузијата сега е безбедна? Отворено речено, секоја година стотици илјади имаат неповолни реакции на крвта, а мнозина умираат. Со оглед на претходните коментари, она што може да ти дојде на ум се болестите кои се пренесуваат преку крвта. Пред да го испиташ овој аспект, размисли за некои од ризиците кои се помалку познати.
КРВТА И ТВОЈОТ ИМУНИТЕТ
Во почетокот на XX век, научниците го продлабочиле човековото разбирање на зачудувачката сложеност на крвта. Тие дознале дека постојат различни крвни групи. Усогласувањето на крвта на дарителот и на пациентот при трансфузијата е пресудно. Ако некој со крвна група А прими крв од крвна група Б, може да има тешка хемолитичка реакција. Тоа може да уништи многу од неговите црвени крвни зрнца и брзо да го убие. Иако групирањето на крвта и вкрстувањето сега се рутина, сепак се случуваат грешки.
Фактите покажуваат дека спорното прашање за неспоивост сега оди многу подалеку од релативно малкуте крвни групи што болниците се обидуваат да ги сложат. Зошто? Па, во својата статија „Blood Transfusion: Uses, Abuses, and Hazards“ (Трансфузија на крв: Употреби, злоупотреби и ризици), д-р Даглас Х. Поси помладиот пишува: „Пред околу 30 години Сампсон ја опиша трансфузијата на крв како релативно опасна постапка . . . [Оттогаш] се идентификувани и окарактеризирани најмалку 400 дополнителни антигени на црвените крвни зрнца. Нема сомневање дека бројот ќе продолжи да расте, затоа што мембраната на црвените зрнца е енормно сложена“ (Journal of the National Medical Association, јули 1989).
Научниците сега ги проучуваат последиците од трансфундираната крв врз одбранбениот, односно имунолошкиот систем на телото. Што би можело да значи тоа за тебе или за некој роднина кој треба да се оперира?
Кога лекарите пресадуваат срце, црн дроб или некој друг орган, имунолошкиот систем на примателот може да го почувствува туѓото ткиво и да го отфрли. А трансфузијата претставува пресадување на ткиво. Дури и крвта која „исправно“ е вкрстена, може да го задуши имунолошкиот систем. На една конференција на патолози било истакнато дека стотици медицински документи „ги поврзувале трансфузиите на крв со имунолошките реакции“ („Case Builds Against Transfusions“, Medical World News, 11 декември 1989).
Примарна задача на твојот имунолошки систем е да ги открие и да ги уништи малигните клетки (на рак). Дали би можел ослабениот имунитет да доведе до рак и смрт? Забележи ги следните два извештаја.
Списанието Cancer (15 февруари 1987) ги навело резултатите од една студија направена во Холандија: „Кај пациентите со рак на дебелото црево бил забележан значителен неповолен ефект од трансфузијата во однос на долгорочното преживување. Во оваа група постоела кумулативна 5-годишна сеопшта стапка на преживување од 48 отсто кај пациентите кои примиле трансфузија и 74 отсто кај пациентите кои не примиле трансфузија“. Лекарите од универзитетот во Јужна Калифорнија ја следеле здравствената состојба кај сто пациенти кои биле оперирани од рак. „Стапката на повторно појавување на рак на ларинксот изнесуваше 14 отсто кај оние кои не примиле крв и 65 отсто кај оние кои примиле. За ракот на усната шуплина, фаринксот и носот или синусот, стапката на повторно појавување изнесуваше 31 отсто без трансфузија и 71 отсто со трансфузија“ (Annals of Otology, Rhinology & Laryngology, март 1989).
На што укажуваат ваквите студии во врска со трансфузијата? Во својата статија „Трансфузии на крв и операции на рак“, д-р Џон С. Спрат заклучил: „Хирургот за рак можеби треба да стане бескрвен хирург“ (The American Journal of Surgery, септември 1986).
Друга примарна задача на твојот имунолошки систем е одбрана од инфекции. Затоа е разбирливо што некои студии покажуваат дека пациентите кои добиваат крв се посклони на инфекции. Д-р П. И. Тартер направил една студија во врска со операциите на колоректумот. Кај 25 отсто од пациентите на кои им била давана трансфузија се развиле инфекции, во споредба со 4 отсто од оние кои не добиле трансфузија. Тој известува: „Трансфузијата на крв беше поврзана со инфекциски компликации кога беше давана пред, за време или после операциите . . . Ризикот од постоперативни инфекции се зголемуваше паралелно со бројот на дадените единици крв“ (The British Journal of Surgery, август 1988). Присутните на еден состанок на Американското здружение на крвни банки во 1989 година го научиле следново: Додека кај 23 отсто од оние кои примиле дарувана крв во текот на операцијата на замена на колк се развиле инфекции, кај оние кои не примиле крв немало воопшто никакви инфекции.
Во врска со ваквите последици од трансфузијата на крв, д-р Џон А. Колинс напишал: „Навистина би било иронично ако за некое ‚лекување‘ за кое постојат малку докази дека постигнува нешто добро, отпосле се заклучи дека тоа зголемува еден од главните проблеми со кои се соочуваат таквите пациенти“ (World Journal of Surgery, февруари 1987).
БЕЗ ОПАСНОСТ ОД БОЛЕСТИ ИЛИ ПОЛНА СО ОПАСНОСТИ?
Совесните лекари и многу пациенти се загрижени поради болеста што се пренесува преку крвта. За каква болест станува збор? Отворено речено, не може да се ограничи само на една; ги има навистина многу.
Откако ги разгледува попознатите болести, публикацијата Techniques of Blood Transfusion (Техники на трансфузија на крв, 1982), упатува на „други инфекциски болести што се поврзани со трансфузијата“, како што се сифилис, инфекција со цитомегаловирус и маларија. Потоа вели: „Се известува дека преку трансфузијата на крв се пренесуваат и повеќе други болести, вклучувајќи ги и инфекциите со вирус на херпес, инфективна мононуклеоза (вирусот Епштајн-Бар), токсоплазмоза, трипаносомијаза [африканска болест на спиење и Шагасова болест], лишманијаза, бруцелоза (брановидна треска), тифус, филаријаза, сипаници, салмонелоза и треската на Колорадо крлежот.
Всушност, списокот на вакви болести расте. Можеби си читал ударни наслови како што се „Лајмова болест од трансфузија? Малку веројатна, но стручњаците се претпазливи“. Колку е безбедна крвта од некој кој има позитивен тест на Лајмова болест? Еден одбор од здравствени службеници бил запрашан дали тие би примиле таква крв. „Сите одговорија со не, иако ниеден не препорача да се исфрли крвта од таквите дарители.“ Што би требало да мисли јавноста за складирана крв која самите стручњаци не би ја примиле? (The New York Times, 18 јули 1989).
Втората причина за загриженост е што крвта која е собрана во земја каде што во голема мера е присутна некоја болест, може да биде употребена многу далеку, каде што ниту јавноста ниту лекарите се свесни за опасноста. Со оглед на тоа дека денес сѐ повеќе се патува, вклучувајќи ги бегалците и имигрантите, станува сѐ поголем ризикот некој крвен продукт во себе да крие некоја непозната болест.
Освен тоа, еден специјалист за заразни болести предупредил: „Залихите од крв можеби ќе треба да се проверат за да се спречи пренесувањето на повеќе болести кои порано не се сметаа за заразни, вклучувајќи леукемија, лимфом и деменција [или Алцхајмерова болест]“ (Transfusion Medicine Reviews, јануари 1989).
Иако овие ризици се застрашувачки, други создале уште поголем страв.
ПАНДЕМИЈАТА НА СИДА
„СИДА-та засекогаш го измени начинот на кој лекарите и пациентите размислуваат за крвта. А тоа и не е лоша идеја, рекле лекарите кои биле собрани на една конференција за трансфузијата на крв во Националните институти за здравство“ (Washington Post, 5 јули 1988).
Пандемијата на СИДА (синдром на стекнат недостаток на имунитет), со сета силина ги освести луѓето за опасноста од добивање заразни болести преку крвта. Сега милиони се заразени. Таа се шири без контрола. А нејзината стапка на смртност практично изнесува 100 отсто.
СИДА-та ја предизвикува вирусот на човечки недостиг на имунитет (ХИВ), кој може да се шири преку крвта. Современата чума на СИДА дојде на виделина во 1981 година. Веднаш следната година, здравствените стручњаци дознаа дека вирусот веројатно би можел да биде пренесен во крвните продукти. Сега се признава дека крвната индустрија бавно реагирала, дури и откако биле достапни тестови за идентификување на крвта што содржи антитела на ХИВ. Испитувањето на крвта на дарителите конечно започна во 1985 година,a но ниту тогаш не беше применето на крвните продукти кои веќе се наоѓаа на полиците.
Потоа, јавноста била уверувана: ‚Залихите од крв сега се безбедни‘. Меѓутоа, подоцна било откриено дека кај СИДА-та постои една опасна „дијагностичка дупка“. Откако едно лице ќе се зарази, би можело да пројдат месеци додека почне да создава антитела што можат да се откријат. Несвесно за фактот дека во себе го крие вирусот, лицето би можело да дарува крв чиј тест би бил негативен. Тоа веќе и се случувало. Кај луѓето се развивала СИДА откако им била трансфундирана таква крв!
Сликата станувала сѐ помрачна. Списанието The New England Journal of Medicine (1 јуни 1989) известило за „Тивки инфекции со ХИВ“. Било установено дека луѓето можат да го носат вирусот на СИДА со години, без да може да се открие со сегашните индиректни тестови. Некои би сакале да го омаловажат тоа како ретки случаи, но тие докажуваат „дека не може во потполност да се отстрани ризикот од пренесување на СИДА преку крвта и нејзините состојки“ (Patient Care, 30 ноември 1989). Вознемирувачкиот заклучок е: Негативниот тест не може да се смета како потврда дека некој е здрав. Уште колкумина допрва ќе добијат СИДА преку крвта?
СЛЕДНИОТ ТРОПОТ? ИЛИ ТРОПОТИ?
Многумина кои живеат во станови, имаат слушнато тропот на чевел како удира по подот во станот над нив; потоа можеби напнато го очекувале следниот. Во дилемата со крвта, никој не знае уште колку смртоносни тропоти би можело да удрат.
Вирусот на СИДА бил означен како ХИВ, но некои стручњаци сега го нарекуваат ХИВ-1. Зошто? Затоа што пронашле друг вирус од типот на СИДА (ХИВ-2). Тој може да предизвика симптоми на СИДА и во некои подрачја веќе е раширен. Освен тоа, тој „не може доследно да се открива преку тестовите на СИДА кои сега се употребуваат овде“, известува The New York Times (27 јуни 1989). „Новите пронајдоци . . . им отежнуваат на крвните банки да бидат сигурни дека даруваната крв е безбедна.“
А како е со далечните роднини на вирусот на СИДА? Една претседателска комисија (САД) рекла дека „се верува оти еден таков вирус е причината за леукемија/лимфом на Т-клетките кај возрасните, како и за една тешка невролошка болест“. Овој вирус веќе се наоѓа во крвта на дарителите и може да се шири во крвта. Луѓето имаат право да се прашаат: ‚Колку е делотворно проверувањето на крвните банки во врска со таквите други вируси?‘
Навистина, само времето ќе каже колку вируси кои се преносливи преку крвта, демнат во залихите од крв. „Непознатото може да биде поголема причина за загриженост отколку познатото“, пишува д-р Харолд Т. Меримен. „Ќе биде тешко преносливите вируси, чие време на инкубација изнесува многу години, да се поврзат со трансфузијата, а уште потешко да се откријат. Групата ХТЛВ сигурно е само првата од оние кои излегле на површина“ (Transfusion Medicine Reviews, јули 1989). „Како да не е доволно мизерна епидемијата на СИДА . . . извесен број новопредложени или опишани ризици од трансфузијата го свртеа вниманието во 1980-тите години. Не е потребна голема фантазија да се претскаже дека постојат и други сериозни вирусни болести и дека се пренесуваат преку хомологни трансфузии“ (Limiting Homologous Exposure: Alternative Strategies, 1989).
Веќе одекнале толку многу „тропоти“, што Центрите за контрола на болестите препорачуваат „сеопшти мерки на претпазливост“. Тоа значи, ‚здравствените работници треба да претпостават дека сите пациенти можат да се заразат од ХИВ и од други предизвикувачи на болест кои се пренесуваат преку крвта‘. Со добра причина, здравствените работници и луѓето од јавноста го преиспитуваат своето гледиште за крвта.
[Фуснота]
a Не можеме да претпоставиме дека допрва ќе се тестира сета крв. На пример, се известува дека до почетокот на 1989 година, околу 80 отсто од крвните банки во Бразил не биле под владина контрола ниту, пак, вршеле тестови на СИДА.
[Рамка на страница 8]
„Приближно секоја стота трансфузија е придружена со треска, студенило или уртикарија [јадеж] . . . Приближно секоја 6.000-та трансфузија на црвени крвни зрнца доведува до хемолитичка трансфузиска реакција. Тоа е една тешка имунолошка реакција што може да настапи акутно или одложено неколку дена после трансфузијата; таа може да доведе до акутно откажување [на бубрезите], шок, интраваскуларна коагулација, па дури и до смрт“ (Конференција на National Institutes of Health [NIH], 1988).
[Рамка на страница 9]
Данскиот научник Нилс Јерн во 1984 година беше еден од добитниците на Нобелова награда за медицина. Кога беше запрашан зошто одбил трансфузија на крв, тој рекол: „Крвта на едно лице е како отисокот од неговите прсти — не постојат две крвни групи кои се потполно исти“.
[Рамка на страница 10]
КРВ, ОШТЕТЕНИ ЦРНИ ДРОБОВИ И . . .
„Иронично е што СИДА-та, која се пренесува преку крвта . . . никогаш не претставувала толкава закана како другите болести — на пример хепатитот“, објаснил Washington Post.
Да, голем број луѓе тешко заболеле и умреле од таков хепатит, за кој нема никакво одредено лечење. Според U.S.News & World Report (1 мај 1989), околу 5 отсто од оние на кои им е дадена крв во Соединетите Држави, се заразуваат со хепатит — 175.000 луѓе годишно. Околу половината стануваат хронични пренесувачи, а најмалку секој петти добива цироза или рак на црниот дроб. Се проценува дека 4.000 умираат. Замисли си ги ударните наслови што би ги прочитал кога би паднал некој џамбо-џет и сите би загинале. Но, 4.000 умрени значи исто како секој месец да паѓа по еден полн џамбо-џет!
На лекарите одамна им е познато дека еден поблаг хепатит (тип А) бил раширен преку нечиста храна и вода. Потоа сфатиле дека еден посериозен облик се ширел преку крвта, а немале како да ја испитаат крвта. Најпосле, извонредните научници дознале како можат да се откријат „отпечатоците“ на овој вирус (тип Б). Од почетокот на 1970-тите години, во некои земји крвта била испитувана. Залихите со крв изгледале сигурни, а иднината за крвта се чинела светла! Дали навистина била?
Наскоро било јасно дека илјадници, на кои им била дадена испитана крв, сѐ уште развивале хепатит. Мнозина дознале дека после некоја исцрпувачка болест, црните дробови им се уништени. Зошто се случувало тоа ако крвта била испитувана? Крвта содржела еден друг облик, наречен не А не Б хепатит (НАНБ). Цела деценија тој ја тормозел трансфузијата — меѓу 8 и 17 отсто од оние кои примиле трансфузија во Израел, Италија, Јапонија, САД, Шведска и во Шпанија, биле заразени од него.
Тогаш се појавиле ударни наслови како: „Конечно изолиран мистериозен вирус на хепатит не А не Б“; „Прекинување на грозницата во крвта“. Повторно, пораката била: „Недопирливиот предизвикувач е откриен!“ Во април 1989 година, на јавноста ѝ било речено дека на располагање стои тест за НАНБ, сега наречен хепатит Ц.
Можеби се прашуваш дали ова олеснување е прерано. Всушност, италијанските истражувачи известиле за еден друг вирус на хепатит, еден мутант кој би можел да биде одговорен за една третина од случаите. „Некои авторитети се загрижени“, забележал Harvard Medical School Health Letter (ноември 1989), „дека А, Б, Ц и Д не се целата азбука на вируси на хепатит; би можеле да се појават и други.“ New York Times (13 февруари 1990) навел: „Експертите многу се сомневаат во тоа дека и други вируси би можеле да предизвикаат хепатит; ако се откријат, ќе бидат означени како хепатит Е, итн.“
Дали крвните банки се соочени со подолги трагања по тестови со цел крвта да се направи сигурна? Наведувајќи го проблемот околу трошокот, еден директор на Американскиот црвен крст го дал следниов вознемирувачки коментар: „Не можеме едноставно да додаваме еден тест по друг за секој инфективен причинител што би можел да се рашири“ (Medical World News, 8 мај 1989).
Дури и тестот на хепатит Б е погрешлив; мнозина сѐ уште се заразуваат со него преку крвта. Освен тоа, дали луѓето ќе бидат задоволни со најавениот тест на хепатит Ц? The Journal of the American Medical Association (5 јануари 1990) покажал дека може да помине една година додека преку тест се откријат антитела против оваа болест. Во меѓувреме, лицата на кои им се дава крв може да се соочат со уништен црн дроб и — со смрт.
[Рамка/слика на страница 11]
Шагасовата болест илустрира како може преку крвта да се пренесе болест до многу оддалечени луѓе. Весникот „The Medical Post“ (16 јануари 1990) известува дека ‚10 до 12 милиони луѓе во Латинска Америка се хронично заразени‘. Наречена е „една од најголемите трансфузиски ризици во Јужна Америка“. Инсектот—убиец ја каснува жртвата во лице додека таа спие, цица крв и остава измет во раната. Жртвата може да ја носи Шагасовата болест со години (а во меѓувреме можеби дава крв), пред да развие фатални срцеви компликации
Зошто треба ова да ги загрижува луѓето од далечните континенти? Во „The New York Times“ (23 мај 1989), д-р Л. К. Алтман известил за пациенти со посттрансфузиска Шагасова болест, од која еден умрел. Алтман напишал: „Додатни случаи веројатно останале неоткриени затоа што [овдешните лекари] не се запознаени со Шагасовата болест ниту, пак, сфаќаат дека таа може да се рашири преку трансфузија“. Да, крвта може да биде превозно средство со кое болестите надалеку патуваат.
[Рамка на страница 12]
Д-р Кнуд Лунд-Олесен напишал: „Со оглед на тоа што . . . некои лица од високоризичните групи доброволно даруваат крв затоа што потоа автоматски се тестирани на СИДА, мислам дека постои причина да се биде несклон кон прифаќање трансфузија на крв. Јеховините сведоци веќе со години ја одбиваат. Дали гледале во иднината?“ („Ugeskrift for Læger“, 26 септември 1988).
[Слика на страница 9]
Папата преживеа атентат. Откако ја напушти болницата, повторно беше вратен назад на уште два месеца, бидејќи „многу страдал“. Од што? Од можна фатална инфекција со цитомегаловирус од крвта што ја примил
[Извор на слика]
UPI/Bettmann Newsphotos
[Слика на страница 12]
Вирус на СИДА
[Извор на слика]
CDC, Атланта (Џорџија)