Крв која навистина спасува животи
Некои точки се јасни од претходните информации. И покрај тоа што многу луѓе ја сметаат за животоспасувачка, трансфузијата на крв е полна со ризици. Секоја година илјадници луѓе умираат како резултат на трансфузијата; многу други тешко заболуваат и се соочуваат со долготрајни последици. Затоа, дури и од здравствено гледиште, мудро е уште сега да ја слушаме библиската заповед ‚да се воздржуваме од крв‘ (Дела 15:28, 29).
Пациентите се заштитени од многу опасности ако бараат бескрвна медицинска постапка. Вештите лекари кои го прифатиле предизвикот да го применуваат ова кај Јеховините сведоци, развиле стандардна практика која е сигурна и делотворна, како што е докажано во бројни медицински извештаи. Лекарите кои даваат квалитетна нега без крв, не ги компромитираат ценетите медицински начела. Напротив, тие покажуваат почит спрема правото на пациентот да ги знае ризиците и користите за да може да донесе информиран избор во врска со тоа што ќе се прави со неговото тело и живот.
Ние не сме наивни во врска со оваа работа, бидејќи сфаќаме дека сите нема да се согласат со овој пристап. Луѓето се разликуваат во поглед на совеста, етиката и медицинските гледишта. Затоа, на други, вклучувајќи и некои лекари, може да им биде тешко да ја прифатат одлуката на пациентот да се воздржува од крв. Еден хирург од Њујорк напишал: „Никогаш нема да заборавам кога пред 15 години, како млад стажист, стоев до креветот на еден Јеховин сведок кој искрвави до смрт од чир на дванаесетпалечното црево. Беа почитувани желбите на пациентот и не беше дадена трансфузија, но сѐ уште се сеќавам на огромната фрустрираност што ја чувствував како лекар“.
Тој несомнено верувал дека крвта би била животоспасувачка. Меѓутоа, следната година откако го напишал тоа, The British Journal of Surgery (октомври 1986) известил дека пред појавата на трансфузијата, гастроинтестиналното крвавење имало „стапка на смртност од само 2,5 отсто“. Поради тоа што трансфузиите станале вообичаени, ‚повеќето големи студии известуваат за 10-отстотна смртност‘. Зошто стапката на смртност е четири пати повисока? Истражувачите укажале: „Изгледа дека раната трансфузија на крв ја менува хиперкоагулабилната реакција на крвавење и затоа го поттикнува повторното крвавење“. Кога ќе одбие крв, Сведокот кој има чир што крвави, со својот избор всушност тој можеби максимално ги зголемил своите изгледи за преживување.
Истиот овој хирург додал: „Со текот на времето, откако ќе излечиш многу пациенти, стануваш склон да го смениш своето гледиште, а јас денес сметам дека довербата меѓу пациентот и неговиот лекар, како и должноста да се почитуваат желбите на пациентот, се далеку поважни отколку новата медицинска технологија што нѐ опкружува . . . Интересно е дека фрустрацијата сега му отстапила место на чувството на стравопочит и респект спрема непоколебливата вера на тој посебен пациент“. Лекарот заклучил: ‚Тоа ме потсетува дека секогаш треба да ги почитувам личните и религиозните желби на пациентот, без оглед на моите чувства или последиците‘.
Можеби веќе сфаќаш нешто што многу лекари почнуваат да го сфаќаат ‚откако со текот на времето излечиле многу пациенти‘. Дури и со најдобрата медицинска нега во најдобрите болници, во еден момент луѓето умираат. Со или без трансфузија на крв, тие умираат. Сите ние старееме, а крајот на животот се приближува. Тоа не е фаталистично. Тоа е реалистично. Смртта е животен факт.
Доказите покажуваат дека луѓето кои го занемаруваат Божјиот закон за крвта, честопати доживуваат непосредна или подоцнежна штета; некои дури и умираат поради крвта. Оние кои ќе преживеат, не постигнале бесконечен живот. Значи, трансфузиите на крв не го спасуваат животот трајно.
Повеќето луѓе кои, од верски и/или медицински причини, одбиваат крв но прифаќаат алтернативна медицинска терапија, минуваат многу добро. На тој начин можеби го продолжуваат својот живот со години, но не бескрајно.
Фактот дека сите луѓе се несовршени и дека постепено умираат, нѐ доведува до централната вистина за тоа што вели Библијата за крвта. Ако ја разбереме и ја цениме оваа вистина, ќе видиме како може крвта навистина да спаси живот — нашиот живот — и тоа засекогаш.
ЕДИНСТВЕНАТА КРВ КОЈА Е ЖИВОТОСПАСУВАЧКА
Како што беше забележано порано, Бог му рекол на сето човештво дека не смее да јаде крв. Зошто? Затоа што крвта претставува живот (1. Мојсеева 9:3—6). Тој го објаснил ова понатаму во законскиот зборник што му го дал на Израел. Во времето кога бил потврден законскиот зборник, на олтар се користела крв од жртвувани животни (2. Мојсеева 24:3—8). Законите во тој зборник се осврнувале на фактот дека сите луѓе се несовршени; како што се изразува Библијата, тие се грешни. Бог им рекол на Израелците дека преку животинските жртви што му биле принесувани, тие би можеле да ја признаат потребата од покривање на своите гревови (3. Мојсеева 4:4—7, 13—18, 22—30). Вистина, тоа го барал Бог од нив во тоа време, а денес повеќе не го бара од вистинските обожаватели. Сепак, тоа е од пресудна важност за нас денес.
Самиот Бог го објаснил начелото на кое се темелеле тие жртви: „Душата [или животот] на секое тело е неговата крв, и Јас ви ја дадов за жртвеникот за да се молите за душите ваши, бидејќи таа крв ќе се помоли место душата. Поради тоа и им реков на синовите Израилеви: ниедна душа меѓу вас не смее да јаде крв“ (3. Мојсеева 17:11, 12).
За време на древниот празник наречен Ден на помирување, израелскиот првосвештеник ја носел крвта од жртвуваните животни во најсветиот дел од храмот, центарот на обожавањето на Бог. Со таа постапка, Бог на симболичен начин бил молен да ги покрие гревовите на луѓето (3. Мојсеева 16:3—6, 11—16). Тие жртви не ги отстранувале вистински сите гревови, и затоа морале да се повторуваат секоја година. Па сепак, оваа употреба на крвта претставувала значаен образец.
Едно главно учење во Библијата е дека Бог конечно ќе обезбеди една совршена жртва која ќе може потполно да ги помири гревовите на сите верници. Таа се нарекува откупнина и се сосредоточува на жртвата на проречениот Месија, односно Христос.
Библијата ја споредува улогата на Месијата со она што било правено на Денот на помирување: ‚Христос, кога стана Првосвештеник на идните блага, со поголем и со посовршен [храм], неракотворен . . . ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето [небото] еднаш засекогаш и изврши вечен откуп. И скоро сѐ според Законот со крв се очисти, и без проливање крв проштевање не станува‘ (Евреите 9:11, 12, 22).
Со ова станува јасно зошто треба да го имаме Божјето гледиште за крвта. Во склад со своето право како Творец, тој ја одредил нејзината исклучителна употребливост. Израелците од старо време можеле да пожнеат здравствени користи со тоа што не земале животинска или човечка крв, но тоа не било најважната поента (Исаија 48:17). Тие морале да избегнуваат да го одржуваат својот живот со крв, не првенствено затоа што тоа би било нездраво, туку затоа што тоа било несвето за Бог. Тие требало да се воздржуваат од крв не затоа што таа била загадена, туку затоа што била драгоцена за добивање на простување.
Апостол Павле објаснил за откупнината: „Во Кого [Христос] имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите по богатството на Неговата благодат“ (Ефесјаните 1:7). Оригиналниот грчки збор што се наоѓа таму правилно е преведен со „крв“, но поголем број библиски преводи грешат кога го заменуваат со зборот „смрт“. Затоа, читателите би можеле да го превидат нагласувањето на гледиштето на нашиот Творец во врска со крвта и жртвената вредност што тој ја поврзал со неа.
Темата на Библијата се врти околу фактот дека Христос умрел како совршена откупна жртва, но тој не останал мртов. Според образецот што го поставил Бог на Денот на помирувањето, Исус бил подигнат на небо ‚за да се јави пред лицето на Бога за нас‘. Таму ја претставил вредноста на својата жртвена крв (Евреите 9:24). Библијата нагласува дека треба да избегнуваме секакво постапување кое би значело дека го ‚подгазуваме Божјиот Син и дека неговата крв ја сметаме како од обична вредност‘. Само на тој начин можеме да задржиме добар однос и мир со Бог (Евреите 10:29, НС; Колосјаните 1:20).
РАДУВАЈ СЕ НА ЖИВОТ ШТО Е СПАСЕН ПРЕКУ КРВ
Кога ќе разбереме што вели Бог за крвта, почнуваме да ја имаме најголемата почит кон нејзината животоспасувачка вредност. Писмото го опишува Христос како оној ‚Кој нѐ возљубил и измил од нашите гревови преку Својата крв‘ (Откровение 1:5; Јован 3:16). Да, преку Исусовата крв можеме да постигнеме потполно и трајно простување на нашите гревови. Апостол Павле напишал: „Откако се оправдавме со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот [од гневот, НС]“. На тој начин трајниот живот може да се спаси преку крв (Римјаните 5:9; Евреите 9:14).
Јехова Бог одамна дал гаранција дека преку Христос ‚ќе бидат благословени сите народи на земјата‘ (1. Мојсеева 22:18). Тој благослов вклучува Земјата повторно да биде обновена во рај. Тогаш верното човештво повеќе нема да биде погодено од болест, старост, па дури ни од смрт; тоа ќе се радува на благослови кои далеку ќе ја надминат привремената помош што може сега да ни ја понуди медицинскиот персонал. Го имаме ова прекрасно ветување: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
Затоа, колку е само мудро да ги земеме при срце сите Божји барања! Тоа подразбира да ги слушаме неговите заповеди во врска со крвта и да не ја злоупотребуваме дури ни во медицински ситуации. На тој начин, нема да живееме само за сегашноста. Напротив, ќе ја покажеме нашата висока почит кон животот, вклучувајќи го и нашиот иден изглед за вечен живот во човечка совршеност.
[Рамка на страница 25]
Божјиот народ одбивал да го одржува својот живот со крв, не затоа што тоа било нездраво, туку затоа што било несвето, и не затоа што крвта била загадена, туку затоа што била драгоцена.
[Слика на страница 24]
„Во Кого [Исус] имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите“ (Ефесјаните 1:7)
[Слика на страница 26]
Спасувањето на животот преку Исусовата крв го отвора патот кон бескраен, здрав живот во земен рај