Поглавје 26
Враќање дома во Капернаум
ГЛАСОТ за Исус до сега се проширува надалеку и нашироко и многу луѓе патуваат до оддалечените места каде што тој престојува. Меѓутоа, по неколку дена тој се враќа во Капернаум покрај Галилејско Море. Веста дека се вратил дома многу брзо се проширува низ градот и многумина доаѓаат во куќата каде што е тој. Фарисеите и учителите на Законот доаѓаат од многу далеку, дури од Ерусалим.
Мноштвото е толку големо што го попречува влезот на вратата и никој друг не може да влезе. Сцената е подготвена за еден навистина впечатлив настан. Она што се случува во оваа прилика е од животоважно значење, бидејќи ни помага да сфатиме дека Исус ја има моќта да ја отстрани причината за човечкото страдање и да им го врати здравјето на сите што ќе ги избере.
Додека Исус го поучува мноштвото, четворица мажи донесуваат на носилка еден парализиран човек во куќата. Сакаат Исус да го излекува нивниот пријател, но поради мноштвото не можат да влезат внатре. Какво разочарување! Сепак, не се откажуваат. Се качуваат на рамниот покрив, прават дупка во него и ја спуштаат носилката со парализираниот човек, веднаш долу до Исус.
Дали Исус е лут поради тоа што го прекинуваат? Не, воопшто не е! Напротив, тој е длабоко импресиониран од нивната вера. На парализираниот му вели: „Простени ти се гревовите“. Но, дали Исус навистина може да простува гревови? Книжниците и фарисеите не мислат така. Во своите срца тие резонираат: „Зошто овој човек зборува така? Тој хули. Кој може да простува гревови освен еден, Бог?“
Знаејќи ги нивните помисли, Исус им вели: „Зошто резонирате за тоа во своите срца? Што е полесно, да му се рече на парализираниот: ‚Гревовите ти се простени‘, или да се рече: ‚Стани и земи си ја носилката и оди‘?“
Тогаш Исус дозволува мноштвото, вклучувајќи ги и неговите критичари, да видат еден истакнат приказ кој ќе открие дека тој има власт да ги простува гревовите на Земјата и дека е навистина најголемиот човек кој некогаш живеел. Му се обраќа на парализираниот и заповеда: „Стани, земи си ја носилката и оди си дома“. И тој веднаш го прави тоа, излегувајќи со својата носилка надвор пред сите нив! Зачудени, луѓето го слават Бог и извикуваат: „Вакво нешто никогаш не сме виделе“!
Дали забележа дека Исус ги споменува гревовите во поврзаност со болестите и дека простувањето на гревовите е поврзано со стекнувањето телесно здравје? Библијата објаснува дека нашиот прародител, Адам, згрешил и дека сите ние сме ги наследиле последиците од тој грев, имено, болеста и смртта. Но, под владата на Божјето Царство, Исус ќе им ги прости гревовите на сите оние кои го љубат Бог и му служат и тогаш сите болести ќе бидат отстранети. Колку прекрасно ќе биде тоа! Марко 2:1—12; Лука 5:17—26; Матеј 9:1—8; Римјаните 5:12, 17—19.
▪ Која била сцената за еден навистина впечатлив настан?
▪ Како парализираниот стигнал до Исус?
▪ Зошто сите ние сме грешни, но како Исус ни дал надеж дека простувањето на нашите гревови и совршеното здравје се возможни?