Поглавје 30
Одговара на оние кои го обвинуваат
КОГА еврејските религиозни водачи го обвинуваат Исус за кршење на Сабатот, тој одговара: „Мојот Татко работи сѐ досега, и јас работам“.
Наспроти тврдењето на фарисеите, Исусовата работа не е забранета според законот за Сабатот. Неговата работа на проповедање и лекување е задача од Бог, и имитирајќи го Божјиот пример, тој го прави тоа секој ден. Меѓутоа, неговиот одговор ги разлутува Евреите дури и повеќе од пред тоа и тие сакаат да го убијат. Зошто?
Затоа што сега не само што веруваат дека Исус го крши Сабатот туку мислат и дека неговото тврдење дека е лично Божји Син е богохулство. Меѓутоа, Исус не се плаши и им кажува уште нешто во поглед на својот повластен однос со Бог. „Таткото има наклоност кон Синот“, вели тој, „и му покажува сѐ што самиот прави.“
„Како што Таткото ги подигнува мртвите“, продолжува Исус, „така и Синот ги оживува оние коишто сака.“ Навистина, Синот веќе подигнува мртви во духовна смисла! „Кој ја слуша мојата реч и му верува на оној кој ме испрати“, вели Исус, „преминал од смрт во живот.“ Да, тој продолжува: „Доаѓа часот, и веќе е тука, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и оние кои ќе послушаат, ќе живеат“.
Иако не постои запис дека Исус досега буквално подигнал некого од мртвите, тој на своите обвинители им вели дека баш такво дословно воскресение од мртвите ќе се случи. „Не чудете се на ова,“ вели тој, „зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат.“
До овој момент, очигледно Исус никогаш јавно не ја опишал својата важна улога во Божјата намера на еден таков посебен и јасен начин. Но, Исусовите обвинители имаат нешто повеќе отколку само неговото сопствено сведочење за овие работи. „Вие испративте луѓе кај Јован“, ги потсетува Исус, „и тој посведочи за вистината.“
Само две години пред тоа, Јован Крстител им зборувал на тие еврејски религиозни водачи за Оној кој ќе дојде после него. Потсетувајќи ги на нивното некогашно високо мислење за Јован кој сега е затворен, Исус вели: „Вие за кратко време сакавте многу да се радувате во неговата светлина“. Исус ги потсетува на тоа со надеж да им помогне, да, да ги спаси. Сепак, тој не зависи од сведоштвото на Јован.
„Самите дела што ги вршам [вклучувајќи го и чудото кое штотуку го направил] сведочат за мене дека Таткото ме испрати.“ Но освен тоа, Исус продолжува: „Таткото кој ме испрати, самиот посведочи за мене“. Бог дал сведоштво за Исус, на пример, при неговото крштавање, со зборовите: „Ова е мојот Син, љубениот“.
Навистина, Исусовите обвинители немаат оправдување за да го одбијат. Самото Писмо кое тие тврдат дека го проучуваат сведочи за него! „Ако му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и мене“, заклучува Исус, „зашто тој пишуваше за мене. Но ако не им верувате на неговите списи, како ќе им верувате на моите зборови?“ Јован 5:17—47; 1:19—27; Матеј 3:17.
▪ Зошто Исусовата работа не значи кршење на Сабатот?
▪ Како Исус ја опишува својата важна улога во Божјата намера?
▪ На чие сведоштво се осврнува Исус за да докаже дека е Божји Син?