Поглавје 43
Поучување со илустрации
ИЗГЛЕДА дека Исус е во Капернаум кога ги укорува фарисеите. Подоцна истиот ден ја напушта куќата и оди пеш до Галилејското Море каде што се собира мноштво луѓе. Таму влегува во еден чамец, отпловува од брегот и почнува да го поучува за небесното Царство народот кој стои на брегот. Тоа го прави со помош на серија параболи, или илустрации, користејќи во нив позадина што им била позната на луѓето.
Најпрво, Исус зборува за сејач кој сее семе. Дел од семето паѓа на патот и го јадат птиците. Друго семе паѓа на почва која под себе има карпеста маса. Младите растенија венеат под жешкото сонце, бидејќи немаат длабок корен. Друго семе, пак, паѓа меѓу трње, кои го загушуваат растението кога никнува. На крајот, дел од семето паѓа на добра почва и дава стократен, шеесеткратен и триесеткратен плод.
Во друга илустрација, Исус го споредува Божјето Царство со човек кој сее семе. Како што минуваат деновите, кога човекот спие и кога е буден, семето расте. Човекот не знае како, тоа самото расте и дава зрна. Кога зрната ќе созреат, човекот жнее.
Исус кажува и трета илустрација за човек кој сее добро семе, но ‚додека луѓето спиеле‘ доаѓа непријател и посејува плевел меѓу пченицата. Неговите слуги го прашуваат дали да го откорнат плевелот, но тој одговара: ‚Не, ќе откорнеш и дел од пченицата. Нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им кажам на жетварите да го одделат плевелот и да го запалат, а пченицата да ја стават во амбар‘.
Продолжувајќи да му зборува на мноштвото на брегот Исус им кажува уште две илустрации. Тој објаснува дека „небесното царство“ е како синапово зрно што го засадил некој човек. Иако е најмало од сите семиња, вели тој, кога ќе порасне е најголемо од сиот зеленчук. Станува дрво на кое доаѓаат птици и наоѓаат засолниште на неговите гранки.
Некои денес приговараат дека постои и помало семе од синаповото. Но, Исус не држи лекција по ботаника. Од сите семиња што ги познавале тогашните Галилејци, синаповото семе навистина е најмало. Затоа ја сфаќаат суштината на оваа Исусова илустрација за еден феноменален раст.
На крајот, Исус го споредува „небесното царство“ со квасец што го зема жена и го меша со три мерки брашно. Со текот на времето, вели тој, квасецот продира низ целото тесто.
Откако ги кажува овие пет илустрации, Исус го отпушта мноштвото и се враќа во куќата во која престојува. Наскоро неговите 12 апостоли и други му се придружуваат.
Да се извлече корист од Исусовите илустрации
После Исусовиот говор пред мноштвото покрај морето, му приоѓаат учениците љубопитни за неговиот нов метод на поучување. О, тие и порано го имаа слушнато како употребува илустрации, но никогаш во толкава мера. Затоа прашуваат: „Зошто им зборуваш во илустрации?“
Една причина зошто го прави тоа е за да се исполнат зборовите на пророкот: „Ќе ја отворам својата уста со илустрации, ќе го објавам она што е скриено од основањето“. Но, тоа не е сѐ. Тоа што користи илустрации има за цел да помогне да се открие ставот на срцата на луѓето.
Всушност, повеќето луѓе се интересираат за Исус само како за мајстор за раскажување приказни и како за чудотворец, а не како за оној на кој треба да му се служи како на Господ и кој несебично треба да се следи. Тие не сакаат да бидат вознемирени во своите гледишта или во својот начин на живот. Не сакаат пораката да продре до нив во толкава мера.
Затоа Исус вели: „Затоа им зборувам во илустрации зашто, гледајќи, залудно гледаат, и слушајќи, залудно слушаат ниту, пак, ја сфаќаат смислата на тоа; и на нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели . . . Зашто срцето на овој народ станало неприемливо“.
„Меѓутоа“, продолжува Исус, „среќни се вашите очи, бидејќи гледаат, и вашите уши, бидејќи слушаат. Зашто вистина ви велам: Многу пророци и праведници сакаа да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го чуја.“
Да, 12-те апостоли и оние кои биле со нив имале приемливи срца. Затоа Исус вели: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на небесното царство, но на тие луѓе не им е дадено“. Исус им ја објаснува на учениците илустрацијата за сејачот бидејќи тие имаат желба да ја разберат.
„Семето е речта Божја“, вели Исус, а почвата е срцето. За семето што е посеано на тврда почва покрај патот, тој објаснува: „Доаѓа Ѓаволот и ја одзема речта од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат“.
Од друга страна, пак, семето посеано на почва која под себе има карпеста маса се однесува на срцата на луѓето кои ја примаат речта со радост. Меѓутоа, бидејќи речта не може да фати длабок корен во таквите срца, тие луѓе отпаѓаат кога ќе дојде време на испити и прогонство.
Семето кое паѓа меѓу трње, продолжува Исус, се однесува на оние кои ја слушнале речта. Меѓутоа, понесени од тегобните грижи, богатствата и задоволствата на овој живот, потполно се загушени и ништо не можат да доведат до совршенство.
Најпосле, семето на добрата почва, вели Исус, се оние кои откако ја слушнале речта со добро срце, ја задржуваат и даваат плодови со истрајност.
Колку се благословени овие ученици кои го барале Исус за да добијат објаснување за неговите поуки! Исусовата намера е неговите илустрации да се разберат за да им се пренесе вистината на другите. „Зарем светилката се донесува за да се стави под мерна кошница или под кревет?“ прашува тој. Не, „се донесува за да се стави на свеќник“. Затоа Исус додава: „Затоа обрнете внимание на тоа како слушате“.
Благословени со повеќе поуки
Откако Исусовите ученици добиле објаснување за илустрацијата со сејачот, тие сакаат да дознаат уште повеќе. „Објасни ни ја“, молат тие, „илустрацијата за плевелот на нивата.“
Колку е поинаков ставот на учениците од ставот на останатите од мноштвото на брегот! На тие луѓе им недостасува искрена желба да го сфатат значењето на тие илустрации и задоволни се само со главните мисли од она што е изложено во нив. Споредувајќи ги слушателите на брегот со своите љубопитни ученици кои дошле кај него во куќата, Исус вели:
„Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, да, и уште ќе ви се придаде.“ Учениците му посветуваат на Исус одредена мера на искрен интерес и внимание и затоа се благословени со повеќе поуки. Така, како одговор на прашањето од своите ученици, Исус објаснува:
„Сејачот на доброто семе е Синот човечки; нивата е светот; што се однесува до доброто семе, тоа се синовите на царството; а плевелот се синовите на злобниот, а непријателот што го посеа е Ѓаволот. Жетвата е свршетокот на системот на работи, а жетварите се ангели.“
Откако го идентификува секој дел од оваа илустрација, Исус го опишува исходот. Вели дека на завршетокот на системот на работи, жетварите, односно ангелите, ќе ги одвојат лажните христијани слични на плевел од вистинските ‚синови на царството‘. Тогаш „синовите на злобниот“ ќе бидат означени за уништување, а синовите на Божјето Царство, „праведниците“, ќе сјаат во Царството на нивниот Татко.
Исус потоа ги благословува своите љубопитни ученици со уште три илустрации. Најпрво вели: „Небесното царство е како благо скриено во нива, кое човек го нашол и го скрил; па од радост оди и продава сѐ што има и ја купува таа нива“.
„Понатаму“, продолжува тој „царството небесно е како патувачки трговец кој бара убави бисери. Откако најде еден бисер од голема вредност, отиде и веднаш продаде сѐ што имаше и го купи.“
Самиот Исус е како човекот кој открива скриено богатство и како трговецот кој наоѓа скапоцен бисер. Тој, така да се каже, продал сѐ, се откажал од почесното место на небото за да стане понизен човек. Потоа, како човек на Земјата, поднесува прекори и прогонство од омраза, и се покажува достоен да биде владетел на Божјето Царство.
Пред Исусовите следбеници е ставен предизвикот да продадат сѐ за да ја добијат големата награда да бидат совладетели со Христос или да бидат земски поданици на Царството. Дали уделот во Божјето Царство ќе го сметаме за повреден од што и да било друго во животот, слично на непроценливо богатство или скапоцен бисер?
На крајот, Исус го споредува „небесното царство“ со мрежа во која се фаќаат риби од сите видови. Кога рибите ќе се одвојат, оние што се непогодни се фрлаат, а добрите се задржуваат. Исус вели дека така ќе биде на завршетокот на системот на работи; ангелите ќе ги одвојат злобните од праведните, зачувувајќи ги злите за уништување.
Самиот Исус го започнува тој проект на рибарење, повикувајќи ги своите први ученици да бидат „рибари на луѓе“. Низ вековите, тоа дело на рибарење продолжило под надзор на ангелите. Конечно доаѓа време да се извлече ‚мрежата влачка‘, која ги претставува сите организации на Земјата кои тврдат дека се христијански, вклучувајќи го и собранието на помазани христијани.
Иако непогодните риби се фрлаат за уништување, треба да сме благодарни што ‚добрите риби‘ ќе бидат задржани. Ако покажуваме иста искрена желба за повеќе спознание и разбирање како и Исусовите ученици, ќе бидеме благословени не само со уште повеќе поуки, туку и со Божјиот благослов на вечен живот. Матеј 13:1—52; Марко 4:1—34; Лука 8:4—18; Псалм 78:2; Исаија 6:9, 10.
▪ Кога и каде Исус му зборува во илустрации на мноштвото народ?
▪ Кои пет илустрации Исус сега му ги кажува на мноштвото народ?
▪ Зошто Исус вели дека синаповото семе е најмало од сите семиња?
▪ Зошто Исус зборува во илустрации?
▪ Како Исусовите ученици покажуваат дека се поинакви од мноштвото народ?
▪ Какво објаснување на илустрацијата за сејачот дава Исус?
▪ Како учениците се разликуваат од мноштвото на брегот?
▪ Кој или што е претставено со сејачот, нивата, доброто семе, непријателот, жетвата и жетварите?
▪ Кои три додатни илустрации ги дава Исус и што можеме да научиме од нив?