Поглавје 46
Таа му ја допрела облеката
ВЕСТИТЕ за Исусовото враќање од Декапол стигнуваат и до Капернаум, и големо мноштво луѓе се собира крај морето за да му изрази добредојде. Несомнено слушнале како ја смирил бурата и ги излекувал мажите опседнати од демони. Кога зачекорува на брегот, тие се собираат околу него, желни и во исчекување.
Еден од оние кои нестрпливо очекуваат да го видат Исус е Јаир, претседавачки службеник на синагогата. Тој паѓа пред Исусовите нозе и непрестајно го моли: „Мојата ќеркичка е во тешка состојба. Те молам, ако сакаш да дојдеш и да ги положиш рацете на неа за да оздрави и да живее“. Таа е посебно скапоцена за Јаир, бидејќи му е единствено дете и има само 12 години.
Исус прифаќа, и во придружба на мноштвото тргнува кон Јаировиот дом. Можеме да си ја претставиме возбуденоста на луѓето додека очекуваат уште едно чудо. Но, вниманието на една жена од мноштвото е сосредоточено на нејзиниот сопствен тежок проблем.
Веќе 12 долги години, оваа жена страда од крвавење. Одела од еден лекар до друг и сите свои пари ги потрошила на лекување. Но, тоа не ѝ помогнало, туку напротив, нејзиниот проблем се влошил.
Како што можеш да си претставиш, таа болест многу ја исцрпила, а да не зборуваме за тоа колку е непријатна и понижувачка. Обично никој не зборува јавно за таква неволја. Освен тоа, според Мозаитскиот закон крвавењето жената ја прави нечиста и секој кој ќе ја допре неа или нејзината облека извалкана со крв, треба да се измие и да биде нечист до вечерта.
Жената слушнала за Исусовите чуда и сега го нашла. Со оглед на тоа што е нечиста, таа се пробива низ мноштвото народ колку што е можно понезабележително, зборувајќи си во себе: „Ако ги допрам само неговите горни облеки, ќе оздравам“. Кога го направила тоа, веднаш почувствувала дека нејзиното крвавење престанало!
„Кој ме допре?“ Исусовите зборови мора да ја шокирале! Како можел да знае? ‚Учителе‘, приговара Петар, ‚мноштвата те опколуваат и притискаат, а ти велиш: „Кој ме допре?“‘
Свртувајќи се кон жената, Исус објаснува: „Некој ме допре, бидејќи осетив дека од мене излезе сила“. Навистина, тоа не е обичен допир, зашто лекувањето кое следело извлекло од Исусовата сила.
Увидувајќи дека не останала незабележана, жената приоѓа и паѓа пред Исус, и исплашено се тресе. Таа пред сите луѓе ја кажува целата вистина за својата болест и за тоа како штотуку била излекувана.
Трогнат од нејзиното потполно исповедување, Исус сочувствително ја утешува: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“. Колку е добро да се знае дека оној кого Бог го избрал да владее над Земјата е толку срдечна и сочувствителна личност која се грижи за луѓето, но исто така има и моќ да им помогне! Матеј 9:18—22; Марко 5:21—34; Лука 8:40—48; Левит 15:25—27.
▪ Кој е Јаир и зошто доаѓа кај Исус?
▪ Каков проблем има една жена и зошто ѝ е толку тешко да дојде до Исус за помош?
▪ Како жената е излекувана и како ја утешува Исус?