Поглавје 49
Уште едно проповедничко патување по Галилеја
ДАЛИ Исус, по околу две години интензивно проповедање, сега ќе почне да попушта и да се одмора? Напротив, тој ја проширува својата проповедничка активност со тоа што организира уште едно, трето патување по Галилеја. Тој ги посетува сите градови и села во тоа подрачје, поучува по синагогите и ја проповеда добрата вест за Царството. Она што го гледа на ова патување го уверува уште повеќе дека е потребно да се засили проповедничкото дело.
Каде и да оди, Исус гледа мноштва луѓе на кои им е потребно духовно лекување и утеха. Тие се како овци без пастир, одрани и расеани, и тој се сожалува над нив. На своите ученици им вели: „Да, жетвата е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“.
Исус има план на дејствување. Тој ги свикува 12-те апостоли, кои ги избрал пред околу една година. Ги дели во парови, правејќи шест проповеднички тимови, и им дава упатства. Тој објаснува: „Не одете на патот на нациите, и не влегувајте во самарјански град; туку, наместо тоа, постојано одете кај загубените овци од Израеловиот дом. Додека одите, проповедајте, велејќи: ‚Се приближи небесното царство‘“.
Царството за кое треба да проповедаат е она за кое Исус ги поучил да се молат во пример молитвата. Царството се приближило во таа смисла што царот, Исус Христос, одреден од Бог, бил присутен. Со цел да ги ополномошти своите ученици како претставници на таа натчовечка влада, Исус им дава моќ да лекуваат болни и дури да подигаат мртви. Тој ги поучува сите овие дела да ги прават бесплатно.
Понатаму, им вели на учениците да не прават материјални подготовки за своето проповедничко патување. „Не прибавувајте си злато, ниту сребро, ниту бакар за во појасите, ниту торба за храна за по пат, ниту две долни облеки, ниту сандали, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата храна.“ Оние кои ја ценат пораката ќе реагираат и ќе обезбедат храна и преноќевалиште. Како што вели Исус: „Во кој град или село ќе влезете, побарајте кој во него е достоен, и останете таму додека не си заминете“.
Потоа Исус дава упатства како да им се пристапи на домаќините со пораката за Царството: „Кога влегувате во куќата“, поучува тој, „поздравете го домаќинството; и ако куќата заслужува, нека дојде на неа мирот кој ѝ го посакувате; но ако не го заслужува, вашиот мир нека ви се врати вам. Таму каде што никој не ве прима или не ги слуша вашите зборови, излегувајќи од таа куќа или од тој град истресете го правот од своите нозе“.
Исус открива дека градот кој ја одбива нивната порака, го очекува строг суд: „Вистина ви велам: Поподносливо ќе ѝ биде на земјата содомска и гоморска во Судниот ден отколку на тој град“. Матеј 9:35—10:15; Марко 6:6—12; Лука 9:1—5.
▪ Кога го почнува Исус третото проповедничко патување по Галилеја, и во што го уверува тоа?
▪ Какви упатства им дава на 12-те апостоли кога ги испраќа да проповедаат?
▪ Зошто било исправно учениците да поучуваат дека се приближило Царството?