Поглавје 51
Убиство за време на роденденска прослава
ОТКАКО Исус им дал упатства на своите апостоли, ги испраќа двајца по двајца на подрачјето. Веројатно браќата Петар и Андреј одат заедно, како и Јаков и Јован, Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, Јаков и Тадеј, и Симон и Јуда Искариот. Овие шест двојки евангелизатори ја објавуваат добрата вест за Царството и извршуваат чудесни лекувања секаде каде што одат.
Во меѓувреме, Јован Крстител е сѐ уште в затвор. Таму е веќе скоро две години. Можеби се сеќаваш дека Јован јавно изјави дека е неисправно Ирод Антипа да си ја земе за жена Иродијада, жената на брат му Филип. Поради тоа што Ирод Антипа тврдел дека го следи Мозаитскиот закон, Јован исправно ја разоткрил таа прељубничка заедница. Можеби наговорен од Иродијада, Ирод го става Јован в затвор.
Ирод Антипа увидува дека Јован е праведен човек и дури со задоволство го слуша. Затоа не знае што да прави со него. Од друга страна, Иродијада го мрази Јован и бара можност да го осуди на смрт. Конечно, се појавува приликата што ја очекувала.
Кратко пред Пасхата во 32 година н.е., Ирод организира голема прослава за својот роденден. На прославата се собрани сите Иродови службеници од највисок ранг и воени офицери, како и видни граѓани на Галилеја. Во текот на вечерата ја испраќаат Салома, младата ќерка на Иродијада од нејзиниот поранешен маж Филип, да игра за гостите. Машкиот дел од публиката е маѓепсан од нејзината изведба.
Ирод е многу задоволен од Салома. „Побарај од мене што сакаш, и ќе ти дадам“, изјавува тој. Дури се заколнува: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, па и до половина од моето царство“.
Пред да одговори, Салома оди да се консултира со својата мајка. „Што да побарам?“, прашува таа.
Конечно, прилика! „Главата на Јован кој крштаваше“, одговара Иродијада без колебање.
Салома бргу се враќа кај Ирод и го изнесува барањето: „Сакам веднаш да ми ја дадеш на послужавник главата на Јован Крстител“.
Ирод е многу вознемирен. Сепак, бидејќи гостите ја слушнале неговата заклетва, непријатно му е да не ја исполни, иако тоа ќе значи убиство на невин човек. Веднаш е испратен во затворот погубител со застрашувачки упатства. Набргу тој се враќа со главата на Јован на послужавник, и ѝ ја дава на Салома. Таа, пак, ѝ ја носи на мајка си. Кога Јовановите ученици слушаат што се случило, доаѓаат и го отстрануваат неговото тело, го закопуваат, а потоа го известуваат Исус.
Подоцна, кога Ирод слуша дека Исус лекува луѓе и истерува демони, го фаќа страв, бидејќи се плаши дека Исус всушност е Јован кој е подигнат од мртвите. Оттогаш многу сака да го види Исус, не за да го чуе неговото проповедање, туку за да утврди дали неговите стравувања се основани. Матеј 10:1—5; 11:1; 14:1—12; Марко 6:14—29; Лука 9:7—9.
▪ Зошто Јован е в затвор, и зошто Ирод не сака да го убие?
▪ Како на Иродијада конечно ѝ се укажува прилика да го убие Јован?
▪ Зошто Ирод сака да го види Исус по Јовановата смрт?