Поглавје 61
Опседнатото момче е излекувано
ДОДЕКА Исус, Петар, Јаков и Јован се отсутни, веројатно на стрмнините од планината Хермон, другите ученици наидуваат на проблем. Кога се враќа, Исус веднаш гледа дека нешто не е во ред. Околу неговите ученици е собрано мноштво народ, а книжниците се препираат со нив. Кога го здогледуваат Исус, луѓето се многу изненадени и трчаат да го поздрават. „За што се препирате со нив?“, прашува тој.
Истапувајќи од мноштвото, еден човек клекнува пред Исус и му објаснува: „Учителе, ти го доведов син ми зашто има нем дух; и каде ќе го фати, го треснува одземи, а тој се запенува, и чкрта со забите и ја губи силата. Им реков на твоите ученици да го истераат, но не беа во состојба“.
Книжниците очигледно го користат неуспехот на учениците во лечењето на момчето и можеби ги исмејуваат нивните напори. Токму во тој критичен момент доаѓа Исус. „О безверна генерацијо“, вели тој, „до кога морам да бидам со вас? До кога морам да ве поднесувам?“
Се чини дека Исус им ги упатува своите забелешки на сите присутни, но нема сомнение дека посебно им ги упатува на книжниците кои им задавале неволји на неговите ученици. Понатаму, Исус за момчето вели: „Доведете го кај мене“. Но, додека момчето му приоѓа на Исус, демонот со кој е опседнато го фрла на земја и му предизвикува силни грчеви. Момчето се тркала на земја и од устата му излегува пена.
„Од кога му се случува ова?“, прашува Исус.
„Од детството“, одговара таткото. „Секогаш одново [демонот] го фрла и во оган и во вода за да го уништи.“ Потоа таткото моли: „Ако можеш нешто да сториш, сожали се над нас и помогни ни“.
Таткото можеби со години бара помош. А сега, кога Исусовите ученици не успеваат, неговиот очај е голем. Сфаќајќи ја очајната молба на тој човек, Исус охрабрувачки вели: „Тој израз ‚Ако можеш‘! Па, сѐ е можно за оној кој има вера“.
„Имам вера!“, веднаш извикува таткото, но преколнува: „Помогни ми таму каде што ми треба вера!“
Забележувајќи дека мноштвото навалува на нив, Исус го укорува демонот: „Нем и глув духу, ти наредувам, излези од него и повеќе не влегувај во него“. Додека демонот излегува, повторно предизвикува момчето да вика и му создава силни грчеви. После тоа момчето останува да лежи неподвижно на земјата така што повеќе луѓе почнуваат да велат: „Мртов е!“ Но, Исус го фаќа момчето за рака, и тоа станува.
Претходно, кога беа испратени да проповедаат, учениците истеруваа демони. Затоа сега, кога влегуваат во една куќа, тие насамо го прашуваат Исус: „Зошто ние не можевме да го истераме?“
Укажувајќи дека тоа било поради нивниот недостиг на вера, Исус одговара: „Овој вид со ништо не може да излезе освен со молитва“. Изгледа за да се истера тој особено силен демон, за кој се работело во оваа прилика, била потребна подготовка. Била потребна јака вера заедно со молитва во која се барало помош и сила од Бог.
Потоа Исус додава: „Вистина ви велам: Ако имате вера колку синапово зрно, на оваа планина ќе ѝ речете: ‚Премести се одовде таму‘, и таа ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно“. Колку само може да биде силна верата!
Препреките и тешкотиите кои го спречуваат напредокот во Јеховината служба можат да изгледаат несовладливи и неотстранливи како некоја голема дословна планина. Сепак, Исус покажува дека ако во срцето негуваме вера, ја залеваме и ја поттикнуваме да расте, таа ќе достигне зрелост и ќе ни овозможи да ги совладаме препреките и тешкотиите слични на планина. Марко 9:14—29; Матеј 17:19, 20; Лука 9:37—43.
▪ Каква ситуација затекнува Исус кога се враќа од планината Хермон?
▪ Какво охрабрување му дава Исус на таткото на момчето опседнато од демон?
▪ Зошто учениците не можеле да го истераат демонот?
▪ Како што покажува Исус, колку силна може да биде верата?