Поглавје 72
Исус ги испраќа 70-темина
ЕСЕН е 32 н.е., полни три години после Исусовото крштавање. Тој и неговите ученици неодамна присуствуваа на празникот Сеници во Ерусалим и изгледа дека сѐ уште се во близина. Всушност, Исус го поминува поголемиот дел од преостанатите шест месеци од својата служба или во Јудеја или веднаш преку реката Јордан во областа Переја. И ова подрачје треба да се обработи.
Вистина, после Пасхата во 30 н.е., Исус помина околу осум месеци проповедајќи во Јудеја. Но, откако Евреите се обидоа да го убијат таму на Пасхата 31 н.е., следната година и пол ја помина поучувајќи речиси исклучително во Галилеја. Во текот на тој период создаде една голема, добро обучена организација на проповедници, нешто што порано го немал. Затоа сега презема последна кампања на интензивно сведочење во Јудеја.
Исус ја започнува оваа кампања така што избира 70 ученици и ги испраќа двајца по двајца. Така, има вкупно 35 тима проповедници на Царството кои ќе го обработуваат подрачјето. Овие одат пред него во секој град и место во кое изгледа Исус планира да оди во придружба на своите апостоли.
Наместо да ги упати седумдесеттемина да одат во синагогите, Исус им кажува да влезат во приватните домови и им објаснува: „Во која куќа и да влезете, прво речете: ‚Мир на оваа куќа!‘ И ако таму е пријател на мирот, вашиот мир ќе почива врз него“. Каква требало да биде нивната порака? „Кажувајте им“, вели Исус, „ви се приближи Божјето царство.“ Во врска со активноста на седумдесеттемина, Matthew Henry’s Commentary известува: „Како и нивниот Господар, каде и да оделе, тие проповедале од куќа до куќа.“
Исусовите упатства на 70-темина се слични на оние кои им ги дал на 12-темина кога ги испратил во проповедничка кампања во Галилеја отприлика една година пред тоа. Не само што ги предупредува 70-темина за противењето со кое ќе се соочат, подготвувајќи ги да ја пренесат пораката на домаќините туку и ги овластува да ги лечат болните. Така, кога Исус набргу после тоа пристигнува, многумина ќе бидат желни да се запознаат со Господарот чии ученици се способни да прават такви извонредни работи.
Проповедањето на 70-темина и проследувањето на интересот од страна на Исус траат релативно кратко време. Набрзо, 35-те тима проповедници на Царството почнуваат да се враќаат кај Исус. „Господи“, радосно велат, „дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име.“ Ваквиот одличен извештај од службата сигурно го восхитува Исус, зашто тој одговара: „Го видов Сатана веќе паднат од небото како молња! Еве, ви дадов власт да газите по змии и скорпии“.
Исус знае дека после раѓањето на Божјето Царство во времето на крајот, Сатана и неговите демони ќе бидат исфрлени од небото. А сега ова истерување на невидливите демони од страна на обични луѓе служи како дополнителна гаранција за тој претстоен настан. Затоа Исус зборува за идниот пад на Сатана од небото како за нешто апсолутно сигурно. Според тоа, 70-темина добиле овластување да газат по змии и скорпии во симболична смисла. Сепак, Исус вели: „Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“.
Исус е пресреќен и јавно го фали својот Татко што ги употребува овие понизни слуги на таков моќен начин. Свртувајќи се кон своите ученици, им вели: „Среќни се очите кои го гледаат она што вие го гледате. Зашто ви велам: Многу пророци и цареви сакаа да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не чуја“. Лука 10:1—24; Матеј 10:1—42; Откровение 12:7—12.
▪ Каде проповедал Исус во текот на првите три години од својата служба, и кое подрачје го обработува во последните шест месеци?
▪ Каде ги упатува Исус 70-темина да наоѓаат луѓе?
▪ Зошто Исус вели дека го видел Сатана веќе паднат од небото?
▪ Во која смисла 70-темина можат да газат по змии и скорпии?