Поглавје 74
Совет на Марта, и поука за молитвата
ЗА ВРЕМЕ на својата служба во Јудеја, Исус влегува во селото Витанија. Таму живеат Марта, Марија и нивниот брат Лазар. Можеби Исус се запознал со нив претходно во својата служба, така што веќе е нивни близок пријател. Во секој случај, Исус сега оди во домот на Марта и таа му изразува добредојде.
Марта е желна да му го даде на Исус најдоброто што го има. Навистина е голема чест ветениот Месија да посети нечиј дом! Затоа Марта се зафаќа да подготви некој комплициран оброк и се грижи за многу други поединости за да му го направи престојот на Исус што порадосен и попријатен.
Од друга страна, пак, Марија, сестрата на Марта, седи до Исусовите нозе и го слуша. По некое време Марта му приоѓа на Исус и му вели: „Господе, зарем не ти е важно што сестра ми ме остави сама да се грижам за работите? Затоа кажи ѝ да ми помогне“.
Но, Исус одбива да ѝ каже нешто на Марија. Наместо тоа, ја советува Марта да не се грижи премногу за материјалните работи. „Марта, Марта“, љубезно ја укорува, „тегобно се грижиш и се вознемируваш за многу работи. А потребни се малку, или само една.“ Исус сака да ѝ каже дека не е потребно да се троши многу време за подготовка на многу видови јадења. Доволни се само неколку или дури само едно.
Намерите на Марта се добри; таа сака да биде гостољубива домаќинка. Меѓутоа, со претераното внимание на материјалните работи, таа ја пропушта можноста да прими лична поука од Божјиот Син! Затоа Исус заклучува: „Што се однесува до Марија, таа го избра добриот дел, и тој нема да ѝ се одземе“.
Подоцна, во една друга прилика, еден ученик го прашува Исус: „Господи, научи нѐ да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици“. Можеби тој ученик не бил присутен кога пред околу година и пол Исус ја дал пример молитвата во својата Проповед на гората. Затоа Исус ја повторува својата поука, а потоа продолжува со една илустрација за да ја нагласи потребата да се биде упорен во молитвата.
„Кој од вас ако има пријател“, почнува Исус, „па појде кај него на полноќ и му рече: ‚Пријателе, дај ми назаем три леба бидејќи штотуку ми дојде еден мој пријател од пат, а јас немам што да му принесам‘? А тој однатре одговарајќи, да му рече: ‚Престани да ми досадуваш. Вратата е веќе заклучена, и моите мали деца се со мене в кревет; не можам да станам и да ти дадам‘. Ви велам: Макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сигурно ќе стане поради неговата смела упорност и ќе му го даде она што му треба“.
Со оваа споредба Исус не сака да каже дека Јехова не е спремен да одговори на молбите, како пријателот од неговата приказна. Не, туку илустрира дека кога и еден неспремен пријател одговара на упорните барања, тогаш колку повеќе тоа ќе го стори нашиот небесен Татко кој е полн со љубов! Па така Исус продолжува: „Затоа ви велам: Постојано молете, и ќе ви се даде; постојано барајте, и ќе најдете, постојано чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој кој моли добива, и секој кој бара наоѓа, и секој кој чука ќе му се отвори“.
Исус потоа се осврнува на несовршените, грешни човечки татковци и вели: „Навистина, кој е тој татко меѓу вас, кој, ако синот негов го замоли за риба, можеби ќе му даде змија наместо риба? Или ако го замоли за јајце, ќе му даде скорпија? Според тоа, ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ Навистина, колку мотивирачко охрабрување дава Исус да бидеме упорни во молитвите. Лука 10:38—11:13.
▪ Зошто Марта прави толку обемни подготовки за Исус?
▪ Што прави Марија, и зошто Исус ја пофалува неа, а не Марта?
▪ Што го тера Исус да ги повтори поуките за молитвата?
▪ Како Исус ја илустрира потребата да се биде упорен во молитвата?