Поглавје 75
Изворот на среќа
ЗА ВРЕМЕ на својата служба во Галилеја Исус правеше чуда, а сега тоа го повторува и во Јудеја. На пример, од еден човек истерува демон кој го спречувал да зборува. Мноштвата се зачудени, но критичарите го даваат истиот приговор како и во Галилеја. „Тој ги истерува демоните со помош на Велзевул, владетелот на демоните“, тврдат тие. Други бараат од Исус поцврст доказ за неговиот идентитет, и се обидуваат да го искушаат барајќи знак од небото.
Бидејќи знае што мислат, на своите критичари во Јудеја Исус им го дава истиот одговор што им го дал на оние во Галилеја. Забележува дека секое царство кое е разделено против самото себе, ќе биде опустошено. „Значи“, прашува тој, „ако и Сатана е поделен против самиот себе, како ќе опстане неговото царство?“ Тој покажува во каква опасна ситуација се наоѓаат неговите критичари, велејќи: „Ако јас ги истерувам демоните со помош на Божјиот прст, тогаш Божјето царство навистина ве стигнало“.
Оние кои ги гледаат Исусовите чуда треба да реагираат на ист начин како и оние кои неколку векови пред тоа виделе како Мојсеј прави едно чудо. Тие извикнале: „Тоа е Божји прст!“ Исто така, ‚Божјиот прст‘ бил тој што ги исклесал Десетте заповеди на камени плочи. А ‚Божјиот прст‘ — неговиот свет дух, односно активна сила — е она што му овозможува на Исус да ги истерува демоните и да ги лечи болните. Така Божјето Царство навистина ги достигнало тие критичари, бидејќи Исус, поставениот Цар на тоа Царство, е токму во нивната средина.
Потоа, Исус илустрира дека неговата способност да истерува демони е доказ за неговата моќ над Сатана, исто како кога доаѓа посилен човек и совладува еден добро вооружен човек кој ја чува својата палата. Тој ја повторува и илустрацијата што ја кажа во Галилеја за еден нечист дух. Духот го напушта човекот, но кога човекот не ја исполнува празнината со добри работи, духот се враќа заедно со уште седум други, и состојбата на тој човек станува полоша отколку во почетокот.
Додека ги слуша овие поуки, една жена од мноштвото е поттикната гласно да извика: „Среќна е утробата која те носела и градите од кои си цицал!“ Со оглед на тоа што секоја Еврејка имала желба да биде мајка на пророк, а особено на Месијата, разбирливо е зошто оваа жена го кажува тоа. Изгледа таа мисли дека Марија била особено среќна, зашто била Исусова мајка.
Меѓутоа, Исус брзо ја исправа жената во однос на вистинскиот извор на среќа. „Не“, одговара тој, „туку: Среќни се оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат!“ Исус никогаш не укажал на тоа дека на неговата мајка Марија треба да ѝ се оддава посебна чест. Наместо тоа, покажал дека вистинска среќа е да се биде Божји верен слуга, и не зависи од некои телесни врски или достигнувања.
Исто како и во Галилеја, и овде во Јудеја Исус ги укорува луѓето затоа што бараат знак од небото. Тој им вели дека нема да им се даде никаков знак освен знакот на Јона. Јона станал знак со тоа што три дена бил во рибата и со тоа што храбро проповедал, и ова довело до тоа Ниневијците да бидат поттикнати да се покаат. „А ете“, вели Исус, „овде е нешто повеќе од Јона.“ Слично, и царицата од Саба се восхитувала на Соломоновата мудрост. „Но еве“, вели исто така Исус, „овде е нешто повеќе од Соломон.“
Исус објаснува дека кога некој ќе запали светилка, не ја става во визба или под кошница туку на свеќник за да можат луѓето да ја видат светлината. Тој можеби навестува дека поучувањето и правењето чуда пред тие тврдоглави лица меѓу присутните може да се спореди со криење на светлината на една светилка. Очите на таквите набљудувачи не се едноставни, или не се во фокусот, така што предвидената цел на неговите чуда не е постигната.
Исус штотуку истера демон и предизвика еден нем човек да прозбори. Тоа требало да ги мотивира луѓето чии очи се едноставни, односно фокусирани, да го фалат тој величествен подвиг и да ја објавуваат добрата вест! Сепак, кај овие критичари не се случува тоа. Па така, Исус заклучува: „Затоа, биди буден. Можеби светлината која е во тебе е темнина. Затоа, ако целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, целото ќе биде така светло како кога светилка ти дава светлина со своите зраци“. Лука 11:14—36; Излез 8:18, 19; 31:18; Матеј 12:22, 28.
▪ Каква е реакцијата кога Исус го излечил човекот?
▪ Што е ‚Божјиот прст‘, и како Божјето Царство ги достигнало Исусовите слушатели?
▪ Што е изворот на вистинска среќа?
▪ Како може некој да има едноставно око?