Поглавје 82
Исус повторно се упатува кон Ерусалим
НАСКОРО Исус е повторно на пат, поучувајќи од град во град и од село во село. Очигледно се наоѓа во областа Переја, преку реката Јордан од другата страна на Јудеја. Но, негово одредиште е Ерусалим.
Веројатно еврејската филозофија дека само ограничен број луѓе ќе заслужат спасение е причина што еден човек прашува: „Господи, малцина ли се оние кои се спасуваат?“ Исус со својот одговор ги принудува луѓето да размислуваат за она што е потребно за спасение: „Силно напрегајте се [односно борете се, или мачете се] да влезете низ тесната врата“.
Таквото силно напрегање е итно „бидејќи мнозина“, продолжува Исус, „ќе бараат да влезат, но не ќе можат“. Зошто не ќе можат? Тој објаснува дека ‚штом домаќинот стане и ја заклучи вратата, а луѓето стојат надвор и чукаат, велејќи, „Господине, отвори ни!“, ќе рече: „Не знам од каде сте. Бегајте од мене, сите вие кои вршите неправда!“‘
Оние кои се заклучени надвор очигледно дошле во време кое само ним им одговарало. Но, дотогаш вратата на поволната прилика веќе била затворена и заклучена. За да влезат внатре, требало да дојдат порано, иако можеби тогаш не им одговарало да го сторат тоа. Навистина, оние кои одложуваат да го направат обожавањето на Јехова главна цел во животот ги очекува жалосен крај!
Евреите кај кои Исус бил испратен да служи, барем повеќето од нив, пропуштиле да ја искористат прекрасната можност да ја прифатат Божјата подготовка за спасение. Затоа Исус вели дека ќе плачат и ќе крцкаат со забите кога ќе бидат исфрлени надвор. Од друга страна, пак, луѓе од „источните и од западните краеви, и од север и од југ“, да, од сите нации, „ќе прилегнат до масата во Божјето царство“.
Исус продолжува: „И гледај, има последни [презрените не-Евреи, како и подјармените Евреи] кои ќе бидат први, и има први [материјално и религиозно повластените Евреи] кои ќе бидат последни“. Тоа што се последни значи дека таквите мрзливи и неблагодарни воопшто нема да ги има во Божјето царство.
Сега кај Исус доаѓаат фарисеи и велат: „Излези и оди си одовде бидејќи Ирод (Антипа) сака да те убие!“ Можно е самиот Ирод да ја раширил оваа гласина за да го натера Исус да побегне од подрачјето. Ирод можеби се плашел да не биде вмешан во смртта на уште еден Божји пророк како што бил вмешан во убиството на Јован Крстител. Но Исус им вели на фарисеите: „Одете и кажете ѝ на таа лисица, ‚Еве, истерувам демони и лекувам денес и утре, а на третиот ден ќе бидам готов‘“.
По завршувањето на своето дело таму, Исус го продолжува својот пат кон Ерусалим, бидејќи, како што објаснува, „е недопустливо пророк да биде погубен надвор од Ерусалим“. Зошто треба да се очекува Исус да биде убиен во Ерусалим? Затоа што Ерусалим е главниот град, таму се наоѓа врховниот суд, Синедрионот, составен од 71 член и таму се принесуваат животински жртви. Според тоа, би било недопустливо ‚Божјето јагне‘ да биде убиено на друго место освен во Ерусалим.
„Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои се испратени кај тебе“, оплакува Исус, „колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што квачка ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте! Ете, куќата ви се остава запустена.“ Затоа што го отфрлила Божјиот Син, нацијата е осудена!
Додека Исус продолжува кон Ерусалим, поканет е во куќата на еден човек кој е владетел меѓу фарисеите. Сабат е, и луѓето внимателно го набљудуваат затоа што има еден човек со водена болест — насобрана вода веројатно во рацете и нозете. Исус им се обраќа на фарисеите и на стручњаците на Законот кои се присутни и ги прашува: „Дозволено ли е на сабат да се лекува или не е дозволено?“
Никој не проговара ни збор. Исус го лекува човекот и го испраќа. Потоа прашува: „Кој од вас, ако неговиот син или бик му падне в бунар, нема веднаш да го извлече на сабатен ден?“ Повторно, никој ништо не одговара. Лука 13:22—14:6; Јован 1:29.
▪ Што покажува Исус дека е потребно за спасение, и зошто мнозина се заклучени надвор?
▪ Кои се ‚последните‘ кои стануваат први, и ‚првите‘ кои стануваат последни?
▪ Зошто веројатно се зборувало дека Ирод сакал да го убие Исус?
▪ Зошто е недопустливо пророк да биде убиен надвор од Ерусалим?