Поглавје 112
Исусовата последна Пасха е близу
КАКО што вторник, 11 нисан, привршува, Исус завршува со поучувањето на апостолите на Маслинската Гора. Колку само исполнет, напорен ден беше тоа! Сега, можеби враќајќи се за ноќевање во Витанија, на своите апостоли им вели: „Знаете дека за два дена е пасхата, и Синот човечки треба да биде предаден за да го приковаат“.
Изгледа Исус го поминува следниот ден, средата, 12 нисан, во мирна повлеченост со своите апостоли. Еден ден пред тоа, Исус јавно ги укорил верските водачи, и јасно му е дека тие го бараат за да го убијат. Затоа, во средата не се појавува јавно, бидејќи не сака ништо да го попречи прославувањето на Пасхата со неговите апостоли следната вечер.
Во меѓувреме, главните свештеници и постарите мажи од народот се собираат во дворот на првосвештеникот Кајафа. Навредени од Исусовиот напад претходниот ден, прават планови да го фатат на подмолен начин и да го погубат. Сепак, велат: „Не на празникот, за да не избувне бунт меѓу народот“. Тие се плашат од луѓето чија наклоност ја има Исус.
Додека злобно коваат завера да го убијат Исус, верските водачи имаат посетител. На нивно изненадување, тоа е еден од Исусовите апостоли, Јуда Искариот, оној во кого Сатана всадил подмолна мисла да го предаде својот Господар! Колку се само радосни кога Јуда се распрашува: „Што ќе ми дадете за да ви го предадам?“ Тие радо се сложуваат да му платат 30 сребреници, цената за еден роб според сојузот на Мојсеевиот закон. Оттогаш Јуда бара поволна прилика да им го предаде Исус кога мноштвото нема да е присутно.
Со зајдисонце в среда започнува 13 нисан. Исус пристигнал од Ерихон во петокот, така што ова му е шеста и последна ноќ која ја поминува во Витанија. Следниот ден, во четврток, ќе биде потребно да се направат последните подготовки за Пасхата која започнува со зајдисонце. Тогаш мора да се заколе пасхалното јагне и потоа целото да се испече. Каде ќе ја прослават свеченоста, и кој ќе ги направи подготовките?
Исус сѐ уште не дава такви поединости, можеби за да го спречи Јуда да ги информира главните свештеници кои би можеле да го уапсат за време на прославата на Пасхата. Но сега, веројатно рано попладне во четврток, Исус ги испраќа Петар и Јован од Витанија, велејќи: „Одете и пригответе ни ја пасхата да ја јадеме“.
„Каде сакаш да ја приготвиме?“ прашуваат тие.
„Еве, кога ќе влезете во градот“, објаснува Исус, „ќе ве сретне човек кој носи земјен сад со вода. Следете го во куќата во која ќе влезе. И да му кажете на стопанот на куќата: ‚Учителот ти вели: „Каде е гостинската соба во која можам да ја јадам пасхата со своите ученици?“‘ И тој ќе ви покаже голема наместена горна соба. Таму пригответе ја.“
Без сомнение, стопанот на куќата е Исусов ученик кој веројатно го очекува Исусовото барање да ја користи неговата куќа за таа посебна прилика. Во секој случај, кога Петар и Јован стигнуваат во Ерусалим, наоѓаат сѐ токму како што Исус претскажал. Така тие двајцата се погрижуваат да се подготви јагнето и да се направат сите други подготовки за оние 13 кои ќе ја прослават Пасхата — Исус и неговите 12 апостоли. Матеј 26:1—5, 14—19; Марко 14:1, 2, 10—16; Лука 22:1—13; Излез 21:32.
▪ Што изгледа прави Исус во среда, и зошто?
▪ Каков состанок се одржува во куќата на првосвештеникот, и со каква намера Јуда ги посетува верските водачи?
▪ Кого го испраќа Исус во четврток за Ерусалим, и со каква цел?
▪ Што наоѓаат оние кои се испратени, кое уште еднаш ја открива Исусовата чудесна моќ?