Поглавје 128
Исус е жив!
КОГА жените го наоѓаат празен Исусовиот гроб, Марија Магдалена отрчува да им каже на Петар и на Јован. Меѓутоа, другите жени очигледно остануваат кај гробот. Набргу се појавува ангел и ги повикува внатре.
Овде жените здогледуваат друг ангел, и едниот од нив им вели: „Не плашете се, зашто знам дека го барате Исус кој беше прикован. Тој не е овде, бидејќи тој стана, како што рече. Дојдете, видете го местото каде што лежеше. И одете бргу и кажете им на неговите ученици дека стана од мртвите“. Така, со страв и голема радост, и овие жени отрчуваат.
Во тоа време Марија веќе ги пронашла Петар и Јован и ги известува: „Го однеле Господ од спомен-гробот, и не знаеме каде го положиле“. Двајцата апостоли веднаш отрчуваат. Јован е побрз — очигледно затоа што е помлад — и прв доаѓа до гробот. Во тоа време жените веќе се заминати, па нема никого. Наведнувајќи се, Јован погледнува во гробот и ги гледа завоите, но останува надвор.
Кога пристигнува, Петар без двоумење веднаш влегува внатре. Гледа дека се останати завоите, како и платното со кое му била завиткана главата на Исус. Свиткано е на едно место. Сега и Јован влегува во гробот, и верува во извештајот на Марија. Но, ниту Петар ниту Јован не сфаќаат дека Исус станал, иако тој често им говорел за тоа. Збунети, двајцата се враќаат дома, а Марија, која се враќа кај гробот, останува.
Во меѓувреме другите жени брзаат да им кажат на учениците дека Исус воскреснал, како што им заповедале ангелите. Додека трчаат колку што можат, ги пресретнува Исус и им вели: „Добар ден!“ Тие му паѓаат пред нозе и му оддаваат почит. Исус тогаш вели: „Не плашете се! Одете, јавете им на моите браќа да појдат во Галилеја; и таму ќе ме видат“.
Претходно, кога се случил земјотресот и се појавиле ангелите, војниците кои биле на стража се вчудовиделе и станале како мртви. Откако се повратиле, веднаш заминале во градот и им кажале на главните свештеници што се случило. Откако тие се советувале со еврејските „старешини“, била донесена одлука да се обидат да ја замолчат работата така што ќе ги поткупат војниците. Вака ги упатиле: „Речете: ‚Неговите ученици дојдоа во ноќта и го украдоа додека ние спиевме‘“.
Бидејќи римските војници можеле да бидат казнети со смрт ако заспиеле на стража, свештениците ветиле: „Ако ова [извештајот дека сте заспале] дојде до ушите на управителот, ние ќе го убедиме и ќе ве ослободиме од грижа“. Бидејќи поткупот е прилично голем, војниците прават онака како што се упатени. Како резултат на тоа, лажниот извештај за кражбата на Исусовото тело се раширил насекаде меѓу Евреите.
Марија Магдалена, која останува кај гробот, е совладана од тага. Каде би можел да биде Исус? Кога се наведнува да погледне во гробот ги гледа двата ангела во бело, кои повторно се појавиле! Едниот седи кај главата, а другиот кај стапалата каде што лежело Исусовото тело. „Жено, зошто плачеш?“, ја прашуваат тие.
„Го однесле мојот Господ“, одговара Марија, „и не знам каде го положиле.“ Потоа таа се свртува и здогледува некој кој го повторува прашањето: „Жено, зошто плачеш?“ Тој исто така ја прашува: „Кого бараш?“
Мислејќи дека тоа е човекот кој се грижи за градината во која се наоѓал гробот, таа му вели: „Господине, ако си го однел ти, кажи ми каде си го положил, и јас ќе го однесам“.
„Марија!“, вели човекот. И таа веднаш знае, според познатиот начин на кој ѝ зборува, дека тоа е Исус. „Рабуни!“ (што значи: „Учителе!“) — извикнува таа. И го зграпчува со неизмерна радост. Но, Исус ѝ вели: „Престани да се држиш за мене. Зашто уште не сум отишол горе кај Таткото. Туку оди кај моите браќа и кажи им: ‚Одам горе кај мојот Татко и вашиот Татко, кај мојот Бог и вашиот Бог‘“.
Сега Марија трча кон местото каде што се собрани апостолите и останатите ученици. Го додава својот извештај кон оној што веќе го дале другите жени за тоа дека го виделе воскреснатиот Исус. Сепак, овие мажи, кои не им верувале на првите жени, очигледно не ѝ веруваат ни на Марија. Матеј 28:3—15; Марко 16:5—8; Лука 24:4—12; Јован 20:2—18.
▪ Што прави Марија Магдалена откако го наоѓа гробот празен, и што им се случува на другите жени?
▪ Како реагираат Петар и Јован кога го наоѓаат гробот празен?
▪ На кого наидуваат другите жени додека се на пат да ги известат учениците за Исусовото воскресение?
▪ Што им се случува на стражарите, и како реагираат свештениците на нивниот извештај?
▪ Што се случува кога Марија Магдалена е сама крај гробот, и како реагираат учениците на извештаите од жените?