Поглавје 133
Исус завршува сѐ што бара Бог
КОГА Царот-Воин Исус Христос ќе го отстрани Сатана и неговиот неправеден свет, колкава само причина за радост ќе биде тоа! Конечно започнува мирољубивата илјадагодишна влада на Исус!
Под водство на Исус и на неговите придружни цареви, преживеаните од Армагедон ќе ги исчистат урнатините кои останале од таа праведна војна. Веројатно преживеаните на Земјата некое време и ќе раѓаат деца, па и тие ќе учествуваат во восхитувачкото дело на обработување на Земјата во прекрасна градина слична на парк.
Со текот на времето Исус ќе врати безброј милиони луѓе од нивните гробови за да уживаат во тој прекрасен Рај. Тоа ќе го стори во исполнување на сопствената гаранција: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе . . . излезат“.
Меѓу оние кои ќе ги воскресне Исус ќе биде поранешниот злосторник кој умрел покрај него на маченичкиот столб. Сети се дека Исус му ветил: „Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во Рајот“. Не, тој човек нема да биде земен на небото за да владее како цар со Исус ниту, пак, Исус повторно ќе стане човек и ќе живее со него на рајската Земја. Наместо тоа, Исус ќе биде со поранешниот злосторник во таа смисла што ќе го воскресне за живот во Рајот и ќе се погрижи за неговите потреби, како физички така и духовни, како што е илустрирано на следната страница.
Замисли си! Под Исусовото љубезно внимание, целата човечка фамилија — преживеаните од Армагедон, нивните потомци и милијардите воскреснати кои му се послушни — ќе напредуваат до човечко совршенство. Јехова, со помош на својот царски Син, Исус Христос, во духовна смисла ќе престојува со човештвото. „И“, како што вели гласот од небото што го слушнал Јован, „тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка.“ Ниеден човек на Земјата нема да страда ниту ќе биде болен.
На крајот од Исусовата илјадагодишна влада, состојбата ќе биде токму онаква како што Бог првобитно имал намера да биде кога му рекол на првиот човечки пар, Адам и Ева, да се множат и да ја наполнат Земјата. Да, Земјата ќе се наполни со праведен род на совршени луѓе. Така ќе биде затоа што користите од Исусовата откупна жртва ќе се применат на секого. Смртта поради Адамовиот грев повеќе нема да постои!
На тој начин Исус ќе го постигне сето она што Јехова го бара од него. Затоа, на крајот од илјадата години, тој на својот Татко ќе му го предаде Царството и совршената човечка фамилија. Тогаш Бог ќе ги ослободи Сатана и неговите демони од бездната на неактивност слична на смрт. Со каква цел?
Па, на крајот од илјадата години повеќето од оние кои ќе живеат во Рајот ќе бидат од воскреснатите чија вера никогаш не била испитана. Пред да умрат, тие никогаш не ги запознале Божјите ветувања и така не можеле да ја покажат својата вера во нив. Значи, откако биле воскреснати и поучени за библиските вистини, ним им било лесно да му служат на Бог во Рај, без какво и да е противење. Но, ако му се даде на Сатана прилика да се обиде да ги спречи во натамошното служење на Бог, дали ќе се покажат лојални под испит? За да се одговори на ова прашање, ќе биде пуштен Сатана.
Откровението кое му било дадено на Јован открива дека Сатана, после Исусовата Илјадагодишна влада, ќе успее да одврати неодреден број луѓе од служењето на Бог. Но, тогаш кога ќе заврши конечниот испит, Сатана, неговите демони и сите оние кои ќе успее да ги заведе, ќе бидат уништени засекогаш. Од друга страна, пак, потполно испитаните, лојални преживеани ќе продолжат да живеат за да уживаат во благословите од својот небесен Татко во сета вечност.
Навистина, Исус одиграл, и ќе продолжи да игра витална улога во извршувањето на Божјите славни намери. Во колку величествена иднина можеме да уживаме како резултат на сето она што тој го извршува како Божји голем небесен Цар. Сепак, не можеме да го заборавиме ни сето она што го сторил додека бил човек.
Исус спремно дошол на Земјата и нѐ поучил за својот Татко. Освен тоа, тој со пример ги покажал скапоцените Божји особини. Нашите срца се трогнати кога размислуваме за неговата возвишена храброст и мажественост, неговата неспоредлива мудрост, неговата извонредна способност како учител, неговото бестрашно водство, како и неговото нежно сочувство и соживување. Кога ќе се сетиме на неговите неописливи страдања додека го принесувал откупот, единственото средство преку кое можеме да добиеме живот, сигурно нашите срца се полни со ценење за него!
Навистина, каков само човек видовме низ ова разгледување на животот на Исус! Неговата величина е очигледна и ненадминлива. Поттикнати сме да ги повториме зборовите на римскиот управител Понтиј Пилат: „Гледајте! Човекот!“ Да, навистина „човекот“, најголемиот човек кој некогаш живеел!
Ако ја прифатиме подготовката на неговата откупна жртва, од нас може да се отстрани тежината на гревот и смртта наследени од Адам, а Исус може да стане наш „Вечен Татко“. Сите кои ќе добијат вечен живот мораат да стекнат спознание не само за Бог туку и за неговиот Син, Исус Христос. Нека читањето и проучувањето на оваа книга ти помогне да го стекнеш тоа животодајно спознание! 1. Јованово 2:17; 1:7; Јован 5:28, 29; 3:16; 17:3; 19:5; Лука 23:43; Битие 1:28; 1. Коринќаните 15:24—28; Откровение 20:1—3, 6—10; 21:3, 4; Исаија 9:6.
▪ Која среќна привилегија ќе ја имаат преживеаните од Армагедон и нивните деца?
▪ Кој ќе му се радува на Рајот, освен преживеаните од Армагедон и нивните деца, и во која смисла Исус ќе биде со нив?
▪ Каква ќе биде состојбата на крајот од илјадата години, и што ќе стори Исус тогаш?
▪ Зошто Сатана ќе биде ослободен од бездната, и што ќе се случи на крај со него и со сите кои го следат?
▪ Како може Исус да стане наш „Вечен Татко“?