Дел 5
Животот има величествена смисла
1, 2. Како знаеме дека Бог се грижи за нас, и каде треба да побараме одговори на животните прашања?
1 Начинот на кој се создадени Земјата и живите суштества на неа, покажува дека нивниот Творец е Бог на љубовта кој вистински се грижи. И неговата Реч, Библијата, покажува дека тој се грижи; таа ни ги дава најдобрите можни одговори на прашањата: Зошто сме тука на Земјата и каде одиме?
2 За да ги добиеме овие одговори потребно е да ја истражуваме Библијата. Божјата реч вели: „Ако Го барате, ќе Го најдете; ако, пак, Го оставите, и Он ќе ве остави“ (2. Летописи 15:2). Значи, што открива истражувањето на Божјата реч за она што тој има намера да го направи за нас?
Зошто Бог ги создал луѓето?
3. Зошто Бог ја создал Земјата?
3 Библијата покажува дека Бог ја подготвил Земјата посебно за луѓето. Во врска со Земјата, Исаија 45:18 вели дека Бог ‚не ја создал ненадејно: [туку] ја создал за живеење‘. И Земјата ја опремил со сѐ што им е потребно на луѓето, не само за да постојат туку и во потполност да му се радуваат на животот (1. Мојсеева, поглавја 1 и 2).
4. Зошто Бог ги создал првите луѓе?
4 Во неговата Реч, Бог известува за создавањето на првите луѓе, Адам и Ева, и открива што имал на ум за човечкото семејство. Тој рекол: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите — над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:26). Луѓето требале да имаат надзор над „целата земја“ и над нејзиниот животински свет.
5. Каде биле поставени првите луѓе?
5 Бог создал една огромна градина слична на парк, сместена на Средниот Исток, во подрачјето наречено Едем. Потоа ‚го зел човекот, кого го создал, го вовел во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази‘. Тоа било рај кој ја поседувал сета храна што им била потребна на првите луѓе. Имало „секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење“, како и друга вегетација и многубројни интересни видови од животинскиот свет (1. Мојсеева 2:7-9, 15).
6. Со какви умствени и телесни способности биле создадени луѓето?
6 Телата на првите луѓе биле совршено создадени за да не се разболат, да не остарат и да не умрат. Биле обдарени и со други квалитети, како што е слободата на избор. Начинот на кој биле создадени е објаснет во 1. Мојсеева 1:27: „Го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“. Бидејќи сме создадени според Божји образ, обдарени сме не само со телесни и умствени способности туку и со морални и духовни вредности, кои мораме да ги задоволиме ако сакаме да бидеме вистински среќни. Бог се погрижил за средствата неопходни за задоволување на тие потреби, како и потребата од храна, вода и воздух. Како што рекол Исус Христос: „Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4).
7. Каква задача ѝ била дадена на првата двојка?
7 Освен тоа, Бог ѝ дал една прекрасна задача на првата двојка додека биле во Едем: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата“ (1. Мојсеева 1:28). Значи, тие ќе можеле да се размножуваат и да раѓаат совршени деца. И како што човечката популација би растела, би ја имале прекрасната можност да ги прошират границите на првобитното подрачје на Едемската градина. На крајот, целата Земја би била претворена во рај, населен со совршени и среќни луѓе кои ќе можеле да живеат вечно. Библијата нѐ информира дека, откако сето тоа го ставил во движење, „виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал“ (1. Мојсеева 1:31; види и Псалм 117:17).
8. Како требало луѓето да се грижат за Земјата?
8 Очигледно е дека луѓето требало да ја подложат Земјата за да имаат корист од неа. Но тоа требало да се направи на еден одговорен начин. Луѓето требало да бидат управители на Земјата кои се полни со почитување, а не нејзини уништувачи. Уништувањето на Земјата, за кое сме сведоци денес, се коси со Божјата волја, а оние кои учествуваат во тоа постапуваат спротивно на смислата на животот на Земјата. Тие ќе мораат да ја платат казната за тоа, бидејќи Библијата вели дека Бог ќе ‚ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18).
Тоа е сѐ уште Божја намера
9. Зошто имаме доверба дека ќе се исполни Божјата намера?
9 Така, уште од самиот почеток, Божјата намера била совршеното човечко семејство да живее засекогаш во рај на Земјата. А тоа е сѐ уште негова намера! Без сомнение, таа ќе се исполни. Библијата наведува: „Со клетва вели Господ Саваот: ‚Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане‘“. „Јас реков — и ќе го извршам тоа; замислив — и ќе го направам“ (Исаија 14:24; 46:11).
10, 11. Како се изразиле за рајот Исус, Петар и псалмистот Давид?
10 Исус Христос зборувал за Божјата намера да го обнови рајот на Земјата кога му рекол на еден човек кој барал некаква надеж за иднината: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23:43). И апостол Петар зборувал за идниот нов свет кога прорекол: „Ние, според [Божјето] ветување, очекуваме ново небо [ново владетелско уредување кое ќе управува од небото] и нова земја [ново земско општество], на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13).
11 Псалмистот Давид, исто така, напишал за претстојниот нов свет и за тоа колку долго тој ќе трае. Тој прорекол: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29). Затоа Исус ветил: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5:5).
12, 13. Опиши ја накратко Божјата величествена намера за човештвото.
12 Каков величествен изглед — вечен живот на рајска Земја ослободена од секакво зло, криминал, болест, тага и болка! Во последната книга од Библијата, Божјата пророчка Реч ја резимира таа величествена намера со објавата: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“. Таа додава: „И Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам‘. И ми рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21:4, 5).
13 Да, Бог има величествена намера. Тоа ќе биде еден нов свет на праведност, вечен рај, што го прорекол Оној кој може и кој ќе го исполни она што го ветува, бидејќи неговите „зборови се вистинити и верни“.
[Слики на страници 20 и 21]
Бог имал намера луѓето вечно да живеат на рајска Земја. Тоа е сѐ уште негова намера
[Слика на страница 22]
Сопственикот може да ги повика на одговорност станарите кои му ја уништуваат куќата