Поглавје 1
Ти можеш да имаш среќна иднина!
1, 2. Што сака твојот Творец да имаш?
СРДЕЧНА прегратка на некој што го сакаш. Искрена насмевка при еден убав оброк со драгите пријатели. Задоволството додека ги посматраш твоите деца како весело си играат. Ваквите моменти се светли точки во животот. Меѓутоа, се чини дека за многумина животот донесува сериозни проблеми еден по друг. Доколку си доживеал такво нешто, не се обесхрабрувај.
2 Божја волја е да се радуваш на трајна среќа под најдобрите околности во една прекрасна околина. Ова не е само сон, зашто Бог навистина ти го нуди клучот за една таква среќна иднина. Тој клуч е спознанието.
3. Кое спознание е клучот за среќата, и зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог може да го даде тоа спознание?
3 Зборуваме за еден посебен вид спознание што е далеку поважно од човечката мудрост. Тоа е „самото спознание за Бог“ (Изреки 2:5, НС). Пред околу 2.000 години, еден библиски писател рекол: „Секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4). Помисли на спознанието што мора да го поседува Создателот на сите ствари! Библијата вели дека Бог ги брои и ги именува сите ѕвезди. Колку возбудлива помисла, бидејќи само во нашата галаксија постојат стотици милијарди ѕвезди, а астрономите велат дека има околу сто милијарди други галаксии! (Псалм 146:4). Бог исто така знае сѐ за нас, па според тоа, кој друг би можел да даде подобри одговори на важните животни прашања? (Матеј 10:30).
4. Зошто треба да очекуваме Бог да даде упатства кои ќе нѐ водат, и која книга ја задоволува оваа потреба?
4 Замисли си двајца луѓе како се обидуваат да ги поправат своите автомобили. Едниот од нив изнервирано го фрла алатот. Другиот смирено го решава проблемот, го свртува контактниот клуч и се насмевнува кога моторот се запалува и добро работи. Нема да ти биде тешко да погодиш кој од двајцата имал прирачник од произведувачот. Зарем не е разбирливо и Бог да ни даде упатства кои ќе нѐ водат во животот? Како што можеби знаеш, Библијата тврди дека таа е токму тоа — книга со упатство и водство од нашиот Творец, наменета да го даде спознанието за Бог (2. Тимотеј 3:16).
5. Колку е вредно спознанието што го содржи Библијата?
5 Ако тврдењето на Библијата е вистинито, помисли само какви богатства на спознание мора да содржи таа книга! Во Изреки 2:1-5, таа нѐ поттикнува да бараме мудрост, да копаме по неа како по некое скриено богатство — но не во почвата на човечкото размислување, туку во самата Божја Реч. Ако бараме таму, ќе го ‚најдеме знаењето [самото спознание, НС] за Бога‘. Со оглед на тоа што Бог ги разбира нашите ограничувања и потреби, тој ни дава упатство кое ќе ни помогне да водиме мирољубив, среќен живот (Псалм 102:14; Исаија 48:17). Освен тоа, спознанието за Бог ни нуди и една одушевувачка добра вест.
ВЕЧЕН ЖИВОТ!
6. Каква гаранција дал Исус Христос во поглед на спознанието за Бог?
6 Добро познатиот историски лик Исус Христос јасно ја опишал оваа одлика на спознанието за Бог. Тој рекол: „Животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Замисли си — спознание кое води до вечен живот!
7. Каков доказ постои дека Божјата намера не била ние да умираме?
7 Немој брзо да ја отфрлиш како обичен сон идејата за вечен живот. Наместо тоа, погледни како е создадено човечкото тело. Прекрасно е конструирано со сетила за вкус, звук, мирис, вид и допир. На Земјата постојат толку многу работи во коишто нашите сетила можат да уживаат — вкусна храна, угоден птичји пој, миризливи цвеќиња, прекрасен пејзаж, угодно друштво! А нашиот зачудувачки мозок е многу повеќе од еден суперкомпјутер, бидејќи ни овозможува да ги цениме и да им се радуваме на сите овие работи. Дали мислиш дека нашиот Творец сака да умираме и да го изгубиме сето ова? Зарем не би било поразумно да заклучиме дека тој сака среќно да живееме и да му се радуваме на животот засекогаш? Да, токму тоа може да значи за тебе спознанието за Бог.
ЖИВОТ ВО РАЈ
8. Што вели Библијата за иднината на човештвото?
8 Она што го кажува Библијата за иднината на Земјата и на човештвото, би можело да се сумира во еден единствен збор — Рај! Исус Христос зборувал за него кога му рекол на еден човек кој умирал: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23:43). Без сомнение, споменувањето на Рајот го потсетило тој човек на среќната состојба на нашите прародители, Адам и Ева. Кога Бог ги создал, тие биле совршени и живееле во парк сличен на градина, што Творецот го испланирал и засадил. Прикладно бил наречен Едемска градина, а тоа име означува милина.
9. Каков бил животот во првобитниот Рај?
9 Колку само била прекрасна таа градина! Тоа било вистински рај. Меѓу неговите прекрасни дрвја имало и такви кои раѓале вкусен плод. Додека Адам и Ева го испитувале нивното подрачје, додека пиеле од неговите слатки води и собирале плодови од неговите дрвја, немале причина да бидат загрижени или уплашени. Дури ни животните не претставувале опасност, затоа што Бог го поставил човекот и неговата жена љубезно да владеат над сите нив. Освен тоа, првата човечка двојка имала одлично здравје. Сѐ додека му биле послушни на Бог, пред нив лежела вечна, среќна иднина. Им била дадена задоволувачка работа да се грижат за нивниот прекрасен Рајски дом. Понатаму, Бог им го дал на Адам и Ева налогот да ‚ја наполнат земјата и да господарат над неа‘. Тие и нивното потомство требало да ги прошират границите на Рајот сѐ додека целата наша планета не станела место на убавина и задоволство (1. Мојсеева 1:28).
10. Што имал Исус на ум кога зборувал за Рајот?
10 Меѓутоа, кога Исус го спомнал Рајот, тој не барал од човекот којшто умирал да мисли на далечното минато. Не, Исус зборувал за иднината! Тој знаел дека целиот наш земен дом ќе стане рај. На тој начин, Бог ќе ја исполни својата првобитна намера со човештвото и со нашата Земја (Исаија 55:10, 11). Да, Рајот ќе биде обновен! А каков ќе биде? Да дозволиме да одговори Божјата Реч, Библијата.
ЖИВОТ ВО ОБНОВЕНИОТ РАЈ
11. Што ќе се случи со болеста, староста и смртта во обновениот Рај?
11 Болеста, староста и смртта повеќе нема да постојат. „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“ (Исаија 35:5, 6). „Сам Бог ќе биде со нив [со човештвото] — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4).
12. Зошто можеме да бидеме сигурни дека во идниот Рај ќе нема криминал, насилство и злоба?
12 Криминалот, насилството и злобата ќе исчезнат засекогаш. „Злосторниците ќе бидат отсечени . . . Уште само малку, и злобниот повеќе нема да постои; . . . него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат Земјата“ (Псалм 37:9-11, НС). „А беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните — искоренети од неа“ (Изреки 2:22).
13. Како Бог ќе донесе мир?
13 Ширум Земјата ќе преовладува мир. „Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, [Бог] ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето“ (Псалм 45:9). „Ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината“ (Псалм 71:7).
14, 15. Што вели Библијата за станбените услови, работата и храната во обновениот Рај?
14 Станбените услови ќе бидат сигурни, а работата задоволувачка. „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив . . . Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб“ (Исаија 65:21-23).
15 Ќе има здрава храна во изобилство. „Ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има обилност“ (Псалм 72:16, НС). „Самата Земја сигурно ќе го даде својот принос; Бог, нашиот Бог, ќе нѐ благослови“ (Псалм 67:6, НС).
16. Зошто ќе биде прекрасен животот во Рајот?
16 Вечниот живот на рајската Земја ќе биде прекрасен. „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29). „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин“ (Исаија 35:1).
СПОЗНАНИЕТО И ТВОЈАТА ИДНИНА
17. а) Што треба да сториш доколку те привлекува животот во Рајот? б) Како знаеме дека Бог ќе донесе големи промени на Земјата?
17 Ако те привлекува животот во Рајот, не дозволувај било што да те спречи да го стекнеш спознанието за Бог. Тој го сака човештвото и ќе ги донесе потребните промени за да ја направи Земјата рај. На крајот на краиштата, кога ти би имал моќ да им ставиш крај на бедата и неправдата кои толку преовладуваат во светот, зарем не би го сторил тоа? Зарем би очекувале Бог да стори нешто помалку? Всушност, Библијата сликовито зборува за времето кога Бог ќе го отстрани овој систем растргнат од судири и ќе го замени со совршена, праведна власт (Даниил 2:44). Но, Библијата прави многу повеќе отколку само да нѐ информира за сето ова. Таа ни покажува како можеме да го доживееме Божјиот ветен нов свет (2. Петрово 3:13; 1. Јованово 2:17).
18. Што може спознанието за Бог уште сега да стори за тебе?
18 Спознанието за Бог може уште сега да стори многу за тебе. Во Библијата се дадени одговори на најдлабоките и највознемирувачките прашања од животот. Ако го прифатиш нејзиното водство, тоа ќе ти помогне да развиеш пријателство со Бог. Каква голема предност! А тоа ќе ти овозможи да се радуваш на мирот што само Бог може да го даде (Римјаните 15:13, 33). Додека почнуваш да го примаш ова животоважно спознание, се зафаќаш со најважниот и најнаградувачкиот потфат во твојот живот. Нема никогаш да зажалиш што си го стекнал спознанието за Бог, кое води до вечен живот.
19. Кое прашање ќе го разгледаме во следното поглавје?
19 Се осврнавме на Библијата како на книга која го содржи спознанието за Бог. Но, како знаеме дека тоа не е книга на човечка мудрост, туку нешто многу повеќе? Ова прашање ќе го разгледаме во следното поглавје.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Зошто може спознанието за Бог да те доведе до вечна среќа?
Каков ќе биде животот во идниот земен Рај?
Зошто ќе биде корисно за тебе ако сега го примаш спознанието за Бог?