Поглавје 7
Што сторил Бог за да го спаси човештвото
1, 2. а) Како еден римски стотник сфатил кој е Божјиот Син? б) Зошто Јехова дозволил Исус да умре?
ЕДНО пролетно попладне пред околу 2.000 години, еден римски стотник посматрал тројца луѓе како полека и мачно умираат. Особено впечатлив му бил едниот од нив — Исус Христос. Исус бил прикован на еден дрвен столб. Пладневното небо потемнело кога наближил моментот на неговата смрт. Кога умрел, Земјата силно се затресла, а војникот извикал: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“ (Марко 15:39).
2 Божји Син! Тој војник имал право. Штотуку станал очевидец на најважниот настан што некогаш се случил на Земјата. Во неколку поранешни прилики, Бог лично го нарекол Исуса свој возљубен Син (Матеј 3:17; 17:5). Зошто Јехова допуштил неговиот Син да умре? Затоа што ова било Божјето средство за спасение на човештвото од грев и смрт.
ИЗБРАН ЗА ПОСЕБНА ЦЕЛ
3. Зошто било прикладно Божјиот единороден Син да биде избран за една посебна намера во врска со човештвото?
3 Како што претходно научивме од оваа книга, Исус постоел пред да се роди како човек. Наречен е Божји ‚Единороден Син‘, затоа што Јехова директно го создал. Потоа, Бог го употребил Исус за да ги доведе во постоење сите други работи (Јован 3:18; Колосјаните 1:16). Исус имал особена љубов кон човештвото (Изреки 8:30, 31). Не е ни чудо што Јехова го избрал својот единороден Син за една посебна намера кога човештвото дошло под смртната осуда!
4, 5. Што открила Библијата за Месијанското Семе пред Исус да дојде на Земјата?
4 Кога ја објавувал казната над Адам, Ева и Сатана во градината Едем, Бог зборувал за идниот Спасител како за „семе“ (НС). Ова Семе, односно потомство, требало да ги отстрани ужасните неволји што ги донел Сатана Ѓаволот, „старата змија“. Всушност, ветеното Семе требало да му ја смачка главата на Сатана и на сите оние кои го следеле (1. Мојсеева 3:15; 1. Јованово 3:8; Откровение 12:9).
5 Низ вековите, Бог постепено откривал сѐ повеќе и повеќе за Семето, наречено и Месија. Како што е покажано на табелата на страница 37, голем број пророштва даваат детали за многу аспекти од неговиот живот на Земјата. На пример, тој требало да претрпи ужасно малтретирање со цел да ја исполни својата улога во Божјата намера (Исаија 53:3-5).
ЗОШТО ТРЕБАЛО МЕСИЈАТА ДА УМРЕ
6. Според Даниил 9:24-26, што требало да изврши Месијата, и на кој начин?
6 Пророштвото запишано во Даниил 9:24-26 прорекло дека Месијата — Божјиот Помазаник — требало да исполни една величествена намера. Тој требало да дојде на Земјата „за да биде покриен престапот, за да бидат запечатени гревовите и избришани беззаконијата [да се измири гревот, НС], за да биде доведена вечната правда“ засекогаш. Месијата требало да ја отстрани смртната осуда над верното човештво. Но, како требало да го стори тоа? Пророштвото објаснува дека тој требало да биде „предаден на смрт“.
7. Зошто Евреите принесувале животински жртви, и што предочувале тие?
7 На древните Израелци им била позната идејата за помирување за гревот. Во нивното обожавање под Законот што Бог им го дал преку Мојсеј, тие редовно принесувале животински жртви. Жртвите го потсетувале израелскиот народ дека на луѓето им треба нешто што ќе ги помири или покрие нивните гревови. Апостол Павле вака го сумирал начелото: „Без проливање крв проштевање не станува“ (Евреите 9:22). Христијаните не се под Мојсеевиот закон со неговите барања, како што се жртвите (Римјаните 10:4; Колосјаните 2:16, 17). Тие исто така знаат дека животинските жртви не можат да обезбедат трајно и потполно простување на гревовите. Наместо тоа, овие жртвени приноси предочувале една многу повредна жртва — жртвата на Месијата, односно Христа (Евреите 10:4, 10; спореди Галатјаните 3:24). Сепак, можеби ќе прашаш: ‚Дали навистина било неопходно Месијата да умре?‘
8, 9. Какви скапоцени работи изгубиле Адам и Ева, и како влијаеле нивните постапки врз нивното потомство?
8 Да, Месијата морал да умре за да биде спасено човештвото. За да разбереме зошто, мораме да се сетиме на Едемската градина и да се обидеме да сфатиме колку многу изгубиле Адам и Ева кога се побуниле против Бог. Пред нив бил поставен вечен живот! Како Божји деца, тие уживале и директен однос со него. Но, кога ја отфрлиле Јеховината влада, го изгубиле сето тоа и му донеле грев и смрт на човечкиот род (Римјаните 5:12).
9 Тоа било исто како нашите прародители да потрошиле огромно богатство и да западнале во голем долг. Адам и Ева го пренеле тој долг на своето потомство. Бидејќи не сме родени совршени и безгрешни, секој од нас е грешен и смртен. Кога ќе се разболиме или ќе кажеме нешто навредливо што би сакале да си го повлечеме назад, ги доживуваме последиците од нашиот наследен долг — човечката несовршеност (Римјаните 7:21-25). Нашата единствена надеж е повторно да го постигнеме она што го изгубил Адам. Меѓутоа, ние не можеме да заслужиме совршен човечки живот. Со оглед на тоа што сите луѓе грешат, сите ние заслужуваме смрт, а не живот (Римјаните 6:23).
10. Што било потребно за да се откупи она што го изгубил Адам?
10 Сепак, би можело ли да се понуди нешто во замена за животот што го изгубил Адам? Божјето мерило за правда бара рамнотежа — „живот за живот“ (2. Мојсеева 21:23). Според тоа, морало да се принесе живот за да се плати за животот што бил изгубен. Не бил доволен чиј и да е живот. Псалм 48:7, 8 за несовршените луѓе вели: „Братот не може да се искупи; а може ли човекот да се откупи? На Бога нема да му даде откуп за него, ниту цена за откуп на душата своја“. Дали, според тоа, ситуацијата е безнадежна? Секако дека не!
11. а) Какво значење има зборот „откупнина“ на хебрејски? б) Само кој можел да го откупи човештвото, и зошто?
11 Во хебрејскиот јазик, зборот „откупнина“ ја означува сумата што е платена за да се откупи еден заробеник, а исто така означува и еднаквост. Само човек со совршен човечки живот можел да ја понуди еднаквата вредност на она што го изгубил Адам. После Адам, единствениот совршен човек што се родил на Земјата бил Исус Христос. Затоа, Библијата го нарекува Исуса „последниот Адам“ и таа ни гарантира дека Христос ‚Се дал Себеси како откуп за сите‘ (1. Коринтјаните 15:45; 1. Тимотеј 2:5, 6). Додека Адам пренел смрт врз своите деца, наследството од Исус е вечен живот. Првото послание до Коринтјаните 15:22 објаснува: „Како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“. Значи, прикладно е што Исус е наречен „Отец вечен“ (Исаија 9:6, 7).
КАКО БИЛА ПЛАТЕНА ОТКУПНИНАТА
12. Кога Исус станал Месија, и по каков животен пат тргнал оттогаш?
12 Есента 29 година н. е., Исус отишол кај својот роднина Јован за да биде крстен и со тоа да се претстави себеси за вршење на Божјата волја. Во таа прилика, Јехова го помазал Исуса со свет дух. Така, Исус станал Месија, односно Христос — оној кој е помазан од Бог (Матеј 3:16, 17). Потоа Исус започнал со својата три и полгодишна служба. Патувал низ својата татковина, проповедајќи за Божјето Царство и собирајќи верни следбеници. Меѓутоа, како што било проречено, отпорот против него наскоро се засилил (Псалм 117:22; Дела 4:8-11).
13. Кои настани довеле до тоа Исус да умре како чувар на беспрекорноста?
13 Исус храбро го разоткрил лицемерството на верските водачи, па затоа тие сакале да го убијат. На крајот, сковале злобна завера во која биле вклучени предавство, некоректно апсење, незаконско судење и лажно обвинение за бунт. Исус бил удиран, плукан, исмејуван и тепан со камшик со кој требало да му се раскине месото. Римскиот управител Понтиј Пилат потоа го осудил на смрт на маченички столб. Бил прикован на дрвен столб и обесен во исправена положба. Секој здив за него бил ужасно болен, и поминале часови додека не умрел. Низ сето тоа тешко искушение, Исус задржал совршена беспрекорност кон Бог.
14. Зошто Бог дозволил неговиот Син да страда и да умре?
14 И така, на 14 низан 33 година н. е., Исус го дал својот живот како „откуп на мнозина“ (Марко 10:45; 1. Тимотеј 2:5, 6). Од небото, Јехова можел да види како неговиот драг Син страда и умира. Зошто Бог допуштил да се случи такво ужасно нешто? Затоа што го сакал човештвото. Исус рекол: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Исусовата смрт исто така нѐ учи дека Јехова е Бог на совршена правда (5. Мојсеева 32:4). Некои можеби се чудат зошто Бог не се откажал од своите начела на правда кои бараат душа за душа и зошто не ја игнорирал цената на Адамовиот грешен пат. Причината е таа што Јехова секогаш ги почитува своите закони и се држи за нив, па дури и по цена што е голема и за него самиот.
15. Бидејќи би било неправедно да се дозволи Исус засекогаш да престане да постои, што сторил Јехова?
15 Јеховината правда исто така барала Исусовата смрт да има среќен исход. Најпосле, зарем би било праведно да се допушти верниот Исус да заспие во смрт засекогаш? Се разбира, не! Хебрејските списи прорекле дека Божјиот лојален нема да остане во гробот (Псалм 15:10; Дела 13:35). Тој спиел во смрт неполни три дена, по половина од првиот и третиот, и целиот втор ден, а потоа Јехова Бог го воскреснал во живот како моќно духовно суштество (1. Петрово 3:18).
16. Што сторил Исус откако се вратил на небото?
16 Кога умрел, Исус засекогаш го предал својот човечки живот. Откако бил подигнат во живот на небото, тој станал животодаен дух. Освен тоа, кога се вознел на најсветото место во универзумот, Исус повторно се обединил со својот драг Татко и формално Му ја претставил вредноста на својот совршен човечки живот (Евреите 9:23-28). А потоа, вредноста на тој скапоцен живот можела да се примени во корист на послушното човештво. Што значи тоа за тебе?
ХРИСТОВАТА ОТКУПНИНА И ТИ
17. Како можеме да очекуваме да извлечеме корист од простувањето на темел на Христовата откупна жртва?
17 Размисли за трите начини на коишто Христовата откупна жртва ти користи уште денес. Како прво, таа ти овозможува простување на гревовите. Преку верата во пролеаната крв на Исус имаме „откуп преку Неговата крв“, да, „прошка на гревовите“ (Ефесјаните 1:7). Затоа, дури и да сме направиле сериозен грев, можеме да го молиме Бог за простување во Исусово име. Ако навистина се каеме, Јехова ја применува на нас вредноста на откупната жртва на својот Син. Бог ни простува, давајќи ни го благословот на мирна совест, наместо да ја бара смртната казна што ја заслужуваме со гревот (Дела 3:19; 1. Петрово 3:21).
18. На кој начин Исусовата жртва ни дава надеж?
18 Второ, Христовата откупна жртва го дава темелот на нашата надеж за иднината. Во визија, апостол Јован видел како едно ‚големо мноштво народ, кое што никој не можел да го преброи‘, ќе го преживее идниот катаклизмички крај на овој систем на ствари. Зошто тоа ќе преживее кога Бог ќе уништи толку многу други? Еден ангел му рекол на Јован дека големото мноштво ‚ги испрало облеките свои и ги избелило со крвта на Агнецот‘, Исус Христос (Откровение 7:9, 14). Сѐ додека покажуваме вера во пролеаната крв на Исус Христос и живееме во склад со божествените барања, ќе бидеме чисти во Божји очи и ќе ја имаме надежта за вечен живот.
19. Како докажува Христовата жртва дека тој и неговиот Татко те сакаат?
19 Трето, откупната жртва е главниот доказ за Јеховината љубов. Христовата смрт ги опфаќа двата најголеми чина на љубов во историјата на универзумот: 1) Божјата љубов, кога го испратил својот Син да умре во наша корист и 2) Исусовата љубов, кога доброволно се принел себеси како откупнина (Јован 15:13; Римјаните 5:8). Ако навистина покажуваме вера, од оваа љубов ќе извлече корист секој од нас. Апостол Павле рекол: „Синот Божји . . . ме засака и Себеси се предаде за мене“ (Галатјаните 2:20; Евреите 2:9; 1. Јованово 4:9, 10).
20. Зошто треба да покажуваме вера во Исусовата откупна жртва?
20 Затоа, да ја покажеме нашата благодарност за љубовта што ја покажале Бог и Христос, така што ќе покажуваме вера во Исусовата откупна жртва. Таквото постапување ќе нѐ доведе до вечен живот (Јован 3:36). Сепак, нашето спасение не е најважната причина за Исусовиот живот и смрт на Земјата. Неговиот првенствен интерес било едно уште поголемо спорно прашање од универзална важност. Како што ќе видиме во следната статија, тоа спорно прашање е важно за сите нас бидејќи покажува зошто Бог допуштил злото и страдањето да постојат толку долго во овој свет.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Зошто морал Исус да умре за да го спаси човештвото?
Како била платена откупнината?
На кои начини извлекуваш корист од откупнината?
[Слика на целата страница 67]