Пеколен оган — дали е дел од божествената правда?
Дали некогаш си видел како мачат некого? Се надеваме дека не. Намерното мачење е гадно и одвратно. Но, што е со мачењето што го нанесува Бог? Можеш ли да си замислиш такво нешто? Сепак, токму тоа се подразбира од науката за пеколен оган, која е официјална доктрина во многу религии.
За момент замисли си ја следнава страотна сцена: Еден човек печат на вжештена железна плоча. Во својата агонија тој вриска за милост, но никој не го слуша. Мачењето продолжува и продолжува, час по час, ден за ден — без прекин!
Какво и да е злосторството што го извршила жртвата, зарем твоето срце не би се сожалило на него? Што е со оној кој дал наредба за мачење? Можно ли е тој да биде личност која е полна со љубов? Секако дека не! Љубовта е милосрдна и сожалива. Еден татко кој е полн со љубов може да ги казни своите деца, но тој никогаш не би ги измачувал!
Меѓутоа, многу религии научуваат дека Бог ги мачи грешниците во еден вечен пеколен оган. Се тврди дека тоа е божествена правда. Ако е ова вистина, тогаш кој го создал тоа ужасно место на вечно мачење? И кој е одговорен за тегобните агонии што се поднесуваат таму? Изгледа дека одговорите се очигледни. Доколку навистина постои такво место, тогаш Бог би бил оној што го создал и тој би бил одговорен за сето она што се случува таму.
Можеш ли да го прифатиш тоа? Библијатаa вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Дали еден Бог на љубовта би нанесувал мачење за кое дури и луѓето со колкава и да е мерка на етика го сметаат за одбивно? Секако дека не!
Неразумна наука
Сепак, многу луѓе веруваат дека злите ќе одат во огнен пекол и дека ќе бидат вечно мачени. Дали оваа наука е логична? Животниот век на човекот е ограничен на 70 или 80 години. Дури и ако некој извршил најзлобни дела во текот на целиот свој животен век, дали вечното мачење би било праведна казна? Не. Би било сосема неправедно еден човек да биде вечно мачен поради ограничениот број гревови што може да ги направи во текот на еден животен век.
Кој ја знае вистината за она што се случува откако ќе умреме? Само Бог може да ја даде таа информација, а тој го сторил тоа во својата напишана Реч, Библијата, на која се осврнавме погоре. Еве што вели Библијата: „Како умираат [животните], така умираат и [луѓето], и едно е дишењето кај сите . . . Сѐ оди на едно место: сѐ произлегува од земја, и сѐ ќе се врати во земјата“ (Проповедник 3:19, 20). Овде воопшто не се спомнува огнен пекол. Кога умираат, луѓето се враќаат во прав — во непостоење.
За да биде некој мачен, тој треба да биде при свест. Дали мртвите се при свест? Не. „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат [воопшто не се свесни за ништо, НС], и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот“ (Проповедник 9:5). Не е можно мртвите, кои „воопшто не се свесни за ништо“, да ги доживуваат агониите на пеколниот оган.
Штетна доктрина
Некои тврдат дека науката за пеколниот оган е корисна, без оглед на тоа дали е вистинита или не. Зошто? Тие велат дека таа служи за да одврати некого да не постапува лошо. Дали тоа е вистина? Помисли, дали стапката на криминал во подрачјата каде што луѓето веруваат во пеколен оган е пониска отколку во другите места? Не би се рекло! Напротив, доктрината за пеколен оган е многу штетна. Ако една личност верува дека Бог ги мачи луѓето, дали таа ќе гледа на измачувањето како на нешто одвратно? Зошто да биде така? Оние коишто веруваат во еден суров бог, честопати и самите стануваат сурови како нивниот бог.
Како и да гледа на оваа работа, еден разумен човек не може да го прифати постоењето на некаков пекол на маки. Логиката се противи на такво нешто. Тоа ѝ е одбивно на човечката природа. Што е уште поважно, Божјата Реч не вели дека постои такво место. Кога еден човек ќе умре, „тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4).
Каква е казната за гревот?
Дали тоа значи дека ние не сме казнувани за нашите гревови? Не, тоа не е случај. Нашиот свет Бог ги казнува грешниците, но не ги мачи. А кога грешниците ќе се покајат, тој им простува. Каква е казната за гревот? Библијата дава директен одговор: „Платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 6:23). Животот е дар од Бог. Кога ќе згрешиме, ние повеќе не го заслужуваме тој дар и умираме.
Би можел да прашаш: ‚Зарем во тоа е правдата? Па, секој човек умира!‘ Тоа е точно, бидејќи сите ние сме грешници. Всушност, никој не заслужува живот. „Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Сега, пак, можеби си мислиш: ‚Ако сите ние грешиме и поради тоа умираме, тогаш зошто треба да се трудиме да бидеме добри? Изгледа дека со злобниот човек се постапува исто како и со човекот кој се труди да му служи на Бог‘. Сепак, тоа не е така. Иако сите ние сме грешници, Бог им простува на оние кои искрено се каат и кои се трудат да се променат. Тој ги наградува нашите напори ‚да го промениме нашиот ум‘ и да правиме добро (Римјаните 12:2, НС). Овие вистини се темел за една прекрасна надеж.
Награда за добрите
Кога ќе умреме, ние престануваме да постоиме. Но, не значи дека со тоа сѐ е завршено. Верниот човек Јов знаел дека, кога ќе умре, тој ќе оди во гроб (шеол). Но, слушни ја неговата молитва до Бог: „О, да ме беше сокрил и криел во пеколот [шеолот, НС], додека да мине гневот Твој, да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене! Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? . . . Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор“ (Јов 14:13—15).
Јов верувал дека ако биде верен сѐ до смртта, Бог ќе го запомни и ќе го воскресне. Во тоа верувале сите Божји слуги од древните времиња. Самиот Исус ја потврдил оваа надеж кога рекол: „Доаѓа часот во кој сите кои се во спомен-гробовите ќе го чујат [Божјиот] глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, во воскресение на живот, оние кои вршеле зло, во воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29, НС).
Кога ќе започне воскресението? Според Библијата, многу скоро. Библиското пророштво укажува дека во 1914 година овој свет навлегол во своите ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1). Во текот на она што многумина го нарекуваат ‚крај на светот‘, Бог наскоро ќе го отстрани злото и ќе воспостави еден нов свет под небесно владетелство (Матеј 24. поглавје; Марко 13. поглавје; Лука 21. поглавје; Откровение 16:14).
После тоа ќе настапи еден рај кој ќе се простира низ целата Земја и кој ќе биде населен од оние кои искрено се труделе да му служат на Бог. Злите луѓе нема да горат во пеколен оган, но за нив нема да има место ниту во Рајот што доаѓа. Во Псалм 36:10, 11 читаме: „Грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“.
Дали сево ова е само сон? Не, тоа е Божје ветување. Во Библијата читаме: „Чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘“ (Откровение 21:3, 4).
Дали веруваш во овие зборови? Би требало. Божјата реч секогаш се исполнува (Исаија 55:11). Те поттикнуваме да дознаеш нешто повеќе за Божјите намери со човештвото. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Ако ја сакаш нивната помош, те повикуваме да пишеш на една од долниве адреси.
Доколку не е наведено поинаку, библиските стихови се земени од Библијата на македонски јазик, издание од 1991. Кога после некој цитат стои НС, тоа покажува дека е направен превод од англискиот New World Translation of the Holy Scriptures (Нов Свет превод на Светото писмо), ново издание од 1984 (не постои на македонски јазик).
[Фуснота]
a Во исламскиот свет, Библијата се состои од книгите кои се познати како Тора, Псалми и Евангелие. Најмалку 64 стихови од Коранот велат дека овие книги се Божја Реч и нагласуваат дека е потребно да се читаат и да се извршуваат нивните заповеди. Некои луѓе тврдат дека Тората, Псалмите и Евангелието се искривени. Оние што го тврдат тоа, всушност, велат дека Бог не е способен да ја сочува својата Реч.