Петто поглавје
Воспитувај го своето дете уште од најраното детство
1, 2. Од кого треба родителите да бараат помош при подигањето на своите деца?
„НАСЛЕДСТВОТО Господово се синовите“, извикнал еден благодарен родител пред околу 3.000 години (Псалм 126:3). Навистина, радоста на родителството е скапоцена награда од Бог, награда што можат да ја добијат повеќето луѓе кои се во брак. Меѓутоа, оние кои имаат деца, брзо увидуваат дека освен радост, родителството си носи и одговорности.
2 Особено денес, подигањето деца претставува огромна задача. Па сепак, многумина успешно го прават тоа, а инспирираниот псалмист укажува на кој начин, велејќи: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини“ (Псалм 126:1). Колку поблиску ги следиш Јеховините упатства толку подобар родител ќе станеш. Библијата вели: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум“ (Изреки 3:5). Дали си спремен да го слушаш Јеховиниот совет додека започнуваш со својот 20-годишен проект на подигање дете?
ДА СЕ ПРИФАТИ БИБЛИСКОТО ГЛЕДИШТЕ
3. Каква одговорност имаат татковците при подигањето на децата?
3 Во многу домови во светот, мажите сметаат дека воспитувањето на детето е пред сѐ работа на жената. Навистина, Божјата Реч укажува дека таткото има улога на главен хранител. Меѓутоа, таа вели дека тој има одговорности и во домот. Библијата вели: „Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој“ (Изреки 24:27). Според Божјето гледиште, таткото и мајката се партнери во воспитувањето на децата (Изреки 1:8, 9).
4. Зошто не треба да сметаме дека машките деца вредат повеќе од женските?
4 Како гледаш на своите деца? Извештаите велат дека во Азија „женските бебиња честопати не се добредојдени“. Се вели дека во Латинска Америка сѐ уште постојат предрасуди во врска со девојчињата, па дури и меѓу „попросветените семејства“. Но, вистината е тоа дека девојчињата не се деца од втора класа. Јаков, еден познат татко од древните времиња, го претставил сето свое потомство, вклучувајќи ги и ќерките кои му биле родени дотогаш, како „деца, со кои Бог [ме] помилува“ (1. Мојсеева 33:1—5; 37:35). Исто така, Исус ги благословил сите „деца“ (момчиња и девојчиња) кои биле донесени кај него (Матеј 19:13—15). Можеме да бидеме сигурни дека тој го одразил Јеховиното гледиште (5. Мојсеева 16:14).
5. Кои размислувања треба да влијаат врз одлуката на брачната двојка во поглед на големината на нивното семејство?
5 Дали во твојата средина се очекува жената да роди колку што е можно повеќе деца? Сосема е на место една венчана двојка да донесува лична одлука за тоа колку деца ќе има. Што ако родителите немаат доволно средства за да ги прехранат, облечат и за да им овозможат образование на многуте деца? Се разбира, двојката треба да размисли за ова кога одлучува колкаво ќе биде нивното семејство. Некои двојки, не можејќи да ги издржуваат сите свои деца, им доверуваат на роднините одговорност да подигаат некои од нив. Дали ова е пожелно? Не баш. Исто така, ова не ги ослободува родителите од нивната обврска кон своите деца. Библијата вели: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата“ (1. Тимотеј 5:8). Одговорните двојки се обидуваат да планираат колку „домашни“ ќе имаат за да можат ‚да се грижат за своите‘. За да го постигнат тоа, можат ли да применат контрола на раѓање? И тоа е лична одлука, а ако венчаната двојка сепак се одлучи на такво нешто, изборот на контрацепција е исто така лична работа. „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5). Меѓутоа, контролата на раѓање која е поврзана со каков и да е облик на абортус, стои во спротивност со библиските начела. Јехова Бог е „изворот на животот“ (Псалм 35:9). Затоа, да се изгасне еден живот кој веќе бил зачнат, би претставувало сериозно непочитување кон Јехова и тоа би било еднакво на убиство (2. Мојсеева 21:22, 23; Псалм 138:16; Јеремија 1:5).
ДА СЕ ИСПОЛНАТ ПОТРЕБИТЕ НА ТВОЕТО ДЕТЕ
6. Кога треба да започне воспитувањето на детето?
6 Изреки 22:6 (НС) вели: „Воспитувај го момчето според патот за него“. Воспитувањето на децата е уште една главна должност на родителите. Но, кога треба да започне тоа воспитување? Многу рано. Апостол Павле забележал дека Тимотеј бил воспитуван „уште од најраното детство“ (2. Тимотеј 3:15, НС). Грчкиот збор што е употребен овде може да се однесува на мало бебе, па дури и на сѐ уште неродено дете (Лука 1:41, 44; Дела 7:18—20). Значи, Тимотеј бил воспитуван уште од времето кога бил многу млад — и тоа било сосема на место. Најраното детство е идеално време за да се започне со воспитување на детето. Дури и едно мало бебе е желно за знаење.
7. а) Зошто е важно обата родитела да развијат близок однос со бебето? б) Каков однос постоел помеѓу Јехова и неговиот единороден Син?
7 „Кога првпат го видов своето бебе“, вели една мајка, „се вљубив во него.“ Тоа е случај со многу мајки. Таа прекрасна приврзаност помеѓу мајката и бебето расте додека тие заеднички го минуваат времето после породувањето. Доењето уште повеќе ја зголемува таа блискост. (Спореди 1. Солунјаните 2:7.) Пресудно во задоволувањето на емоционалните потреби на бебето е мајката да го гали и да му зборува. (Спореди Исаија 66:12.) Но, што е со таткото? И тој треба да создаде една блиска врска со својот нов потомок. Самиот Јехова е пример за тоа. Во книгата Изреки дознаваме за односот на Јехова со својот единороден Син, кој е прикажан како вели: „Самиот Јехова ме создаде како почеток на својот пат . . . станав оној спрема кого тој имаше особена наклоност од ден на ден“ (Изреки 8:22, 30, НС; Јован 1:14). Слично на тоа, уште од почетокот на животот на своето дете, добриот татко ќе негува кон него еден срдечен однос кој е полн со љубов. „Покажувајте му голема наклоност“, вели еден родител. „Досега ниедно дете не умрело од прегратки и од бакнежи.“
8. Каков ментален поттик треба родителите да им даваат на бебињата колку што е можно порано?
8 Но, на бебињата им е потребно уште нешто. Од моментот на раѓањето нивниот мозок е подготвен да прима и да складира информации, а главниот извор на информации се родителите. Како пример земи го говорниот јазик. Колку добро ќе научи да зборува и да чита едно дете, „се мисли дека е тесно поврзано со природата на првите взаемни односи на детето со своите родители“, велат истражувачите. Зборувај му и читај му на своето дете уште од раното детство. Наскоро тоа ќе сака да те имитира, а за кратко време веќе ќе го учиш да чита. Веројатно ќе може да чита уште пред да оди на училиште. Ова ќе биде корисно особено ако живеете во земја каде што има малку учители и каде што училниците се преполнети.
9. Која е најважната цел што родителите треба да ја имаат на ум?
9 Првенствена грижа на христијанските родители е да ги задоволат духовните потреби на своето дете. (Види 5. Мојсеева 8:3.) Со каква цел? За да му помогнат на детето да развие личност како Христовата — всушност, да ја облече „новата личност“ (Ефесјаните 4:24, НС). За оваа цел тие треба да разгледаат соодветни материјали и методи на изградба.
ВСАДИ ЈА ВИСТИНАТА ВО СВОЕТО ДЕТЕ
10. Кои особини треба да ги развиваат децата?
10 Квалитетот на зградата во голема мера зависи од видот на материјалите кои се користат во градбата. Апостол Павле рекол дека најдобрите градежни материјали за христијанските личности се „злато, сребро, драгоцени камења“ (1. Коринтјаните 3:10—12). Тие ги претставуваат особините како што се верата, мудроста, способноста на разликување, лојалноста, почитувањето и љубезното ценење на Јехова и неговите закони (Псалм 18:7—11; Изреки 2:1—6; 3:13, 14). Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ги развиваат овие особини уште од најраното детство? На тој начин што ќе следат една постапка која била изнесена уште многу одамна.
11. На кој начин израелските родители им помагале на своите деца да развијат побожна личност?
11 Кратко пред да влезе израелската нација во Ветената земја, Јехова им рекол на израелските родители: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои [мораш да ги всадиш во твојот син, НС] и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7). Да, родителите треба да бидат примери, другари, комуникатори и учители.
12. Зошто е неопходно родителите да бидат добри примери?
12 Биди пример. Најпрво Јехова рекол: „Овие зборови . . . да бидат во срцето твое“. Потоа додал: „Мораш да ги всадиш во твојот син“. Според тоа, божествените особини мораат прво да бидат во срцето на родителот. Родителот мора да ја сака вистината и да живее според неа. Само тогаш ќе може да го достигне срцето на детето (Изреки 20:7). Зошто? Затоа што врз децата повеќе влијае она што го гледаат отколку она што го слушаат (Лука 6:40; 1. Коринтјаните 11:1).
13. Како можат христијанските родители да го имитираат Исусовиот пример кога им посветуваат внимание на своите деца?
13 Биди другар. На родителите во Израел, Јехова им рекол: ‚Зборувај со своите деца кога седиш дома и кога си на пат‘. За оваа цел потребно е родителите да поминуваат време со своите деца, без оглед на тоа колку се зафатени. Исус очигледно сметал дека децата го заслужуваат неговото време. Во текот на последните денови од неговата служба, „донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив“. Како реагирал Исус? „Ги прегрна . . . и ги благословуваше“ (Марко 10:13, 16). Замисли си, последните часови од Исусовиот живот веќе истекувале. Па сепак, тој им го посветил на овие деца своето време и внимание. Колку добра поука!
14. Зошто е корисно родителите да минуваат време со своите деца?
14 Биди комуникатор. Времето што го минуваш со своето дете, ќе ти послужи за да комуницираш со него. Колку повеќе комуницираш толку подобро ќе процениш како се развива неговата личност. Но запомни, комуницирањето е повеќе отколку само зборување. „Морав да ја развијам уметноста на слушање“, рекла една мајка од Бразил, „да слушам со своето срце.“ Нејзината стрпливост дала плод кога син ѝ почнал да ги споделува своите чувства со неа.
15. Што треба да се има на ум кога станува збор за рекреацијата?
15 На децата им е потребно „време кога се смее . . . и време кога се игра“, то ест време за рекреација (Проповедник 3:1, 4; Захарија 8:5). Рекреацијата е многу попродуктивна кога родителите и децата заеднички уживаат во неа. Жален е фактот што во многу домови рекреацијата се состои во гледање телевизија. Иако некои телевизиски програми можат да бидат забавни, многу други ги уништуваат добрите вредности, а гледањето телевизија води до задушување на комуникацијата во семејството. Поради тоа, зошто не правите нешто креативно заедно со своите деца? Пејте, играјте некои игри, дружете се со пријателите, посетувајте забавни места. Таквите активности ја поттикнуваат комуникацијата.
16. За кои работи во врска со Јехова треба родителите да ги поучуваат своите деца, и како треба да го прават тоа?
16 Биди учител. „Мораш да ги всадиш [овие зборови] во твојот син“, рекол Јехова. Контексот ти кажува што и како да поучуваш. Прво, „сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои“ (5. Мојсеева 6:5). Потоа, „овие зборови . . . мораш да ги всадиш“. Дај поука која има за цел да развие искрена љубов кон Јехова и неговите закони. (Спореди Евреите 8:10.) Зборот да се ‚всади‘ значи да се поучува со повторување. Според тоа, Јехова всушност ти кажува дека главниот начин како да им помогнеш на твоите деца да развијат божествена личност е редовно да им зборуваш за него. Тоа вклучува да водиш редовна библиска студија со нив.
17. Што можеби ќе треба да развијат родителите во своето дете? Зошто?
17 Многу родители знаат дека не е лесно да се стави некоја информација во срцето на детето. Апостол Павле ги поттикнувал сохристијаните: „Како новороденчиња, развивајте копнеж по нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта“ (1. Петрово 2:2, НС). Изразот „развивајте копнеж“ укажува на тоа дека многумина по природа не чувствуваат глад за духовна храна. Можеби ќе треба родителите да изнајдат начини за да го развијат тој копнеж во своите деца.
18. Кои се некои од Исусовите методи на поучување што родителите се поттикнати да ги имитираат?
18 Исус ги достигнувал срцата користејќи илустрации (Марко 13:34; Лука 10:29—37). Оваа метода на поучување е особено делотворна кај децата. Поучувај ги за библиските начела, употребувајќи живописни, интересни приказни, можеби оние кои се наоѓаат во публикацијата Моја книга со библиски приказни.a Вклучи ги и децата. Дозволи им да ја користат својата креативност со тоа што ќе цртаат и ќе одглумуваат библиски настани. Исус употребувал и прашања (Матеј 17:24—27). Имитирај ја неговата метода за време на вашата семејна студија. Наместо само да наведеш некој Божји закон, поставувај прашања, како на пример: ‚Зошто Јехова ни го дал овој закон? Што ќе се случи ако се придржуваме за него? Што ќе се случи ако не се придржуваме за него?‘ Таквите прашања му помагаат на детето да расудува и да сфати дека Божјите закони се практични и добри (5. Мојсеева 10:13).
19. Ако во постапувањето со своите деца родителите ги следат библиските начела, кои големи користи ќе ги уживаат децата?
19 Со тоа што ќе бидеш пример, другар, комуникатор и учител, ти ќе можеш да му помогнеш на твоето дете уште од најраните години да развие еден близок личен однос со Јехова Бог. Овој однос ќе го охрабри детето да биде среќно како христијанин. Тоа ќе се стреми да живее според својата вера дури и тогаш кога ќе се соочи со притисок од врсниците и со искушенија. Секогаш помагај му да го цени овој скапоцен однос (Изреки 27:11).
НЕОПХОДНА ПОТРЕБА ОД СТЕГА
20. Што е стега и на кој начин треба да се даде?
20 Стегата е воспитување кое ги исправа умот и срцето. На децата постојано им е потребно тоа. Павле ги советува татковците ‚да ги подигаат [своите деца] во стега и Јеховино мисловно насочување‘ (Ефесјаните 6:4, НС). Родителите треба да даваат стега во љубов, токму онака како што прави Јехова (Евреите 12:4—11). Стега што се темели на љубов, може да се даде со расудување. Затоа ни е речено ‚да ја слушаме стегата‘ (Изреки 8:33, НС). На кој начин треба да се даде стега?
21. Кои начела треба родителите да ги имаат на ум кога им даваат стега на своите деца?
21 Некои родители мислат дека да им дадат стега на своите деца значи само да им зборуваат со заканувачки тон на гласот, да ги караат, па дури и да ги навредуваат. Меѓутоа, на истата таа тема Павле опоменува: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои“ (Ефесјаните 6:4). Сите христијани се подбудени да бидат ‚кротки кон сите . . . и со кротост да ги поучуваат оние што се противат‘ (2. Тимотеј 2:24, 25). Иако христијанските родители признаваат дека е потребна цврстина, тие се трудат да ги имаат на ум овие зборови кога им даваат стега на своите деца. Но, понекогаш не е доволно само да се расудува и можеби ќе биде потребен некој вид казна (Изреки 22:16).
22. Ако е потребно детето да биде казнето, што треба да му се помогне да разбере?
22 За различни деца потребни се различни видови стега. Некои ‚не се научуваат со зборови‘. За нив, повременото казнување кое се спроведува поради непослушност може да биде животоспасувачко (Изреки 17:10; 23:13, 14; 29:19). Но, детето треба да разбере зошто е казнето. „Пратот и прекорот даваат мудрост“ (Изреки 29:15; Јов 6:24). Освен тоа, казнувањето има граници. „Ќе те казнам тебе по мерка“, му рекол Јехова на својот народ (Јеремија 46:28б). Библијата воопшто не одобрува гневни камшикувања или сурови тепања од кои детето добива модрици, па дури и физички повреди (Изреки 16:32).
23. Што треба да може да распознае детето кога добива казна од своите родители?
23 Кога Јехова го предупредил својот народ дека ќе примени стега, тој најнапред рекол: „Не бој се . . . оти јас сум со тебе“ (Јеремија 46:28а). На ист начин, стегата што ја даваат родителите, во кој и да е соодветен облик, никогаш не треба да го наведе детето да се чувствува отфрлено (Колосјаните 3:21). Наместо тоа, детето треба да има чувство дека стегата е дадена затоа што родителот е ‚со него‘, на негова страна.
ЗАШТИТИ ГО СВОЕТО ДЕТЕ ОД ЛОШО
24, 25. Која е една одвратна закана во овие денови од која на децата им е потребна заштита?
24 Многу возрасни луѓе се сеќаваат на своето детство како на среќно време. Се присетуваат на топлото чувство на сигурност и на увереноста дека, што и да се случи, нивните родители ќе се грижат за нив. Родителите сакаат нивните деца да се чувствуваат така, но да се зачува сигурноста на децата во денешниов изопачен свет е многу потешко отколку што беше некогаш.
25 Една одвратна закана која станува сѐ поголема во последниве години е сексуалната злоупотреба на децата. Во Малезија, извештаите за злоупотреба на децата се зголемиле четири пати за период од десет години. Во Германија секоја година сексуално се злоупотребени околу 300.000 деца, а во една јужноамериканска држава, според извештајот од едно истражување, годишната проценка изнесува зашеметувачки 9.000.000! Трагично е тоа што повеќето од овие деца се злоупотребени во својот дом, од луѓе што тие ги познаваат и на кои им веруваат. Но децата треба да имаат една цврста одбрана во своите родители. На кој начин родителите можат да бидат заштитници?
26. Кои се некои начини како да се зачува сигурноста на децата, и како може спознанието да го заштити детето?
26 Поради тоа што искуството покажува дека децата кои знаат малку за сексот се особено ранливи на злоупотребувачите на деца, еден од главните превентивни чекори е да се поучува детето, па дури и тогаш кога е сѐ уште мало. Спознанието може да даде заштита „од лош пат, од човек, кој говори лага“ (Изреки 2:10—12). Кое спознание? Спознанието за библиските начела, за она што е исправно и погрешно во морален поглед. Исто така, спознанието дека некои возрасни луѓе прават лоши работи и дека младата личност не мора да послуша кога луѓето ѝ предлагаат неумесни постапки. (Спореди Даниил 1:4, 8; 3:16—18.) Не ограничувај ја таквата поука само на еден разговор. На повеќето мали деца треба да им се повтори некоја поука пред добро да ја запомнат. Како што растат децата, таткото со љубов ќе го почитува правото на приватност на својата ќерка, а мајката, пак, правото на приватност на својот син — на тој начин зајакнувајќи го кај детето чувството за она што е исправно. И се разбира, како една најдобра заштита од злоупотреба е строгиот надзор од вас како родители.
БАРАЈ БОЖЕСТВЕНО ВОДСТВО
27, 28. Кој е најголемиот Извор на помош за родителите кога тие се соочуваат со предизвикот да подигаат дете?
27 Навистина, воспитувањето на детето уште од најраното детство претставува предизвик, но родителите кои се верници не мораат да се соочуваат сами со овој предизвик. Во деновите на Судиите, кога еден човек по име Маној дознал дека ќе стане татко, побарал од Јехова водство за да го подигне детето. Јехова одговорил на неговите молитви (Судии 13:8, 12, 24).
28 Слично и денес, додека родителите кои се верници ги подигаат своите деца, и тие можат да зборуваат со Јехова во молитва. Да се биде родител е напорна работа, но тоа носи величествени награди. Една христијанска двојка од Хаваите рекла: „Имате 12 години за да ја извршите својата работа пред да настапат критичните тинејџерски години. Но, ако сте работеле напорно за да ги примените библиските начела, време е да пожнеете радост и мир кога тие ќе одлучат дека сакаат од срце да му служат на Јехова“ (Изреки 23:15, 16). Кога твоето дете ќе ја донесе таа одлука, и ти ќе бидеш поттикнат да извикнеш: „Наследството Господово се синовите [и ќерките]“.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
КАКО МОЖАТ СЛЕДНИВЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ИМ ПОМОГНАТ . . . НА РОДИТЕЛИТЕ ДА ГИ ВОСПИТААТ СВОИТЕ ДЕЦА?
Имај доверба во Јехова (Изреки 3:5).
Биди одговорен (1. Тимотеј 5:8).
Јехова е Татко кој е полн со љубов (Изреки 8:22, 30, НС).
Родителите се одговорни да ги поучуваат своите деца (5. Мојсеева 6:6, 7).
Потребна е стега (Ефесјаните 6:4, НС).
[Рамка на страница 61]
ДЕЛОТВОРНА СТЕГА
Еден значаен облик на стега е да се допушти децата да ги почувствуваат непријатните последици од неисправното постапување (Галатјаните 6:7; спореди 2. Мојсеева 34:6, 7). На пример, ако твоето дете направи неред, тоа што самото ќе расчисти може да му остави најсилен впечаток. Дали постапило неправедно со некого? Ако побараш да се извини, оваа лоша склоност може да се поправи. Еден друг облик на стега е да му се одземат извесни предности за некое одредено време, со цел да ја добие потребната лекција. На тој начин детето учи колку е мудро да се придржува за праведните начела.
[Слики на страница 57]
Родители, бидете примери, другари, комуникатори и учители