ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • fy погл. 8 стр. 90-102
  • Заштити го своето семејство од погубни влијанија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заштити го своето семејство од погубни влијанија
  • Тајната на семејната среќа
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КОЈ ЌЕ ГИ ПОУЧИ ТВОИТЕ ДЕЦА?
  • БОЖЈЕТО ГЛЕДИШТЕ ЗА СЕКСОТ
  • ДОМАШНА ЗАДАЧА ШТО ЈА ИМААТ РОДИТЕЛИТЕ
  • ПРИЈАТЕЛИТЕ НА ТВОИТЕ ДЕЦА
  • КАКВА РЕКРЕАЦИЈА?
  • ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА ГО ПОБЕДИ СВЕТОТ
  • Може ли Библијата да ти помогне во воспитувањето на твоите деца?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Како може твоето семејство да биде среќно? (втор дел)
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
  • Родители — помогнете им на своите деца да го сакаат Јехова
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Родители, бидете им убав пример на своите деца
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Тајната на семејната среќа
fy погл. 8 стр. 90-102

Осмо поглавје

Заштити го своето семејство од погубни влијанија

1-3. а) Од кои извори доаѓаат погубните влијанија што му се закануваат на семејството? б) Каква урамнотеженост во заштитувањето на своето семејство им е потребна на родителите?

СЕ СПРЕМАШ да го испратиш своето синче на училиште, а надвор истура дожд. Како постапуваш во таа ситуација? Го пушташ ли да истрча низ вратата без никаква опрема за дожд? Или го претрупуваш со толку многу слоеви заштитна облека што едвај може да мрдне? Се разбира, не го правиш ниту едното ниту другото. Ти му го даваш само она што му е потребно за да остане сув.

2 Слично на тоа, родителите мораат да пронајдат еден урамнотежен начин за да го заштитат своето семејство од погубните влијанија што се истураат врз него од многу извори — од индустријата за забава, медиумите, врсниците, а понекогаш дури и од училиштата. Некои родители преземаат малку или, пак, воопшто ништо не преземаат за да го заштитат своето семејство. Други, сметајќи дека скоро сите надворешни влијанија се штетни, поставуваат толку многу ограничувања што децата се чувствуваат како да се задушени. Можно ли е да се постигне урамнотеженост?

3 Да, можно е. Бескорисно е да се оди во крајности и тоа може да доведе до катастрофа (Проповедник 7:16, 17). Но, на кој начин христијанските родители постигнуваат исправна урамнотеженост во заштитувањето на своето семејство? Разгледај три подрачја: образованието, друштвото и рекреацијата.

КОЈ ЌЕ ГИ ПОУЧИ ТВОИТЕ ДЕЦА?

4. Како треба христијанските родители да гледаат на образованието?

4 Христијанските родители му придаваат голема важност на образованието. Тие знаат дека школувањето им помага на децата да читаат, да пишуваат и да комуницираат, а исто така и да ги решаваат проблемите. Тоа треба да ги поучи и како да учат. Вештините што децата ги стекнуваат во училиште можат да им помогнат да бидат успешни и покрај предизвиците на денешниов свет. Освен тоа, доброто образование може да им помогне да извршуваат подобра работа (Изреки 22:29).

5, 6. Како може децата на училиште да бидат изложени на искривени информации за сексот?

5 Меѓутоа, училиштето ги доведува децата во контакт и со други деца — од кои многумина имаат искривени гледишта. На пример, размисли за нивните гледишта за сексот и моралот. Во едно средно училиште во Нигерија, една девојка која се оддала на сексуален промискуитет, им давала на своите соученички совети во врска со сексот. Тие ја слушале со голем интерес, иако нејзините идеи биле полни со бесмислици што ги собрала од порнографската литература. Некои од девојките го пробале нејзиниот совет. Како последица на тоа, една девојка забременила вонбрачно и умрела поради абортус што си го предизвикала самата.

6 За жал, некои од погрешните информации за сексот не доаѓаат од учениците во училиштето, туку од наставниците. Многу родители ги обзема ужас кога училиштата ги поучуваат децата во врска со сексот, но без да им изнесат информации за моралните начела и за одговорноста. Мајката на едно 12-годишно девојче рекла: „Ние живееме во едно многу религиозно и конзервативно подрачје, но сепак, токму во локалното средно училиште на децата им разделуваат презервативи!“ Таа и нејзиниот сопруг се загрижиле кога дознале дека нивната ќерка добивала понуди за секс од момчиња на нејзина возраст. Како можат родителите да го заштитат своето семејство од такви лоши влијанија?

7. Како може најдобро да се сузбијат погрешните информации за сексот?

7 Дали е најдобро децата да бидат заштитувани од секакво спомнување на теми за сексот? Не. Најдобро е ти самиот да ги поучиш своите деца во врска со сексот (Изреки 5:1). Точно е тоа дека во некои делови на Европа и на Северна Америка многу родители ја одбегнуваат оваа тема. Слично на тоа, во некои африкански земји родителите ретко дискутираат со своите деца во врска со сексот. „Не е дел од африканската култура да се прави тоа“, вели еден татко од Сиера Леоне. Некои родители сметаат дека да ги поучуваат децата во врска со сексот значи да им даваат идеи кои ќе ги наведат да извршат неморал! Но, кое е Божјето гледиште?

БОЖЈЕТО ГЛЕДИШТЕ ЗА СЕКСОТ

8, 9. Кои добри информации за теми во врска со сексот се наоѓаат во Библијата?

8 Библијата јасно покажува дека нема ништо срамно во тоа да се дискутира за сексот на еден исправен начин. Во Израел, на Божјиот народ му било речено да се собере, вклучувајќи ги и „децата“, за да го слушаат гласното читање на Мојсеевиот закон (5. Мојсеева 31:10—12; Исус Навин 8:35). Законот отворено спомнувал извесен број теми за сексот, вклучувајќи менструација, излив на семе, блуд, прељуба, хомосексуалност, родосквернавење и бестијалност (3. Мојсеева 15:16, 19; 18:6, 22, 23; 5. Мојсеева 22:22). После таквите читања, несомнено имало многу нешта кои родителите требале да им ги објаснат на своите љубопитни деца.

9 Во петтото, шестото и седмото поглавје од Изреки, има делови кои содржат љубезен родителски совет во врска со опасностите од сексуалниот неморал. Овие стихови покажуваат дека понекогаш неморалот може да биде примамлив (Изреки 5:3; 6:24, 25; 7:14—21). Но, тие поучуваат дека тој не е исправен и дека има катастрофални последици, а исто така даваат водство за да им помогнат на младите луѓе да ги избегнуваат неморалните патишта (Изреки 5:1—14, 21—23; 6:27—35; 7:22—27). Освен тоа, изразена е спротивноста помеѓу неморалот и задоволството од сексуалното уживање кое е на своето исправно место, во рамките на бракот (Изреки 5:15—20). Колку добар пример на поучување што треба да го следат родителите!

10. Иако на децата им се дава божествено спознание во врска со сексот, зошто тоа не би требало да ги наведе да извршат неморал?

10 Дали таквата поука ги наведува децата да извршат неморал? Напротив, Библијата поучува: „Праведниците се спасуваат со знаење“ (Изреки 11:9). Зарем не би сакал да ги спасиш своите деца од влијанијата на овој свет? Еден татко рекол: „Уште од времето кога децата беа многу мали, се обидуваме да бидеме сосема отворени со нив кога станува збор за сексот. На тој начин, кога ќе слушнат како другите деца зборуваат за сексот, тие не се љубопитни. Во тоа нема некоја голема тајна“.

11. Како може децата да бидат постепено поучувани за интимните работи во животот?

11 Како што е забележано во претходните поглавја, воспитувањето за сексот треба да започне рано. Кога ги поучувате малите деца како се викаат деловите на телото, не одминувајте ги нивните интимни делови како тие да се некако срамни. Научете ги како гласат нивните исправни називи. Со текот на времето ќе бидат неопходни поуки за приватноста и за границите. Подобро е обата родитела да ги поучуваат своите деца за тоа дека овие делови на телото се посебни, дека другите луѓе не треба да ги допираат или да бидат откриени пред нив и дека за нив не треба никогаш да се зборува на лош начин. Како што растат децата, тие треба да бидат информирани за тоа како се соединуваат еден маж и една жена за да се зачне дете. До времето кога нивните сопствени тела ќе навлезат во пубертет, тие треба веќе да бидат добро запознати со промените што може да ги очекуваат. Како што беше разгледано во петтото поглавје, таквото воспитување може да биде од помош за да се заштитат децата и од сексуална злоупотреба (Изреки 2:10—14).

ДОМАШНА ЗАДАЧА ШТО ЈА ИМААТ РОДИТЕЛИТЕ

12. Кои извртени гледишта честопати се поучуваат во училиштата?

12 Потребно е родителите да бидат подготвени да сузбијат и некои други погрешни идеи кои можеби ќе се поучуваат на училиште — световните филозофии како што се еволуцијата, национализмот или идејата дека не постои апсолутна вистина (1. Коринтјаните 3:19; спореди 1. Мојсеева 1:27; 3. Мојсеева 26:1; Јован 4:24; 17:17). Голем број искрени просветни работници му придаваат преголема важност на понатамошното школување. Иако дополнителното образование е работа на личен избор, некои наставници сметаат дека тоа е единствениот пат до секаков личен успехa (Псалм 145:3—6).

13. Како може децата кои одат на училиште да бидат заштитени од погрешни идеи?

13 За да ги сузбијат погрешните или извртени науки, родителите треба точно да знаат каква поука добиваат нивните деца. Затоа, родители, запомнете дека и вие имате домашна задача! Покажувајте искрен интерес за школувањето на вашите деца. Разговарајте со нив после училиштето. Прашувајте ги што учат, што најмногу им се допаѓа и што им е најинтересно. Разгледувајте ги домашните задачи што им се зададени, забелешките и резултатите од тестовите. Потрудете се да ги запознаете нивните наставници. Дајте им до знаење на наставниците дека вие ја цените нивната работа и дека сакате да помогнете на секој можен начин.

ПРИЈАТЕЛИТЕ НА ТВОИТЕ ДЕЦА

14. Зошто е неопходно побожните деца да изберат добри пријатели?

14 „Каде ли само го научи тоа?“ Колку родители го поставиле тоа прашање, шокирани од нешто што рекло или сторило нивното дете, а се чини дека воопшто не е својствено за него? Колку ли често одговорот вклучува некој нов пријател од училиштето или од соседството? Да, оние со кои се дружиме длабоко влијаат врз нас, без оглед на тоа дали сме млади или стари. Апостол Павле предупредил: „Немојте да се заведувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33, НС; Изреки 13:21). Младите се особено подложни на притисокот од врсниците. Тие имаат склоност да се чувствуваат несигурни и понекогаш може да бидат совладани од желбата да им угодат и да ги импресионираат своите другари. Затоа, колку само е важно да изберат добри пријатели!

15. Како можат родителите да ги водат своите деца во изборот на пријателите?

15 Како што знае секој родител, децата нема секогаш да прават добар избор — потребно им е некакво водство. Тоа не значи дека некој друг треба да ги из⁠бира нивните пријатели. Наместо тоа, додека растат, поучувај ги за способноста на разликување и помогни им да увидат кои особини треба да ги ценат кај пријателите. Најглавна особина е љубовта кон Јехова и кон вршењето на она што е исправно во негови очи (Марко 12:28—30). Поучи ги да ги сакаат и да ги почитуваат оние кои се чесни, љубезни, великодушни и трудољубиви. Во текот на семејната студија, помогни им на децата да ги препознаат таквите особини во библиските карактери, а потоа да ги пронаоѓа истите особини и кај другите во собранието. Дај пример со тоа што ќе го користиш истиот критериум и во изборот на твоите пријатели.

16. Како можат родителите да ги надгледуваат своите деца во нивниот избор на пријатели?

16 Дали знаеш кои се пријателите на твоите деца? Зошто не ги доведат дома за да можеш да ги запознаеш? Исто така, би можел да ги прашаш што мислат и некои други деца за овие пријатели. Дали се познати по својот личен интегритет или, пак, по тоа што водат двоен живот? Ако е точно ова второво, помогни им на своите деца да расудуваат зошто таквото дружење би можело да биде штетно за нив (Псалм 25:4, 5, 9—12). Ако забележиш некои непожелни промени во однесувањето, облекувањето, ставот или говорот на своето дете, можеби ќе треба да поразговарате за неговите или нејзините пријатели. Можеби твоето дете минува време со некој свој пријател кој врши негативно влијание. (Спореди 1. Мојсеева 34:1, 2.)

17, 18. Освен тоа што ќе предупредуваат на лошите другари, каква практична помош можат да дадат родителите?

17 Па сепак, не е доволно само да ги поучиш своите деца да ги одбегнуваат лошите другари. Помогни им да најдат добри другари. Еден татко вели: „Секогаш се обидувавме да дадеме замена. Затоа, кога од училиштето ќе го побараа нашиот син за фудбалскиот тим, мојата сопруга и јас ќе седневме со него и ќе дискутиравме зошто тоа не е добра идеја — поради новите другари кои би биле вклучени. Но, тогаш предлагавме да земеме некои од другите деца во собранието и сите нив да ги одведеме во паркот за да играме фудбал. Тоа беше добро“.

18 Мудрите родители им помагаат на своите деца да пронајдат добри пријатели, а потоа да уживаат во здрава рекреација со нив. Меѓутоа, за многу родители дури и самата рекреација претставува предизвик.

КАКВА РЕКРЕАЦИЈА?

19. Кои библиски примери покажуваат дека не е погрешно семејствата да се забавуваат?

19 Дали Библијата осудува ако некој се забавува? Далеку од тоа! Библијата вели дека има „време кога се смее . . . и време кога се игра“b (Проповедник 3:4). Божјиот народ во древниот Израел уживал во музика и танцување, во игри и гатанки. Исус Христос присуствувал на едно големо свадбено гоштавање и на една „голема гозба“ што Матеј Левиј ја приредил за него (Лука 5:29; Јован 2:1, 2). Јасно е дека Исус не бил од оние што им го расипуваат расположението на другите. Никогаш немојте да мислите дека смеата и забавата во вашето домаќинство се грев!

20. Што треба да имаат на ум родителите кога се грижат за рекреацијата на семејството?

20 Јехова е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11, НС). Затоа, обожавањето на Јехова треба да биде извор на задоволство, а не нешто што врз животот фрла сенка на невеселост. (Спореди 5. Мојсеева 16:15.) Децата по природа се палави и полни со енергија која може да биде ослободена преку игра и рекреација. Доброизбраната рекреација е повеќе отколку само забава. Таа е еден начин на кој детето ќе учи и ќе созрева. Семејниот поглавар е одговорен да се погрижи за потребите на своето домаќинство во секој поглед, вклучувајќи ја и рекреацијата. Меѓутоа, потребна е урамнотеженост.

21. Какви замки постојат во денешната рекреација?

21 Во овие ‚последни денови‘ кои се исполнети со проблеми, човечкото општество е полно со луѓе кои се „повеќе љубители на задоволства отколку љубители на Бог“, токму онака како што било проречено во Библијата (2. Тимотеј 3:1—5, НС). За многумина рекреацијата е главното нешто во животот. На располагање има толку многу забава што таа лесно може да ги истисне поважните работи. Освен тоа, голем дел од современата забава прикажува сексуален неморал, насилство, злоупотреба на дрога и други сериозно штетни постапки (Изреки 3:31). Што може да се стори за да се заштитат децата од штетната забава?

22. Како можат родителите да ги поучат своите деца да донесуваат мудри одлуки во поглед на рекреацијата?

22 Родителите треба да постават граници и ограничувања. Освен тоа, тие треба да ги поучуваат своите деца како да проценат која рекреација е штетна и како да знаат кога е премногу. За таквото поучување потребно е време и напор. Разгледај еден пример. Таткото на две момчиња забележал дека постариот син доста често слуша една нова радиостаница. Затоа, еден ден, додека го возел својот камион на работа, таткото ја наместил истата станица. Повремено запирал и ги запишувал текстовите на некои песни. Подоцна седнал заедно со синовите и дискутирал со нив за она што го слушнал. Им поставувал прашања во врска со нивното гледиште, започнувајќи со: „Што мислите?“, и стрпливо ги слушал нивните одговори. Откако разумно разговарале за таа работа употребувајќи ја Библијата, момчињата се согласиле да не ја слушаат таа станица.

23. Како можат родителите да ги заштитат своите деца од нездравата забава?

23 Мудрите христијански родители ја проверуваат музиката, ТВ-програмите, видеокасетите, стриповите, видеоигрите и филмовите за кои се заинтересирани нивните деца. Тие ги разгледуваат илустрациите на корицата, текстовите и обвивката, читаат критички осврти во весниците и гледаат извадоци. Многумина се шокирани од дел од „забавата“ што денес е насочена кон децата. Оние кои сакаат да ги заштитат своите деца од нечистите влијанија, седнуваат со семејството и дискутираат за опасностите употребувајќи ја Библијата и публикациите кои се темелат на неа, како што е книгата Младите прашуваат — Делотворни одговори и статии од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!c Кога родителите поставуваат јасни граници и покажуваат доследност и разумност, тие обично гледаат добри резултати (Матеј 5:37; Филипјаните 4:5, НС).

24, 25. Кои се некои здрави облици на рекреација во кои семејствата можат заеднички да уживаат?

24 Се разбира, ограничувањето на штетните облици на рекреација е само дел од битката. Лошото мора да се сузбие со добро, инаку децата би можеле да заскитаат на погрешен пат. Многу христијански семејства имаат безброј топли и радосни сеќавања за заедничката рекреација во која уживале — одење на излет, пешачење, кампување, играње игри, спортување и патување за да се посетат роднините или пријателите. Некои откриле дека и самото заедничко гласно читање заради релаксација е голем извор на задоволство и удобност. Други уживаат да кажуваат смешни или интересни раскази, а трети, пак, развиле заедничко хоби, како на пример столарство или некои други занаети, свирење на музички инструменти, сликање или изучување на Божјите творештва. Децата кои учат да уживаат во таква разонода, заштитени се од голем дел од нечистата забава и учат дека рекреацијата е нешто повеќе отколку само пасивно да седат додека некој ги забавува. Честопати учествувањето е позабавно од гледањето.

25 И друштвените собири можат да бидат еден корисен облик на рекреација. Кога се добро надгледувани и не се преголеми или не одземаат премногу време, тие можат да им понудат на твоите деца нешто повеќе отколку само забава. Можат да помогнат да се продлабочат врските на љубов во собранието. (Спореди Лука 14:13, 14; Јуда 12.)

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА ГО ПОБЕДИ СВЕТОТ

26. Кога станува збор за заштитувањето на семејството од нездрави влијанија, која е најважната особина?

26 Без сомнение, за да го заштитиш своето семејство од погубните влијанија на светот, потребна е многу напорна работа. Но, повеќе од сѐ друго, има една работа која ќе го овозможи успехот. Тоа е љубовта! Блиските семејни врски кои се исполнети со љубов, ќе направат твојот дом да биде безбедно засолниште и ќе ја поттикнат комуникацијата, која е една огромна заштита од лошите влијанија. Освен тоа, негувањето на еден друг вид љубов е дури и уште поважно — љубовта кон Јехова. Кога во семејството проникнува таква љубов, сосема е веројатно дека децата ќе пораснат мразејќи ја дури и самата помисла да не му угодат на Бог доколку би им подлегнале на световните влијанија. А родителите кои го сакаат Јехова од сѐ срце, ќе се стремат да ја имитираат неговата личност која е разумна, урамнотежена и полна со љубов (Ефесјаните 5:1; Јаков 3:17, НС). Ако родителите го прават тоа, децата нема да имаат причина да сметаат дека обожавањето на Јехова е само некаков список на работи кои не се дозволени да се прават или дека е начин на живот лишен од забава или смеење, од кој тие сакаат да избегаат колку што е можно поскоро. Наместо тоа, тие ќе сметаат дека обожавањето на Бог е најсреќниот и најисполнетиот начин на живот што постои.

27. Како може семејството да го победи светот?

27 Семејствата кои остануваат обединети во среќна, урамнотежена служба за Бог и од сѐ срце настојуваат да останат ‚беспрекорни и чисти‘ од расипувачките влијанија на овој свет, претставуваат извор на радост за Јехова (2. Петрово 3:14, НС; Изреки 27:11). Таквите семејства ги следат стапките на Исус Христос, кој му се спротивставил на секој обид да биде извалкан од Сатановиот свет. Кон крајот на својот земски живот, Исус можел да рече: „Јас го победив светот“ (Јован 16:33). И твоето семејство нека го победи светот и нека се радува на вечен живот!

[Фусноти]

a За дискусија во врска со дополнителното образование, види ја брошурата Јеховините сведоци и образованието, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., страници 4—7.

b Хебрејскиот збор што овде е преведен како „се смее“, во други облици може да биде преведен со „игра“, „се разонодува“, „прославува“, па дури и „се забавува“.

c Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ТИ ПОМОГНАТ . . . ДА ГО ЗАШТИТИШ СВОЕТО СЕМЕЈСТВО?

Спознанието води кон мудрост, која може да сочува во живот (Проповедник 7:12).

„Мудроста од овој свет е безумство пред Бога“ (1. Коринтјаните 3:19).

Мора да се избегнуваат лоши друштва (1. Коринтјаните 15:33, НС).

Иако рекреацијата си има свое место, таа мора да се контролира (Проповедник 3:4).

[Рамка на страница 97]

ТОЈ НЕ СЕ ЧУВСТВУВАЛ ЛИШЕН

Христијанските родители Пол и неговата сопруга, Луан, одвреме навреме организираат собири во својот дом. Се грижат тие собири да бидат добро надгледувани и толкави што ќе можат лесно да се водат. Тие имаат добра причина да веруваат дека тоа им користи на нивните деца.

Луан раскажува: „Мајката на едно другарче од одделението на мојот шестгодишен син Ерик, ми пристапи за да ми каже дека ѝ е жал за Ерик поради тоа што си седи настрана и не се придружува на роденденските забави во класот. Јас ѝ реков: ‚Навистина ценам што на таков начин се грижите за мојот син. Тоа многу кажува каква личност сте Вие. Веројатно нема ништо што би можела да кажам, а што би Ве уверило дека Ерик не се чувствува како да пропушта нешто добро‘. Таа се согласи. Затоа реков: ‚Ве молам, заради Вас лично, за да не бидете загрижени, прашајте го Ерик како се чувствува‘. Кога не бев таму, таа го прашала Ерик: ‚Зарем не ти е жал што ги пропушташ овие прекрасни роденденски забави?‘ Тој изненадено погледнал во неа и рекол: ‚Зарем мислите дека десетина минути, неколку колачиња и една песна прават забава? Треба да дојдете кај мене дома и да видите како изгледа една вистинска забава!‘ “ Простодушната воодушевеност на момчето јасно покажала — тој не се чувствувал лишен или како да пропушта нешто добро!

[Слика на страница 99]

Добро избраната рекреација, како што е ова семејно кампување, може да им помогне на децата да учат и духовно да растат

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели