Каде да се обратиме за одговори
„Теоријата за бескрајно страдање е недоследна на верувањето во Божјата љубов кон создадените работи . . . Да се верува во вечна казна на душата поради грешките од само неколку години, без да ѝ се даде шанса за исправка, значи да се оди против секој диктат на разумот“ (НИХИЛАНАНДА, ХИНДУСКИ ФИЛОЗОФ).
1, 2. Со оглед на разновидноста на верувањата во задгробен живот, кои прашања се појавуваат?
КАКО на хиндускиот филозоф Нихилананда, на мнозина денес им е непријатно од учењето за вечно мачење. Од истата причина, на други им е тешко да ги разберат таквите концепти како што е постигнувањето нирвана и да се биде едно со Тао.
2 Па сепак, поради идејата дека душата е бесмртна, религиите и од Исток и од Запад развиле еден збунувачки калеидоскоп на верувања во врска со задгробниот живот. Дали е можно да се знае вистината околу тоа што ни се случува кога ќе умреме? Дали душата навистина е бесмртна? Каде можеме да се обратиме за одговори?
Науката и филозофијата
3. Дали науката или научниот метод на истражување даваат одговори на прашањата во врска со животот после смртта?
3 Дали науката или научниот метод на истражување ги имаат одговорите на прашањата што се однесуваат на задгробниот живот? На темел на неодамнешни извештаи за скоро смртни искуства или ‚вонтелесни‘ доживувања, некои истражувачи се обиделе да дадат забелешки во врска со животот после смртта. Разгледувајќи некои од нивните тврдења во своето предавање „Смртта како влез во светлината?“ католичкиот теолог Ханс Кинг заклучил: „Искуствата од ваков вид не докажуваат ништо во врска со некаков можен живот после смртта: овде се работи за последните пет минути пред смртта, а не за вечен живот после смртта“. Тој додал: „Прашањето за можен живот после смртта е од огромна важност за животот пред смртта. Тоа изискува одговор што мора да се бара на друго место, доколку не може да го даде медицината“.
4. Може ли филозофијата да ни помогне да ги најдеме одговорите меѓу многуте можности за задгробен живот што ги нудат разни религии?
4 Што е со филозофијата? Може ли таа да ни помогне да ги најдеме одговорите меѓу многуте можности за задгробен живот што ги нудат различни религии? Филозофското истражување вклучува „шпекулативна активност“ — вели британскиот филозоф од 20 век, Бертранд Расел. Филозофијата, според The World Book Encyclopedia, е „еден облик на испитување — процес од анализи, критицизам, толкување и шпекулација“. Во врска со темата околу задгробниот живот, филозофските шпекулации варирале од тоа бесмртноста да се нарекува чисто желбено размислување, па до нејзино прогласување за наследно право на секој човек.
Уникатен извор на одговори
5. Која е најстарата книга што некогаш била напишана?
5 Меѓутоа, постои една книга која содржи вистинити одговори на важни прашања во врска со животот и смртта. Таа е најстарата книга што некогаш била напишана, од која некои делови биле составени пред околу 3.500 години. Првиот дел од оваа книга бил напишан неколку векови пред да бидат формулирани најраните химни од хиндуските списи, Ведите, и околу илјада години пред Буда, Махавира и Конфучие да одат по Земјата. Оваа книга била довршена во 98 н. е., повеќе од 500 години пред Мухамед да го основа исламот. Овој уникатен извор на надмоќна мудрост е Библијата.a
6. Зошто можеме да очекуваме Библијата да ни каже што е душата?
6 Библијата ја содржи најточната древна историја од која и да е друга книга што постои. Историјата запишана во Библијата оди наназад сѐ до почетокот на човечкото семејство и објаснува како сме дошле во постоење овде на Земјата. Таа дури нѐ враќа во времето пред да бидат создадени луѓето. Една таква книга може навистина да ни даде увид во тоа како бил направен човекот и што е душата.
7, 8. Зошто можеме со доверба да се обратиме кон Библијата за вистинити и задоволителни одговори во врска со тоа што се случува кога ќе умреме?
7 Освен тоа, Библијата е книга на пророштва кои имале непогрешливо исполнување. На пример, таа во многу подробности го претскажала подемот и падот на Медо-персиското и на Грчкото Царство. Овие зборови се покажале толку точни што некои критичари залудно се обидувале да докажат дека биле запишани откако се случиле настаните (Даниил 8:1—7, 20—22). Некои пророштва запишани во Библијата се исполнуваат во детали токму во нашево времеb (Матеј, поглавје 24; Марко, поглавје 13; Лука, поглавје 21; 2. Тимотеј 3:1—5, 13).
8 Ниеден човек, колку и да е интелигентен, не можел толку точно да прорече идни настани. Само семоќниот и семудар Создател на универзумот можел (2. Тимотеј 3:16, 17; 2. Петрово 1:20, 21). Библијата навистина е книга од Бога. Се разбира, една таква книга може да ни даде вистинити и задоволителни одговори на тоа што ни се случува кога ќе умреме. Прво да видиме што има да ни каже таа во врска со душата.
[Фусноти]
a Види ја брошурата Книга за сите луѓе, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 18]
Најстарата книга што некогаш била напишана
[Слика на страница 18]
Книга која дава доверливи и задоволителни одговори