Поглавје еден
Единство на обожавањето во нашево време — што значи тоа?
1, 2. а) Какво возбудливо движење се случува во нашево време? б) Каква прекрасна надеж имаат искрените луѓе?
ШИРУМ светот постои едно возбудливо движење кон единство на обожавањето. Тоа обединува милиони луѓе од сите нации, племиња и јазици. Секоја година се собираат сѐ повеќе. Во Библијата, тие се идентификувани како „сведоци“ на Јехова и наречени се „големо мноштво“. Му вршат на Бог „света служба ден и ноќ“ (Исаија 43:10—12; Откровение 7:9—15). Зошто го прават ова? Затоа што го запознале Јехова како единствениот вистински Бог. Ова ги мотивира да ги доведат своите животи во склад со неговите праведни патишта. Исто така, разбрале дека живееме во „последните денови“ на овој сегашен зол свет, којшто Бог наскоро ќе го уништи и ќе го замени со неговиот рајски нов свет (2. Тимотеј 3:1—5, 13; 2. Петрово 3:10—13).
2 Божјата реч ветува: „Уште малку и ќе го снема безбожникот . . . Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11). „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29). „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:4).
3. Како се постигнува вистинско единство на обожавањето?
3 Оние што сега се обединуваат во вистинското обожавање ги сочинуваат првите жители на тој нов свет. Тие научиле која е Божјата волја и ја вршат најдобро што можат. Покажувајќи ја важноста на ова, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Апостол Јован напишал: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).
Што навистина значи тоа
4. а) Што навистина значи собирањето на толку многу луѓе во обединето обожавање во нашево време? б) Како Библијата го опишува ова собирање?
4 Што навистина значи собирањето на толку многу луѓе во обединето обожавање во нашево време? Тоа е јасен доказ дека сме многу близу до крајот на овој зол свет, по кој веднаш ќе започне Божјиот нов свет. Очевидци сме на исполнувањето на библиските пророштва што го претскажале ова значајно собирање. Едно такво пророштво наведува: „Ќе се случи на крајот на деновите [овие последни денови]: Гората на Господовиот Дом [неговото возвишено вистинско обожавање] ќе биде поставена над сите гори [над секој друг вид обожавање] . . . Сите народи ќе одат кон неа, многу племиња ќе дојдат и ќе речат: ‚Ајде да се искачиме на Господовата Гора, во Домот на Јакововиот Бог! Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по Неговите патеки‘“ (Михеј 4:1, 2; Псалм 37:34).
5, 6. а) На кој начин нациите се свртуваат кон Јехова? б) Кои прашања треба да си ги поставиме?
5 Иако во Јеховиниот духовен дом за обожавање не се собираат цели нации, милиони поединци од сите нации го прават тоа. Додека учат за намерата полна со љубов и за привлечната личност на Јехова Бог, нивните срца се длабоко трогнати. Тие понизно бараат да дознаат што бара Бог од нив. Нивната молитва е како онаа на псалмистот, кој рекол: „Научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си мој Бог“ (Псалм 143:10).
6 Дали се гледаш себеси во големото мноштво луѓе што Јехова сега ги собира во обединето обожавање? Дали твојата реакција на поуката што си ја добил од неговата Реч покажува дека навистина го цениш тоа што Јехова е нејзиниот Извор? До која мера ќе ‚одиш по Неговите патеки‘?
Како се постигнува
7. а) На крајот, до кој обем ќе се постигне единство на обожавањето? б) Зошто е итно да се стане обожавател на Јехова сега, и како можеме да им помогнеме на другите да го сторат тоа?
7 Јеховина намера е сите творби обдарени со разум да бидат обединети во вистинското обожавање. Колку само копнееме по денот кога сите живи ќе го обожаваат единствениот вистински Бог! (Псалм 103:19—22). Но, пред да дојде тоа, Јехова мора да ги отстрани сите оние што одбиваат да ја вршат неговата праведна волја. Милосрдно, тој претходно дава предупредување за она што ќе го стори, за да можат луѓето насекаде да имаат прилика да го променат својот начин на однесување (Исаија 55:6, 7). Така, во нашево време „на секоја нација и племе и јазик и народ“ им се упатува овој итен повик: „Плашете се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд, и обожавајте го Оној кој ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода“ (Откровение 14:6, 7). Дали си го прифатил тој повик? Ако да, имаш предност да повикаш и други да го запознаат и да го обожаваат вистинскиот Бог.
8. Откако сме ги научиле основните библиски науки, кон каков натамошен напредок треба сериозно да се стремиме?
8 Јеховина намера не е да биде обожаван од луѓе што велат дека веруваат во него, а истовремено продолжуваат да ги следат сопствените интереси. Бог сака луѓето да дојдат до ‚точно спознание за неговата волја‘ и тоа да го одразуваат во своите животи (Колошаните 1:9, 10). Затоа, благодарните луѓе што ги учат основните науки од Библијата сакаат да се напрегаат кон христијанска зрелост. Нивна желба е уште поодблиску да го запознаат Јехова, да го прошират и продлабочат своето разбирање за неговата Реч и да ја применуваат попотполно во своите животи. Тие сакаат да ги одразуваат особините на нашиот небесен Татко и да гледаат на работите онака како што гледа тој. Ова ги поттикнува да бараат начини на кои ќе учествуваат во животоспасувачкото дело што тој дава да се врши на Земјата во нашево време. Дали е тоа и твоја желба? (Марко 13:10; Евреите 5:12—6:3).
9. На кои начини е можно вистинско единство уште сега?
9 Библијата покажува дека оние што му служат на Јехова мора да бидат обединет народ (Ефешаните 4:1—3). Ова единство мора да постои уште сега, иако живееме во еден разделен свет и сѐ уште се бориме со нашите сопствени несовршености. Исус искрено се молел сите негови ученици да бидат едно и да се радуваат на вистинско единство. Што требало да значи ова? Како прво, дека тие ќе имаат добар однос со Јехова и со неговиот Син. Второ, дека ќе бидат обединети еден со друг (Јован 17:20, 21). За таа цел, христијанското собрание служи како организација преку која Јехова го поучува својот народ.
Кои фактори придонесуваат за единство?
10. а) Што развиваме кога лично ја користиме Библијата за да резонираме за одговорите на прашањата што влијаат врз нас? б) Одговарајќи на прашањата наведени во овој пасус, анализирај ги факторите што придонесуваат за христијанско единство.
10 Сега следуваат седум клучни фактори што придонесуваат за единство во обожавањето. Додека одговараш на придружните прашања, размисли за тоа како секоја точка влијае врз твојот однос со Јехова и со сохристијаните. Ако размислиш за овие точки и ги побараш стиховите што се наведени а не се цитирани, тоа ќе придонесе да развиеш божествена мудрост, способност за размислување и проникливост — особини што ни се потребни сите нам (Пословици 5:1, 2; Филипјаните 1:9—11). Разгледај ги овие фактори еден по еден.
1) Го признаваме Јеховиното право да го постави мерилото за добро и лошо. „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6).
Зошто треба да бараме Јеховин совет и водство кога донесуваме одлуки? (Псалм 146:3—5; Исаија 48:17).
2) Ја имаме Божјата реч за да нѐ води. „Кога ја примивте Божјата реч која ја чувте од нас, ја прифативте не како реч од луѓе туку, како што таа навистина е, како реч Божја која и дејствува во вас, верниците“ (1. Солуњаните 2:13).
Каква опасност постои во тоа едноставно да го правиме она што ние „чувствуваме“ дека е исправно? (Пословици 14:12; Еремија 10:23, 24; 17:9, NW).
Ако не знаеме каков совет дава Библијата за извесна работа, што треба да правиме? (Пословици 2:3—5; 2. Тимотеј 3:16, 17).
3) Сите ние извлекуваме корист од истата програма на духовно хранење. „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа“ (Исаија 54:13, СП). „Да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот [на уништување]“ (Евреите 10:24, 25).
Какви користи имаат оние што во потполност ги искористуваат Јеховините подготовки за духовно хранење? (Исаија 65:13, 14).
4) Исус Христос, а не некој човек, е наш Водач. „Не дозволувајте да ве нарекуваат Раби, зашто еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа. Освен тоа, никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот. Не дозволувајте да ве нарекуваат ниту ‚водачи‘, зашто еден е вашиот Водач, Христос“ (Матеј 23:8—10).
Дали треба кој и да е од нас да мисли дека е надмоќен во однос на другите? (Римјаните 3:23, 24; 12:3).
5) Ние гледаме на владата на Божјето царство како на единствена надеж за човештвото. „Молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност“ (Матеј 6:9, 10, 33).
На кој начин тоа што го ‚бараме најнапред царството‘ помага да се сочува нашето единство? (Михеј 4:3; 1. Јованово 3:10—12).
6) Кај обожавателите на Јехова светиот дух создава особини што се животоважни за христијанско единство. „Плодовите на духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23).
Што мораме да правиме со цел Божјиот дух да ги произведе во нас своите плодови? (Дела 5:32).
На кој начин тоа што поседуваме Божји дух влијае врз нашиот однос со сохристијаните? (Јован 13:35; 1. Јованово 4:8, 20, 21).
7) Сите Божји вистински обожаватели имаат удел во проповедањето на добрата вест за неговото Царство. „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Што треба да нѐ мотивира да сакаме да имаме целосен удел во оваа проповедничка активност? (Матеј 22:37—39; Римјаните 10:10).
11. Каков е резултатот кога ги применуваме библиските вистини во својот живот?
11 Обединетото обожавање на Јехова нѐ зближува со него и ни овозможува да се радуваме на освежувачко дружење со соверниците. Псалм 133:1 вели: „Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно“. Колку само е освежувачко да побегнеш од светот со сета негова себичност, неморал и насилство и да се состануваш со оние што вистински го љубат Јехова и ги слушаат неговите закони!
Избегнувај раздорни влијанија
12. Зошто треба да избегнуваме независен дух?
12 За да не го нарушиме нашето скапоцено глобално единство, мораме да избегнуваме раздорни влијанија. Едно од нив е духот на независност од Бог и од неговите закони. Јехова ни помага да го избегнуваме така што го разоткрива неговиот зачетник, Сатана Ѓаволот (2. Коринќаните 4:4; Откровение 12:9). Сатана е оној што извршил влијание врз Адам и Ева да го игнорираат она што Бог го рекол и да донесат одлуки спротивни на Божјата волја. Резултатот бил неволја за нив и за нас (Битие 3:1—6, 17—19). Овој свет е презаситен со духот на независност од Бог и од неговите закони. Затоа треба да го зауздуваме тој дух во себеси.
13. Што ќе покаже дали ние искрено се подготвуваме за живот во Божјиот праведен нов свет?
13 На пример, разгледај го Јеховиното возбудливо ветување дека сегашниов зол свет ќе го замени со нови небеса и нова земја во кои „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Зарем тоа не треба да нѐ поттикне да почнеме да се подготвуваме да живееме во тоа време кога ќе преовладува праведноста? Ова значи да се послуша јасниот библиски совет: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него“ (1. Јованово 2:15). Затоа, го избегнуваме духот на светот — неговиот независен став, неговата претерана преокупираност со себеси, неговиот неморал и насилство. Си создаваме навика да го слушаме Јехова и да му бидеме послушни од срце, и покрај какви и да било склоности на несовршеното тело. Целиот наш животен правец дава доказ дека нашето размислување и нашите мотиви се ориентирани кон вршењето на Божјата волја (Псалм 40:8).
14. а) Зошто е важно да ја искористиме приликата сега да учиме за Јеховините патишта и да ги следиме во својот живот? б) Што ни значат нам лично стиховите што се наведени во пасусот?
14 Кога ќе дојде Јеховиното одредено време да го уништи овој зол систем на работи и сите оние што го претпочитаат неговиот начин на живот, тој нема да одолговлекува. Тој нема да го одложи тоа време или да ги промени своите мерила за да им удоволи на оние што сѐ уште се обидуваат да се држат прилепени за светот додека со половина срце учат за Божјата волја и ја вршат. Сега е време за акција! (Лука 13:23, 24; 17:32; 21:34—36). Затоа, колку само го грее срцето да се види како големото мноштво ја искористува оваа скапоцена прилика, желно барајќи ја поуката што ја дава Јехова преку својата Реч и организација и како обединето оди по неговите патеки кон новиот свет! И, колку повеќе учиме за Јехова толку повеќе ќе го љубиме и ќе сакаме да му служиме.
Дискусија за повторување
• Каква е Јеховината намера во поглед на обожавањето?
• Откако сме ги запознале основните библиски науки, каков натамошен напредок треба сериозно да се трудиме да покажеме?
• Што можеме ние како поединци да сториме за да бидеме во единство со другите обожаватели на Јехова?
[Слика на страница 4]
‚Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир‘