Второ поглавје
Пророци чии пораки имаат значење за нас
1. Зошто е добро да ги запознаеш 12-те пророци кои ги напишале последните книги од Хебрејските списи?
ДАЛИ би сакал да запознаеш дванаесет гласници на Бог? Бидејќи тие живееле дури и пред Исус да живее на Земјата, не можеш лично да поразговараш со нив. Но сепак, можеш да ги запознаеш на тој начин што ќе разгледаш како тие живееле со „големиот ден на Јехова“ во мислите. А она што ќе го научиш е многу важно за секој христијанин кој мудро се труди да живее со Јеховиниот голем ден во мислите (Софонија 1:14; 2. Петрово 3:12).
2, 3. Во која смисла животот на 12-те пророци е сличен на нашиот?
2 Во Библијата, многу мажи се наречени пророци и многу библиски книги се наречени според некој од нив. Како другите пророци, и 12-те мажи за кои ќе зборуваме се вистински пример за вера и храброст. Некои од нив биле пресреќни кога виделе дека пораката што ја пренесувале продира до срцето и до умот на луѓето и ги поттикнува повторно да му се вратат на Бог. Други многу се разочарале кога гледале како своеглавите луѓе ги прекршуваат Јеховините мерила и се противат на неговата волја. На трети им било многу тешко да гледаат како луѓето околу нив што тврделе дека му служат на Јехова се полни со себе и си угодуваат само себеси.
3 И 12-те пророци, како нас, живееле во време што било обележано со политички немири, општествени превирања и верска изопаченост. Бидејќи биле луѓе „како нас“, сигурно и тие имале свои стравови и проблеми (Јаков 5:17). Но, ни оставиле добар пример и треба сериозно да ги сфатиме нивните пораки, затоа што се запишани во „пророчките Писма“ за да ни бидат од полза нам, „што живееме на крајот од овој поредок“ (Римјаните 15:4; 16:26; 1. Коринќаните 10:11).
ДВАНАЕСЕТТЕ ПРОРОЦИ ВО НИВНО ВРЕМЕ
4. Дали книгите на 12-те пророци се поредени според времето кога живееле, и кои пророци најпрво ги назначил Јехова за да го предупредат и поттикнат неговиот народ?
4 Можеби мислиш дека во Библијата, книгите од Осија до Малахија се поредени според времето во кое живееле тие пророци. Но, не е така. На пример, пророците Јона, Јоил, Амос, Осија и Михеј живееле во деветтиот и во осмиот век пр.н.е.a Во текот на тие векови многу цареви, и во јужното царство Јуда и во северното царство Израел, не му биле верни на Јехова, а поданиците го следеле нивниот пример, поради што си го навлекле Божјиот гнев. Во тоа време Асирија, а подоцна и Вавилон, се бореле за светска превласт. Израелците не ни помислувале дека Јехова ќе ги искористи овие две светски сили за да ја изврши својата осуда. Но, ти знаеш дека, преку своите верни пророци, Бог постојано ги предупредувал Израел и Јуда.
5. Која група пророци ги објавувале Јеховините осуди додека се наближувало уништувањето на Јуда и Ерусалим?
5 Бидејќи се приближувало времето да се изврши неговата осуда над Јуда и Ерусалим, Јехова назначил друга група одлучни гласници. Кој ја сочинувал оваа група? Во неа биле пророците Софонија, Наум, Авакум и Авдија. Тие служеле како пророци во седмиот век пр.н.е. Најтрагичните настани што го обележале тоа време биле уништувањето на Ерусалим од страна на Вавилонците во 607 год. пр.н.е. и изгнанството на Евреите. Повторно се случило токму она на што предупредил Бог преку пророштвата што ги кажале некои од овие мажи, кои тој ги испратил да зборуваат место него. Тие се обиделе да укажат кои работи се лоши, како на пример, пијанството и насилството, но луѓето не сакале да се променат (Авакум 1:2, 5-7; 2:15-17; Софонија 1:12, 13).
6. Како Јехова го поттикнал остатокот од Евреите што се вратиле од изгнанство?
6 По враќањето од изгнанство, на Божјиот народ му требале способни водачи и некој да го утеши и да го предупреди цврсто да се држи за вистинската религија. Таа задача ја извршила една друга група пророци — Агеј, Захарија и Малахија. Тие пророкувале во шестиот и петтиот век пр.н.е. Додека повеќе дознаваш за овие 12 храбри слуги кои го бранеле Јеховиното право да владее и за службата што ја вршеле, ќе најдеш важни поуки што ќе ти користат во твојата служба во овие тешки времиња. Сега, да ја разгледаме службата на овие пророци по хронолошки редослед.
БОРБА ЗА СПАС НА ТВРДОГЛАВИТЕ НАРОДИ
7, 8. Како ќе нѐ охрабри примерот на Јона да ги надминеме моментите кога ќе ни ослабне довербата во Бог?
7 Дали некогаш ти се случило на момент да ја изгубиш довербата во Бог, да ти ослабне верата? Ако си доживеал нешто такво, примерот на Јона многу ќе ти помогне. Јона живеел во деветтиот век пр.н.е. Веројатно знаеш дека Бог му дал на Јона задача да оди во Ниневија, престолнината на асирското царство, кое сѐ повеќе се издигало на светската сцена. Јона требало да ја објави Божјата осуда врз ниневијците поради нивната злоба. Меѓутоа, наместо да оди таму каде што му било заповедано — околу 900 километри североисточно од Ерусалим — Јона се качил на еден брод што пловел кон едно пристаниште кое веројатно се наоѓало во Шпанија. Да, тргнал 3.500 километри во спротивен правец! Што мислиш, зошто Јона го направил тоа? Дали затоа што се уплашил? Дали можеби привремено му ослабнала верата или не сакал да им даде шанса на ниневијците да се покаат и потоа да можат да го нападнат Израел? Библијата не кажува зошто постапил така. Но, од неговиот пример јасно гледаме зошто треба да пазиме да не почнеме да размислуваме погрешно.
8 Познато ти е како реагирал Јона кога Бог го прекорил. Додека бил во „една голема риба“ која го проголтала, тој признал: „Спасението е од Јехова“ (Јона 1:17; 2:1, 2, 9). Откако бил спасен преку едно чудо, Јона ја извршил својата задача, но многу се разочарал кога Јехова не ги уништил ниневијците, бидејќи тие обрнале внимание на пораката на Јона и се покајале. Јехова повторно, со многу љубов, го исправил размислувањето на својот пророк, кој мислел само на себе. И иако некои можеби ги гледаат само грешките на Јона, Бог го сметал за ценет, послушен и верен слуга (Лука 11:29).
9. Какви поуки можеме да извлечеме од пророчката порака на Јоил?
9 Дали некогаш си се разочарал затоа што некои ја омаловажуваат библиската порака, велејќи дека со неа само ги плашиме луѓето? И современиците на пророкот Јоил, чие име значи „Јехова е Бог“, го мислеле истото за пораката што тој ја пренесувал. Јоил веројатно ги запишал своите пророштва во Јуда, околу 820 год. пр.н.е., за време на владеењето на цар Озија. Изгледа дека Јоил и Јона служеле како пророци во исто време. Јоил зборувал за една погубна наезда од скакулци кои во неколку налети ќе ја опустошат земјата. Да, Божјиот страшен ден бил многу близу. Меѓутоа, ќе видиш дека Јоил не зборувал само за пропаст. Охрабрува тоа што укажал дека верните ‚ќе бидат избавени‘ (Јоил 2:32). Сите што ќе се покаат ќе можат да се радуваат затоа што Јехова ќе ги благослови и ќе им прости. И ние можеме да црпиме голема сила од помислата дека и ние објавуваме една таква порака! Јоил прорекол дека Божјата делотворна сила, неговиот свет дух, ќе биде излеан врз „најразлични луѓе“. Можеш ли да видиш дека ова пророштво се однесува и на тебе? А Јоил истакнал и кој е единствениот сигурен пат до спасение: „Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:28, 32).
10. Како Јехова користел еден обичен сезонски работник?
10 Ако понекогаш те фаќа страв од сериозноста на пораката што ја објавуваме, и тоа честопати без да наидеме на одѕив, ќе можеш да разбереш како му било на Амос. Тој не бил ниту син на пророк, ниту, пак, припаѓал на некоја група пророци; бил обичен пастир и сезонски работник. Пророкувал за време на владеењето на јудејскиот цар Озија, кон крајот на деветтиот век пр.н.е. Иако имал скромно потекло, Амос (чие име значи „товар; да се носи товар“) им пренел важни пораки на Јуда, на Израел и на околните народи. Зарем не си охрабрен кога знаеш дека Јехова може да му даде сила на еден обичен човек да изврши една толку важна задача?
11. Што сѐ бил спремен да трпи Осија за да ја врши Божјата волја?
11 Дали некогаш си се прашал: ‚Кои жртви би бил спремен да ги направам за да ја вршам Јеховината волја?‘ Размисли за Осија, кој живеел отприлика во исто време со Исаија и Михеј и кој служел како пророк околу 60 години. Јехова му наредил на Осија да се ожени со Гомера, „жена која ќе направи блуд“ (Осија 1:2). Од трите деца што подоцна ги родила Гомера, изгледа дека само едно било на Осија. Зошто Јехова би побарал некој да го трпи срамот што го носи неверството на брачниот другар? На тој начин, Јехова дал поука за верноста и простувањето. Северното царство го изневерило Бог како што една неверна жена го изневерува својот маж. Сепак, Јехова покажал дека го сака својот народ и се обидел да му помогне да се покае. Ова ни дава голема утеха и нам.
12. Како ќе ти користи тоа што ќе размислиш за примерот на Михеј и за резултатите од неговото пророкување?
12 Зарем не се согласуваш дека во ова тешко време во кое живееме не е лесно да бидеш смел и да имаш потполна доверба во Јехова? Ако ги имаш овие особини, тогаш ќе бидеш како Михеј. Михеј живеел во исто време со Осија и Исаија и објавувал пораки против Јуда и Израел за време на владеењето на јудејските цареви Јотам, Ахаз и Езекија, во осмиот век пр.н.е. Северното царство Израел западнало во голема морална расипаност и идолопоклонство и било уништено кога Асирците ја освоиле Самарија, во 740 год. пр.н.е. Имало периоди кога Јуда му била послушна на Јехова, но потоа повторно ќе го изневерела. Иако настаните не воделе на добро, за Михеј било утешно тоа што Божјата порака што ја пренесувал привремено спречила Јуда да западне во духовна расипаност и на крајот да пропадне. И за нас е многу утешно кога гледаме дека некои луѓе ја прифаќаат нашата порака за спасение!
ПРОРЕЧЕНО Е БУРНО ВРЕМЕ
13, 14. а) Како ќе ти помогне примерот на Софонија да му служиш на Бог? б) Какви духовни реформи биле спроведени благодарение на службата на Софонија?
13 Додека Египет и Асирија сѐ повеќе слабееле како светски сили, Вавилон почнал да се издига на светската сцена. Наскоро се покажало дека неговата моќ е кобна за Јуда. Божјите пророци биле тука за да ги предупредат и да ги опоменат слугите на Јехова. Да разгледаме некои од тие пророци, имајќи на ум дека и христијаните денес проповедаат една слична предупредувачка порака.
14 Ако си морал да ги оставиш семејните традиции за да ја вршиш Јеховината волја, тогаш ќе разбереш како му било на Софонија. Тој веројатно бил праправнук на царот Езекија и роднина на царот Јосија — што значи дека бил од царското семејство на Јуда. Сепак, послушно ја објавувал осудата против расипаните водачи на Јуда. Неговото име значи „Јехова заштитил“. Тој истакнал дека само поради Божјата милост некој може да ‚биде заштитен во денот на Јеховиниот гнев‘ (Софонија 2:3). За среќа, храброто проповедање на Софонија родило плод. Младиот цар Јосија спровел духовни реформи, ги отстранил идолите, го поправил храмот и го обновил чистото обожавање (2. Царевите, поглавја 22, 23). Софонија и другите пророци (Наум и Еремија) сигурно многу му помагале на царот и го советувале. За жал, повеќето Евреи само навидум се покајале. Откако Јосија загинал во една битка, тие пак почнале со идолопоклонство. Не поминало многу време и биле однесени во ропство во Вавилон.
15. а) Зошто Ниневија ја заслужила Божјата осуда што ја објавил Наум? б) Што можеш да научиш од она што се случило со Ниневија?
15 Можеби понекогаш се чувствуваш дека си безначаен и дека не си човек на кого другите му обрнуваат многу внимание. Христијаните имаат голема чест да бидат „соработници“ на Бог, иако повеќето од нив не се некои истакнати личности (1. Коринќаните 3:9). Слично на тоа, сѐ што знаеме за пророкот Наум е дека бил од малото гратче Елкош, кое веројатно се наоѓало во Јуда. Но, пораката што ја пренесувал тој била сериозна и важна. Зошто го велиме тоа? Наум пророкувал против престолнината на асирското царство, Ниневија. Иако жителите на Ниневија се поправиле кога Јона пророкувал, набрзо пак им се вратиле на старите навики. Релјефите на камен најдени на местото на древната Ниневија покажуваат дека тој град, како што вели Наум, бил ‚крволочен град‘ (Наум 3:1). Тие релјефи прикажуваат колку сурово се постапувало со воените заробеници. Со живописен и впечатлив јазик, Наум претскажал дека Ниневија ќе биде потполно уништена. Неговата објава се исполнила, а ќе се исполни и објавата што ја пренесуваме ние денес.
16, 17. Доколку нашите очекувања во врска со крајот сѐ уште не се потполно исполнети, што можеме да научиме од примерот на Авакум?
16 Очекувањата што некои читатели на Библијата ги имале низ вековите во врска со Јеховиниот ден останале неисполнети. Други можеби се разочарале затоа што им се чини дека се одложува извршувањето на Божјите осуди. Како се чувствуваш ти? Авакум ја изразил својата разумна загриженост со зборовите: „До кога, Јехова, ќе викам за помош, а ти нема да слушаш?.. Зошто се пљачката и насилството пред мене?“ (Авакум 1:2, 3).
17 Авакум пророкувал во текот на еден бурен период од историјата на Јуда — по владеењето на добриот цар Јосија, но пред уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Неправдата и насилството биле многу раширени. Авакум предупредил дека сојузот со Египет нема да ѝ помогне на Јуда да се спаси од крвожедните Вавилонци. Тој пишувал со сликовит и впечатлив стил, а неговата порака давала утеха затоа што рекол дека „праведникот ќе остане жив поради својата верност“ (Авакум 2:4). Овие зборови се многу важни за нас, зашто апостол Павле ги цитирал во три книги од Христијанските грчки списи (Римјаните 1:17; Галатите 3:11; Евреите 10:38). Освен тоа, преку Авакум Јехова ни го дава следново уверување: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него... Нема да задоцни“ (Авакум 2:3).
18. Зошто Јехова му заповедал на Авдија да пророкува против Едом?
18 Пророкот Авдија е познат по тоа што ја напишал најкратката книга во Хебрејските списи — таа има само 21 стих. Сѐ што знаеме за него е дека пророкувал против Едом. Едомците биле потомци на братот на Јаков, што значи дека им биле ‚браќа‘ на Израелците (5. Мојсеева 23:7). Но, Едомците ни најмалку не постапувале братски со Божјиот народ. Во 607 год. пр.н.е., отприлика во времето кога Авдија ја напишал својата книга, тие поставувале заседи на патиштата, ги фаќале Евреите што бегале од Вавилонците и им ги предавале. Јехова прорекол дека Едом ќе биде потполно уништен, па така и се случило. Иако за Авдија, како што беше случај и со Наум, не знаеме многу, големо охрабрување е тоа што знаеме дека Бог може да користи навидум безначајни луѓе како свои гласници (1. Коринќаните 1:26-29).
ПОРАКИ ШТО ПОТТИКНУВААТ, ТЕШАТ И ПРЕДУПРЕДУВААТ
19. Како Агеј му влеал доверба на Божјиот народ?
19 Агеј е прв од тројцата пророци што служеле откако дел од верните Евреи се вратиле од изгнанството во Вавилон во 537 год. пр.н.е. Можеби бил во првата група со повратници. Соработувајќи со управителот Зоровавел, со првосвештеникот Исус и со пророкот Захарија, Агеј се трудел да ги поттикне Евреите да се спротивстават на противењето од околните народи и да ја надминат рамнодушноста во која западнале поради материјализмот. Морале да го завршат она за што се вратиле: изградбата на Јеховиниот храм. Во 520 год. пр.н.е., Агеј им упатил четири многу директни пораки во кои посебно внимание им придал на Јеховиното име и на неговата врховна власт. Додека ја читаш неговата книга, 14 пати ќе наидеш на изразот „Јехова над војските“. Силните пораки на Агеј ги поттикнале Евреите да продолжат со изградбата на храмот. Зарем не ти влева доверба и тебе тоа што знаеш дека Јехова има неограничена моќ како Севишен Владетел и дека заповеда со огромни војски од духовни суштества? (Исаија 1:24; Еремија 32:17, 18).
20. Против кои ставови што биле раширени во негово време пророкувал Захарија?
20 Можеби понекогаш се обесхрабруваш затоа што некои не му служат на Бог со истата ревност како порано. Тогаш, сигурно разбираш како му било на пророкот Захарија. И тој, како својот современик Агеј, имал тешка задача да ги поттикне своите соверници да продолжат со работата на храмот сѐ додека не го довршат. Захарија силно се трудел да ги охрабри луѓето да ја завршат таа огромна задача. Иако луѓето околу него првенствено гледале да си угодат себеси, тој давал сѐ од себе за да ги поттикне да си ја зајакнат верата и потоа таа вера да ја покажат со дела. И успеал во тоа. Захарија запишал многу пророштва во врска со Христос. И ние можеме да црпиме сила од пораката дека „Јехова над војските“ нема да ги заборави оние што ја бараат неговата милост (Захарија 1:3).
ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА МЕСИЈАТА
21. а) Зошто било неопходно Малахија да ја објави својата порака? б) Со кое уверување од книгата Малахија завршуваат Хебрејските списи?
21 Последниот од 12-те пророци, Малахија, живеел во склад со своето име, кое значи „Мој гласник“. Не знаеме многу ни за овој пророк, кој живеел во средината на петтиот век пр.н.е. Меѓутоа, од неговото пророштво дознаваме дека бил бестрашен говорник, кој го прекорил Божјиот народ поради неговите гревови и лицемерство. Условите што ги опишал Малахија се многу слични со условите за кои пишувал Неемија, кој веројатно живеел во исто време со Малахија. Зошто било толку неопходно Малахија да ја објави својата порака? Затоа што ги снемало ревноста и жарот што Захарија и Агеј успеале да ги разгорат кај луѓето неколку децении пред тоа. Евреите биле во многу лоша духовна состојба. Малахија смело зборувал против горделивите и лицемерни свештеници и го прекорувал народот затоа што не му служел на Бог со сето срце и не принесувал добри жртви. Сепак, бидејќи Божјата реч ветува светла иднина, Малахија го прорекол доаѓањето на Јован Крстител, претходникот на Месијата, а потоа и доаѓањето на самиот Христос. Со книгата на Малахија завршуваат Хебрејските списи и тоа со едно охрабрувачко ветување дека оние што се бојат од Божјето име ‚ќе ги огрее сонцето на праведноста‘ (Малахија 4:2, 5, 6).
22. Што забележа во врска со личноста и со пораките на 12-те пророци?
22 Можеше да видиш дека пророците што ги напишале последните 12 книги од Хебрејските списи имале вера и цврста доверба во Бог (Евреите 11:32; 12:1). Од нивниот пример и од нивните пораки можеме да извлечеме многу убави поуки што ќе ни користат додека со радост го очекуваме „Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:10). А сега, разгледај како овие пророчки пораки влијаат врз твојата вечна иднина!
[Фуснота]
a Спореди го ова со временскиот приказ што е даден на страници 20 и 21. На пример, ќе видиш дека и Михеј и Осија служеле во период кога Исаија бил Божји пророк во Ерусалим.
КОРИСНИ ПОУКИ
• Како што покажува примерот на Софонија, како можат Божјите слуги да влијаат врз другите?
• Зошто пораката на Авакум има особено значење денес? (2. Петрово 3:12).
• Како примерот на некои од пророците покажува дека Јехова има благонаклоност кон понизните? (Псалм 113:1, 6, 7; Исаија 57:15).
ШТО НАУЧИ?
• Што забележа во врска со редоследот на книгите на 12-те пророци во Библијата?
• Каква поука можеш да извлечеш од примерите на пророците како што се Јона и Амос? (Евреите 11:32, 33, 39, 40).
• Што сѐ бил спремен да трпи Осија за да ја врши Јеховината волја? (Матеј 16:24).
[Табела на страници 20 и 21]
(Види во публикацијата)
Дванаесетте Пророци кои Други Цареви на Цареви на
пророци служеле во современици Јудаb Израелc
исто време Амазија
850 пр.н.е.
Јеровоам II
1. Јона
Озија
(Азарија)
825
2. Јоил
3. Амос
4. Осија
Захарија
800
Менаим
Исаија
Фекај
5. Михеј
Јотам
Ахаз
Осиј
750
Езекија
740, Падот на Самарија
725
Манасија
700
675
6. Софонија
Јосија
7. Наум
650
Еремија
632, Уништувањето на Ниневија
8. Авакум
Јоаким
Даниел
9. Авдија
Езекиел
Седекија
607, Уништувањето на Ерусалим
600
575
550
Даниел
539, Падот на Вавилон
537, Враќање од изгнанство
525
10. Агеј
11. Захарија
515, Храмот е довршен
500
Езра
Неемија
455, Ѕидовите се изградени
450
12. Малахија
425
400
[Фуснота]
b Цареви кои владееле подолго од две години
c Цареви кои владееле подолго од две години
[Карта на страница 19]
(Види во публикацијата)
Средоземно Море (Големо Море)
Дамаск
Северно царство Израел (Ефрем, или Самарија)
ЕФРЕМ
Сидон
Сарепта
Тир
Дан
ВАСАН
Галилејско Море
Пл. Кармил
Пл. Тавор
Мегидо
Језраел
Хададримон
САМАРИЈА
Сихем
ГАЛАД
Миспа
Гилгал
Рава
Ветил
Ситим
Јордан
Јужно царство Јуда (Јуда и Венијамин)
ЈУДА
Азот
Аскалон
Газа
Екрон
Гат
Моресет
Лахис
Адолам
Ахзив
Мариса
Сафир
Витлеем
Текоја
ЕРУСАЛИМ (СИОН)
Гаваја
Рама
Гилгал
Римон
Вирсавија
АМОН
МОАВ
Солено Море
Содом?
ЕДОМ
Восор
[Карта на страница 22]
(Види во публикацијата)
ГРЦИЈА
КРИТ
АСИРИЈА
Ниневија
ВАВИЛОНИЈА
Вавилон
СИРИЈА
Емат
Дамаск
АМОН
МОАВ
ЕДОМ
Пл. Хорив
ЕГИПЕТ
Мемфис
Сидон
Тир
Рава
ЕРУСАЛИМ
[Слика на страница 17]
ЈОНА
[Слика на страница 18]
ЈОИЛ
[Слика на страница 18]
АМОС
[Слика на страница 21]
ОСИЈА
[Слика на страница 22]
МИХЕЈ
[Слика на страница 23]
СОФОНИЈА
[Слика на страница 24]
НАУМ
[Слика на страница 25]
АВАКУМ
[Слика на страница 25]
АВДИЈА
[Слика на страница 26]
АГЕЈ
[Слика на страница 27]
ЗАХАРИЈА
[Слика на страница 27]
МАЛАХИЈА